“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
На ВЕЛИГДЕН во Виндзор, Канада
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ ! ….. НАВИСТИНА ВОСКРЕСЕ !
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ ! ….. НАВИСТИНА ВОСКРЕСЕ !
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ ! ….. НАВИСТИНА ВОСКРЕСЕ !
“…Ете, тоа – воскресението, на апостолите им даваше сила да истраат во тие страдални дни! Тоа христијаните ги крепеше низ сите времиња да поднесуваат и најголеми искушенија! Тоа и нам денес ни е најголема надеж и незаменлива утеха! – Цркво Христова, ти мало стадо, во тоа е и твојата сила со која цареви си победувала и царства си покорувала; со таа сила, силни си обессилувала и моќници си смирувала!…“
“Вашите срца нека се исполнат со искрено покајание, та да се укрепите во доблеста и праведноста и да ја почувствувате постојаната радост во нашиот Господ…“
Возљубени празникољупци,
Христовото воскресение е основа на спасението, тоа е најголемиот и најрадосен настан во историјата. И, ако има ден за радување меѓу сите денови – тоа е Денот на Христовото Воскресение; ако има празник над сите празнувања, тоа е Празникот над празниците – Велигден.
Воскресението е Чудо над сите чуда, Дар над сите дарови и Благослов над сите благослови, кои ни се дадени од небесата. Тоа е Тајна над тајните, која била чуена, видена и со раце допрена. Тоа е Торжество над торжествата, објаснува свети Григориј Богослов. Затоа, да се верува во Христа, значи да се верува во воскресението и во единственото Име кое спасува и води во вечен живот.
Овој спасоносен настан го најавиле уште старозаветните праведници. Така, пророкот Исаија објавил дека мртовците ќе оживеат и мртвите тела ќе воскреснат, а царот Давид со голема надеж претскажал: се радува срцето мое, воскликнува јазикот мој и телото мое спокојно почива…, зашто светецот Твој нема да види распаѓање. И во новозаветните книги, централно место има воскресението: кој верува во Христа Воскреснатиот, и да умре – ќе живее . Со овој победоносен чин, Спасителот Христос ни дарува живот и со Неговото воскресение влеговме во радоста на Господарот на сите, во радоста која никој не може да ни ја одземе.
Возљубени чеда во воскреснатиот Господ,
До вчера Го оплакувавме нашиот Цар и Бог, Кој на крст беше распнат и во гроб беше положен, а денес – ликуваме! Си спомнувавме за се што доживеаја Неговите ученици и сите коишто Го познаа и признаа за Син Божји. – На Крстот беше прикована нивната Вера – но тие продолжија да веруваат; на Крстот пострада нивната Надеж – но тие и понатаму се надеваа; на Крстот беше распната нивната Љубов – но тие уште повеќе Го љубеа својот Учител, и тоа повеќе од кога и да било. Со истото оружје, со Дрвото, со кое ѓаволот спечали победа, објаснува свети Климент Охридски, со Него Христос го порази ѓаволот; затоа, кој ќе ја искаже со зборови силата Господова? – Од смртни, ние станавме бесмртни! Тоа се големите дела на Крстот… Ете, тоа – воскресението, на апостолите им даваше сила да истраат во тие страдални дни! Тоа христијаните ги крепеше низ сите времиња да поднесуваат и најголеми искушенија! Тоа и нам денес ни е најголема надеж и незаменлива утеха! – Цркво Христова, ти мало стадо, во тоа е и твојата сила со која цареви си победувала и царства си покорувала; со таа сила, силни си обессилувала и моќници си смирувала! – Токму со воскресенската победа, Христос е посведочен за Син Божји, Кој е вистински Бог и Спасител на сите луѓе. Затоа, кој верува во Него – ќе го победи светот и ќе има живот вечен .
Возљубени во Христа Победителот,
Во денот во кој човечкиот род премина од ропството на гревот во слободата на љубовта, во тој ден Богочовекот не избави од смртта и ни дарува живот вечен. Затоа, Пасха, како што уште се именува славното Христово воскресение, значи преминување – премин од непостоење во постоење, од ропство во слобода, од смрт во живот. Денот, пак, на воскресението е ден на животот, а нашата вера е вера на вечната радост и во вечниот живот!
Силата на оние коишто веруваат, се надеваат и Го љубат Воскреснатиот Христос е во смирението, во целомудрието, во трпението, во послушанието, во страданието – во сите таинствени доблести што го надминуваат умот и расудувањето човечко и го преобразуваат човека од земно во ангелоподобно битие.
Возљубени чеда на нашата Света Црква,
Затоа, и денес, на Велигден, стоејќи простум пред Бога Вседржителот, да се помолиме заедно со свети Климент и со сите македонски светии, и да испросиме преобразба на секого и меѓусебно сплотување; да побараме исцеление на раните што ги трпиме и лузните што ги носиме; да измолиме оттргнување на страданијата и искушенијата со кои живееме – та да можеме, во Негова слава и со Негова помош, да одиме по патот на доблеста и да се овенчаме со вистинската добрина и со секој дар што доаѓа од Него. Уште поусрдно да се помолиме, Бог да ги запре немирите и војните кај нас и во целиот свет, да ги врати раселените во своите домови, да ги закрили оние што страдаат и да ги овенча со маченички и исповеднички венци бројните христијани и невини луѓе кои и во нашиве дни ја сведочат верата во Христа Воскреснатиот.
А вам, возљубени чеда на Македонската православна црква, во Македонија и насекаде по светот, молитвено ви посакуваме бодар дух, силна вера, непоколеблива надеж и возвишена и постојана љубов. Вашите срца нека се исполнат со искрено покајание, та да се укрепите во доблеста и праведноста и да ја почувствувате постојаната радост во нашиот Господ, Победителот на смртта. Искушенијата со кои се соочуваме во овој живот, нека ни бидат предворие за воскресение во вечен живот – да ни ја исчува нашата татковина Македонија од сите премрежија кои ни се случуваат оваа година и во овој период. Та и ние кои сме надвор од Македонија: Канада, Америка, Австралија, Европа и насекаде по целиот свет, сплотени како едно тело во Македонските Цркви со силниот македонски дух, преку нашиот глас и молитви да допринесеме во стабилноста на нашата земја, во зачувување на Името македонско, во зачувување на јазикот македонски, во зачувување на тешката и незаборавена историја на нашите претци, уподобувајќи се на Христа, да се удостоиме за учество во Неговите вечни блага и, исполнети со благодатта на Светиот Дух, да го почуствуваме Воскресението Христово внатре во нас! Да воскреснат верата и добрината, убавите мисли, сите добри вредности во нас ! Да Го славиме и да Му се поклониме на нашиот Бог, Кој се жртвуваше за сите нас! – торжествено да воскликнеме:
Христос Воскресе! – Навистина Воскресна
Прота Митко Попоски
Во Виндзор, Онтарио, Канада
18. Април 2018