




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
СВЕТИ НАУМ ОХРИДСКИ
05 Јануари и 03 Јули
Свети Наум по враќањето во Македонија во 893 година се оддал на испоснички и монашки живот. Го изградил манастирот посветен на Светите архангели Гаврил и Михаил, на другата страна од Охридското езеро, на спротивната страна од манастирот „Свети Пантелејмон”, во кој служел, живеел и се подвизувал Свети Климент. Овој манастир е изграден во 895 година, а бил осветен од страна на Свети Климент. Во него Свети Наум го примил монашкиот чин. Манастирот денес го носи неговото име, а во манастирската црква се наоѓа и наумовиот гроб.
Свети Наум е познат како препишувач и преведувач на проповедничка и друга богословска литература. Со оваа дејност одиграл видна улога во развојот на македонската книжевност и култура. Познат е како голем молитвеник, духовен учител и раководител на монасите и основоположник на манастирскиот општежитеен монашкиот живот во Македонија и пошироко.
Свети Наум бил погребан во својот манастир. Тука и денес се наоѓаат неговите свети мошти. И по својата телесна смрт тој е наш силен молитвеник и чудотворец. Неговите свети мошти се чудотворни и на неговиот гроб во манастирот Свети Наум, во Охрид, и ден денес се случуваат чуда. Многумина кои со вера му се имаат обратено за негово молитвено застапништво пред престолот на Бога се имаат здобиено со избавување од телесните и душевните страдања.
Заради својата богата црковна и просветителска дејност кон крајот на X век свети Климент и свети Наум се канонизирани и признаени од целата Христијанска црква за светители и наши застапници и молитвеници пред лицето Божјо.
Денешната обновена Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква за свои патрони и молитвени застапници ги има токму Светите охридски исцелители и чудотворци Климент и Наум.
Преземено од Сајтот на Повардарска Епархија
Презентира и обработи
Отец Митко Попоски
Виндзор Канада