“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ОД ПОСЕТАТА НА СВЕТАТА ЗЕМЈА – ИЗРАЕЛ:
СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ – КАТИН (Link..)
МАСАДА – МЕСТОТО НА ОПСТОЈУВАЊЕТО НА ЕВРЕЈСКИОТ ДУХ
Ова место е едно од најзначајните за еврејскиот народ
во современ Израел. – Ерихон е најголемата оаза во
Јудејската Пустина и е наречен градот на палмите
Ерусалим обично христијаните го нарекуваат град на смртта и победата, а Израел земјата на големите настани каде што се извршила пресвртницата на историјата на сите народи и за сите времиња. Тоа го потврдуваат многубројните свети места кои се врзани за минатото, особено за христијанството. Во близината на некогашната Овча порта во Ерусалим се наоѓа Витезда (Бетхесда), што значи “дом на милосрдието”. Тоа е бања односно купатило, чии води преку подземни канали оттаму се одведувале до храмот. Се верува дека водата е лековита, затоа постојано ја посетувале многу болни, сакати и слепи луѓе. Таму, во близината на Лавовската порта е црквата “Света Ана”, што е во непосредна близина на родното место на “Света Богородица”. Исто така, тука е црквата “Гробот на Света Богородица”.
Исто така, во близината на Ерусалим се ноаѓа селото Еин Карем, во Библијата познато како Еин Хакарем, што значи “извор во лозјето”. Тоа е сместено на еден прекрасен рид кој од 1961 година е дел на Ерусалим. Во него се наоѓа црквата “Свети Јован Крстител”. Ова библиско место е познато по настаните во Евангелието и е поврзано со посетата на Марија, мајката на Исус Христос, на својата роднина Елисавета, мајката на Јован Крстител. Тука се наоѓа и криптата “пештерата на благословот”, во која се смета дека е роден Јован Крстител, претходникот на Исус Христос. Исто така и Ветаниа (Бетханѕ), што значи “куќата на сиромашните” или “дом на бедата”, е село на исток од Маслиновата Гора на патот кон Ерихон. Таму живеел Христовиот пријател Лазар со неговите сестри Марија и Марта, кои тој често ги посетувал. Во Витаниа Исус Христос го воскреснал Лазар неколку дена по неговата смрт. Ова место е познато и по тоа што по свеченото влегување во Ерусалим, Исус таму се повлекол и ја поминал ноќта. Денес таму се наоѓа црквата “Свети Лазар”.
Пустински оази
Северниот дел на Израел, пак, е контраст на се она што го содржат пустинските предели на југот. Кога се повеќе навлегува во Галилејската област, се добива впечаток дека природата овде го истурила сето свое богатство. Затоа, оној што прв пат стапнува на овие простори тешко може да се убеди дека Израел е мала пустинска земја. Нема ниту педа голо земјиште, се е со зеленило, со пространи паркови, со цвеќиња, палми, урми, калиптуси, авокадо, овоштарници и лозја. Во тие северни предели, како бистро човечко око пред хоризонтот трепери Галилејкото Езеро. Тоа е најголемиот отворен базен од каде што се црпи вода за наводнување на производствените површини, не само на овие туку и на пустинските површини. Меѓутоа, тоа е еден од главните резервоари и за водоснабдување на населението.
Исто така, и јужниот дел на котлината низ која врви реката Јордан е значаен историски простор за трите религии. Имено, најголемата оаза во Јудејската Пустина е Ерихон. Тоа денес е град под палестинска автономија, во јужната Јорданска долина, на крстопатот кон Ерусалим и Бет Шеан на источната страна на Јордан. На арапски овој град се нарекува Ериха. Иако се наоѓа длабоко во пустината сепак Ерихон ги има најбогатите извори со вода, што овозможија оваа населба да се претвори во една од најпродуктивните во производството на земјоделски производи. Тука се произведуваат сите видови овошје, а растат и најубавите цвеќиња.
Ерихон, градот на палмите е првиот освоен град по враќањето на израелскиот народ од египетското ропство, по преминот преку реката Јордан, а под водство на Исус Навин. Тој е град во кој израелците влегле свирејќи на труби, за потоа да постане градот на цариникот Закхеј, чиј дом го посетил и Исус Христос и на кое место Спасителот излекувал и некој слеп човек. Западно од Ерихон над котлината Јордан се наоѓа Планината на искушенијата кај што Исус Христос по крштевањето претстојувал 40 дена. Денес тука има пештера врз која е изградена капела. Се верува дека Исус Христос на ова место постел 40 дена и 40 ноќи.
Ерихон лежи во просторот на најдепресивниот дел од минус 250 метри и претставува најниска населба на Земјината топка. Според арехеолошките наоди, што датираат уште од седмиот милениум, Ерихон е една од најстарите градски цивилизации во светот. Меѓутоа, некои нови истражувања покажуваат дека оваа населба била населена уште пред 10.000 години. Еврејското население овде живеело до пред 1400 години, а денес живеат Арапи, чиј број на жители изнесува околу 30.000 муслимани и христијани.
Ерихон е селски тип на град, меѓутоа во последно време се повеќе се менува со изградбата на хотели, таканаречени зимски палати и други објекти. Тука е палатата на Арафат и на некои други богати Палестинци кои овде доаѓаат во зимските месеци кога температурата изнесува од 17 до 20 степени. Во лето овде е многу топло со температура од околу 50 Целзиусови степени. За туристите и за другите посетители Ерихон е привлечно и со богата историја. Тоа е прв град освоен од Џошуа, кој е опфатен во територијата на племето Бенџамин (Венијамин). Локацијата на тогашниот антички град била на северозападниот дел на сегашниот северен Ерихон. Затоа ова место е еден од најголемите предизвици за археолозите, зашто со ископините се откриени остатоци од повеќе периоди, почнувајќи од неолитот па се до раните и средните таканаречени Канаан периоди. Овде се откриени и изворите на Елиша, а западно од градот се Херодовите западни палати од периодот на Макабите. Откриени се остатоци од синагоги изградени во шестиот век со мозаичен под. Во непосредна близина протекува и реката Јордан, која подолу се влева во Мртвото Море.
Тука на реката Јордан до градот Ерихон, според библиските преданија е местото каде што Јован Крстител го крстел Исус Христос. Но, тоа место се уште не е отворено за крстење на христијаните што доаѓаат овде. Тие се крстат, според обичајот од библискиот период, во реката Јордан на местото покрај Галилејското Езеро. Според Новиот завет, Ерихон е и местото каде што Духот го повел Исус низ пустината за да биде искушуван од ѓаволот.
На тие простори се наоѓа манастирот “Свети Герасим Јордански” сместен во близината на северната страна од Мртвото Море. Тука, на тоа место некогаш малиот Исус со мајка му Марија и дрводелецот Јосиф ноќевале, патувајќи при бегството од Витлеем за Египет. Исто така, во непосредна близина на Мртвото Море се наоѓа библискиот град Кумран, каде бедуинските овчари во 1947 година, во една пештера ги пронашле најстарите библиски ракописи познати како “Свитоци од Мртвото Море”. Во врска со наоѓањето и продажбата на овие ракописи слушнавме неколку верзии, меѓутоа најважно е што тие денес се наоѓаат во Израел.
Патувајќи по западниот брег на Мртвото Море се стигнува до оазата Ен Геди, место во Јудејската Пустина, каде што царот Давид се криел од Саул. Тоа место некогаш било познато по своите лозја, опеано во “песна над песните”, место кое повеќепати се сретнува во старозаветните книги. Исто така, таму се водопадите од Давидовиот извор што со векови противречат на пустинската околина.
На пустинскиот простор долж Мртвото Море се лоцирани повеќе објекти, меѓу кои една фабрика за производство на козметика. Таа ги користи хемиските соединенија што ги содржи морето од кои, како што велат во шега, со употребата на таа козметика, луѓето се подмладуваат и по неколку години. Тоа е слично како и со мачкањето со морска кал, со која посетителите ја употребуваат за поголем број болести и за подмладување. Во непосредна близина на Мртвото Море има бања, која ја користат голем број посетители. Исто така, на тие простори се лоцирани одреден број научни институции, кои се занимаваат со истражување на животот и иднината на Мртвото Море и неговата околина.
Тврдината Масада
Патувајќи на југ покрај Мртвото Море се пристигнува до остатоците од познатата планинска тврдина Масада, местото кое е запишано со големи букви во историјата на Евреите. Имено, Масада е пустинско плато што околу 400-тина метри се извишува над западниот брег на морето од каде тешко може да се забележи. До висината на платото се стасува за неколку минути со современата жичарница, а само најхрабрите се искачуваат или слегуваат (како што ние направивме) по “змискиот пат”, што стрмо се спушта од големата височина. Искачувањето кон Масада значи задоволство, завет и голем предизвик не само за Евреите, туку и за бројните туристи кои доаѓаат да се потсетат на она што се случувало во почетокот на овој век, а кои на убав начин се пренесени преку англискиот филм “Масада”.
Според сведоштвата на познатиот римски историчар Јосиф Флавиј, во книгата “Јудејска војна”, се вели дека жителите на ова место, чиј број бил околу 1000, бегајќи од римската наезда на војници, се сокриле и дошле да живеат во Масада. Тоа се случило во 70-тата година после Христа, кога римската војска ја прегазила Јудеја и сите други тогашни предели на тие простори. Кога Римјаните дошле пред Масада, на местото каде една мала група Евреи им пркосела, сметале дека проблемот ќе го решат многу брзо, за неколку месеци, од причини што биле уверени дека во пустината Евреите не би издржале долго без вода и други прехранбени намирници. Меѓутоа, во Масада бил вљубен Ирод Велики, кој, веројатно плашејќи се од непријателите ја одбрал Масада за свое место каде ќе може во случај на опасност да се сокрие и таму да живее подолг период. Така, тој на Масада изградил систем за собирање на дождовницата која се собирала во цистерни издлабени во камењата како и други помошни простории за вода, дури и два отворени базени за капење. Исто така, Ирод Велики на платото изградил голем број магацини за складирање храна и место за чување домашни животни и гулаби.
Според сведоштвото на Јосиф Флавиј жителите на Масада ја издржале тригодишната опсада. Меѓутоа, римската војска успеала да направи рамка на западната страна за да стаса до утврдувањето. За тоа биле ангажирани голем број робови од Египет, кој успеале да го поврзат просторот со платото. Пред тоа, Евреите се собрале во синагогата и одлучиле секој да си го убие своето семејство. Потоа од мажите што останале биле избрани десетмина кои ги убиле останатите мажи, а од десетте мажи што останале деветте биле убиени од еден, кој веројатно бил водачот и кој умрел пред римската војска. Слично на преданието што се пренесува во Македонија, а се случило во Мариово, каде селаните на едно село несакајќи да ја сменат својата религија, пред да дојдат туѓинските војски, се самоубиле од високата карпа на смртта.
Денес во Масада, на ова историско место за Евреите, тенковските единици на израелската армија земаат заклетва и се колнат дека ќе ја бранат својата татковина и ако треба ќе загинат за неа, исто како нивните предци. Исто така, обичај е деца – Евреи кои полнат 13 години, во Масада го вршат чинот на постанувањето членови на Еврејската заедница. Тоа зборува за важноста на историската Масада, од која треба да учат другите народи како и на кој начин јакне духот на Еврејското опстојување. Тоа е место во кое се заѕидале вековите и во кое секојдневно заедно живеат минатото и иднината на Евреите.
Претставува,
Отец Митко Попоски
Виндзор, Канада