“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
Светиот апостол и Евангелист Лука
31. Октомври
Свети апостол и Евангелист Лука, бил роден во Антиохија во Сирија, по потекло македонец (Link). Во младоста изучувал: филозофија, медицина и сликарство. Течно зборувал повеќе јазици, како и мајчиниот македонски, кој одлично ја познавал македонската писменост Коине. Во времето на Господ Исус, Лука од Антиохија се преселил во Ерусалим.
Живеејќи како човек меѓу луѓето, Господ Исус го посеал божественото семе на Неговото спасоносно учење, а срцето на Лука било добра почва за тоа небесно семе. И тоа никнало во него, никнало и дало стократен плот. Бидејќи Лука, гледајќи го Спасителот лице в лице и слушајќи го Неговото божествено учење, бил исполнет со божествена мудрост и божествено знаење, што не му го дало ниту едно училиште: тој го познал вистинскиот Бог, верувал во Него и бил вклучен во седумдесетте апостоли, кои биле испратени по светот да го проповедаат Словото Божјо. Светиот апостол Лука, самиот зборува за ова во своето Евангелие: „Господ назначи и други седумдесет и ги испрати пред Себе по двајца во секој град и место, каде што и Сам сакаше да оди“ (Лука 10: 1).
Светиот апостол и Евангелист Лука, вооружен од Господ со моќ да го проповеда евангелието поткрепено со многу чуда, одел „пред лицето“ на Господ Исус Христос, проповедајќи го светото Слово, подготвувајќи го патот за Господ и убедувајќи ги луѓето дека се очекува Христос повторно да дојде во светот.
Во последните денови од земниот живот на Спасителот, кога Божествениот Пастир бил изложен на страшни измачувања, Неговите ученици се беа разбегале од страв. Во тоа време, и светиот апостол Лука бил во Ерусалим, тагувајќи и плачејќи за својот Господ, кој доброволно страдал за човековото спасение. Но, неговата тага наскоро се претворила во голема радост: зашто воскреснатиот Господ, на самиот ден од Неговото Воскресение, им се јавил на двајцата патници Клеопа и Лука, кога оделе во Емаус и нивните срца се исполниле со вечна радост, бидејќи Тој самиот им зборувал детално за Своето Евангелие (Лука 24, 13-35).
По слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, Светиот апостол Лука останал некое време заедно со другите апостоли во Ерусалим, а потоа заминал во Антиохија, каде веќе имало голем број христијани. На тоа патување, тој останал во Себастија, каде што почивале нераспадливите мошти на Свети Јован Крстител, проповедајќи го Евангелието на спасението.
Почнувајќи од Себастија, свети Лука посакал да ги земе светите мошти на свети Јован Крстител и да ги пренесе во Антиохија, но тамошните христијани не му дозволиле, не се согласиле да останат без таква скапоцена светост. Сепак му дозволиле, свети Лука да ја земе десната рака на светиот Јован Крстител, под која Господ ја приклонил Божествената глава на крштевањето од Јована. Со такво скапоцено богатство, на голема радост на христијаните, свети Лука пристигнал во својата татковина Антиохија. За кратко време свети Лука ја напуштил Антиохија и станал соработник и придружник на светиот апостол Павле. Ова се случило за време на второто мисионерско патување на светиот апостол Павле. Тогаш свети Лука отпатувал со апостол Павле во Македонија да го проповеда Христовото евангелие. Свети Павле го остава свети Лука во македонскиот град Филипи, да ја одржува веќе осниваната и организирана Црква. Светиот апостол и Евангелист Лука останал во Македонија (Link) неколку години (Дела 20: 6), проповедајќи и ширејќи го христијанството.
Кога свети Павле повторно го посетил Филипи на крајот од неговото трето апостолско патување, тој го испратил Лука во Солун како и во Троада да собере милостина за сиромашните христијани во Палестина. Собраната милостина, свети апостол Лука и светиот апостол Павле ја однеле во Палестина, по патот посетувајќи ги веќе осниваните Цркви, кои се наоѓале на островите на Архипелагот, на бреговите од Мала Азија, во Феникија и Јудеја. Кога апостол Павле беше фатен и под стража одведен во палестинскиот град Кесарија, Лука останал покрај него. Тој не го напуштил апостол Павле дури и кога бил испратен во Рим, во дворот на римскиот Император. Заедно со апостол Павле, ги издржале сите тешкотии при патувањето по море, изложени на големи опасности (Дела 27 и 28).
Пристигнувајќи во Рим, Лука бил секогаш покрај апостолот Павле, и заедно со Марко, Аристарх и некои други придружници на големиот апостол, го проповедале Христа во главениот град на Империјата. Во Рим, свети апостол Лука ги напишал и своето свето Евангелие и Делата на светите Апостоли. Во светото Евангелие тој го опишува животот и делото на Господ Исус Христос и не само врз основа на она што тој самиот го видел и чул, туку имал предвид и на сè што било предадено од „првите очевидци и служители на Словото“. (Лука 1: 2) Ова свето напишано дело, светиот апостол Лука го предал на апостолот Павле, кој ги потврдил и одобрил и светото Евангелие и Делата на светите апостоли напишани од светиот апостол и Евангелист Лука.
По две години заробеништво во Рим, светиот апостол Павле бива ослободен. Тој најпрвин во Рим посетил некои цркви кои порано ги оснивал. И, за време на тоа патување, Лука секогаш го придружувал. Но по кратко време царот Нерон во жестоките прогонства на христијаните во Рим повторно бил фатен апостолот Павле и фрлен во ланци затвор. И во тие тешки моменти Лука непрестано бил покрај својот учител.
Светиот апостол Лука бил очевидец на мачеништвото на светиот апостол Павле во Рим. По преселувањето во вечноста на светиот апостол Павле, апостолот Лука продолжил да го проповеда Господа Христа низ римската Империја. Потоа преку Галија и Далмација, доаѓа во Македонија, каде што останал седум години. Покрај Филипи, Солун и Троада, често пати заминувал да проповеда и да организира и други цркви низ повеќе места во Македонија, како и во соседна Ахаја.
Во постари години, светиот апостол Лука повторно го посетил Египет, утврдувајќи ги црквите Христови. Таму, доживеал многу потешкотии, ја посетил и далечната Тиваида носејќи им ја светлината на Христовото Евангелие. Во градот Александрија го поставил за епископ Авила, каде што претходно Ананија, бил поставен од светиот евангелист Марко. Сите овие патувања на светиот апостол Лука биле пропратени поставувајќи свештеници и ѓакони како и со големи чуда лекувајќи болни.
Светиот апостол и Евангелист Лука на осумдесет и четири годишна возраст злобните идолопоклоници го обесиле на маслиново дрво во градот Теба (= Теба). Неговото чесно тело христијаните го погребале во Теба, градот, каде што беше направил многу чуда. Неговите свети мошти се наоѓале таму сè до втората половина на четвртиот век, кога биле пренесени во Цариград, во времето на императорот Констанциј.
До четвртиот век, местото каде што почивале чесните мошти на светиот апостол и Евангелист Лука станало особено познато, кои биле целебни. Доаѓале многумина кои дознавале за божествената целебност. Дознал и императорот Констанциј, така да, го испратил својот Египетски поданик, Артемида, да ги пренесе моштите на свети Лука во Цариград, кое пренесување било извршено многу свечено. Во времето на пренесувањето на светите мошти од морскиот брег во светиот храм, се случило вакво чудо. Некој си Евнух од Анадолија, кој служел во кралскиот двор, бил болен долго време од неизлечива болест. Тој, потрошил многу пари на лекари, но не добил лекување. И кога слушнал дека светите мошти на светиот апостол Лука се носат во градот, тој отпочнал со чисто срце и со силна вера да се моли на светиот апостол и евангелист за исцелување. Едвам, станувајќи од својот кревет, им заповедал на своите поданици да го одведат и да го пречека и тој ковчегот со моштите на светиот апостол Лука. И кога го довеле до ковчегот, тој им се поклонил на светите мошти и со силна вера се допрел до ковчегот, во тој момент добил целосно заздравување и тоа совршено потполно здрав. Го ставил на своите рамена ковчегот со светите мошти и го носел со другите верни се до храмот на светите апостоли, каде што моштите на свети Лука биле поставени до моштите на светите апостоли: Андреј и Тимотеј.
Старите црковни писатели сведочат дека свети апостол Лука, по набожната молба на локалните христијани, ја насликал иконата на Пресвета Богородица со малиот Господ Исус во нејзините раце, не една туку три и ги донел на Пресветата Богородица. Таа гледајќи ги, рекла: Благодатта на Родениот од мене и мојата, нека бидат со овие икони.
Светиот апостол Лука ги насликал и иконите на светите апостоли Петар и Павле. Со што, светиот апостол и Евангелист Лука го воспоставил почетокот на црковното сликарство на светите икони, во слава на Бога, на Пресвета Богородица и на сите светители, воедно и на велелепните украси и сликања на светите цркви. Амин.
Подготви,
Отец Митко Попоски
31. Октомври 2021
Виндзор, ОН. Канада