“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
Слегување на Светиот Дух Света Педесетница – Духовден
20 јуни 2021
Кога се навршија дните на Педесетницата, сите апостоли беа заедно и еднодушни. И ненадејно се чу шум од небото, како да идеше силен ветар, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. И им се јавија разделени јазици, како огнени, и застанаа по еден над секого од нив. И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат.
А во Ерусалим имаше Јудејци, луѓе побожни, од секаков јазик под небото. Кога се чу тој шум, се собра многу народ и сè се збрка, бидејќи секој ги слушаше како зборуваат на неговиот јазик. И сите вџашени и восхитени, велејќи си помеѓу себе: „Овие што зборуваат, зар не се Галилејци? Па како тоа сите да си го слушаме својот роден јазик? Ние – Партјаните и Мидјаните, Еламитите и жителите на Месопотамија, Јудеја и Кападокија, од Понт и од Азија, од Фригија и Памфилија, од Египет и од краиштата на Ливија, соседите на Киринија, па и дојдените Римјани. Како ние Јудејците, така исто и новообратените, Критјаните и Арабјаните, еве слушаме како тие зборуваат за големите дела Божји на нашите јазици?”
Сите се чудеа и во недоумение си зборуваа еден со друг: „Што ли ќе биде ова?” А други, потсмевајќи се, велеа: „Се напиле од слаткото вино.”
Тогаш Петар стана со единаесетте, го подигна гласот свој и им рече: „Луѓе Јудејци и вие сите што живеете во Ерусалим, знајте го ова и внимавајте на моите зборови: овие луѓе не се пијани, како што мислите вие, зашто е третиот час од денот: но тоа е претскажано преку пророкот Јоил: ”И ете во последните дни”, рече Бог,”ќе излеам од Мојот Дух на секое тело и ќе пророкуваат синовите ваши и ќерките ваши, и младичите ваши ќе имаат виденија и старците ваши ќе сонуваат соништа; и во тие дни врз слугите Мои и слугинките Мои ќе излеам од Мојот Дух, и тие ќе пророкуваат.
И ќе покажам чудеса на небесата и знаци долу на земјата, крв, и оган, и чад. Сонцето ќе премине во темнина, а месечината во крв, и тоа уште пред да настапи големиот и славен ден Господов. И тогаш, секој што ќе го призове името Господово, ќе се спаси.” Луѓе Израилци, ислушајте ги овие зборови: Исуса Назареецот, Човекот посведочен пред вас од Бога со сили, чудеса и знаци, што ги направи Бог преку Него, како што и самите знаете, Него, според определениот совет, и предвидувањето Божјо предаден, вие Го фативте и, откако Го приковавте со рацете на беззакониците, Го убивте.
Но Бог Го воскресна, откако Го ослободи од врските на смртта, бидејќи таа немаше сила да Го задржи. Оти Давид за Него вели: ”Секогаш Го гледав пред себеси Господа зашто Он е од мојата десна страна, за да не се поместам. Затоа се развесели срцето мое и се возрадува јазикот мој; а уште и телото мое ќе почива во надеж, зашто Ти нема да ја оставиш душата моја во ад, ниту, пак, ќе позволиш Твојот праведник да види распаѓање. Ти си ми Ги покажал патиштата на животот: Ти ќе ме исполниш со радост преку лицето Свое.
Мажи, браќа, нека ми е позволено да ви зборувам слободно за прататкото Давида, дека тој умре и погребан беше, а гробот негов е меѓу нас дури до денешниов ден. Па, бидејќи беше пророк и знаејќи дека Бог со клетва му беше ветил од плодот на неговите бедра да Го воздигне по плот Христа и да Го постави на престолот Свој, предвиде и кажа за воскресението на Христа, дека душата Негова нема да се остави во пеколот и дека телото Негово нема да види распаѓање.
Огнените Јазици на Светиот Дух, нека ги осветлува и нашите срца, нека силата на Светиот Дух ги обнови оние што се борат во светилиштето на Божјите храмови на Македонската Православна Црква и нека го обновуваат тоа светилиште нејзино кое се разгоре уште од првиот век меѓу македонците, така што и во идните времиња до крајот на светот живо и опипливо да сведочи за слегувањето и присутноста на Светиот Дух и да се возвеличи славењето на Отецот и Синот и Светиот Дух, во времето и во вечноста и во вековите на вековите.
Подготви,
Прота Митко Попоски
20. Јуни 2021
Виндзор, Канада