“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
СВЕТИ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ДИМИТРИЈ СОЛУНСКИ
8 Ноември
Светиот Великомаченик Димитриј Чудотворец и Мироточив, бил од Солун – Македонија. Затоа и се именува Солунски – Солунјанин. Роден е во богатиот Солун, од богати родители, во третиот век. Биле тајни христијани, бидејќи во тоа време христијанството било жестоко гонето, а христијаните биле убивани само затоа што ја прифаќале христијанската вероисповест, и се именувале христијани.
Бил единец на своите родители, измолен од Бога и скришно крстен. Татко му бил војвода, трибун на Солун, а потоа и Димитриј го наследил татка си. Само што бил поставен за трибун, императорот Максимилијан, веднаш, му дал задача – заповед: Да го очисти Солун од христијаните! Димитриј не само што тоа не го направил, тој со голема ревност го ширел христијанството во Солун. Кога дознал царот Максимилијан многу се разгневил и кога Димитриј ја признал својата активност во христијанизирањето на Солунјаните, царот го ставил Димитрија в затвор.
Толку многу бил гневен и лут, што самиот лично царот дошол да го испрашува и измачува, Димитриј храбро војнички и без ниту најмалку страв говорел за Христа. Пред сите и пред христоборниот римски император исповедал дека е христијанин. Во тие тешки моменти Димитриј бил поткрепуван од небесен војник – од ангел Божји, којшто му се јавил во затворот. Зад храбриот војник Димитриј, стоела Христовата небесна војска.
Кога го затвориле и веќе го наслутувал мачеништвото и крајот на животот, борецот за Христа, предсмртно заповедал целиот негов имот да го разделат на сиромасите и да ја зајакне Црквата Христова во Солун. Им помагал на луѓето за време на животот, извршувајќи ја чесно и достоинствено својата служба, воениот трибун – градоначалник на Солун, им помагал дури и при смртта со раздавањето на имотот, а и потоа – по смртта, со неговата постојана светителска грижа и покровителство на градот.
По надчовечките измачувања, царската повелба била да биде убиен со копја. Убијците се плашеле од силниот воин дури и кога бил в затвор и измачуван, па, иако врзан, не смееле да му пријдат и да го убијат одблизу, туку од подалеку фрлиле со своите копја и така прободен од многу копја, пострадал маченички, во 306 година.
Овој голем Христов војник бил радосен што можел да пострада за Христа и да каже јавно дека е христијанин.
Моштите на свети Димитриј веќе 17 векови се мироточиви и исцелителни. Од нив тече миро кое е чудотворно и им помага на оние кои со вера и со молитва го повикуваат и ползуваат. Неговиот гроб и мироточивите мошти се наоѓаат во Соборниот храм „Свети Димитриј“ во Солун.
Свети Димитриј постојано ги штител и ги штити и денес солунјаните и градот Солун од секакви зла, од напади и од страдања. Останал и по смртта војвода на Солун и не допуштал градот да биде освојуван. Историска вистина е дека Солун најмалку паѓал под ропство.
Празнувањето на овој наш голем Македонски светител – Митровден е голем и значаен празник. Во Македонија свети Димитриј од секогаш бил многу почитуван светител и е со широко развиен култ кај нашиот народ. Нема град и општина во Македонија каде што нема црква или манастир што не го почитува и слави големиот Христов свет маченик Димитриј. Многу семејства како слави и имендени го чествуваат овој ден за домашен празник. На сите нека им е честит и за многу години!
Митровден бил домашната слава и на големите Македонски и сесловенски просветители светите браќа Кирил и Методиј, во домот на нивните родители во Солун. Семејството на Лав и Марија го имале свети Димитриј Солунски за нивни закрилник и личен домашен празник. Четири века по него, Лав ја извршувал истата должност – воен – трибун на Солун и со голема почит го прославувал неговиот свет претходник. Свети Димитриј бил нивната икона до кандилото во домот и пред Бога.
Подготви,
Отец Митко Попоски
Винзор Канада