www.m-p-c.org
As of March 23, 1998:
4,579,864
Дезајн од / Design by

Ace's Project Devgelopment Inc

SHEMA Logistics & Leveraged Communications Ltd.

г.г. Стефан 
                        Архиепископ 
                        Охридски и Македонски ОА 
                        на Јустинијана Прима и 
                        Митрополит Скопски 
                        ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА 
                        ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
  г.г. Стефан
Архиепископ
Охридски и Македонски ОА
на Јустинијана Прима и
Митрополит Скопски
ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА
ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

 
  г. Петар 
                        Митрополит 
                        Преспанско-Пелагониски и 
                        Австралиско - Новозеландски
  г. Петар
Митрополит
Преспанско-Пелагониски и
Австралиско - Новозеландски

 
  г. Тимотеј 
                        Митрополит 
                        Дебарско - Кичевски и 
                        Австралиско - Сиднејски
  г. Тимотеј
Митрополит
Дебарско - Кичевски и
Австралиско - Сиднејски

 
  г. Наум 
                        Митрополит Струмички
  г. Наум
Митрополит Струмички

 
  г. Агатангел 
                        Митрополит Повардарски
  г. Агатангел
Митрополит Повардарски

 
  г. Иларион 
                        Митрополит Брегалнички
  г. Иларион
Митрополит Брегалнички

 
  г. Методиј 
                        Митрополит 
                        Американско-Канадски
  г. Методиј
Митрополит
Американско-Канадски

 
  г. Пимен 
                        Митрополит Европски
  г. Пимен
Митрополит Европски

 
  г. Јосиф 
                        Митрополит 
                        Тетовско - гостиварски
  г. Јосиф
Митрополит
Тетовско - гостиварски

 
  г. Григориј 
                        Митрополит 
                        Кумановско - осоговски
  г. Григориј
Митрополит
Кумановско - осоговски

 
  г. Јосиф 
                        Митрополит Осоговски
  г. Јосиф
Митрополит Осоговски

 
  г. Климент 
                        Епископ викарен - хераклејски
  г. Климент
Епископ викарен - хераклејски

 
  г. Партениј 
                        Епископ викарен 
                       Бигорско - Антаниски
  г. Партениј
Епископ викарен
Бигорско - Антаниски

 
  г. Јаков  
                        викарен епископ Полјански на  
                        Митрополитот струмички
  г. Јаков
викарен епископ Полјански на
Митрополитот струмички

 
 


Светиот апостол и Евангелист Јован

21 Мај

 

Светиот апостол и евангелист Јован Богослов беше син на рибарот Зеведеј и Саломија, ќерка на Јосиф, вереникот на Пресвета Богородица. Кога го повикал Господ Исус, Јован веднаш ги оставил својот татко и рибарските мрежи и отишле со својот брат Jaков со Христа. Од Господ Христос, тој ќе бил наречен „син на грмотевиците“, бидејќи неговото боговидение требало да се чуе како гром низ целиот свет и да се исполни целата земја. И тој појде по својот благ учител, учејќи ја мудроста што му излегувала од Неговата устата; Господ Исус многу го сакал заради неговата совршена невиност и извонредната девствена чистота. Божествената љубов на Спасителот према него била толку извонредна што во светото Евангелие се вели дека тој бил „ученик кого Исус го сакал“.

И помеѓу дванаесетте апостоли, Господ го издвојувал како најпосебен, и тој бил еден од тројцата најблиски ученици на кои Господ многу пати им ги откривал своите божествени тајни. Кога ја воскреснал ќерката на Јаир, Господ ги зел со себе само Петар, Јаков и Јован, за да бидат сведоци на настанот. Исто така, кога Тој се преобразил на Тавор и ја покажал славата на Своето Божество, Господ го направил тоа повторно само во присуство на овие тројца избрани ученици. И кога се молел во градината Гетсиманска, Господ ниту таму не бил без Јован, бидејќи им кажал на учениците: Седнете тука, додека јас отидам таму да се молам на Бога. И, ги земал со Себе Петар и двајцата синови на Зеведеј (т.е. Јаков и Јован), тие се вознемириле и почнале да тагуваат (Мат. 26: 36-37). Секаде Јован, како сакан ученик, бил нераздвоен од Христа. Колку Господ Христос го сакал Јован, може да се види од фактот дека на Тајната вечера Јован ја ставил главата на градите Исусови. Бидејќи, кога Господ на Тајната вечера објавил дека еден од учениците ќе Го предаде, тогаш учениците се погледнале меѓу себе и се прашувале за кого зборува, тогаш ученикот што го сакал Исус ја навалил главата своја на градите на Исус, и го прашал: „кој е Господи? Господ одговорил: „Оној е, на кого Јас ќе му натопам залак и ќе му го подадам“. И кога натопи залак , му го подаде на Јуда Искариотски (Јован 13: 21-26). Господ толку многу го сакал Јована, кој единствено имал слобода да ја стави главата на Неговите гради и смело да го прашал за тајната на предавството. Но и Јован исто така имал поголема љубов кон својот Учител од другите апостоли: бидејќи во времето на доброволното страдање на Спасителот, сите ученици го напуштиле својот Пастир и се разбегале, само тој, апостолот Јован, без страв ги гледал непрестано сите страдања Христови, страдајќи со сето свое срце и плачејќи заедно со Пречистата Дева Марија – Богородица, Мајката Господова, не заминувајќи до последниот час со Неа од страдалниот Син Божји, кој пострада за нас на самиот крст со смрт. Затоа тој и бил восиновен од Господа на крстот на Пречистата Дева Марија. „Бидејќи, Господ, висејќи на крстот, ги видел Мајка си и ученикот кого посебно го љубеше, како стои, и и рече на мајка Си: „Жено, ете ти син! Потоа му рече на ученикот: „Ете, ти мајка!“ И од тој час ученикот ја зеде кај себе“ (Јован 19: 25-27). И тој ја имал како своја мајка со секоја почит и и служел сè до нејзиното чесно и славно успение. И во денот на нејзиното успение, кога било носено чесно и свето тело на Мајката Божја – Богородица да го погребаат, Свети Јован пред нејзиниот одар носел светликав царски жезол, кој на Пречистата Дева и го донел Архангелот Гаврил известувајќи ја за нејзиниот премин од земјата на небото.

По Успението на Пресвета Богородица, свети Јован отишол со својот ученик Прохор во Мала Азија да го проповеда Божјото Слово, бидејќи таа област му паднала на коцка. Одејќи таму, Свети Јован многу тагувал, бидејќи ги предвидел потешкотиите кои им претстоеле во морето, тоа му го претскажал на својот ученик Прохор. И кога се качиле на бродот во Јопа, бродот бил понесен од брановите на морето, попладнето се појавила силна бура, и преку ноќта бродот бил разбиен, сите бродоломци биле приморани да се спасуваат пливајќи по страшните бранови од морето, припивајќи се до се кој што можел да дофати и со се што имал до себе. Следниот ден, напладне, морето сите ги исфрлило на копно во близината на Селефкија, меѓу нив бил и Прохор; единствено Јован останал во морските води. Прохор мислел дека апостолот Јован погинал многу тагувал, па затоа Прохор самиот заминал во Мала Азија. На четириесеттиот ден од патувањето, Прохор пристигнал на едно место покрај морето, наречено Мармареот, и таму останал да се одмори. И така гледајќи во морето тагувал по Јована, во тој момент морските бранови во голем шум распостилајќи се по брегот го исфрлиле светиот апостол Joван, жив. Прохор, притрчал да види морето што исфрлило, на големо зачудувачко изненадување тоа бил апостолот Јован, го подигнал од земјата се прегрнале, и плачејќи молитвено му благодариле на Бога, за сè. Така, светиот апостол и Евангелист Јован поминал четириесет дена и четириесет ноќи во морето, и по благодатта Божја останал жив. Кога влегле во градот Мармареот, „побарал леб и вода, и кога се поткрепиле и одмориле, продолжиле за Ефес“.

Кога пристигнале во градот Ефес, ги пречекала некоја жена по име Романа, позната до Рим по своето зло; таа била чувар на јавната бања во градот. И, откако ги најмила Јован и Прохор, им заповедала да работат во бањата и многу ги измачувала. Тие некое време работеле за нејзе: Јована го одредила да го одржува огнот, а Прохор да носи вода, сè додека се таму. И во таква неволја тие поминале долго време. Но, во таа бања имало демон, кој секоја година давел по една особа кој се бањал во бањата – момче или девојка. Кога била градена таа бања, по совет на демоните, во темелите живи соѕидале едно момче и девојка. Одтогаш, отпочнало со такво убиство. Се случило во тоа време во бањата дошло некое момче по име Домн, син на градскиот старешина Диоскорид. И кога Домн се миел во бањата, го нападнал демонот и го удавил. Тоа многу ја потресло Романа и таа многу тагувала за Домн. Веста за смртта на Домн брзо се проширила низ целиот Ефес; а кога дознал Диоскарид за смртта на својот син, се потресол и во голема тага умрел. Меѓутоа, Романа многу се молела на божицата Артемида да го воскресне Домна, молејќи се го кинела своето тело, но тоа воопшто не и помогнало. Во тоа време, светиот апостол Јован го прашал Прохор што се случило. Кога Романа ги забележала дека тие зборувале, почнала да го удира Јована, обвинувајќи го за смртта на Домн. На крајот, таа му рекла на Јована: ‘Ако не го воскреснеш Домн, јас ќе ти ја одвојам твојата душа од твоето тело’, – Тогаш светиот апостол Јован, се помолил на Господа, и момчето оживеало. Романа се исплашила и го нарекла Јована Бог или Син Божји; меѓутоа, Јован молитвено со силата Христова и го предал живо момчето. Потоа свети Јован го оживеал и неговиот татко Диоскорид; Диоскорид, Домн и Романа поверувале во Христа и се крстиле. Ги опфатило страв сите луѓе кои се чуделе на се што виделе; некои зборувале за Јован и Прохор дека биле волшебници, а други одговорале дека волшебниците не воскреснуваат мртви. Јован го протерал злобниот дух (демонот) од бањата и тие останале да живеат со Прохор во домот на Диоскорид, утврдувајќи ги новопросветените во верата и поучувајќи ги да живеат доблесен живот.

Кога во Ефес на најсвечен начин го прославувале празникот Артемида: луѓето биле облечени во бели облеки, славеле и се радувале во храмот на Артемида; а во близината бил поставен идолот на таа божица. Тогаш светиот апостол Јован се искачил на повисоко место во близината на тој идол и гласно го изобличил слепилото на паганите, бидејќи тие не знаеле на кого му се поклонуваат и кого го почитувале, наместо Бога го почитувале демонот. Луѓето страшно се разбесниле и почнале да фрлаат камења на светиот апостол, но ниту еден камен не паднал врз него, туку сите камења се враќале и ги погодувало оние што ги фрлале. Свети Јован, ги подигнал своите раце кон небото, се помолил на Бога, и одеднаш настанала страшна топлина, од која паднале двесте луѓе и сите умреле. А, останатите, едвај се освестиле од страв, молејќи го светиот апостол да се смилува на нив, зашто ги обзело трепет и ужас. Кога свети Јован, повторно се помолил на Бога, сите мртви оживеале, и сите му се поклониле на Јована, поверувајќи во Господа Христа, и сите се крстиле. И таму, на местото наречено Тихи, светиот апостол исцелил раслаблен човек, кој бил дванаесет години в постела, сите Го прславиле Бога.

Свети Јован извршил многу други чуда и им дал знаци, и таа вест се проширила на секаде, демонот кој живеел во идолот на Артемида, плашејќи се дека и од таму ќе биде протеран од Јована, земал врз себе форма на војник, седнал на повисоко место и плакал. Минувачите го прашувале од каде е и зошто толку плаче. Тој им рекол: Јас сум од Кесарија Палестинска, старешина сум на затворот, пред неколку дена чувавме двајца познати волшебници од Ерусалим: Јован и Прохор, кои беа осудени на смрт за многу лоши дела и утрово требаше да бидат погубени. Но, тие избегаа од оковите и затворот ноќе со помош на нивната магија, а јас паднав во смртна опасност поради нив, и кнезот сака да ме убие наместо нив, го молев кнезот да ме пушти да ги пронајдам, и еве слушам дека тие маѓесници се тука, но нема кој да ми помогне да ги фатам. – Велејќи го тоа, демонот им покажал и писмено убедување за тоа; а им покажал големо ќесе со злато, ветувајќи им дека ќе им го даде на оние што ќе ги погубат тие волшебници.

Слушајќи го тоа, некои од војниците се сожалиле на него, и го поттикнале народот против Јован и Прохор, и кога дошле во домот на Диоскорид, му рекле: „Дај ни ги волшебниците, или ќе ти ја запалиме куќата“. Но, Диоскорид претпочитувал неговиот дом да го изгорат, отколку да им ги предаде светиот апостол и неговиот ученик Прохор. Меѓутоа, светиот апостол Јован, дознал од Духот дека овој народен немир ќе помине во добро, се предал себе и Прохор на таа толпа неверници. Предводени од толпата, тие дошле до храмот на Артемида. Светиот апостол Јован се помолил на Бога, и идолскиот храм одеднаш се разрушил, но никого не повредил. И светиот апостол му рекол на демонот што се наоѓал таму: ‘Тебе ти велам, нечисти демоне, кажи ми колку години живееш овде и дали ти го поттикна овој народ против нас?’ – Демонот одговорил: ‘Јас живеам тука двеста четириесет и девет години и го кренав овој народ против вас!’ – Светиот апостол му рекол: „Во име на Исус од Назарет, ти заповедувам да го напуштиш ова место“. – И веднаш излегол демонот. И сите присутни биле преплашени и сите поверувале во Господ Исус Христос. Јован подигнал големи знамиња, и многу луѓе поверувале во Христа Господа.

Во тоа време, римскиот император Домитијан покренал голем прогон против христијаните, пред него бил обвинет и светиот апостол Јован. Епархот на Асисиј кога го фатил светиот апостол го испратил окован во Рим кај Императорот, каде поради исповедањето Христово најпрво бил жестоко измачуван, а потоа му дал да испие полна чаша со смртоносен отров. Но, според зборовите Христови: „И ако нешто смртоносно испијат, нема да им наштети“ (Мк. 16, 18), отровот не му наштетил, потоа го фрлиле во котел полн со врело масло, но светиот апостол излегол и оттаму неповреден. Присутните луѓе силно извикувале: ‘Голем е христијанскиот Бог!’ – Царот, повеќе не го измачувал светиот апостол Јован, бидејќи го сметале за бесмртен, осудувајќи го да оди во прогонство на островот Патмос, како што му беше рекол Господ на Јован, во сон: „Треба многу да пострадаш и да бидеш протеран на остров, на кој многу им требаш.

Војниците, ги земале Јован и Прохор, и со брод отпловиле. Еден ден за време пловењето, царските благородници седнале да вечераат и по изобилната храна и пијалоци почнале да се веселат. Еден од нив, млад човек, играјќи, паднал од бродот и потонал во морето. Нивната радост се претворила во тага, бидејќи не можеле да му помогнат на паднатиот во морските длабочини. Особено таткото на тоа момче, кој исто така бил на бродот, плачел и се обидел да се фрли во морето но другите го спречиле. Знаејќи ја чудесната моќ на Јован, сите искрено го молеле Јована да им помогне. А, Јован ги прашал сите кој бог почитувале. Еден рекол: Аполон, друг – Зевс, трет – Херкул, некој – Ескулапа, други – Артемида од Ефес. И им рекол светиот апостол: Имате толку многу богови, и ниту еден ваш бог, не може да спаси еден потонат човек! „И така ги оставил во голема тага до следниот ден“. А, следниот ден, светиот апостол се смилувал на удавениот млад човек и во солзи усрдно се помолил на Бога. И, морето веднаш се разбранувало, и едниот бран го исфрлил на обалата од бродот живо младото момче, пред нозете на светиот апостол Јован. Гледајќи го ова, сите се зачудиле а воедно многу и се израдувале на спасеното на младото момче. Од тој момент на Јована, му оддавале голема почит, и веднаш го ослободиле од железните окови.

Една ноќ, непосредно пред полноќ, во морето се подигнала голема бура, и сите од страв се вознемириле, бидејќи бродот почнал да се разбива. Му се обратиле повторно на Јована, молејќи го да им помогне и го измоли својот Бог да ги спаси од погибија. Тој, им заповедал да молчат, и почнал да се моли, бурата веднаш се смирила и завладеал голем мир. – Еден војник на бродот се разболел од страшната морска болест и бил пред умирање; светиот апостол го исцелил. – На бродот останале без вода, а многумина, веќе биле истоштени од жед и голем замор. Светиот апостол Јован му рекол на Прохор: Наполнете ги садовите со морска вода. – И кога садовите ги наполниле, светиот апостол ги благословил велејќи: „Во името на Господ Исус Христос, земете и пијте!“ – Кога ја вкусиле водата, таа била питка и слатка, ја изгаснале својата жедт и се соземале во олеснување. Сите гледајќи ги чудата на свети Јован, се крстиле и решиле да ги ослободат и да одат каде што сакат. Но, тој ги посоветувал да го однесат на одредено место. Пристигнувајќи на островот Патмос, тие му го предале писмото на хегемонот. А, еден близок роднина на хегемонот по име Мирон ги однел Јован и Прохор во својот дом.

Најстариот син на Мирон, Аполониј, имал во себе гатачки демон, кој ја претскажувал иднината; и сите го сметале Аполониј за пророк. Но, кога Свети Јован влегол во домот на Мирон, Аполониј во тој момент исчезнал без траг; побегнал во друг град, плашејќи се дека Јован ќе го прогони духот претскажувачки од него. Кога во домот на Мирон настанала тага за Аполониј, Мирон добил писмо од Аполониј, во кое пишувало дека волшебникот Јован со својата магија го протерал од својот дом, и дека не можел да се врати се додека Јован не биде погубен.

Откако го прочитал ова писмо, Мирон отишол кај својот роднина, и го известил за писмото. Тој го фатил Joвана и сакал да го фрли кај ѕверовите да го изедат. Но, Јован го замолил да му даде малку време и да му дозволи да го испрати својот ученик кај Аполониј, ветувајќи му дека ќе го врати во својот дом. Хегемонот му дозволил да го испрати својот ученик Прохор, а Јован во окови го ставил в затвор. Прохор отишол кај Аполониј носејќи послание од Јован, во кое било напишано: „Јас Јован, апостол на Господ Исус Христос, Синот Божји, му заповедувам на гатачкиот дух кој живее во Аполониј во името на Отецот и Синот и Светиот Дух: да излезе од створението Божјо и никогаш повеќе да не влегува во него, и да оди на остров во безводни места, и никогаш да не биде меѓу луѓе “. – Кога Прохор дошол кај Аполониј со ваква порака, демонот веднаш излегол од него. Аполаниј се освестил и, како да се пробудил од сон, тргнал со Прохор и се вратил во неговиот град. Но, тој не отишол во својот дом, туку побрзал во затворот при Joвана, паѓајќи пред неговите нозе му заблагодарил што го ослободил од нечистиот дух. Кога дознале за враќањето на Аполониј, неговите родители, браќа и роднини сите се радувале, а Јован го ослободиле од затвор. Аполониј, пак, за себе рекол: „Поминаа многу години од оној момент кога јас, одмарајќи се во длабок сон во својот кревет, видов од левата страна на креветот човек што ме тресеше и ме разбуди; тој човек беше поцрн од ќумур, очите му светкаа како свеќи, а јас треперев од страв, и тој ми рече: ‘Отвори ја устата’; Јас ја отворив, и тој влезе во мојата уста и ми ја исполни утробата; и од тој момент тој тоа што ми го направи, ми стана разбирлово и добро и зло, и сè што се случува во мојот дом. А, кога влезе апостолот Христов во нашиот дом, тогаш тој што живееше во мене ми рече: ‘бегај оттука, Аполониј, да не би умрел од свирепа смрт, бидејќи овој човек е волшебник и сака да те убие. И јас веднаш побегнав во друг град. И кога се обидов да се вратам, тој не ми дозволи, велејќи ми: ‘Ако Joван не умре, не можете да живеете во вашиот дом“. Кога Прохор дојде во градот каде што бев и го видов, – нечистиот дух во тој момент излезе од мене на ист начин како што ми влезе во мојата утроба; и одеднаш многу ми олесна, големиот товар кој беше во мене исчезна, се почувствував како да се пробудив од некаков тежок и долг сон! Ја почуствував мојота здрава состојба и здрав дух“.

Кога го слушнаа ова, сите паднале пред нозете на Joван. А тој, ја отворил својата уста и ги учел во верата на нашиот Господ Исус Христос. И поверувале Мирон со својата жена и децата, и сите биле крстени, имало голема радост во домот на Мирон. Потоа, и жената на хегемонот Хрисип, како и ќерка на Мирон, го примија светото крштевање со својот син и сите нивни слуги; нејзиниот маж Лаврентије, како и хегемонот на островот Патмос, сите биле крстени, пристапувајќи да му служат на Бога слободно, свети апостол и Евангелист Јован поминал три години со Прохор во домот на Мирон, проповедајќи го низ целиот остров Словото Божјо. Покрај проповетта, свети Јован Словото Божјо го поткрепувал со многу знаци и чуда преку силата на Господ Исус Христос: лекувал болни и протерувал демони, го разрушил храмот на Аполонов и сите идоли, со еден збор, крсти многумина, преведувајќи ги од нивната вера во Христа Исуса.

На островот Патмос бил некојси гатач по име Кинопс; тој живеел на некое пусто место и над него имало влијание повеќе нечисти духови. Поради многуте илузии што ги извршувал, жителите на островот го сметале за бог. А жреците Аполонови, биле бесни на светиот апостол Јован, кој ги уништил идолите на Аполон и ги преобратил сите луѓе во христијанска вера, отишле кај Кинопс и му се пожалиле за апостолот Христов, молејќи го да му се одмазди за срамот кој го нанел на нивните богови. Но, Кинопс не сакал самиот да оди во градот, бидејќи живеел на некое место многу години без да оди некаде. Сепак, сè повеќе граѓани доаѓале кај Кинопс, со исто барање. Кинопс им ветил, дека ќе испрати злобен демон во домот на Мирон, за да му ја одземе душата на Јован, за да ја предаде на вечниот суд. Следниот ден, Кинопс испратил на Јован еден од кнезовите на злите демони, наредувајќи му да му ја донесе душата Јованова. Пристигнувајќи во домот на Мирон, демонот застанал таму каде што бил апостолот Joван. Кога Јован го видел демонот, му рекол: „Ти заповедувам во името на Исус Христос да не се подмрднеш од тоа место додека не ми кажеш зошто си дошол кај мене“. – Вкочанет од зборот Joванов, демонот му рекол на Јована: „Жреците од Аполон дошле кај Кинопс и го молеле да оди во градот и да ти донесе смрт, но тој ги одбил, велејќи им: ‘Јас живеам на ова место многу години и никаде не сум отишол; сега ли да го нарушам мојот завет поради некој беден и безвреден човек?! Одете си, а јас уште утре ќе го испратам својот демон, и тој ќе му ја земе душата на Јована и ќе ми ја донесе, а јас ќе ја предадам за вечен суд“. – Апостолот Joван го прашал демонот: „Дали Кинопс некогаш те испраќал да одземеш човечка душа и да му ја однесеш кај него?“ – Демонот одговорил: „Целата моќ на сатаната е во него, и тој има договор со нашите кнезови, и ние сме со него, Кинопс нè слуша и ние него го слушаме“. – Тогаш светиот апостол Јован му рекол: „Јас апостолот на Исуса Христа ти заповедам тебе, зли демоне, повеќе да не доаѓаш во близината човечка, ниту пак да се враќаш кај Кинопс, туку да заминеш од овој остров и вечно да се измачуваш. – И демон во тој момент се оддалечи од островот.

Меѓутоа Кинопс, видел да демонот не се вратил, испратил друг; но и тој исто така пострадал. И уште други два демонски кнезови тој исптарил: на едниот му заповедал да влезе при Јована, а другиот да стои надвор, за да му донесе одговор. Влегувајќи при Јована, демонот пострадал исто како и претходните; а другиот демон кој стоел надвор, гледајќи го во неволја својот другар, побегнал кај Кинопс и се му раскажал што се случило. Тоа го разбеснило Кинопс и тој, земајќи огромно мноштво на демони, отишол в град. Целиот град се израдувал откако го видел Кинопс, и сите доаѓале и му се поклонувале. Конопс, го нашол апостолот Јован како ги учи љуѓето, Кинопс страшно се разбеснил и му рекол на народот: „Луѓе слепи, залутавте, послушајте ме! Ако Јован е праведан, и се што тој ви зборува е вистинито, тој нека разговара со мене, и нека направи чуда какви што јас правам, и ќе видите кој е од нас поголем, Јован или јас. Ако тој се покаже поголем од мене, тогаш и јас ќе поверувам во неговите зборови и дела!“

Кинопс се обратил на едно младо момче велејќи му: ‘Момче, твојот татко жив ли е? – Момчлето му одговорило: Умре. – го прашал Кинопс: од каква смрт умре? – Тој му одговорил: Беше морнар, за време на еден бродолом, татко ми се удави’. – Му рекол Кинопс на апостолот Јован: ‘Ајде, Јоване, покажи ја својата сила, за да поверуваме на твојте зборови, доведи го неговиот татко жив’. – Јован му одговорил: „Христос не не испрати мртви од морето да ги подигнуваме, туку оние луѓе кои залутале да ги поучаваме“. – Кинопс му се обратил на присутниот народ: ‘Сега морате да ми поверувате дека Јован е лажливец и ве заведува, фатете го и држете го додека јас не го донесам таткото на ова момче жив’. – И тие го фатиле Јована, а Кинопс ги раширил рацете и плеснал, се чул бранов плисок од морето, сите се иплашиле, а Кинопс постанал невидлив. Сите повикале: ‘Голем си, Кинопсе!’ И оддеднаш излегол Кинопс од морето, држејќи го за раката, таткото на момчето. Сите биле изненадени. Кинопс го прашал момчето: ‘Овој ли е твојот татко? Да, господине!’ Му одговорило момчето! Тогаш сите му се поклониле на Кинопс, и посакале да го убијат Јована. Но Кинопс не им дозволил велејќи им: ‘Кога ќе видете поголеми дела од ова, тогаш нека биде измачуван’.

Потоа, Кинопс повикал друг човек и го прашал: ‘Имаше ли ти син?’ Тој му одговорил: ‘Да, господине, имав, но некој поради завист го уби’. Кинопс гласно го повикал неговиот убиен син по име и неговиот убиец, и тие веднаш се појавиле, го прашал Кинопс човекот: ‘Овој ли е твојот’? ‘Да, господине!’ му одговорил тој. Тогаш Кинопс го прашал Јована: ‘Се радуваш ли на ова, Јоване?’ Светиот апостол Јован му одговорил: ‘Не, јас на такво нешто ниту најмалку не се радувам’. Кинопс на тоа му рекол: ‘И поголеми дела од овие ќе видиш, и тогаш ќе се радуваш, и нема да умреш се додека не те застрашам со дела’. Свети Јован му одговорил на Кинопс: ‘Твоите дела многу брзо ќе се срушат’. Кога ги слушнале овие зборови народот се нафрлил врз Јована и почнале да го удираат се додека на заклучиле дека е мртов. Кинопс му рекол на народот: ‘Оставете го и не го погребувајте, птиците небески нека го разнесат. И сите си заминале од тоа место славејќи го Кинопс.

После тоа Кинопс, дознал дека Јован останал жив и продолжил да го учи народот на местото наречено Каменовалиште, ги повикал демоните кои му помагале да изведува трикови и да повикува мртви. И пак дошол при Јована и му рекол: ‘Сакаш ли да ти приредат уште поголем страм и да те осудуваат, затоа те оставив досега во живот; ајде да одиме на морскиот брег, таму ќе ја видиш мојата сила и ќе те посрамам’. Му пријдоа на Кинопс три демони кој народот ги мислеше дека се луѓе, што ги воскреснал Кинопс од мртвите. Кинопс, силно заплескал со рацете, и влегол под водата во морето, што присутните не можеле да го видат. Народот повикал: ‘Голем си, Кинопсе, и нема друг како тебе’. Јован им заповедал на демоните кои стоеле во облик на луѓе да не се мрдаат од местото. Светиот апостол се помолил на Господа, Кинопс повеќе да не се појави жив, и така станало: оддеднаш морето се разбранувало, и Кинопс повеќе не излегол од морето, останал во морските длабочини, како некогаш египетскиот фараон. А на демоните кои народот ги мислел дека се луге, васкрснати од мртвите, Јован им рекол: ‘Во името на Господ Исус Христос распнатиот и во третиот ден Кој васкрсна, ви заповедувам да го напуштите овој остров’. И тие во тој час исчезнале. Народот останал на брегот три дена и три ноќи чекајќи Кинопс да излезе од морето; останале гладни и жедни некои од нив изнемоштиле лежејќи, а три деца и умреле. Тогаш Јован, се сожалил на народот, се помолил за нивно спасение, им зборувал за верата, и ги васкрснал трите умрени деца, им ги исцелил болните, и сите еднодушно ја примиле верата во Единиот Господ Бог, се крстиле, и разотишле по своите домови славејќи го Распнатиот и Воскреснат Господ Христос Бог. Јован се вратил во домот Миронов, често одел при народот учејќи го во Господа Христа Исуса.

Еднаш, светиот апостол Јован одејќи по патот сретнал болен човек, кој многу страдал од треска, го излекувал со крстниот знак. Тоа го видел еден Евреин по име Филон, и почнал да се расправа со светиот апостолот околу Светото писмо, и го замолил апостолот да дојде во неговиот дом. Сопругата на Филон била лепрозана; таа му се поклонија на апостолот и во тој час се излечила од лепрата, поверувала во Христа. Тогаш поверувал и самиот Филон и двајцата се крстиле како и целиот нивни дом. Тогаш Светиот апостол Јован излегол на плоштадот и луѓето се насобрале да го слушнат спасоносното учење од неговата уста. Дошле и жреци идолски, од кои едниот, искушувајќи го светиот апостол, рекол: ‘Учителе, имам сакат син во двете нозе, ве молам излекувајте го; и ако го излекуваш, тогаш и јас ќе поверувам во Бога Кого го проповедаш.’ – Светиот апостол му рекол: ‘Зошто го искушуваш Бога, Кој го открива лукавството во твоето срце?’ – Откако го рекол тоа, Јован му испратил на неговиот син вакви зборови: „Во име на Христос, мојот Бог, стани и дојди кај мене!“ – И тој веднаш станал и дошол здрав кај светителот; таткото негов, паради ова искушение, во тој час се парализирал во обете нозе, и во голема болка офкајќи паднал на земјата молејќи го светиот апостол: ‘Помилуј ме, светецу Божји, исцели ме во име на Господ Исус Христос, твојот Бог, затоа што верувам дека нема друг Бог освен Него. – Допрен од молитвата, светиот апостол Јован го исцелил жрецот и откако го научи во верата, го крстил во името на Исус Христос.

Следниот ден, Joван дошол на местото каде што лежел човекот кој страдал од водена болест и кој бил приковен за кревет седумнаесет години. Апостолот го исцелил со еден збор и го просветил со светото крштевање. Истиот ден, еден човек бил испратен по Joвана, зетот на Мирон, по име Лаврентие, кој постанал хегемон во градот, и го молел апостолот да дојде во неговиот дом; жената хегемонова, била бремена, и и дошол часот да се породи, но таа многу страдала, не можејќи да се породи. Апостолот набрзо дошол и штом стапнал на прагот, жената во тој момент се породила, и нејзината болка исчезнала. Гледајќи го ова, хегемонот поверувал во Христа и се крстиле сите во својот дом.

Откако одживеал таму три години, апостолот Јован отишол во друг град, оддалечен педесет стадии, чии жители биле засенети од мракот на идолопоклонството. Кога влегол во градот, видел луѓе како организираат празник на демоните, а, таму имало и неколку врзани момчиња. Joван прашал еден од оние кои стоеле таму: ‘Зошто се врзани овие момчиња?’ – Човекот му одговорил: ‘Имаме голем кум, за кого го организираме празникот; и како жртва, овие момчиња ќе бидат заклани за него.’ – Joван го замолил човекот да му го покаже нивниот бог. Човекот му рекол: ‘Ако сакаш да го видиш, почекај до десет часот и ќе ги видиш жреците каде одат со народот до местото каде што се појавува Бог; оди со нив и ќе го видиш богот на волкот.’ – Joван му рекол: ‘Гледам дека си добар човек, а јас сум странец; те молам, однеси ме на тоа место, бидејќи копнеам да го видам вашиот бог; и ако ми го покажеш, ќе ти дадам скапоцен бисер’. – Човекот го повел Joвана и му го покажал мочуриштето, преполно со кал и вода, и му рекол: Оттука, нашиот бог, волкот излегува и им се покажува на луѓето’. – И, Јован го чекал појавувањето на тој бог; и ете, се појавил во десет часот демон, кој излегол од водата во форма на огромен волк. Запирајќи го во името на Господ Христос, светиот апостол Јован го прашал: ‘Колку години живееш овде?’ – ѓаволот одговорил ‘седумдесет години’. Апостол Христов му рекол: „Ти заповедувам во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, оди од овој остров и никогаш не враќај се овде“. – И ѓаволот во тој час исчезнал. Човекот, гледајќи го сето ова, многу се исплашил и паднал пред нозете на светиот апостол. Апостолот го поучил во светата вера и му рекол: Ете, ти од мене денес прими бисер, кој ти го ветив. – Во тоа време, пристигнале и жреците на тоа место со врзаните момчиња, држејќи ножеви во своите раце, и огромна маса на народ со нив. И долго чекале да се појави волкот, за да ги заколат младите како храна. По долго чекање, Joван им се обратил со молба да ги ослободат невините момчиња и им рекол: ‘Вашиот бог волкот веќе го нема; тоа беше демон, и силата на Исус Христос го протера’. – И тие, дознавајќи дека волкот повеќе го нема, се исплашиле; потоа, долго време го барале својот бог но не го нашле, ги ослободиле момчињата живи и здрави. А, светиот апостол Јован отпочнал да им го проповеда Евангелието Христово и да ги прекорува за нивниот грев; многумина поверувале и се крстиле.

Во тој град имало бања. Еднаш, синот на жрецот Зевс се бањал во него, и ѓаволот кој бил во бањата, го удавил. Кога дознал за тоа, неговиот татко во голем плач дошол при светиот апостол Јован, молејќи го да му помогне на неговиот син и ветувајќи дека тој самиот ќе поверува во Христа. Светиот апостол отишол со него на местото и во името Христово го оживеал мртвиот негов син. И го прашал младиот човек која била причината за неговата смрт. Младиот човек му одговорил: ‘Кога се бањав во бањата, еден црнец излезе од водата, ме грабна и ме удави’. – Дознавајќи дека во таа бања живее демон, светиот апостол го повикал и со клетва го прашал: ‘Кој си ти и зошто живееш тука?’ – Демонот одговорил: ‘Јас сум тој што ти ме избрка од бањата во Ефес и сега живеам тука веќе шест години, повредувајќи луѓе’. – Светиот апостол го протерал и од овој регион. Кога жрецот го видел тоа, поверувал во Христа и се крстил со својот син и целиот негов дом.

После тоа, Јован излегол на плоштадот и целиот народ излегол да го чуе Божјото Слово од Јовановата уста. И ете, некоја жена паднала пред неговите нозе на апостолот, плачејќи го молела да и го излечи синот кој бил зафатен од ѓаволот, и таа веќе им го дала на лекарите целиот свој имот, но лек за нејзиниот син не се наоѓал. Светиот апостол им заповедал да го донесат синот нејзин кај него и штом гласниците му рекле на човекот дека: „Јован те повикува“, во тој момент ѓаволот излегол од него, а тој, потполно здрав дошол кај апостолот, многумина поверувале во Христа и Јован ги крстил сите заедно со синот и неговата мајка.

Во истиот град се наоѓал славниот храм на идолот на Бахус, кој идолопоклониците го нарекувале „татко на слободата“. Собирајќи се таму за неговиот празник со храна и пијалоци, мажите и жените се веселеле; и опивајќи се, вршеле големи беззаконија во чест на својот пагански бог. Доаѓајќи таму за време на празникот, свети Јован ги прекорувал за таквата нивна грозоморна прослава; жреците, кои биле во голем број, го фатиле апостолот и почнале да го удираат, потоа го врзале и го фрлиле на некое осамено место, и повторно ја продолжиле нивната паганска игра. Светиот апостол Јован се молел на Бога, да не го дозволува тоа беззаконие! Во тој момент, идолскиот храм се срушил до темели, ги убил сите жреци, додека останатите присутни се исплашиле и го молеле светиот апостол Јован да не ги убива нив.

Во тој град имало некој познат волшебник по име Нукијан. Кога дознал за разрушеиот идолскиот храм и за смртта на жреците, тој се разбеснал и кога дошол при свети Јован, му рекол: ‘Не направи добро што го разруши храмот на Бахус и што ги уби неговите жреци; поради тоа сите се многу лути на тебе; но, те молам да ги воскреснеш како што го воскресна синот на жрецот во бањата, тогаш и јас ќе поверувам во твојот Бог’. – Светиот апостол Јован му одговорил: ‘Причината за нивната смрт беше нивното беззаконие; затоа тие не се достојни да живеат, но нека страдаат во пеколот’. – Нукијан на тоа му рекол: ‘Ако не можеш да ги воскреснеш, тогаш јас ќе ги воскреснам тие жреци и ќе изградам храм во името на моите богови, но ти нема да ја избегнеш смртта’. – Откако го рекол тоа, тие си разотишле. Јован отишол да го поучува народот, а Нукијан отишол кај разурнатиот храм и откако го посетил, се појавиле дванаесет демони во облик на убиените жреци, на кои тој им заповедал да го пронајдат и да го убијат Јована. Но, демоните му рекле: ‘Невозможно е, ние ниту да го убиеме, ниту да му се приближиме таму каде што е; ако сакате Joван да умре, оди и доведи го народот, народот да не види, и кога ќе не видат тие ќе збеснат и тие ќе го убијат’. – Нукијан отишол, и го поттикнал народот кој го слушал учењето на свети Јован, и со силен глас извикал: ‘О, неразумни! зошто дозволувате овој странец да ве мами, кој го уништи вашио храм со жреците, кој ќе ве погуби и вас ако го слушате? Дојдете со мене и видете ги вашите жреци, кои јас ги воскреснав; Ќе ви го изградам и вашиот разрушен храм пред вашите очи, кое Јован не може тоа да го направи’. – И сите како да беа без свест појдоа по него оставајќи го Јована. Светиот апостол, со Прохор по друг пат, пристигнале пред нив на местото каде што биле демоните во облик на воскреснатите жреци. А, демоните, кога го виделе Joвана, исчезнале. Кога дошол Нукијан со народот и не ги нашол демоните, бил многу тажен, па повторно почнал да кружи околу разурнатиот храм, повикувајќи ги демоните, но немало никаков успех. И кога се спуштила ноќта, разбеснатиот народ сакал да го убие Нукијан, кој ги измамил. Некои предложиле: ‘Да го фатиме Нукијан и да го одведеме при Joван, и што Јован ќе ни каже тоа ќе направиме. – Кога го чул тоа свети Јован, дошол пред нив на претходното место. А народот, доведувајќи го Нукијан пред свети Јован, му рекол: ‘Овој измамник и твој непријател смислил план да те убие; ние, ќе го направиме тоа со него што ти ќе ни го кажеш’. – Светиот апостол Јова им рекол: ‘Пуштете го, нека се покае’.

Следниот ден, Јован повторно го учел народот во верата Христова, многумина од нив, поверувале, го молеле Јована да ги крсти. И кога Јован ги довел до реката, Нукијан преку магија, ја претворил водата во крв. Свети Јован со молитва го ослепил Нукијана и водата повторно станала чиста, и ги крстил сите кои беа поверувале. Поразен, Нукијан дошол на себе и искрено се покајал, го молел светиот апостол да биде милостив кон него. Гледајќи го покајанието на Нукијан, доволно го научил во верата, и светиот апостол го крстил, Нукијан во тој момент му се отвориле очите и го донел светиот апостол Јован во неговиот дом. Кога Јован, влегол во домот на Нукијан, сите идоли што биле во неговиот дом одеднаш паднале и се претвориле во прашина. Гледајќи го ова чудо, семејството на Нукијан се исплашило, и поверувале во Христа, а подоцна и се крстиле.

Во тој град имало некоја богата и убава вдовица по име Проклианија. Имала многу личен син по име Сосипатр, таа по дејство на ѓаволот се вљубила во синот и се обидела на сите можни начини да го убеди на беззаконие. Но, синот, бил разумен, и многу ја мразел својата мајка, поради тоа нејзино лудило, избегал од кај неа и дошол на местото каде што светиот апостол Јован го поучувал народот и тој со задоволство го слушал од апостолот Божјото Слово. На свети Јован, Светиот Дух веќе му беше открил сè што и се случувало на Сосипатр, го зел насамо Сосипатр и го советувал да ја почитува својата мајка, само да не ја слуша во беззаконието и да не кажува никому за тоа, туку да го сокрие гревот на неговата мајка. Сосипатар не сакал да се врати во својот дом кај својата мајка; сепак, Проклианија, наоѓајќи го на четвртиот ден, со сила го грабнала за неговата облека и го влечела до дома. На тој вик се појавил хегемонот, кој неодамна дошол во тој град и побарал причина зошто жената така се однесувала со младото момче. Мајката, криејќи ја својата грешна намера, го обвинила својот син дека тој сакал да ја обљуби; и при тоа таа почнала да си ја корни својата коса плачејќи гласно. Кога го слушнал тоа, хегемонот поверувал во лагите и го осудил невиниот Сосипатр да го сошијат во кожена вреќа полна со смртоносни змии и така да го фрлат во морето. Кога дознал за тоа, светиот апостол Јован дошол кај хегемонот, прекорувајќи го за неправедната осуда, затоа што не го испитал правилно целиот настан, и го осудил на смрт невиното младо момче. Проклианија клеветејќи го и свети Јован рекла: ‘Овој измамник го научи мојот син на такво зло’. – Хегемонот заповедал и Јована да го сашијат во истата вреќа заедно со Сосипатр да ги фрлат во морето. Но, светиот апостол се помолил на Господа и одеднаш земјата почнала да се тресе, а раката на хегемонот се исушила со која ја потпишал пресудата против светиот апостол; На Проклианија, пак, и се исушиле и двете раце и и се превртеле очите. Кога тоа го видел, судијата се преплашил и сите присутни од страв паднале. Судијата го молел Јована, да го помилува и да му ја излекува исушената рака. А, светиот апостол Јован, откако го поучил на праведен суд и во верата во Христа, го исцелил и го крстил во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. И така, невиниот Сосипатр се избавил и од искушението и смртта, а судијата го спознал вистинскиот Бог. Проклианија побегнала од страв во својот дом, носејќи ја врз себе Божјата казна. Меѓутоа, апостолот го зел со себе Сосипатр и отишол во нејзиниот дом. Сосипатр не сакал да отиде кај својата мајка, но светиот Јован го поучил на незлобивост и го уверувал дека повеќе нема да чуе ништо безаконо од својата мајка, бидејќи таа веќе постанала вцеломудрена. Така навистина и биднало. Бидејќи кога Јован и Сосипатр влегле во нејзиниот дом, Проклинија веднаш паднала пред нозете на апостолот, со плач исповедајќи се и каејќи се за своите гревови.

Исцелувајќи ја од фатеноста ја поучил во верата и целомудрието, апостолот ја крстил со целото нејзино семејство. И така, примајќи ја верата во Христа, Проклианија ги поминала своите денови во големо покајание. Во тоа време, царот Домитијан бил убиен. И по него на римскиот престол дошол Нерва, многу добар човек; ги ослободил сите кои биле во заробеништво. Тогаш светиот апостол Јован бил ослободен од заточеништво и намислил да се врати во Ефес, бидејќи целиот народ на Патмос го беше покрстил и вовел во христијанството. Кога христијаните дознале за намерата на свети Јован, го молеле да не ги остава. Бидејќи светиот апостол не сакал да остане, туку сакал да се врати во Ефес, тие го молеле барем да им го остави Евангелието како спомен на неговото учење, што тој го беше напиша таму. Еднаш, поттикнат од Божјата промисла, во пост и наложувајќи му на сите да постат, го зел со себе својот ученик Прохор и го напуштил градот, отишол на блиската планина, каде поминал три дена во молитва. А после третиот ден се појавила страшна грмотевица со молњи, сите планини се треселе; Прохор паднал на земјата од страв. Свртувајќи се кон него, Јован го подигнал, го поставил од десната страна и му рекол: „Напиши се што ќе чуеш од мојата уста“. И, подигнувајќи ги очите кон небото, тој повторно се помолил, а по молитвата почнал да зборува: „Во почетокот беше Словото“ итн. Ученикот внимателно запишал сè што чул од устата негова; и така било напишано Светото Евангелие, кое апостолот, слегувајќи од планината, му заповедал на Прохор одново да го препише. Светиот апостол Јован се согласил да го остави преписот на христијаните во Патмос, согласно на нивното барање, а оригиналот го задржал кај себе. На тој ист остров, светиот апостол и Евангелист Јован го напишал и Откровението.

Пред неговото заминување од островот Патмос, Свети Јован ги посетил сите околни градови и села, утврдувајќи ги браќата во верата; му се случило да биде во едно село каде живеел жрец на Зевс по име Евхарис, кој имал слеп син. Овој жрец долго време сакал да го види Joвана. Кога дознал дека Јован дошол во неговото село, тој побрзал кај него, молејќи го да дојде во неговиот дом и да го излечи неговиот син. Апостолот Јован гледајќи дека ги придобива душите на луѓето, отишол во домот на жрецот и му рекол на неговиот слеп син: „Во името на мојот Господ Исус Христос, прогледај!“. – и тој, во тој час ги отворил очите. Гледајќи го ова, Евхарис поверувал во Христа и се крстил со својот син. И во сите градови на тој остров, Свети Јован ги утврдил светите цркви, и назначил епископи и свештеници; и откако им дал доволно упатства на жителите, ги поздравил сите и се вратил во Ефес. Верните го следеле со плач, не сакајќи да изгубат такво сонце кое со своето учење ја просветлил целата нивна земја; светиот апостол Јован се качил на бродот и, давајќи им благослов со мир на сите, отпловил по својот пат. Кога пристигнал во Ефес, верниците го пречекале со неискажива радост, восклинувајќи и велејќи: ‘Благословен е оној кој доаѓа во името Господово’! – Го примиле со голема почаст. Додека таму престојувал, тој не престанал да работи, секогаш ги поучувал луѓето упатувајќи ги по патот на спасението.

Не треба да се премолчи ниту она за тоа што вели Климент Александриски за светиот апостол Јован. Кога апостолот ги обиколувал градовите во Азија, во еден град видел едно момче, расположен во душата за добри дела; тој го поучил во верата и го крстил. Имајќи намера да отпатува оттаму да го проповеда Евангелието, тој го доверил ова момче пред сите на епископот од тој град да го учи на секое добро дело. Земајќи го момчето, епископот го научил на Светото Писмо, но не се грижел за него како што треба, ниту му дал воспитување какво што било потребно на млад човек, туку го препуштил самиот на себе. Набргу, момчето започнал да води лош живот, се опивал и крадел. Потоа се здружил со разбојници; тие го придобиле, и го одвеле во пустина и планински предели, го поставиле за нивни арамбаша (водач) и извршувале грабежи по патиштата. По некое време, светиот апостол Јован, се вратил во тој град, и слушнал за тоа момче дека постанал разбојник, па му рекол на епископот: ‘Врати ми го богатството кое ти го предадов на чување, како во верни раце; вратете ми го она момче кое ти го доверив пред сите да го научиш на стравот Божји’. – Епископот во солзи му одговорил: ‘Тој млад човек загина, умре со душата а со телото врши грабежи по патиштата’. – Јован му рекол на епископот: ‘Дали така се чува душата на својот брат? Дај ми коњ и придружник да одам и да го барам оној што си го погубил’. – Кога Јован дошол кај разбојниците, ги замолил да го однесат кај нивниот арамбаша (водач), што тие тоа и го направиле. Момчето, кога го видел го светиот Јован, се засрамил, скокнал и побегнал во пустината. Меѓутоа, свети Јован, заборавајќи на својата старост, отишол по него, извикувајќи: ‘Сине мој, врати се кај својот татко и не се разочарувај од својот пад; твоите гревови ќе ги преземам врз себе; затоа застани и почекај ме, бидејќи Господ ме испрати кај тебе’. – Момчето застанало, па со трепет и голем срам паднал пред нозете на светиот апостол, не осмелувајќи се да го погледне во лице. А светиот апостол, прегрнувајќи го со родителска љубов, го бакнал, го земал со себе и со голема радост го одвел во градот, бидејќи ја нашол изгубената овца. Долго тој го поучувал, упатувајќи го на покајание; момчето, искрено трудејќи се на покајание, му угодил на Бога, и откако добил простување на гревовите, постанал пример на сите.

Во тоа време некој христијанин кој паднал во голема сиромаштија, и немал со што да ги исплати долговите на своите доверители; во големо разочарување тој намислил да се самоубие и побарал од еден еврејскиот жрец да му даде смртоносен отров за да испие. Тој, непријател на христијаните а пријател на демоните, му го исполнил неговото барање: му дал смртоносен пијалок. Христијанинот, пак, земајќи го смртоносниот отров, отишол во својот дом, и по патот размислувајќи и стравот ја заседнал неговата душа, не знаејќи што да прави. На крајот, се прекрстил и ја осенил чашата со крсниот знак, го испил отровот, но отровот не му наштетило ни најмалку, бидејќи крстниот знак го одзел целиот отров од напитокот. Тој многу се изненадил што останал жив и не чувствувал никаква повреда. Но, и понатака прогонуван од доверителите, тој повторно отишол кај евреинот, и побарал да му го даде најсилниот отров. Евреинот се зачудил кога го видел жив па му дал најсилен отров. Откако го примил отровот, човекот повторно дошол во својот дом. И долго размислувајќи пред да го испие отровот, тој повторно се прекрстил и ја осенил чашата со светиот знак од крстот и ја испил, но овој пат отровот не му наштетил. По трет пат отишол кај евреинот и му се покажал не повреден, жив; и му се подсмевал на еврејинот дека бил невешт во својот занает. А евреинот, се исплашил, прашувајќи го што правел кога го пиел отровот. Тој му одговорил: Ништо, само ќе се прекрстев и ја осенував чашата светиот крсни знак. Евреинот ја дознал силата на светиот крст, кој ја отргнал смртта; и сакајќи тоа да го провери, тој истиот отров го дал на своето куче, и кучето штом го вкусил отровот во тој момент умрело. Гледајќи го тоа, евреинот со христијанинот отишол при апостолот и му раскажал за се што се случило. Светиот апостол го поучил евреинот во верата Христова, и го крстил, а на тој сиромав христијанин му заповедал да донесе една шака сено, и апостолот со крсниот знак и со молита сеното се претворило во злато, му заповедал со тоа злато да си го исплати својот долг на доверителите, а со остатокот да си го издржува својот дом. Потоа светиот апостол одново се вратил во Ефес, и живеел во домот на Домна, огромно мноштво на луѓе поверувале во Христа а апостолот сето тоа го потврдувал со големи чуда.

Кога светиот апостол бил повеќе од сто година, излегол од домот на Домна со седумте свои ученици, и кога дошол до едно место им заповедал да седнат; било наутро, и тој, Оддалечувајќи се од своите ученици колку што може со камен да се фрли, се помолил на Господа. Потоа учениците по негова желба ископале крстообразен гроб; и тој им заповедал: Прохор да оди во Ерусалим и таму да остане до својата смрт. И откако ги поучил своите ученици ги целивал, светиот апостол им рекол: „Земете од земјата, која е моја мајка, и покријте ме со нејзе. – И откако го целивале неговите ученици го покриле до колената; и повторно го целивале, го покриле до главата, а на лицето му ставиле покривка; и по трет пат го целивале, во голем плач го покриле потполно. Кога чуле браќата во градот, дошле и го раскопале гробот, но ништо во гробот не нашле, много плакале; потоа, се помолиле, и се вратиле во градот. Секоја година, во осмиот дан од месецот мај, излегувало од неговиот гроб некаков ситен прав, мирислав и лековит, и во молитва кон светиот апостол Јован дава исцелување на болните, во слава на Бога, во Светата Троица прославениот низ сите векови. Амин.

 

Превел од руски
Отец Митко Попоски
На 29 Ноември 2020
Виндзор, Канада