“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
СВЕТА ТАЈНА БРАК
СВЕТАТА ТАЈНА БРАК е голема света Тајна, и е една од 7-те СВЕТИ ЦРКОВНИ ПРАВОСЛАВНИ ТАЈНИ !
ГОСПОД БОГ, испраќа голема благодат, голема сила и ревност, за да може да се понесе вистински подвигот на носењето на брачниот крст, бидејќи самиот брачен подвиг е маченички подвиг, крст кој Бог благословил човекот да го носи на земјата и кој е еден од патиштата за достигнување на Царството Небесно.
Бог, вам…………., нека ви испрати голема мудрост и голем духовен разум, за вистински да познаете што значи носењето на брачниот подвиг, што значи вистинската љубов кон Христа, бидејќи вистинската љубов е секогаш жртвена љубов. Вистинската љубов е секогаш подготвена од себе да отсече за да му даде на другиот. Вистинската љубов е секогаш подготвена сè да поднесе, сè да истрпи, во сè да се смирува и секогаш да ја бара ползата на другиот, секојпат да ја бара добивката на другиот, а да дојде до самозаборавање на себеси.
Бог нека ви помогне по молитвите на Мајката Божја да стекнете вистинско трпение, вистинска ревност кон брачниот подвиг, да научите како да си ги поднесувате и да си ги носите слабостите еден на друг, да се научите како да се потпирате еден со друг на патот кон Царството Божјо, бидејќи вистинската смисла и цел на бракот во Православната Христијанска Црква не е само создавањето на потомство и оставањето на деца зад себе, туку пред сè и над сè – спасението на душите.
Пред сè и над сè, бракот е даден заради човекот, бидејќи Бог Го благослови човекот да живее во заедница, за и мажот и жената да се потпираат еден со друг и да си помагаат и поттикнуваат во духовниот подвиг, да се поттикнуваат во добродетелите, да се поттикнуваат и во покајанието и во ревносниот трк кон задобивањето на Царството Божјо. Бидејќи Христос рече: „Царството Божјо насила се зема и силните го грабаат“.
Нека Мајката Божја ви испрати голема милост сострадалност во срцата, та секогаш едниот да знае кога другиот страда, кога има некакви искушенија и маки, секогаш да познае уште пред другиот да му каже, односно да учите да се познаете себеси, за да постанете вистински едно тело и еден дух, та да нема потреба ниту од зборови,туку преку молитвата, преку обраќањето кон Бога и преку напредувањето во добродетелите и духовниот живот, секогаш да знаете и да чувствувате што се случува со другиот и секогаш да бидете подготвени да притрчате, да подадете рака, да подигнете, да исправите и да истрпите некоја слабост на другиот со Божја помош, со помош на молитвата, бидејќи Христос ни рече: „Без Мене не можете да направите ништо“. Вие само што го почнавте својот пат во духовниот живот, само што зачекоривте на патот кон Царството Божјо, па затоа никогаш не заборавајте дека ништо не можеме да направиме без Христа, без помош на Божјата Благодат.
Бог е секогаш подготвен да ни помогне во секое искушение, во секое страдање, во секоја болест, секогаш е подготвен да ви даде и вам вистинска духовна радост, да се радувате во Христа, да се радувате тогаш,кога ќе се потрудите со Божја помош да ги исполните Евангелските заповеди, па тогаш Бог ќе ви испрати голема благодат и ќе го зарадува целото семејство, ќе ве дарува и со пород и со вистински чеда коишто ќе се потрудите да ги воспитате, пред сè, со личен пример.
Најголемиот пример, најголемиот углед за воспитување на децата се самите родители. Како ќе се трудат родителите да живеат, како ќе се трудат тие да бидат послушни кон Бога, така и децата ќе бидат послушни кон родителите. Доколку родителите го исполнуваат Законот Божји, доколку се потрудат да го слушаат постојано Бога и да се поправаат со Божја помош, со помош на духовниот литургиски живот во Црквата, со помош на Светите тајни, а особено со помош на исповедта, на покајанието, со помош на постот и молитвата и Светата Причест, ако преку постојаното соединување со Христа се научат како вистински да живеат, како да се покорат себеси и како да го победат злото во себе, тогаш ќе им покажат вистински пример на своите деца, па и тие ќе се потрудат во вистински добродетелен живот. Ако децата ги поучиме на стравот Божји, ако ги научиме на вистинска ревност, на вистинска храброст и на вистинска подготвеност во сè и секогаш преку молитвата да ја барат Божјата помош во животот, тогаш ќе ги исправиме вистински на патот на овој земен живот, тогаш ќе им дадеме сè. Тогаш ќе ги научиме како тие самите да спечалат и материјално и духовно, и тогаш никогаш и во никое искушение нема да потклекнат и да бидат болка или срам за своите родители, туку ќе бидат радост и на нив и на целото семејство, на нивните баби и дедовци и радост на целата Христијанска Црква.
Уште еднаш, Мајката Божја со нејзината закрила и со нејзиниот покров нека ве чува г. ………………, и нека ве закрилува постојано, нека ве учи да Го возљубите со сето срце, со сета душа, со сиот разум најнапред Нејзиниот возљубен Син и нашиот Господ Исус Христос, бидејќи преку љубовта Христова ние се учиме да ги љубиме и сите околу нас. Доколку не се научиме да го возљубиме Христа, доколку не се научиме на љубовта Христова која е секогаш жртвено подготвена ако е потребно и животот да го даде за ближниот, тогаш никогаш нема да можеме да научиме како да ги љубиме ближните вистински во Христа. Ако не научиме вистински да го љубиме ближниот, да го љубиме како Образ Божји, како подобие Божјо, тогаш секогаш во љубовта ќе се меша пристрасноста, ќе се мешаат земните наклоности, страсти, ќе се мешаат гревовите и ние секојпат во љубовта ќе бидеме пристрасни. Во љубовта Христова нема пристрасност, нема првенство, бидејќи Бог еднакво нè љуби сите и сака сите да се спасиме.
Доколку се потрудите и понатаму да продолжите со сета сила, со сета своја душа и со голема ревност и подготвеност да го исполнувате законот Божји, да го исполнувате Евангелието Христово, тогаш и Бог изобилно ќе ја излее Својата Благодат врз вас и по молитвите на Мајката Божја и по молитвите на светиот Климент Охридски Чудотворец и по молитвите на светите маченички Софија, Вера, Надеж и Љубов, ќе ве поучи и упати на трите главни добродетели коишто треба да ги стекнеме во Христијанскиот живот на нашиот пат кон Царството Небесно, а тоа се Верата, Надежта и Љубовта. Никогаш да не потклекнете во верата, секогаш да ја чувате чистотата на Православната Вера, секогаш и во сè да имате надеж во Бога и надеж во Неговата Благодатна помош и во Неговата промисла за секој од нас, бидејќи Бог најдобро и најсовршено знае што е корисно за спасението на нашите души. И на крајот, да ја достигнете и врвната добродетел во Христијанскиот духовен живот, а тоа е љубовта кон Бога и љубовта кон ближните и заедно вака сплотени како денес, да влезете низ дверите во Царството Божјо и да продолжите да заедничарите со Христа во вечни векови и во вечните блаженства во Царството Небесно!
Ваш молитвеник,
Отец Митко Попоски
Виндзор септември 24, 2019