




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
СВЕТИТЕ МАЧЕНИЧКИ АГАПИЈА, ХИОНИЈА И ИРИНА
29 Април
Кога императорот Диоклецијан бил во италијанскиот град Аквилеја, му јавиле од Рим дека сите римски затвори биле полни со христијани, кои не се одрекувале од Христа, иако ги изложувале и на најразновидни и тешки измачувања; нивни учител бил Хрисогон, и тие го слушале него, држејќи се цврсто за неговото учење. Диоклецијан наредил сите христијани да бидат убиени, а Хрисогон да му го доведат за да биде измачуван. Кога исповедникот Христов свети Хрисогон бил доведен врзан од Рим во Аквилеја кај императорот Диоклецијан, го пратела оддалеку неговата ученичка света Анастасија.
Откако го довеле пред царот, маченикот Христов бил испитуван од царот. И бидејќи одбил да се покори на царевата заповед, тој бил осуден на смрт, главата му била отсечена надвор од градот, далеку во некое пусто место. А неговото чесно тело се превртувало на морскиот брег, фрлено на ѕверови и птици да го разнесат. А недалеку од тоа место живеел некој стар и свет свештеник по име Зоил. Во близината на овој свет свештеник живееле три сестри: Агапија, Хионија и Ирина. Свештеникот Зоил имал видение од Бога што му било откриено каде било телото на Хрисогон не сохрането. Старецот побрзал, ги нашол телото и главата на маченикот, ги положил во ковчег и ги чувал тајно во својот дом.
Триесеттиот ден по тој настан, светиот Хрисогон му се јавил на свештеникот Зоил и му рекол: Знај дека во рок од девет дена, оние три Христови девојки кои живеат во твојата близина ќе пострадат маченички. Ти, кажи и на слугинката Божја, Анастасија, да биде околу нив, да ги поткрепи во Божјото дело сè додека не бидат крунисани со мачеништво. А, исто така, и ти надевај се, бидејќи и ти ќе примиш слатки плодови за твојот труд: наскоро и ти ќе се ослободиш од овој свет, и со радост ќе преминеш кон Христа, и ќе се упокоиш со светиите.
Истото видение го имала и светата Анастасија, и така возбудена од Светиот Дух Божји, дошла кај свештеникот Зоил кого дотогаш не го познавала, и го прашала каде се тие девојки, за кои и било кажано во видение дека маченички ќе пострдат. Тој и ја покажал нивната куќа. Таа отишла кај нив, љубезно ги поздравила и поминала со нив цела ноќ, кажувајќи им спасоносни зборови, исполнети со божествена љубов, и на тој начин поткрепувајќи ги храбро да стојат за Христа, својот жених и крвта своја да ја пролеат за Него. Потоа повторно отишла во домот на свештеникот Зоил и ги видела моштите на својот учител Хрисогон, долго плачела, препорачувајќи им се на неговите молитви. Потоа пак се вратила во градот Аквилеја на својата вообичаена работа: со својот имот да им служи на Христовите следбеници во затворите.
И така се случило како што Свети Хрисогон му кажал на свештеникот Зоил во видение: овој свет свештеник за девет дена се преселил кај Господа, а светите девојки: Агапија, Хионија и Ирина, биле заробени од паганите и одведени кај царот Диоклецијан на испитување. Кога ги видел царот, им рекол: Какво безумие ве примора да следите незначителна и излишна заблуда и да го газите вистинскиот закон, како и да ги презирате боговите? Но, бидејќи гледам дека сте од добар род, млади и убави, ќе ве поштедам со мојата милосрдност. Па према тоа ве советувам: одречете се од вашиот Христос и принесете жртви на боговите, и јас ќе ви дадам од мојот дворец благородни млади луѓе, достојни за вашата убавина, да имате славни мажи и поради нив да бидете почитувани. Најстарата сестра, Агапија, му одговорила на императорот: Царе, ти треба да се грижиш за државните должности, за народот, за војската, а ти зборуваш неправдно, понижувајќи го Бог на животот и хулејќи Го, чија помош и тебе ти е потребна и чија добрина е така долготрплива према тебе.
На тоа Диоклецијан и рекол: Ова полудела; дај ја другата! Тогаш ја довеле света Хионија која рекла: мојата сестра не е луда, туку сосема правилно го изобличи твојот неправеден предлог. – Царот и нејзе ја исфрлил, па наредил да ја доведат света Ирина, и и рекол нејзе: Бидејќи твоите сестри полуделе, тогаш ти, како најмлада, наведни ја главата пред боговите, и така што твоите сестри , гледајќи те, да го направат истото. Света Ирина му одговорила: Нека ја наведнат главата сите твои луѓе пред вистинскиот Бог, кои безумно полуделе пред мртвите и безгласни идоли. Колку што е бедно и безумно – да се поклонувате на мајсторска рака, направена за пари? Бидејќи ти најпрво се погодуваш за пари со господарот за колку пари ќе го направат идолот кој или стои или седи, или лаже, или скока, или се смее, или плаче, и од кој материјал: дали од дрво, или од камен, или од бакар, или од нешто подруго. Значи, ако тој го направи тоа лошо, вие го одбивате, ако е добро, му плаќате на господарот според договорената цена. Потоа, ја наведнувате главата своја пред купениот предмет, нарекувајќи го ваш бог – идол, кого повеќе би требало да го нарекувате купен роб. На тоа Диоклецијан и рекол: На таквите зборови треба да се одговори со измачување. – И наредил трите свети девојки да бидат фрлени в затвор. А света Анастасија веднаш, според својот обичај, ги посетила светите девојки, ги тешела и крепнела давајќи и доверба со Христова помош и надеж на славна победа и триумф над непријателот.
По некое време, царот заминал во Македонија за некои државни работи. И ги земал со себе сите христијански робови од затворите на Аквилија, меѓу кои биле и овие три свети девојки: Агапија, Хионија и Ирина. А света Анастасија ги следела оддалеку. И кога пристигнале во Македонија, императорот му ги предал христијаните на војводата Дулкиција да ги изложи на измачување, за да ги присили на жртвопринесување, а непокорините да ги измачува на најразлични и над човечки измачувања. Но, бидејќи било невозможно да се опишат страдањата на сите свети маченици кои страдале на различни начини во тоа време, само страдањата и подвизите на овие три свети девојки ќе бидат изложени.
Кога овие невести Христови биле изведени пред војводата Дулкиција да бидат испитувани, тој се разгорел од мрачна страст, гледајќи ја нивната извонредна убавина и ги предал на стражарот кој им ветил слобода и подароци ако се согласат на нечистата похот од војводата. Но, светите девојки претпочитаа илјада пати да умрат отколку еднаш да се осквернат. И по големата поход од војводата, тие не можеле да бидат убедени на било какво ласкање, закани, подароци ниту па на маки. Војводата, не можејќи да го изгасне огнот на својата разгорена страст, решил да оди сам кај нив ноќе во куќата каде што биле чувани и да ги нападне. И така, една ноќ, кога светите девојки биле во молитва, вознесувајќи на Бога сеноќни славословија и пеејќи псалми, војводата се обидел да влезе кај нив. Но, штом застанал на прагот, полудел. Кога влегол низ ходникот во кујната, полна со кујнски прибор: лонци, грнци, тави, котли, тој навалил на нив и почнал да ги прегрнува и бакнува. И така ги прегрнувал и ги бакнувал долго време, мислејќи дека тоа се девојките, и така целиот бил поцрнет: лицето, рацете и униформата. И кога излегол надвор кај слугите што го чекале со фенери, тие се преплашиле кога го виделе во саѓи и црн како ѓавол, ги фрлиле фенерите и побегнале. А тој, не знаејќи зошто слугите побегнале од него, збеснал. Почнало да се разденува. Тој, каде и да поминувал, сите и слугите, чуварите и војниците бегале од него, како од страшило. Потоа отишол во царската палата со намера да му се пожали на царот за непослушноста на неговите војници кои не го слушале и му се потсмевале. Кога дошол во палатата, се слушнал татнеж од смеа и и возбуда: едни бегале од него, други го тепале со тупаници, не дозволувајќи му да влезе во дворецот, бидејќи никој не го познал дека тој е војводата од Дулкиција, мислеле дека тоа е некој лудак. А и, самиот тој не можел да свати дека е целиот црн, бидејќи така влијаел врз него бесот што го совладал. Тој не можел да види дека неговите раце, лице и униформа се црни. На крајот, неговите слуги сватиле дека нивниот господар полудел, па потрчале по него, го фатиле и го одвеле во неговиот дом, велејќи му: погледни каков си?! А кога се појавил во својот дом, неговата жена и сите негови робови во куќата почнале да плачат над него дека бил беспомошен и луд. Тој и понатака бил во недоумица прашувајќи се, зошто некои плачат поради него, а други пак бегаат од него. На крајот му се отвориле неговите погани и зли очи, гледајќи се себе поцрн од ѓаволот, се погледал и во огледало и видел дека лицето му било црно, и сватил дека бил исмејуван и од демоните. Но, тој веднаш збеснал на светите девојки, мислејќи дека тие му приредиле некакви маѓии и размислувал како да им се одмазди.
Откако се избањал и облекол чиста униформа, војводата Дулкиција отишол во судската дворана и седнал пред луѓето на судското столче. По негова заповед, била донесена справа за мачење и биле донесени светите девојки. Наредил да ги соблечат до кожа, сите да ги видат нивните голи тела. Но, кога слугите почнале да им ги соблекуваат нивните носии, слугите не можеле да ги соблечат, бидејќи по Божја сила нивните носии се прилепиле за нивните свети тела како кожа од месо, така што сите биле вчудоневидени од ова чудо. Долго време, слугите се обидувале да им ги соблечат, но било залудно. Војводата, пак, седејќи на судското столче, одеднаш заспал во длабок сон и никој не можел да го пробуди. Го треселе, викале гласно, но тој спиел како мртов. Потоа, го зеле и го однеле во неговиот дом. Штом го внеле во неговата куќа, тој се пробудил.
Откако дознал императорот што му се случило на војводата Дулкиција, го исмеал и му наредил на војводата Сисинија да го преземе судењето на тие сестри. Сисинија прво ја изнел на суд света Ирина и ја прашал: Дали ќе се покориш на царската заповед? Светителката му одговорила: Не, бидејќи сум христијанка, слушкиња на Семоќниот Бог. – И војводата наредил, и ја одвеле во зандана. Потоа ги повикал Агапија и Хионија и им рекол: Вашата најмала сестра, заведена и научена од вас да ги презира божанските закони, затоа ќе го гледа вашето мачење, за да се исплаши и да се покори. А и вие, ако не сакате да не бидете измачувани, принесете жртва на боговите, како што ние принесуваме, почитувајќи ги царските повелби. Му одговорила света Агапија: Нашата вера е непобедива. Потоа војводата ја прашал света Хионија: А ти што велиш? Света Хионија му одговорила: Нашата вера е непроменлива. Војводата пак ги прашал: Дали имате некои христијански книги? Светителките одговориле: Имаме книги, но тие се скриени во нашите умови; од таму тие книги никој не може да ги земе од непријателите на Христос. Војводата пак ги прашал: Кој ве советува доброволно да се изложувате на такво мачење? Девојките одговориле:
Ова привремено мачеништво е корисно, бидејќи од него ќе се роди вечна слава. Војводата им рекол: Извршете ја царската повелба – принесете жртва на боговите. А, светите девојки му одговориле: Му принесуваме жртва и пофалба на Севишниот и Единствен Бог, никогаш нема да му принесуваме жртва на ѓаволот. Затоа, не се надевајте дека ќе нè одвратите од нашиот Господ Исус Христос, туку прави го тоа што ти е заповедано од вашиот земен Цар, исто како што и ние правиме она што ни е заповедано од нашиот небесен Цар.
Тогаш војводата Сисинија изрекол смртна казна: Наредувам Агапија и Хионија да бидат живи запалени, затоа што не се покорија на судот за да ја извршат наредбата на царот. – Слушајќи го тоа, светите девојки беа исполнети со чудна радост и гласно возкликнаа: Ти благодарам, Господи Исусе Христе, што нè направи достојни да бидеме исповедници на Твоето сесвето Име. Во Своите раце, Господи, прими ги нашите души! – Биле фрлени во оган, во кој се молеле предавајќи ги своите души во рацете на својот Господ. Силниот оган, не само што не ги допрел нивните свети тела, туку ниту ги допире нивните облеки, така што на облеката немало ниту траг од огнот, – како доказ за неверните дека не умреле од огнениот пламен, туку го измолеле Бога во молитва да го благослови нивниот крај. Нивните тела, неповредени од огнот, биле украдени ноќе од слугите на света Анастасија и биле донесени во нејзиниот дом. Света Анастасија ги помазала телата на светите маченички со мириси и чесно ги положила во нов гроб, радувајќи се со духот и молејќи се на Господа да ја удостои и нејзе со таква благодат.
Следниот ден, војводата Сисинија ја донел Света Ирина на суд и и рекол: Принеси жртва на боговите, за да не те најде смрт во огнот како и твоите сестри. Светителката му одговорила: Јас нема да принесам жртва, но сакам да побрзам и да им се придружам на моите сестри, и заедно да излеземе пред лицето на Бога. Војводата и рекол: Врзуми се, за да не паднеш во пострашни маки од твоите сестри. Светителката му одговорила: Јас сум подготвена на сите маки, затоа што сакам да умрам и за вистината да стекнам живот, поминувајќи низ огнот, да постигнам спокој. Војводата и рекол: Ќе заповедам да те односат гола на блуд и таму да те понижат до смрт. Светителката му одговорила: На тој начин, моето тело ќе страда од блудници како куче што каса, или од волк, или од мечка или од змија. И претпочитувам моето тело да страда од нечистотија отколку да ја осквернавам својата душа со идолопоклонство, бидејќи нечистотијата, на која душата не се согласува, не е ставена во грев пред Бога. Зарем светителите, се осквернија на кои мачителите насилно им истураа идолопоклоничка крв во устата? Војводата и рекол: Зар не се осквернија со вкусувањето од нашите жртви? Светителката му одговорила: Не само што не се осквернија, туку добија и венци за тоа, затоа што им биле врзани рацете, устата со сила им била отворена и жртвената крв им била истурена во нејзе. Доброволно уживање во таквиот гнасен ритуал би било грев и ќе заслужева казна, а кога тоа ќе се изврши преку насилство, тогаш тоа му носи венец над кого било извршено насилство. Исто така, ако направите такво насилство кон моето тело, што му го предадов на мојот Христос, се надевам дека нема да се срамам пред мојот бесмртен Младоженец, уште и одликување ќе добијам од Него затоа што издржав насилствата и мачеништвото заради Него. Затоа, и не обраќам внимание, без оглед што ќе му направите на моето тело: дури и ако го предадете на сквернавење, или на маки или оган, јас сум подготвена да издржам сè за Името на мојот Бог. А мојот Бог е моќен да не ви дозволи да ми правите тоа што намеравате.
Тогаш војводата им ја предал на војниците да ја одведат во блудство и сите да и се потсмеваат и што сакаат да и прават додека не умре. Кога војниците ја воделе светелката на блудство, ги престигнале некои двајца војници, светли и со невообичаен изглед, како да биле испратени од војводата и им рекле на војниците: војводата нè испрати да ја носите оваа девојка таму каде ние ќе ви кажеме. Ја извеле од градот и се искачиле на еден многу висок рид и двајцата им рекле на другите војници: Одете, и кажете му на војводата Сисинија, дека ја одведовме девојката на ридот, каде што тој наредил. – Војниците отишле кај војводата, а тие двајца светли војници станале невидливи, бидејќи тие биле ангели Божји. Света Ирина стоела на ридот, славејќи и благодарејќи на Христа Бога, кој ја избавил од рацете на блудството.
Кога дознал за ова, војводата се разгневил што неговата повелба не била извршена, па седнал на својот коњ и отишол кон тој рид, но не можел да се искачи на него, бидејќи се покажало дека ридот бил опколен со голем непристапен ѕид. Јавал околу ѕидот од утро до вечер, беснеејќи, бидејќи ја гледал света Ирина, но не можел да и пријде. Некои од војниците кои биле со него ги оптегнувале своите стрели но неможеле да ја погодат светителката. Таа тогаш со силен глас му викнала на војводата: Јас се смеам на тебе, беднику, кој на мене беспомошната си тргнал со војска како да одиш во војна. Но, ете, чиста и неизвалкана од вас, одам кај мојот Господ Исус Христос, кој сега ќе ми дозволи да им се придружам на моите сестри. – Откако го рекла тоа му се заблагодарила на Бога, легнала на земја и го предала својот дух на Господа. Тоа се случило на Велики Петок во 304 година. А кога паднала ноќта, света Анастасија ги испратила своите слуги кои го зеле чесното тело на светата маченичка Ирина од ридот, го помазала со мириси и го положила покрај телата на нејзините сестри.
Така завршил подвигот и страдањата на светате маченички родени сестри три девици: Агапија, Хионија и Ирина, и во лик на свети девици маченички се претставиле пред престолот на Пресвета Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух, Единствениот Бог, на кого секогаш слава и чест Му оддаваме, амин.
Преведе,
Прота Митко Попоски
Виндзор, Канада