“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
СВЕТИ ЈУСТИНИЈАН ПРВИ
27 Ноември
Во Македонија христијанството, како впрочем и во целото тогашно Римско царство, почнало посебно да зема замав кога римскиот цар Костантин Велики во 313 година, со Миланскиот Едикт, го прекинал прогонството на Христовата црква и со указ им дал можност на христијаните слободно да ја исповедаат и да ја проповедаат својата вера.
Во Македонија од тоа време се познати епископските седишта во Солун, Стоби, Скупи, Лихнида, Астибо, Тиверопол и Хераклеа. Кон крајот на V век Солун веќе е седиште на Архиепископија, а Скупи на митрополија.
На почетокот од VI век Македонската црква веќе била силно утврдена и во тој период во Македонија, во селото Таор, покрај Скопје се родил големиот римски император Јустинијан I (527-565), кој е составувач на познатото Римско право и кој дал значен придонес во литургиската и архитектонската христијанска наука.
Откако дошол на власт, во чест на својата мајка, императорот Јустинијан решил да изгради раскошен град. Според неговиот личен биограф и историчар Прокопиј, Јустинијан сакал да му се оддолжи и на своето родно место и го изградил овој град – споменик. Бил наречен Прима кое во превод означува Прва, бидејќи владетелот сакал овој град според убавината и раскошот да биде прв, односно водечки град во земјата. Со царски декрет градот многу бргу по своето оснивање станал центар на политичко-административна, на црковна и на воено-стратегиската власт во префектурата Илирик, а која се протегала од Дунав па до Крит. Меѓутоа, по смртта на Јустинијан во 565 година значењето на градот започнало да се намалува за да кон почетокот на 7 век најверојатно и исчезне.
Општо е познато дека Јустинијан врз основа на своето лично подвижничко искуство интензивно работел на литургиски и теолошки текстови и дека за негово време е подигната и изградена можеби најубавата и најголемата христијанска црква во православието – Света Софија во Цариград.
Дека Јустинијан бил тесно поврзан со своите корени и дека бил национално свесен за своето потекло доказ е и издигнувањето на Македонската црква во ранг на Архиепископија под име Јустинијана Прима, која самиот тој ја вброил да биде трета по чест, веднаш после големите и древни христијански центри Рим и Цариград.
Скупскиот митрополит Кателијан бил издигнат на ниво на автокефален Архиепископ и тој бил првиот Архиепископ на Архиепископијата Јустинијана Прима.
Јустинијан I во 535 година ја формирал и афтокефалната архиепископија Јустинијана Прима, со седиште во истоимениот град. Црковната традиција оваа архиепископија ја поврзува со Охридската архиепископија, затоа охридските архиепископи од 12 век до 14 век ја носиле титулата „архиепископи на Јустинијана Прима“. Архиепископите биле наследници на скопските епископи, а епископот на Јустинијана Прима Антис, станал архиепископ на сите диецези во Источен Илирик. Ова е запишано во 131 Јустинијанова новела, а на која се темелат правата, привилегиите и самостојноста на Јустинијана Прима.
Како поглавари на Архиепископијата Јустинијана Прима историјата ги бележи и Бененат, Павле, Јован I, Леон, и Јован IX, кој во 680-681 година учествувал на Трулскиот Собор во Цариград.
Таа традиција се изразувала и во стремежот и барањата на македонските преродбеници за автокефална црква во 19 век.
Многу историчари потврдуваат дека Охридската архиепископија е канонска наследничка на Јустинијана Прима, а МПЦ-ОА е канонска наследничка на ОА, со што го приклучи наследството од Јустинијана Прима, како цел континуитет на поврзување.
***************
***************
Понатамошниот текст е преземен од Македонско Сонце.
Претпоставеното јадро на Јулијана Прва лежело веројатно на просторот на поткале до Старата чаршија на исток. Со сондирање е откриено обѕидие и околу тој простор. Во средниот век тука се напластил средновековниот град Скопје. На историчарите на Византија и на христијанството уште во минатите векови им беше познато пишувањето на Прокопиј од Каисареја дека царот Јустинијан Први бил роден во европска Дарданија (постоеле и малоазиски Дарданци, на брегот на Дарданелите).
Беше роден во местото Тауресиум кај кастелот Бедеријана. За да се оддолжи на родниот крај, царот таму изградил нов град наречен по неговото име Јустинијана Прима (Прва). По убавината и раскошот на градбите овој град беше прв во регионот. Тој станал седиште на архиепископот и престолнина на префектурата Северен Илирик (регија од Дунав на север до Демир Капија и Пелагонија на југ).
Архиепископот ја наследил црковната власт на дотогашните епископи до Скупи (римско Скопје), кои дотогаш биле митрополити во целата провинција Дарданија. Споменатата врска беше клучен момент при поврзувањето на новиот град, Јустинијана Прва, со старото Скупи што страда во земјотресот во 518 година и потоа целосно исчезнува од пишаните документи. Ова уривање на Скупи целосно е потврдено со археолошките ископувања што таму се изведуваат во последните 50 години.
Стариот град замрел целосно и засекогаш. Новиот град бил поместен на нова и побезбедна позиција, три километри источно по Вардар. Тој е граден наскоро по земјотресот и посветен во 535 година.
Новата убавица Јустинијана Прима во следните векови продолжила да живее под старото име сé до денес. Тоа е Скопиа, Скопие, Скоплје, Искиб, Шкуп, нашиот главен град со бурна историја во овие 15 векови постоење.
Јадрото на византискиот град Јустинијана Прима било укрепено со силни ѕидови, обложено со илјадници камени блокови и делови од столбови, украси и седиште од театарот и делови од други градби, ископани од урнатиот римски град Скупи. Ова е потврдено и со ископувања. Значи сé е јасно и сосема логично. Ако е така, зошто балканските историчари ова не го прифатат како вистина и стават точка на прашањето каде се наоѓала Јустинијана Прима?
Причините за ова лежат како во некои стари заблуди, така и во неистраженоста на просторот на скопското Кале и Поткале. Во изминатите години тука не е откопано речиси ништо што за нашите „експерти“ би важело како доказ. Натаму, и тоа што е откопано не е проучено и лежи заборавено по музејските магацини.
Вистина е дека на челната, северна и североисточна страна на Калето се протега монументален одбранбен ѕид со куполи, висок 10-12 метри и долг уште 180 м, а кој се гледа и без ископување. Според начинот на градење и монументалноста, овој многу скап „киклопски“ ѕид, се разликува од останатите ѕидови градени на Калето во среден век и во турскиот период. Меѓутоа, нашите експерти не се разбираат во старата ѕидарија со особеностите, изгледот, техничките карактеристики. Спомнатата убава и скапа градба останала без коментар до денес.
Од тие причини поврзувањето на Јустинијана Прима со Скопје е оставено да лежи настрана, како обична научна фикција. Како стипендист на германската влада во Бон имав можност повеќепати да престојувам во големите библиотеки во Франкфурт и Минхен и таму да го завршам моето дело за доцноантичките укрепени места во Република Македонија. Нивното идентификување како утврдени градови села, укрепени руднички и рударски тврдини, воени кастели и каструми, гранични контроли, стражи и збегови – 450 на број – претставуваше новина во стручната литература во Западна Европа. Баварската академија на науките се нафати целосно да го финансира и издаде ова големо дело (Минхен 2001). Во него го анализирав и челниот ѕид на Скопското кале, за којшто по повеќегодишна дискусија со германските стручњаци и консултирање на обемна литература заклучив дека е граден во времето на Јустинијан Први.
Повеќе од 100 вакви обѕидија стојат и денес добро сочувани во крајбрежниот појас на Северна Африка, што Јустинијан го освои, укрепи и го приклучи кон проширената империја. Потоа на низа градови и тврдини во Сирија. Палестина и Мала Азија обновени во 6 век. Сите овие обѕидија биле градени во еден поцврст и репрезентативен слог, однадвор обложени со големи камени блокови (т.н. киклопски ѕидови). Блоковите најчесто биле сложени во монументален преплетен слог. Во балканските простори вакво скапо ѕидање среќаваме само во неколку најзначајни градови (во Солун, Дирахиј – Драч, Сердика – Софија, и некои други помали места на Црно Море, но во поскромна изведба). Блоковите, вградени во скопското кале биле донесени главно од урнатините на римскиот град Скупи, три километри, западно од калето. Споменатиот киклопски ѕид претставува ремек – дело на градителската вештина од тоа време и е единствен кај нас.
Со ископувањата во 2007 година допрени беа и станбените слоеви од 6 век. Тие беа потврдени со остатоците од секојдневниот живот: искршена грнчарија и монети од 6 и раниот 7 век. На североисточниот ѕид делумно е откопана и една градска порта, која во доцниот 6 век била заѕидана – очигледно поради зачестените словенски инвазии во тоа време. На Калето стоела акрополата на градот, главно со воени објекти, макар што е откопана и една црква од 6 век со крстообразна основа.
Цивилната населба се ширела на благата падина Поткале, до Старата чаршија на север. Освен споменатите наоди има и други, индиректни докази за локацијата на Јустинијана Прима на просторот на скопското кале и поткале. Аквадуктот зад касарната „Гоце Делчев“ стои 1,8 километри северно од калето. Масното население го викаат Римски водовод. Тој ја носел водата точно во насока на калето. Водоводната жила е откопана на неколку места на линијата од Скопска Црна Гора до Француските гробишта.
Аквадуктот го бележат западноевропските патници што го посетиле Скопје во 16, 17, 18 и 19 век. Тоа е еден од најубавите рановизантиски споменици запазени кај нас. Останува да кажеме дека претпоставеното јадро на Јулијана Прва лежело веројатно на просторот на поткале, до Старата чаршија на исток. Со сондирање е откриено обѕидие и околу тој простор. Во средниот век тука се напластил средновековниот град Скопје.
Подготви,
Отец Митко Попоски
Виндзор, Канада