“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
СВЕТИ НОВОМАЧЕНИК АЛЕКСАНДАР СОЛУНСКИ МАКЕДОНСКИ
26 МАЈ
Податоци од животот на светиот Христов маченик Александар Солунски – Македонски се оскудни. Се знае дека се родил во Солун во втората половина на 18 век, за времето на големата турска тиранија над овој град. Не е познато зошто неговите родители живееле во манастирот во Лаудикија. Александар бил многу лично момче и за да го заштитат од турските зулуми и потурчувања родителите го испратиле во Смирна. Таму Александар дали од заблуда или бил измамен се одрекол од татковата вера од христијанството, и го прифатил исламот, и не само мухамеданството туку станал и дервиш (мухамедански духовник).
Патувал многу низ огромната Османлиска империја, бил во Египет, на островот Крит и на многу други места. Бил и на поклонение во Мека при гробот на Мохамед. Вкупно 18 години ја крстарел Империјата поучувајќи ги муслиманите во благоразумност, справедливост, човекољубие и во сите други човечки добродетелства. Живеел скромно и воздржано, со голем труд ја заработувал својата исхрана.
Во почетокот, неговата совест не реагирала за тој чин, но, кога дошол во Солун, присутен меѓу својот македонски христијански народ ја почуствувал Христовата топлина, тој почнал горко да се кае за тоа што го направил. За време на тоа покајание, бил убеден дека не може да го измие страшниот грев на отпадништвото со ништо друго освен со сопствената крв. Затоа, кога се покајал и одлучил за мачеништво, отишол пред турскиот кадија и се изјаснил пред Турците како христијанин. Неколку пати бил изведуван на суд, каде го убедувале да се покае за својата изјава и намера и да остане муслиманин. По неуспехот на убедување од кадијата Александар го фрлиле во затвор, а потоа го ставиле на страшни маки. Но, Александар повеќе пати во судот пред кадијата извикувал: „Роден сум како христијанин и сакам да умрам како христијанин“. На крајот, Турците го осудиле на смрт, се чувствувал горд бидејќи се покајал и знаел дека Бог му ги простил гревовите и била прифатена неговата жртва.
Водејќи го на смртната ломача уште еднаш извикал: „ Роден сум како христијанин и сакам да умрам како христијанин, Господи Исусе Христе во Твои раце ја предавам мојата грешна душа“. Казната била отложена за еден час, поради исчекувањето на судијата, за тоа време Александар со главата приклонет принесувал молитви кон Севишниот Бог. Бил обезглавен во Смирна на 26 мај 1794 година. Мајка му сеуште била жива во Лаудикијскиот манастир, кога дознала за подвигот на својот син била горда, славејќи го Господа. Името на овој свет ново-маченик Александар Солунски се впива во Македонскиот православен календар за пример на светото Православие и Македонската нација. Се прослави во Црквата и на небото и на земјата.
Подготви
Прота Митко Попоски
Виндзор, Канада