




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
Неколку размислувања за етничкото потекло на светиот апостол Филип
Проф. Александар ДОНСКИ
(ИЗВАДОК ОД КНИГАТА „ИСУС ХРИСТОС И МАКЕДОНЦИТЕ“,
второ издание, „Ѓаконија“ при МПЦ, 2006 год.)
Неколку размислувања за етничкото потекло
на светиот апостол Филип
Сега, откако завршивме со нужните објаснувања да спомнеме неколку познати личности од тоа време и да направиме обид за поставување хипотези за утврдување на нивното етничко потекло. Ќе почнеме со светиот Исусов апостол Филип. Но, најнапред да кажеме нешто за неговиот живот и дејност.
Свети Филип бил еден од дванаесетте апостоли на Исус Христос. За животот на овој апостол многу малку се знае. Во Новиот Завет тој е спомнат само неколку пати. Неговото место на раѓање бил градот Витсаида. Во врска со неговата дејност, во познатата светска CD енциклопедија Microsoft Encarta 98 Encyclopedia Deluxe Edition (USA, 1998), во биографијата за свети Филип (наслов: Saint Phillip), пишува: “Свети Филип живеел во првиот век по Христа и бил еден од 12-те ученици на Исус Христос. Филип се спомнува како еден од апостолите во првите три Евангелија и во Дела апостолски, но она малку што се знае за неговиот живот е запишано во Евангелието по Јован. “ (…)
Светиот апостол Филип го среќаваме во настанот кога Исус Христос нахранил пет илјади луѓе со пет леба и со две риби (Јован 6:5-7). Исто така во Евангелието по Јован спомнат е и неговиот разговор со неколку Грци во Ерусалим, кои го прашале свети Филип дали може да го видат Исус, по што тој заедно со свети Андреј го известил Исус (Јован 12:21-22). Спомнат е и неговиот дијалог со Исус за време на Тајната вечера во врска со Бог Отец (Јован,14:8-10). Сочуван е и ранохристијански апокрифен ракопис посветен на делата на свети Филип.
Свети Филип бил убиен со распнување на крст кога бил на возраст од 87 години. Тоа се случило во 90 година по Христа. Неговите свети мошти денес се чуваат во Рим (Житија….ноември, стр. 414). Знак на распознавање на свети Филип е лебот, поради епизодата со хранењето на народот.
Од скудните податоци за неговиот живот може да се заклучи дека свети Филип бил во непосредна близина на Исус во времето на неговите најзначајни дела. Исто така можеме да констатираме и дека за животот и за етничкото потекло на свети Филип многу малку се знае.
Како прв елемент за поставување хипотеза за неговото не-еврејско етничко потекло ќе го спомнеме самото негово име. Јасно е дека името Филип е нетипично име за Евреите, што ќе го објасниме во продолжение.
Но, од друга страна нема никакво сомнение дека свети Филип пред да стане христијанин најпрво му припаѓал на јудаизмот. Ова може да се заклучи од неговиот дијалог со свети Натанаил кога свети Филип спомнал старозаветни сцени, т.е. кога рекол дека Исус бил тој за кого пишувале Мојсие и пророците. Понатаму, свети Филип присуствувал и на Тајната вечера по која апостолите заедно со Исус според јудејскиот обичај пееле псалми. Па, зарем ова не е доказ дека тој бил Евреин? Може, но и не мора да биде. Веќе спомнавме библиски докази, според кои имало и припадници на други народи, кои го прифатиле јудаизмот. Можеби токму таков било и семејството на свети Филип?
Сепак, за поставувањето хипотеза за не-еврејското етничко потекло на свети Филип ќе спомнеме една друга индиција. Да се потсетиме на библиската сцена во која група Грци му се обратиле на свети Филип со молба да ги одведе кај Исуса. Се поставува прашањето: зошто Грците му се обратиле токму на свети Филип, а не на некој од останатите апостоли? Можни одговори на ова прашање (кои воедно се и можни одговори околу етничкото потекло на свети Филип) се следните:
1.Свети Филип бил по потекло Грк и затоа Грците му се обратиле токму нему. Оваа претпоставка ја ставаме под сомнеж поради следните моменти. Како прво, во веќе споменатиот ранохристијански апокрифен ракопис посветен на делата на свети Филип, читаме дека тој по распнувањето на Исус, исто како и останатите апостоли, заминал да го проповеда христијанството низ разни земји. Притоа тој ја посетил територијата на денешна Грција (конкретно престојувал во Атина).Овде, од страна на Грците, тој бил пречекан како – странец! Во спомнатиот ракопис читаме: “…Филип влезе во градот Атина, наречен Хелада, каде што му пријдоа триста филозофи, кои рекоа: ‘Ајде да видиме каква е неговата мудрост, затоа што се зборува дека мудроста на луѓето од Азија е голема… Тие се собраа на едно место и си рекоа еден на друг: ‘Дојдете да погледнеме во нашите книги за да не се случи овој странец да нe надмине и да нe засрами.”
Потоа читаме дека тие дошле кај свети Филип и му рекле: “…Ако ти ни носиш нешто ново, о странецу, покажи ни го смело и без завист, затоа што нам не ни треба ништо друго, освен да слушнеме нешто ново.”
Во продолжение читаме дека свети Филип почнал да им зборува на филозофите за Исус. Тие останале зачудени и решиле да му напишат писмо на високиот еврејски свештеник во Ерусалим за да побараат мислење од него за она што им го проповедал свети Филип. Во писмото до високиот еврејски свештеник, атинските филозофи, помеѓу другото, напишале: “Филозофите од Хелада до Ананија, големиот висок свештеник во Ерусалим (…) Еден странец, по име Филип, дојде во Хелада и со своите зборови многу нe вознемири…” (подетално за сето ова во: Acts of Saint Philip the Apostle when he went to Upper Hellas, The Acts of Philip, “The Apocryphal New Testament” М.Р. James-Translation and Notes Oxford: Clarendon Press, 1924 стр. 505).
Значи грчките филозофи од Атина дефинитивно не го сметале свети Филип како свој сонародник, туку тие сосема јасно неколкупати го нарекле “странец”. Оттаму, доколку им веруваме на податоците од овој апокрифен ракопис, отпаѓа претпоставката дека свети Филип можеби бил јудаизиран Грк.
2. Свети Филип бил етнички Евреин и Грците му се обратиле на еврејски или на арамејски јазик. Во прилог на оваа претпоставка е и еден извадок од гореспоменатиот апокрифен ракопис во кој пишува дека наводно свети Филип не знал ни грчки, ни латински, туку само арамејски. Сепак и претпоставката за еврејското етничко потекло на свети Филип има свои слабости.
Како прво веќе спомнавме дека неговото име воопшто не било вообичаено за Евреите. Впрочем, факт е дека постоеле случаеви на јудејци кои носеле имиња од постариот македонски ономастикон, но тоа сепак било ретка појава во однос на Евреите кои носеле имиња од постариот еврејски ономастикон. Освен тоа, за дел од јудејците со имиња од македонскиот ономастикон не се знае дали биле вистински Евреи по род, или пак можеби биле потомци на јудаизираните Македонци и Грци.
Понатаму, податокот дека свети Филип наводно не знаел ни грчки, ни латински е во целосна контрадикторност со податоците за неговите опширни разговори со мнозина Грци на територијата на денешна Грција, а секако и со оние Грци во Ерусалим, кои се спомнати во Библијата. Доколку тој и навистина не знаел грчки, тогаш испаѓа дека атинските филозофи со него зборувале на арамејски, а тоа секако дека не може да биде прифатливо. Според тогашните политички и други прилики тешко може да се претпостави дека кој и да било тогашен Грк од Атина го знаел егзотичниот арамејски јазик. Исто е и со Грците со кои тој разговарал во Ерусалим. Да потсетиме дека тоа е време кога со Ерусалим веќе стотина години владееле Римјаните. Ова значи дека до колку овие Грци дошле од некоја подалечна територијата, т.е. од некоја азиска македонско-грчка населба или од територијата на денешна Грција за да го видат Исуса, тие апсолутно немале никаква причина, па ни можност, претходно да го научат туѓиот арамејски јазик.
Но, дали смееме да претпоставиме дека овие Грци дошле од територијата на денешна Грција или од некоја азиска македонско-грчка населба во Светата земја специјално за да го видат Исуса?Јасно дека тоа не може да се докаже, но се знае дека за време на дејствувањето на Исус и навистина доаѓале луѓе од подалечните земји за да ги видат неговите чуда. Во продолжение ќе наведиме пример на двајца жители на сириска Антиохија (Панкратие и Маркел), кои дошле во Светата земја само за да го видат Исуса откако разбрале за неговите чуда. Значи, сепак имало луѓе кои доаѓале од подалечните места за да го видат Исуса. Можеби такви биле и споменатите Грци?
Сигурно дека е можно овие Грци да биле жители и на Светата земја, но и во таков случај не знам дали можеме да претпоставиме дека го знаеле арамејскиот јазик, затоа што овој јазик тогаш бил зборуван од релативно мал број луѓе (иако ни оваа веројатност не треба да се отфрли). Сепак за Грците од Атина со кои свети Филип на долго и на широко разговарал и навистина тешко можеме да кажеме дека го знаеле арамејскиот јазик.
Дали податокот дека свети Филип го знаел само арамејскиот јазик не бил намерно вметнат во овој апокрифен ракопис исклучиво со цел да се покаже блискоста на свети Филип со Исус (за кого знаеме дека зборувал на арамејски)? Секако дека ова останува во доменот на шпекулациите.
Но, доколку податокот дека свети Филип исклучиво го зборувал арамејскиот јазик не одговара на вистината, зарем тогаш не се доведуваат во прашање и останатите податоци од овој апокрифен ракопис, конкретно разговорите на свети Филип со Грците во Атина? Овде пак навлеговме во сферата на шпекулациите. Воопшто за автентичноста на добар дел апокрифните ранохристијански ракописи теолозите и истражувачите отсекогаш расправале и сe уште расправаат. Факт е дека голем дел од податоците во овие ракописи се прифатени како автентични од Православната и од Католичката Црква. Но, од друга страна во овие ракописи има и такви податоци кои не одоговараат на вистината.Овде нема да навлегуваме во анализа за автентичноста на апокрифниот ракопис посветен на делата на свети Филип, а за оние детали кои овде ги разгледавме можеме да кажеме дека некои од нив сигурно дека се претерани, но некои се и сосема веројатни. Конкретно нема ништо необично во тоа дека свети Филип и навистина бил во Атина, посебно ако се знае дека светите апостоли и навистина пропатувале многу земји за да го проповедаат христијанството. Оттаму сцената со грчките филозофи и навистина можела да биде автентична, посебно ако се знае дека свети Филип и во Ерусалим разговарал со Грци. Доколку ги прифатиме овие претпоставки, тогаш хипотезата за еврејското етничко потекло на свети Филип и навистина доаѓа под сомнение.
3. Свети Филип имал македонско етничко потекло и тој со Грците разговарал на јазикот коине. Ако ги земеме предвид слабостите на претходните две претпоставки, оваа претпоставка добива на својот интензитет (иако тоа не мора да значи дека е целосно прифатлива).
Значи оваа хипотеза би поаѓала од претпоставката дека свети Филип го знаел јазикот коине и затоа можел да се разбере со Грците за разлика од мнозинството Евреи, кои таму биле присутни. Се знае дека населените Македонци во Палестина добро го зборувале јазикот коине за разлика од мнозинството домородни жители на оваа земја и најверојатно така може да се објасни библиската сцена со Грците во Ерусалим, кои му се обратиле токму на свети Филип за да го замолат да ги одведе кај Исус.
Да потсетиме дека јазикот коине во Палестина го зборувале само горниот слој на домородците и тоа само како втор јазик. Но, тоа било така само во времето кога овој јазик бил официјален државен јазик во државата на Селевкидите. Подоцна, во времето кога се случила сцената помеѓу Грците и свети Филип (а тоа е времето кога со Палестина веќе владееле Римјаните), малку кој обичен Евреин имал посериозна причина допрва да го учи јазикот коине, затоа што овој јазик подолго време веќе не бил официјален јазик во делот од нивната земја со кој владееле Селвкидите. Во останатиот дел од Палестина (каде што во 139/138 година пред Христа била формирана независната еврејска држава) во времето кога се случила сцената помеѓу свети Филип и Грците, јазикот коине веќе не бил официјален јазик речиси цели 170 години! До колку и навистина свети Филип го зборувал јазикот коине, тогаш можеме да претпоставиме дека свети Филип го научил овој јазик од своето семејство.
За Македонците, пак, се знае дека не бил никаков проблем знаењето на овој мешан (заеднички) јазик, затоа што токму тие го наложиле овој јазик во земјите со кои владееле и сигурно дека си го задржале во семејната традиција и по пропаста на нивните држави. Сепак, Македонците го знаеле овој јазик како втор јазик (покрај мајчиниот македонски јазик). Дали останале записи од чистиот македонски јазик од времето на Селевкидите и Птолемеите во државите со кои владееле, допрва треба да се истражува.
Ова е исто како кога и во Македонија до не така одамна имаше стари луѓе Македонци, кои добро го зборуваа турскиот јазик само затоа што својата младост ја живееле во времето кога со Македонија владееле Турците, т.е. кога турскиот јазик бил официјален државен јазик во Македонија. Но, веќе нивните деца и внуци не знаат ниту збор од турскиот јазик, затоа што не живееле во времето на турското владеење со Македонија. Турскиот јазик, сосема разбирливо, дома си го задржаа само Турците, кои останаа да живеат во Македонија и по крајот на владеењето на Турција со Македонија. Исто било и тогаш во Палестина. Евреите (и тоа само горните слоеви) во времето на владеењето на Селевкидите го знаеле јазикот коине затоа што тоа бил официјален јазик во нивната држава. Но, веќе нивните деца, внуци и правнуци (а тоа е токму генерацијата на свети Филип) немале никаква потреба да го учат овој јазик затоа што овој јазик веќе одамна не бил официјален јазик во нивната држава, така што ретко кој Евреин тогаш го знаел овој јазик (иако имало ретки исклучоци на учени поединци Евреи, кои и подоцна го знаеле овој јазик). Овој јазик во семејната традиција си го задржале само Македонците и Грците. Оттаму, ако претпоставиме дека свети Филип го знаел овој јазик во времето кога истиот одамна не бил официјален јазик во Палестина, тој можел да го знае овој јазик само преку своето семејство, што претставува индиција за неговото македонско потекло. Дури и ако тој, или неговите предци, го прифатиле јудаизмот како своја вероисповед, јазикот коине не можеле да го заборават. И денес имаме Македонци припадници на разни вероисповеди (муслимани, будисти и т.н.), кои дома си зборуваат на македонски јазик, што е и сосема нормално.
А, сега да кажеме нешто и за личното име на овој апостол. Она што може да претставува поткрепа во хипотезата за можното македонско потекло на свети Филип претставува самото негово име. За да го продолжиме нашето истражување потребно е да кажеме нешто и за спомнувањето на името Филип во наративните извори од тие времиња. Името Филип е старо и често име во македонскиот ономастикон, а во Библијата се спомнати само неколку личности со името Филип и за најголемиот дел од нив со сигурност се знае дека биле Македонци, додека за останатите тоа може да се претпостави. Во изданието на Библијата (Загреб, 1983) на последните страници е предаден список со имиња на сите позначајни личности спомнати во Библијата. Во овој список се спомнати и (според авторите) позначајните личности што го носеле името Филип (Библија,…стр 1299). Тие се:
1.Филип – таткото на Александар Македонски (Филип II Македонски). За него нема дилеми дека бил Македонец.
2. Филип – пријател на македонскиот владетел Антиох IV. Повикувајќи се на добро познатиот факт дека владетелите Селевкиди и Птолемеи во своето најблиско окружување држеле претежно Македонци со голема веројатност можеме да претпоставиме дека и овој Филип бил Македонец штом бил личен пријател на Антиох IV. Нему Антиох IV пред својата смрт му го доверил на чување на својот син Антиох V.
3. Филип – настојник на Ерусалим, поставен од Антиох IV. За овој Филип пишува дека по потекло бил Фригиец (Втора Мак.5). Веќе рековме дека Фригите (Бригите) дале свој значителен прилог во етногенезата на античките Македонци, поради што и овој Филип, гледано од етно-културен аспект, не бил многу различен од античките Македонци.
4. Четврта личност со името Филип спомната во горенаведениот список е токму свети Филип – апостолот Исусов! Ако го земеме предвид фактот дека за трите претходно спомнати значајни библиски личности што го носеле името Филип, постојат докази или силни индиции дека биле Македонци и ако (поради претходно наведените причини) го земеме предвид фактот дека (и покрај исклучоците) сепак Македонците биле тие кои најчесто ги носеле имињата од постариот македонски ономастикон во тие времиња, мислам дека можеме да претпоставиме дека можеби и свети Филип бил потомок на таму населените Македонци.
Името Филип во Библијата е спомнато како име уште на пет личноти. Ќе ги спомнеме и нив.
5. Филип V – крал на Македонија, кој бил поразен од Римјаните (Прва Мак. 3,8). И за него се знае дека бил Македонец.
6. Филип – близок пријател на македонскиот владетел Антиох V. Со голема веројатност можеме да претпоставиме дека и овој Филип бил потомок на таму доселените Македонци, од кои добар дел секако дека живееле во најблиското опкружување на македонските владетели. Впрочем, ова било практика уште од времето на Александар Македонски, кога тој и покрај тоа што во неговата војска имал лојални војници од повеќе народи, сепак во своето најблиско опкружување држел исклучиво Македонци.
Од останатите три личности кои го носеле името Филип, а кои се спомнати во Библијата, двајца биле припадници на династијата на јудејскиот крал Херод Велики (за чие можно македонско потекло ќе пишуваме во продолжение). Во Библијата е спомнат и свети Филип, кој бил еден од седумте свети проповедници, за кого исто така ќе пишуваме во продолжение.
Името Филип од времето на владеењето на Селевкидите го носеле уште две познати личности, кои ги нема спомнато во Библијата, но кои биле индиректно поврзани со настаните во и околу Светата земја. И за нив со сигурност се знае дека биле Македонци. Тоа се владетелите од династијата на Селевкидите: Филип (95 -85/83 пред Христа) и Филип , кој во 63 година пред Христа бил симнат од престолот од страна на Римјаните по што државата на Селевкидите престанала да постои.
Инаку, името Филип се среќава уште одамна во античките наративни извори поврзани со Македонија. Најстарото наративно споменување на ова име во Македонија датира уште од 7 век пред Христа! Конкретно ова име го носел македонскиот крал Филип I, кој владеел со Македонија уште од 644 до 640 година пред Христа. Сигурно дека ова име во антиката го имало и кај Грците и практично не е можно да се утврди дали ова име било почесто кај Македонците или кај Грците. Херодот го споменува ова име само еднаш како име на некој Грк, кој живеел далеку по Филип I Македонски (The histops of Herodotus, bc Herodotus; translated bc George Rawlinson). Старогрчкиот историчар Аријан во своите описи за подвизите на Александар Македонски го споменува името Филип како име што го носеле четворица Македонци наспроти само еден Грк (Arrian: The campaignes of Alexander; translated bc Aubres De Selincourt, Pengiun books, 1971). Квинтиј Куртиј Руф споменува седум личности со името Филип, од кои исто така најголемиот дел биле Македонци. Конечно, во сите држави со кои владееле Македонците, името Филип, како име на македонски владетели, во наративните извори се среќава осум пати. И тоа во огромен временски распон, почнувајќи од 644 година (пред Христа), па сe до 63 година пред Христа.
Сепак, нема докази дека името Филип било почесто кај Македонците во однос на Грците. За да се потврди ова нема да биде доволна ни анализата на сите досега познати антички грчки и останати извори во кои евентуално е спомнато ова име, затоа што не постојат податоци за степенот на прифатеноста на ова име среде обичниот грчки и македонски народ.
Но, ќе потенцираме дека името Филип кај Македонците (за разлика од Грците) било тесно поврзано со владеачките династии, па оттаму можеби можеме да претпоставиме дека сепак Македонците биле тие кои повеќе го користеле ова име во однос на Грците, барем ако се повикаме на тогашната традиција обичните луѓе да им ставаат имиња на своите деца според имињата на познати владетели од сопствениот народ или држава. (Впрочем, оваа традиција во извесна мера постои и денес кај многу народи).
Поради сето ова, можеме да заклучиме дека името на апостолот Филип може да претставува силна индиција за неговото можно македонско потекло. Секако дека подоцна ова име се проширило кај многу народи, но во антиката ова име било поврзано со владеачките кругови на Македонците, поради што било често име среде Македонците, иако го имало и кај Грците.
Свети Филип за време на своето дејствување имал средби и со Македонците од Македонија (иако нема податоци дека престојувал во нашата земја).Пак ќе се послужиме со цитат од гореспоменатиот апокрифен ранохристијански ракопис, во кој читаме дека, поради проповедањето за Исус и поради чудата што во Исусово име свети Филип гинаправил во Атина, кај него почнале да доаѓаат луѓе и од околните области и земји. Во врска со ова читаме: “И славата за него се прошири низ цела Хелада и Македонија. И мнозина дојдоа кај него од околните градови, водејќи ги со себе оние кои беа болни од разни болести, а тој ги излекува сите нив во името на Исус.”
Да кажеме неколку зборови и за родното место на свети Филип – градот Витсаида (Бетхсаида). Дали има докази дека во Витсаида живеело не-еврејско население (конкретно Македонци)?
Пред да одговориме на ова прашање ќе кажеме дека библискиот град Витсаида со векови претставувал загатка за светските археолози.Вековните напори да биде пронајден овој град останувале без успех. Дури во 1980 година се случил првиот позначаен напредок во тој правец.Бенедиктинскиот монах отец Баргил Пикснер (Bargil Pixner) презел лична потрага по остатоците од градот Витсаида. Тој прегледал голем број историски извори, компарирал бројни податоци од разни научни дисциплини и конечно дошол до заклучок дека остатоците од библискиот град Витсаида се наоѓаат кај местото Ет-Тел кое се наоѓа околу три километри оддалечено од брегот на Генисаретското Езеро. Во 1985 година отец Пикснер ги објавил своите наоди, но веднаш бил нападнат од бројни опоненти. Суштината на овие напади била дека Витсаида бил град што се наоѓал на самиот брег на езерото, а локацијата што ја посочил Пикснер била прилично оддалечена од сегашниот езерски брег. Но, археолошките истражувања што биле преземени на локацијата Ет-Тел покажале дека отец Пикснер бил во право. Таму и навистина биле откриени остатоците од библискиот град Витсаида. Стручњаците по геологија докажале дека во времето на Исус овој град и навистина се наоѓал на брегот на Езерото, а дека подоцна, под влијание на реката Јордан, водата се повлекла, па така денес остатоците на Витсаида се наоѓаат на цели три километри оддалеченсост од сегашниот брег на езерото. Во 1987 година владата на Израел објавила официјално соопштение дека за прв пат по долговековната потрага биле пронајдени остатоците од градот Витсаида, токму на местото што го посочил отец Пикснер. Веднаш било пристапено кон интензивни археолошки ископувања, кои траат и денес. Во изданието “Друштво на библиските археолози”, објавено во САД и достапно преку Интернет, објавен е преглед на позначајните археолошки наоди што досега се откриени во Витсаида. Овде читаме дека историјата на овој град се протегала некаде од 10 век пред Христа. Сепак сe до потпаѓањето на Галилеја под власта на Македонците, Витсаида била само мала населба. (Biblical Archaeology Society Washington, ДЦ 20016-1700, УСА Copyright © 2000). Археолошките наоди покажуваат дека Витсаида доживеала значителен процут и препород токму во времето на владеењето на Македонците Птолемеи и Селевкиди. Во горенаведениот преглед читаме: “Во хеленистичкиот период (332-27 пред Христа), благодарение на местоположбата на Витсаида помеѓу моќните империи на Селевкидите и на Птолемеите, првата на север, а втората на југ, градот доживеал препород. Од овој период откриени се станбени реони со приватни куќи, од кои секоја имала по неколку соби опколени со цветни поплочени дворови.”
Во овој преглед читаме и за пронајдени подвижни предмети (садови за домаќинство и сл.) од балкански тип. Ова може да биде силна индиција дека и во Втсаида имало населено Македонци. Во прилог на ова е и горенаведената констатација дека овој град го доживеал својот препород токму во времето кога со него владееле Македонците. Веќе рековме дека Македонците ги доградувалепостарите и помали населби во кралствата на Птолемеите и на Селевкидите и дека истите ги населувале со македонско и грчко население. Препородот што го доживеала Витсаида во нивно време ни дава за право да претпоставиме дека и овој град бил дограден и населен со Македонци.
Всушност, Витсаида и навистина се наоѓала во близината на “македонските” градови во Палестина (и во блискиот дел од Сирија). Така, на пример, градот Макед се наоѓал само неколку десетици километри од Витсаида, а толку биле оддалечени и градовите Пела и Дион. Ако се знае дека Македонците честопати ги граделе или доградувале градовите во кои живееле недалеку еден од друг, тогаш и ова може да биде индиција дека Витсаида и навистина бил значително проширен и населен од Македонците.
Интересен е и завршетокот на името на градот Витсаида (Bethsaida), што на еврејски значи Дом на рибарите. Имено, завршетокот на името на овој град (“ида”) е типичен завршеток што го имало и кај други македонски градови. Веќе спомнавме дека Македонците им ставале македонски имиња на градовите што ги граделе или доградувале и населувале во Палестина (и секаде каде што владееле). Притоа, некои од овие имиња завршувале токму со завршетокот “ида”. Во Палестина, таков бил градот Птолемаида, кој рековме дека отпрвин се викал Ако, но бил преименуван од страна на македонскиот владетел Птолемеј II. Инаку, завршетокот “ида” како топонимски завршеток го имало и во постарата македонска топонимија (без разлика на неговото потекло). Познато е дека постојат многу постари македонски топоними со овој завршеток. Да се потсетиме само на древните македонски области: ЛинкестИДА, ОрестИДА, АмфакситИДА и други. Дали е случајност тоа што и ВитсаИДА го имала истиот завршеток?
Инаку, настанот со хранењето на петте илјади луѓе, кои Исус ги нахранил само со пет леба и две риби се случил токму во близината на Витсаида. Овој настан го опишува светиот евангелист Јован (6:5-7), кој пишува дека кога Исус дошол во околината на Витсаида бил следен и окружен со многу народ. Бидејќи немало храна за сите, Исус му се обратил на свети Филип со зборовите: “Каде да купиме леб за да ги нахраниме овие луѓе?” Исус го поставил ова прашање за да го стави во искушение свети Филип, но сигурно и дека поради тоа што свети Филип во околината на својата родна Витсаида бил еден вид домаќин и тој секако дека знаел информации каде може да се купи леб и колку чини истиот. Свети Филип му одговорил на Исус дека дури и ако купат леб за двесте денари пак нема да има доволно за секого да добие барем по малку. По ова Исус го направил чудото со хранењето на петте илјади луѓе само со пет леба и две риби.
Светиот евангелист Марко (8:22-26) го споменува и лекувањето на слепецот од страна на Исус, кое исто така се случило во близината на Витсаида.
На крајот да заклучиме дека засега нема сигурни докази за етничкото потекло на свети Филип. Заедно со останатите претпоставки, постојат силни индиции и за поставување хипотеза дека неговото потекло можело да биде и македонско.
Презентира:
Отец Митко Попоски