“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
Св. апостол и Евангелист Марко
8. Мај 2021
Светиот апостол и Евангелист Марко, се нарекувал и Јован, и е еден од седумдесетте апостоли на Господ Исус Христос. Тој бил евреин, левит – од потомците свештенослужители при храмот. Древните податоци ништо не кажуваат за неговиот татко, по се изгледа дека тој починал додека Марко бил мал.
Во книгата “Дела на светите апостоли” се спомнува мајката на светиот Евангелист Марко. Од Дела ап. 12:12 дознаваме, дека таа се викала Марија и дека имала куќа во Ерусалим. Во таа куќа отишол св. апостол Петар, откако на чудесен начин бил ослободен од затворот, избегнувајќи ги измачувањата на Ирод Агрипа. Во куќата на Марија, апостолот во тој момент нашол мнозина христијани, собрани на молитва.
Според едно древно црковно предание во таа куќа Исус Христос ја извршил Тајната вечера со Своите учениците, во неа Тој се јавил на апостолите после Своето воскресение, во неа биле собрани апостолите, кога Светиот Дух слегол врз нив на денот Педесетница, како и во истата куќа првите христијани се собирале на молитва.
Светиот апостол и Евангелист Марко, му бил сопатник и помошник на апостолот Петар. Светиот апостол Петар, во своето Прво послание, Марко го нарекува син свој, не син по тело туку по дух.
Марко во 44 г. бил во Рим со Петар, а некое време Евангелистот Марко бил сопатник и помошник и на св. ап. Павле. Тој го е придружавал Павле, за време на првото мисионерско патување. Во 47–48 г. бил со него и на островот Кипар.
При второто одење во Рим 62-63 г. св. Ап. Петар бил во затвор, верните го замолиле Марко да им ја запише спасоносната наука на Господ Исус Христос, Неговите чуда и Неговиот живот. Така го напишал Светото Евангелие, кое што го видел и ја посведочил вистината и самиот апостол Петар.
Петар, го поставил Марко за епископ и го испратил на проповед во Египет. Така тој бил првиот проповедник на Евангелието и првиот епископ во Египет. Египет бил сиот притиснат од густиот мрак на незнабоштвото, гатањето и злобата. Со Божја помош Свети Марко успеал да го посее семето на Христовата наука низ Либија, Амоникија и Пентапол. Од Пентапол, воден од Духот Божји, дошол во Александрија. Таму ја основал Црквата Божја, поставил епископ, свештеници и ѓакони и сè добро утврдил во благочестивата вера.
Својата проповед ја потврдувал со големи и многубројни чуда. Кога незнабошците подигнале обвиненија против него, како против разорувач на нивната идолопоклонска вера, градоначалникот почнал да трага по него, тој побегнал повторно во Пентапол и таму продолжил да го утврдува своето поранешно дело. После две години, Свети Марко, на голема радост на верните чиј што број во меѓувреме се умножил, се вратил во Александрија. Таму го фатиле незнабошците, врзан го влечеле по калдрмите викајќи: „Да го повлечеме волот во оборот!“ Сиот ранет и искрвавен го фрлиле во затвор. Овде најнапред му се јавил Ангел небесен го храбрел и го крепнел. Потоа му се јавил Самиот Господ Исус и му рекол: „Мир на тебе, евангелисту Мој!“ А Марко Му одговорил: „И на тебе, Господи мој, Исусе Христе!“ Утредента злочестивите луѓе го извлекле од затворот и повторно го влечеле по улиците, извикувајќи го истото: „Да го повлечеме волот во оборот!“ Сиот измачен и истоштен Свети Марко изустил: „Во Твоите раце, Господи, го предавам мојот дух!“ и го испуштил својот дух.
Неговите свети мошти биле чесно погребани од христијаните. Низ вековите им даваат исцеленија на луѓето од маките и од болестите. Моштите на св. Евангелист Марко биле нарекувани “Прво покровителство во Александрија”. Во 827 г. моштите биле пренесени од венециански трговци во Венеција. На местото, каде биле положени, во десетиот век бил изграден величествен храм во негово име. Евангелистот Марко и денес се смета за покровител на Венеција.
Подготви:
Отец Митко Попоски