“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
СВЕТА ТАЈНА КРШТЕВАЊЕ
Крштевањето е раѓање за нов живот. Да се крстиш значи да се стекнеш со право да учествуваш во Евхаристиското собрание и да имаш право да ја примиш Светата Причест. Крштевањето е почеток на духовниот живот, духовно раѓање за вечност. Крштевањето се врши само еднаш – исто како што се родивме физички еднаш, така се раѓаме и духовно. Крштевањето е можност за нашето спасение. Православната вера не се добива со наследство, туку се влегува во неа преку крштевањето. Оној што не е крстен не може да ги прими и другите Свети Тајни.
Крштевањето е голема света тајна, крштевањето дава сè што Бог би можел да му даде на човекот, тој му дал да биде член на Црквата, а Црквата е Тело Христово, и што би можело да биде поголемо од тоа, отколку Најголемиот, Најсветиот, да те прими во својот домот и да не бидеш слуга, туку сличен на Него, по благодат. Крштевањето е основна вистина, и Светата тајна на нашата христијанска, Христолична, Христоносечка вера на Православните. Светата тајна на крштевањето беше заповедана од Самиот Господ Исус Христос: „Одете, и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот и Светиот Дух (Мт 28:19). Христовата заповед ги содржи основните елементи на чинот на Светата Тајна: во претходно учење, на катихеза (одете и научете…), без учење, верата не може да биде сватена; потопување во вода (крштавајќи ги нив). Ова е вистинскиот начин на крштевање, не со прскање или истурање вода. Денес праксата, со истурање на вода, треба да се замени со потопување во вода, каде што постои можност. Изговарање на формулата: Во име на Отецот и Синот и Светиот Дух… Преку крштевањето човекот добива ослободување од првородниот грев и простување на своите гревови.
Оној кој веќе е крстен, не значи дека автоматски ќе биде христијанин, иако се крстил. Затоа што крштевањето е израз на слобода. Да се биде христијанин е одговорно. Светата тајна на крштевањето не е волшебен чин, кој автоматски би извршил промена крстениот во христијанин, без согласност на неговата жива вера и активно учество во новото битие на животот. Со крштевање се влегува во војската на Христос, но војникот допрва треба да покаже дека тој навистина е борец, т.е. подвижник, работник, активен учесник во новата реалност. Со крштевањето, Бог ги направи луѓето свои деца, исто како што го нарече Христос Свој возљубен Син за време на Неговото крштевање во реката Јордан, и гласот на Бога Отецот кој дојде од небесните висини со Светиот Дух во форма на гулаб ја потврди таа вистина. На ист начин, и ние кои се крштеваме во осветена вода полна со благодатта на Светиот Дух, постануваме Божји деца, Божји синови и Христови браќа. Крштевањето е првиот чекор во вложување на човекот во Бога. После крштевањето, мора да има повторно раѓање и обновување на целосниот човечки живот, а исто така мора да има и духовно преродување. Ако тоа не се случи, крштевањето нема да вроди плод. Благодатта Божја добиена при крштевањето како услов, како што семето, кое расте на различни начини ќе се покаже во текот на животот на една личност, дали се стреми кон Христа, ако живее во Црквата и ги исполнува заповедите. Ако крштевањето било формално, долг кон традицијата или модата, и по крштевањето човекот продолжи да живее како што живеел дотогаш, тој ги губи сите плодови на Светата Тајна, се одделува од Христа и доброволно се оддалечува од Црквата.
Многумина од другите религии ќе речат, а можеби и оние кои не се крстени: Која е разликата помеѓу крстен и некрстен човек, и крстен е човек и некрстен е човек? Можеме да им одговориме со еден пример: Ако го оставиме млекото и не го посолиме (потквасиме или засириме), тоа ќе се расипе, ако го посолиме млекото, тоа ќе стане сирење и може да се јаде. Така е и со нашето крштевање.
Крштевањето е голема и сериозна тајна, тоа не е само обред, миење, бањање, го имаат и другите религии. Со крштевањето се влегување во Црквата, влегување во заедница на сите верни со Христа – а тоа приклучување кон Црквата е со вера и исповедање на верата, според она што го ветуваме на крштевањето. Со крштевањето, крстениот се облекува во Христа, според зборовите на апостол Павле, кога се пеат додека крстените го обиколуваат купелот: Сите кои во Христа се крстивте, во Христа се облековте (Гал. 3:27). Со крштевањето, човекот умира за грешниот живот и воскреснува во нов, духовен живот.
Подготовки за крштевање
КАТИХЕЗА – ПОУЧУВАЊЕ ВО ВЕРАТА. Тоа е вовед во основните вистини на христијанската вера.
Сите оние кои се поучувале во верата и се подготвуваа за Светото Просветлување (Крштение) се нарекувале катихумени или огласени. Зборот катихумен, огласен, потекнува од зборот катихизам, што во превод значи, да се учи, предава, огласи. Првобитно, овој збор имал значење на било какво учење или соопштување на некои новини со жив збор. Врз основа на некои места во Новиот Завет, се добива впечаток дека целиот Закон на Стариот Завет во тоа време се разбирал како поука, катихеза (Рим 2:18). Слично на тоа, имаме сведоштва во Новиот завет дека под поука во тоа време се подразбирало не само учење на одредени вистини, туку и поучување на патот Господов (Дела 18:25; Гал 6: 6). Ова значи дека целиот Нов Завет се сфаќа како поука, катихеза. Така, во првите векови се развиле два вида на катихеза: Катихеза или поука за огласените или поука за оние кои се подготвуваат за просветлување (крштевање) и мистагогична катихеза или поука за крстените, т.е. за просветлените, која има за цел да ги запознае новопросветлените со подлабоките тајни на Христовата вера.
Затоа, катихумените го запознавале својот етос и верата на Црквата, преку систематско поучување и преку присуството на црковните собирања, т.е. на светата Литургија, на која се слуша Евангелието, Апостолот и проповедта, а тие ја напуштале светата Литургија после специфичната ектенија (Огласени излезете…) и молитвата за огласените. Периодот на катихизација траел од една до три години. После тие поуки, човекот изјавувал дали ќе верува во тоа или не.
Оние кои сакале да ја примат христијанската вера и да се приклучат на Црквата, биле доведувани пред епископот на локалната црква или презвитер, на кои им било запишано нивното име во списокот на огласените (тој список понекогаш се нарекувал и Книга на црквата, Книга на небесата, или Книга на животот). Тогаш епископот трипати ги осенувал со крсниот знак новообратените и ја ставал раката своја врз нивните глави и ги испрашувал колку се здобиле со спознавање на верата, какво им било однесувањето, моралот и живот на секој поединец кандидат за крштевање. (денес ова осенување со крсниот знак и со поставување на главите се прави на самиот почеток во крштевањето). Ако некој бил јавен грешник, тој бил одбиен сè додека искрено не се покаел. Ако некој бил без јавен грев, без морален пад, тој постанувал христијанин, т.е. кандидат за во христијанството, а следниот ден после тоа постанувал огласен, катихумен.
Затоа, периодот на поучување, катихизмот, е периодот во кој се поставуваат темелите на верата, а истовремено се врши и прочистување на душата. Катихумените постеле за време на периодот на поучување, катихизам и на крајот епископот ги испрашувал за основните вистини на верата, а крштевањето обично се вршело на големи празници: Велигден, Педесетница, Божиќ, Богојавление. Затоа е зачувана праксата во пеењето на овие празници: Јелици во Христа Креститесја… Катихезата се завршавала на Страсната недела пред Велигден. На Велики Петок се вршело одрекување од сатаната и исповедање на верата, а на Велика Сабота било крштевањето.
После крштевањето следела пост-крштенска или мистагогична (мистична) катихеза. тоа било најсовршената форма на поучување во верата, бидејќи извира од непосредно искуство со живиот Бог во Евхаристијата.
Основната цел на поучувањето во верата од самиот почеток на христијанството било остварување на заедница со Бога, влегување во Божјата Црква и живот во неа. Во Црквата, преку раѓање одозгора (Јован 3), односно крштевање, човечкиот живот стекнува вечна смисла и цел. Полнотата на вистината и благодатта, според сведоштвото на учителите на Црквата, се дава од Бог во Светите Тајни и светите доблести, во кои божествениот живот станува достапен за луѓето.
УЧЕСТВОТО на Богослужбите на Црквата, е сериозна намера во духовно раѓање за вечност, значи да одиме во црква и да учествуваме во Светата Литургија, каде што ќе се запознаеме со Евангелието како Слово Божјо, како и да ја слушнеме проповедта на свештеникот. Целтта на крштевањето е тој што ќе се крсти да може да пристапи за Светата Причест, т.е. да има право да се причестува и така вистински да се соедини со Христа.
Крштевање на деца и кумство
Крштевањето на децата не бара посебна подготовка на самото дете, затоа што децата се крстат според верата на кумот, кој во Светата Тајна Крштение станува духовен родител на крстениот, затоа што тој духовно го раѓа за Бога и вечноста. Кумот го води своето крштениче низ неговата духовна возраст во целосна полнота на Христа, и тој, заедно со неговите родители, има голема одговорност за христијанското воспитување на детето, носејќи во својата душа и доблестите и гревовите на кумството, како негов главен духовен воспитувач. Затоа, при избор на кум, потребно е родителите на детето сериозно да размислат колку овој трет родител ќе може да го следи и насочува детето во текот на неговиот живот. Кумството не треба да се прекинува, ниту пак треба лесно да се сфаќа, бидејќи тоа подразбира сериозна, меѓусебна одговорност и почит. Кумот не треба да се бира од крвни сродници. Кумот мора да биде крстен православен христијанин. И кумот мора да ја знае молитвата на Оче наш и да го знае напамет Символот на верата, што ќе го каже за време на крштевањето. Не смее да се одлага крштевањето на дете, особено да не се дозволи став дека детето треба да одлучи само кога ќе порасне. Крштевањето е состојба на духовниот опстанок и развој на човекот. Во раната Црква, родителите кои, поради својот невнимателен и неодговорен однос кон крштевањето на дете, дозволиле да умре некрстено, се сметаа за убијци на своите деца. Затоа треба да се пристапи кон крштевањето на децата додека се уште се бебиња, без да се чека да се стекнат некакви материјали или услови за живот за тоа. Колку побрзо се крсти детето, толку побрзо ќе ја добие силата на новиот живот во Христа.
Објаснување за некои дејствија за време на крштевање
1.На почетокот на крштевањето, свештеникот ја чита молитвата на Огласените, со која лицето (детето) кое се крштева постанува огласено или катихумен, и свештеникот пред тие молитви дува во лицето на оној кој се крштева. Ова дување во лицето симболизира: како што Бог при стварање на човекот му дувнал во лицето дух на животот, така и оној кој се крштева прима благодат и моќ на Светиот Дух.
2. Потоа, свештеникот чита три молитви на Заклетви или молитви на егсорцизам. Во овие молитви, свештеникот го прогонува ѓаволот во името на Христос Бог, да излезе и да отстапи од оној кој се подготвува за крштевање.
3. Свештеникот го свртува оној кој се крштева (т.е. кумот со детето) на запад и го прашува трипати: Дали се одрекуваш од сатаната и од сите негови дела? Кумот одговара: се одрекувам! Свештеникот да би бил сигурен, повторно го прашува кумот: Дали си се одрекол од сатаната! – Кум: Се откажав!
4. По овие прашања, свештеникот бара од кумот да дувне во детето кое се крштева, и да плукне на подот. Ова дување и плукање значи дека оној кој се крштева покажува дека се згрозува и има големо непријателство кон сатаната, ѓаволот. После тоа, свештеникот го свртува оној кој се крштева према исток, и тогаш се случува заедништво со Христос, со прашањето: Дали се соединуваш со Христос! – Кумот одговара: Се соединувам!
5. По соединувањето со Христос, кумот го кажува Символот на верата. Симболот на верата е краток образец или правило на верата. Кога некој би го прашал православниот христијанин во кратко да му објасни во каков Бог веруваат православните, тој би му го кажал Символот на верата. Според овој Символ на верата, секој кум, како духовен родител на крштеничето, мора да го воспитува своето крштениче.
6. Во продолжение на крштевањето, се врши осветување на водата.
7. Со осветениот Елеј (масло) свештеникот го помаза новокрстениот.
8. По помазанието со Елеј, се извршува крштевањето, свештеникот изговара: Се крштева слугата Божји (го кажува името на детето) во името на Отецот, амин, и Синот, амин и Светиот Дух, амин.
9. По крштевањето, детето се облекува во бела кошула или бело платно. Белата боја означува чистота и невиност. По крштевањето, крстениот е чист од гревови.
10. Се врши Миропомазание. Се помазува ЧЕЛОТО – да му се просвети умот во Бога, ОЧИТЕ – да ја гледа славата Божја, УСТАТА – да Го слави Бога, УШИТЕ – да ги слуша тајните на Бога, РАЦЕТЕ – да прави добри дела, ГРАДИТЕ – да се просвети со срцето во Бога, НОЗЕТЕ – да оди по Божјите патишта.
11. Со пеењето на песната: СИТЕ КОИ ВО ХРИСТА СЕ КРСТИВТЕ, ВО ХРИСТА СЕ ОБЛЕКОВТЕ. АЛИЛУЈА (3)…, свештеникот со новокрстениот три пати се вртат околу купелот каде што се извршило крштевањето. Оваа обиколка во круг е слика на вечноста – затоа што новокрстениот влегуваат во вечен завет со Христос.
12. Следува миење – тогаш се бришат оние делови од телото каде се помазани со Светото Миро, за да не дојде до сквернавење на Светото Миро.
13. Постригнување – потсекување од косата има посебно значење, со тоа покажува на симболичен начин отстранување на грешните мисли. Постригнувањето значи и дека новокрстениот се предава на покорност и служба на Бога. Овој потсриг на косата е еден вид и жртва што би му била принесена на Христа.
Подготви,
Прота Митко Попоски
Виндзор, Канада