“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
СВЕТИ АХИЛ ПРЕСПАНСКИ
28 Мај
Свети Ахил се родил, крајот на III век во Кападокија и потекнувал од семејство на благочестиви и благородни родители. Тие му дале добро образование во световните науки, но најважно – го поучиле во Светото Писмо. Со пост и бдение постигнал постојано издигнување на своето срце, и така ја чува душата своја од световна збунетост и грижи. Наскоро, Ахил станал достоен сад на Светиот Дух. Како сличен на ангелите, тој се одликувал со едноставно и љубезно поведение. Исклучителната мекост на неговите зборови, предизвикувала кај слушателите желба и да ги подражаваат неговите добродетели.
Кога починале неговите родители, Ахил бил уште млад. Тој го раздал сето свое богатство и заминал на поклонение во Светата Земја. Таму живеел при храмот на светиот Гроб Господов, кој го оросувал со солзи; и тука преуспеал во созерцателниот живот. Во тоа време, Ахил посетил неколку манастири во пустината, близу Ерусалим. Во нив тој барал утеха за пламената желба, која се разгорувала во неговото срце секогаш, кога ќе сретнел Божји луѓе.
Поттикнат од Божјата промисла, свети Ахил отишол на поклонение во Рим. Тука тој се поклонил на гробот на светите апостоли и во истиот момент добил дар на апостолско служење. Неговата проповед на благовестието имала таква сила, што светителот привел кон вистината многу незнабошци и извршил многубројни исцеленија. Тој поминал многу земји, како нов апостол. Во Тесалискиот град Лариса, благодарение на проповедите и чудата, Ахил се удостоил со епископски чин.
Управувал со епархијата како вистински пастир, грижејќи се и за духовните работи, и за бедните, болните и туѓинците. Светиот епископ ја прекратил сушата, ја претскажал наездата на варварите и станал сè за сите (види 1 Кор. 9, 22), за да ја приведе паствата во Царството Небесно.
Славата за него стигнала до императорот. Тој бил еден од учесниците претстојател на светиот и велик I Никејски собор (325 г). Ахил доблесно ја заштитил православната вера. Предизвикувајќи ги аријаните, тој со молитва направил да протече од карпата масло. Императорот свети Константин, восхитувајќи се од тоа, му предал на епископот богати дарови. Светителот веднаш ги разделил на бедните.
После 35 години епископска служба, свети Ахил мирно се упокоил во Лариса, околу 330 г. Него го сметале како покровител на градот. Според преданието, од неговата гробница истекувало миро, исто како од гробот на свети Димитриј Солунски.
Во средината на IX век, гробот на Ахил, кој 300 години бил покриен со заборав, на чудесен начин бил пронајден и потоа станал едно од главните места за поклонение.
Неговите мошти и почитување
На крајот на X век, царот Самуил ги пренел мироточивите мошти на свети Ахил од Лариса, во тогашната негова престолнина, градот Преспа (сега село Агиос Ахилиос – Св. Ахил) во Западна Македонија (сега Грција), каде во негова чест била изградена базилика. Околу 1015 г., дел од моштите биле вратени во Лариса, а другиот дел останал во Преспа, до 1072 г.
Познати грчки житија за свети Ахил од IX и XIII се: краток животопис се наоѓа во Минологијата на Василиј II и во Синаксарот на Константинополската црква од X век.
На 15 мај, во повеќето грчки календари се одбележува денот на упокојувањето на светителот. Освен тоа, во редица византиски ракописи, на 8 февруари исто така се слави споменот на Свети Ахил – најверојатно, тоа е денот на пренесувањето на неговите мошти.
Во последните векови, почитта кон свети Ахил е особено распространета во Тесалија, Македонија, Србија и Бугарија. Особена почит кон светителот има кај јужните словени, што се гледа од многубројните текстови. Неговиот спомен е забележан и во минејот на Асемановото Евангелие од XI век, бугарското Трновско Евангелие од 1273 г., Драгииното Евангелие од втората половина на XIII век, РНБ. Гилф. 4 и други. Службата на свети Ахил е вклучена и во некои бугарски Минеи: Драгановиот, од крајот на XIII век (1339 г) и други.
Кратко житие на светителот влегло во нестишниот Пролог, преведен во Русија во втората половина на XII век, и сместено во Великите Чтејни Минеи. Јужнословенското житие во состав на Стишниот Пролог, погрешно ги обединува житијата на светителот и маченикот Ахил „во Тривали убиениот“. Тоа поистоветување се должи на тоа, што основен центар на почит кон свети Ахил во Србија, станал градот Ариљ – во древноста, веројатно наречен во чест на светиот маченик Ахил. Ваму, според преданието, биле пренесени моштите на светителот од Преспа (денес таму е зачуван само гробот) и положени во величенствениот Ахилевски собор.
Свети Ахил, обично се слика како сед старец, со седа раздвоена брада, средна должина, во архиерејска облека: во стихар, фелон и омофор; во рацете со Евангелие или отворен свиток. Во Ерминиите на Дионисиј Фурноаграфиот, од почетокот на XVIII век, тој е опишан како „старец со завртена брада“. Познати стари негови изобразувања се наоѓаат во католиконот на Лукинскиот манастир на Еликон во Беотија (1030 г.): во Палермската Палатинска капела во Сицилија (1150-1160 г.); во Арилскиот Ахилевски храм (1296): во црквата Свети Врачи (крајот на 12 век) и црквата на светите Таксиарси во Касторија (1359); во црквата на Свети Никола во Пасча (Македонија) (околу 1354 г.): во пештерната црква на Сретенскиот манастир на Метеорите (1366-1367 г.); во црквата на Кремиковскиот манастир (Бугарија, 15 век) и во други храмови. Образот на светителот исто така се среќава меѓу отците од I Вселенски собор.
На 14 мај, 1981 г., честица од моштите на светителот, од страна на митрополитот Лариски Серафим, била пренесена од Лариската тврдина (каде што се наоѓала празната камена гробница на светителот) во соборниот храм. Честица од неговите мошти денес, исто така, има и во Големите Метеори.
Преземено од Сајтот на Преспанско-палагониската Епархија
Претставува,
Отец Митко Попоски
Виндзор, Канада