www.m-p-c.org
As of March 23, 1998:
4,579,964
Дезајн од / Design by

Ace's Project Devgelopment Inc

SHEMA Logistics & Leveraged Communications Ltd.

г.г. Стефан 
                        Архиепископ 
                        Охридски и Македонски ОА 
                        на Јустинијана Прима и 
                        Митрополит Скопски 
                        ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА 
                        ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
  г.г. Стефан
Архиепископ
Охридски и Македонски ОА
на Јустинијана Прима и
Митрополит Скопски
ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА
ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

 
  г. Петар 
                        Митрополит 
                        Преспанско-Пелагониски и 
                        Австралиско - Новозеландски
  г. Петар
Митрополит
Преспанско-Пелагониски и
Австралиско - Новозеландски

 
  г. Тимотеј 
                        Митрополит 
                        Дебарско - Кичевски и 
                        Австралиско - Сиднејски
  г. Тимотеј
Митрополит
Дебарско - Кичевски и
Австралиско - Сиднејски

 
  г. Наум 
                        Митрополит Струмички
  г. Наум
Митрополит Струмички

 
  г. Агатангел 
                        Митрополит Повардарски
  г. Агатангел
Митрополит Повардарски

 
  г. Иларион 
                        Митрополит Брегалнички
  г. Иларион
Митрополит Брегалнички

 
  г. Методиј 
                        Митрополит 
                        Американско-Канадски
  г. Методиј
Митрополит
Американско-Канадски

 
  г. Пимен 
                        Митрополит Европски
  г. Пимен
Митрополит Европски

 
  г. Јосиф 
                        Митрополит 
                        Тетовско - гостиварски
  г. Јосиф
Митрополит
Тетовско - гостиварски

 
  г. Григориј 
                        Митрополит 
                        Кумановско - осоговски
  г. Григориј
Митрополит
Кумановско - осоговски

 
  г. Јосиф 
                        Митрополит Осоговски
  г. Јосиф
Митрополит Осоговски

 
  г. Климент 
                        Епископ викарен - хераклејски
  г. Климент
Епископ викарен - хераклејски

 
  г. Партениј 
                        Епископ викарен 
                       Бигорско - Антаниски
  г. Партениј
Епископ викарен
Бигорско - Антаниски

 
  г. Јаков  
                        викарен епископ Полјански на  
                        Митрополитот струмички
  г. Јаков
викарен епископ Полјански на
Митрополитот струмички

 
 


БЛАГОДАТНИОТ ОГАН од Гробот Христов !

Чудото на слегувањето на Светиот Оган во Ерусалим, кое се случува секоја година за време на една посебна православна богослужба на Велика Сабота на пладне, во последно време е многу актуелно во научните кругови поради ставовите со кои се негира неговиот натприроден карактер, односно веќе со векови сведоченото и до ден денес доживувано слегување на несоздадениот Благодатен Оган, кој го пали кандилото на пресветиот Гроб, без човечка интервенција. Од тоа кандило Ерусалимскиот патријарх пали четири снопчиња по 33 свеќи и со нив им го дели Огнот на верниците што го очекуваат. Постојат дури и сведоштва дека истовремено со чудесното палење на кандилото на пресветиот Гроб, понекогаш се палат и други кандила, како и некои свеќи што ги држат поклониците.

Во библиографијата се забележани изјави од многу современи веродостојни сведоци кои го виделе Благодатниот Оган како следува. Дури постојат и видео записи со современи технички средства. Но ова чудо, кое се повторува секоја година, и понатаму е примано со сомнеж од страна на многу скептици, кои го порекнуваат, и воопшто негираат било какво чудо, сметајќи го за веродостојно само она што може научно и експериментално да се докаже, значи само оние опипливи и природни појави кои се подложни на испитување во научните лаборатории.

Значи веќе подолго време постои потреба од едно вакво историско преиспитување на чудото на Благодатниот Оган. Во овој текст ќе наведеме некаде околу 45 различни сведоштва, претежно непознати до сега, кои покриваат период од осум векови, односно од IX до XVI век, земајќи предвид и бројни ракописи кои се чуваат во некои од најголемите светски библиотеки, сѐ со цел да го потврдиме овој чудесен феномен. Нивното собирање беше тежок и долготраен процес. Сепак нивното приложување и наведување беше неопходно за од една страна да се отстрани дури и најмал сомнеж во автентичноста на кажаното, а од друга за да се олесни контактот на читателот со оригиналните извори на текстови.

Сите тие извори на импресивен начин и едногласно зборуваат за необичната светлина или оган која чудесно се спушта од небото пред очите на огромното тогаш присутно мнозинство народ. Оваа светлина се поистоветува со натприродната Светлина која заблескала на Христовиот Гроб во мигот на Воскресението.

Светиот Оган најверојатно прв пат се појавил на 5 април во 33 г. по Христа, точно во времето на Воскресението на Богочовекот, од полноќ на Велика Сабота па до неколку часа пред разденување на Воскресната Недела. И сè до денес, повеќе од два милениума истиот Оган и понатаму како молња слегува на Христовиот Гроб секоја Велика Сабота, неколку часа пред прославата на Неговото Воскресение.

Пред да почнеме со изложувањата на споменатите сведоштва за чудата поврзани со Благодатниот Оган, зачувани во вредни и ретки ракописи ширум светот, добро би било најпрвин накратко да се запознаеме со историјата на Ерусалимската Црква.

Службата на слегувањето и чудото на Благодатниот оган

Во текот на долгиот период на историското бележење на чудото на Благодатниот оган, начинот на кој службата се одвивала претрпел една многу битна промена, која се однесува на присуството на Патријархот во внатрешноста на Гробот. Почнувајќи од крајот на XV век па до наше време службата се врши на точно одреден начин: Патријархот влегува сам во внатрешниот дел на светиот Гроб, од каде, застанат на колена, Му упатува на Христа посебна молитва за слегување на Огнот. Но пред еден милениум службата била доста различна. Според пишаните извори, во текот на првите векови во кои чудото било историски забележано, од IX до крајот на XV век, во мигот кога Благодатниот оган слегол од небото, во внатрешноста на Гробот немало никој. Влезот во храмот на Гробот Господов бивал запечатен со восок, во знак на сеќавање на запечатувањето на Гробот од страна на римската стража, а Патријархот останувал надвор од Кувуклијата, близу влезот, од каде ги превознесувал вообичаените молитви за слегувањето на Светиот оган.

Црквата на Светиот Гроб во Стариот град Ерусалим

Најстаро пишано сведоштво за ваков начин на богослужење среќаваме околу 920 г. (Аретино сведоштво), но и сите последователни сведоштва, сè до 1480 г., го потврдуваат истиот овој поредок. Значи, низ период од скоро шест векови, во моментот кога небесната Светлина слегувала и кога се палело неугасливото кандило внатре во Гробот, светиот Гроб бил празен и запечатен!

Патријархот ги упатувал вообичаените молитви надвор од Гробот, пред очите на присутните верници. При слегувањето на светиот Оган од небото биле забележувани плавичастобели одблесоци насекаде низ просторот, додека во истиот миг се палело „незгасливото“ кандило и осветлувала внатрешноста на Гробот. Оваа светлина, како што произлегува од сведоштвата, веднаш била забележлива низ металните решетки што се наоѓале на влезот во светињата. Мракот во празната Кувуклија наеднаш се губел од Светлината што извирала од самиот камен Гроб. Тогаш муслиманскиот управител на градот, кој бил чувар на клучевите, го отклучувал Гробот за во него да влезе Патријархот и од кандилото да ги запали свеќите и да им го подели Огнот на верниците.

Влезот на Светиот гроб во 1681 година претставен на гравура од холандскиот уметник Корнелис де Брун (Реизен, Делфт 1698). Решетките на двете врати овозможуваат можност за директен визуелен контакт со светилката за бдението, која секогаш стои на надгробна плоча во внатрешноста на споменикот.

Ваквиот поредок, кој непрестајно се повторувал околу шест векови, не оставал многу простор за полемики околу вистинитоста на чудото. Затоа и муслиманските жители не само што учествувале во службата туку и си го носеле Огнот во своите домови.
Од втората половина на XV век, некаде околу 1480 год. се сменил споменатиов поредок, па молитвата почнала да се изговара во внатрешниот дел на светиот Гроб од страна на православниот Патријарх, кој влегувал сам во Гробот, а во предворјето на Кувуклијата, како единствен сведок, присуствувал ерменскиот патријарх. Најстарото сведоштво за оваа промена кое датира од 1481 г., потекнува од францисканскиот монах Пол Волтер. Според него а и според сведоштвото на илјадници други луѓе, Благодатниот оган се распрснувал низ внатрешниот простор на храмот во облик на плаво-бели блесоци. Тој ги осветлувал деловите на храмот, лицата на луѓето и иконите на светителите, и палел некои од кандилата и некои свеќи на верниците.

Огнот може да прими разни облици. Често изгледа како целиот Пресвет Гроб да е обвиткан во пламен, или како од него да извира светлина, додека понекогаш се појавуваат огнени топки кои излегуваат од Кувуклијата и се движат по просторот. Околу 25 поклоници што биле присутни на службата во 1996 година посведочија дека тие огнени топки поминувале буквално веднаш над нивните глави, но, секако, не им предизвикале никакви изгореници. Многу од нив инстинктивно се веднеле за да ги избегнат топките.

Сепак треба да се напомене дека присуството на Благодатниот Оган не е подеднакво забележано од сите. Многу од присутните ниту забележуваат ниту доживуваат нешто, а и кај оние што го доживеале чудото има разлики во сведоштвата. Тоа не зависи само од јачината на нивната вера туку е и резултат на дејството на Божјата промисла која секого пооделно го удостојува да доживее нешто различно од другите.

Во втората рамка, се појавува сина бела светлина на влезот на Светиот Гроб, точно во Светата Сабота, 1994 година. Блескавото светло е снимено во 14:04 часот, додека патријархот Диодор бил во внатрешноста на споменикот. Светиот оган излегол од гробот и

неговото ширење до верниците започнува 16 секунди подоцна. Сликите се три последователни рамки од аматерски видеокасети (достапни на интернет) направени од грчкиот свештеник-монах Антониос Стилијанакис, кој во тоа време бил детски психијатар. Секоја рамка има времетраење од 1/25 секунди.

 

ChristIsRisenGR
Holy Fire 1996 – English
Watch on

Во денешно време, службата започнува утрото на Велика Сабота и се состои од следните фази:
А. Утрото на Велика Сабота се гасат сите кандила во храмот, а Христовиот Гроб се запечатува со пчелин восок.
Б. Точно на пладне во храмот влегува Ерусалимскиот Патријарх и започнува традиционалната света литија, која три пати го обиколува светиот Гроб.
В. По завршувањето на литијата Гробот се отпечатува и скевофилаксот (чуварот на светите предмети) го внесува во него згаснатото „неугасливо кандило“, кое ќе биде запалено од светиот Оган.
Г. Потоа Патријархот ја соблекува својата архиерејска одежда во знак на понизност и стравопочит кон Исус Христос и останува само во бел хитон.
Земајќи четири снопа од по 33 свеќи, тој влегува во Гробот. Со него влегува и претставник на Ерменците, кој има право да се наоѓа во предворјето, од каде што го надгледува Патријархот.

Патријархот влегува сам во Гробот, и тука на колена, изговара посебна молитва упатена кон Исус Христос, со која бара од Него да го испрати Благодатниот Оган како дар, за благослов и осветување на народот. Речиси во истиот момент се појавува светиот Оган, и започнува да се распространува во храмот, додека истовремено се пали неугасливото кандило внатре во Гробот. Службата завршува со излегувањето на Патријархот и предавањето на Огнот на верниците.

Претсобје со Каменот на Ангелот. Го добил името од карпата што со која бил запечатен влезот на гробот, што ја потргнал ангелот. Делот од оваа карпа што останал е поставен на столбот прикажан во средината.

Неугасливото кандило на светиот Гроб за прв пат било запалено во 326 г., кога е откриен Христовиот Гроб и од тогаш е неизгасено полни 17 векови (Се гаси само утрото на Велика Сабота). Најстаро сведоштво за ова кандило наоѓаме во летописот на Етерија или Егерија, која го посетила Светиот Гроб некаде помеѓу 381 и 384 г.

Внатрешна преграда на Светиот гроб.
Точно под мермерниот надгробен споменик
е карпата на која било ставено телото Исусово.

Првата појава на Благодатниот Оган

Чудото на Благодатниот Оган за прв пат се случило на Христовиот Гроб, кога во моментот на Неговото Воскресение, неискажливо силна блескава Светлина го осветлила просторот. Во Евангелието според Лука се наведува дека, Марија Магдалина, Јоана, Марија – мајката Јаковова, како и други жени од Галилеја, уште пред зори стигнале на Христовиот гроб. Таму виделе дека каменот што го затворал влезот бил поместен и гробот бил празен. И додека се чуделе што можело да се случи, двајца мажи застанаа пред нив во блескави облеки, и им рекле:
-Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите? Он не е овде, а воскресна (Лука 24, 5-6)

Во Евангелието според Јован, овој настан е уште подетално опишан:
–Во првиот ден од седмицата, Марија Магдалина дојде на гробот рано, уште додека беше темно, и веде дека каменот од гробот е поместен. Тогаш отрча и дојде при Симона Петра и при другиот ученик, кого Исус го љубеше и им рече: Го дигнале Господа од гробот и не знам каде Го положиле. Тогаш излезе Петар у другиот ученик и појдоа кон гробот. И обајцата трчаа заедно; но другиот ученик отрча побргу од Петра и прв дојде до гробот. И кога се наведна, виде дека лежи само повојот; но не влезе. По него дојде Симон Петар, влезе во гробот и виде дека само повојот стои; а крпата, што Му беше на главата Негова, не стоеше при повојот, туку одделно, свиткана на едно место (Јован 20, 1-7).

Двете Марија (Марија Магдалена и “другата Марија”), кои ги спомнува евангелистот Матеј, зборуваат со ангелот за Христовото воскресение. Слика сликана со маслени бои од Николај Кошелев (1891), Ерусалим, катедрала Александар Невски.
Како можеле Петар и Јован, додека уште било темно, да ја видат внатрешноста на гробот и таму облеката во која било завиткано Христовото тело? Особено Јован, кој не ни влегол во гробот? Одговор на ова прашање дава Св. Григориј Ниски во своето дело „За Воскресението на Исуса Христа“, каде што наведува дека сите што го придружувале апостол Петар онаа ноќ, поверувале во Воскресението, затоа што Христовиот гроб бил полн со светлина, која била видлива не само духовно, туку и сетилно. И Св. Јован Дамаскин исто така назначува дека, апостол Петар се изненадил кога ја здогледал Светлината внатре во гробот. Тој во своето слово на Велика Сабота, дообјаснува дека Светлината што во онаа ноќ засветлила во Христовиот Гроб е несоздадената Светлина на Бога Творецот, истата онаа што засветлила за време на Преображението Христово на Таворската гора.

Светлината што го исполнувала Гробот на Исуса Христа, во мигот на Неговото Воскресение, била Несоздадената Светлина на Нетварниот Троичен Бог. Но, каква врска има помеѓу оваа несоздадена Светлина и пламенот што се пали во неугасливото кандило, како и на снопчињата свеќи што ги држи Патријархот?

Според професорот на Теолошкиот факултет во Атина, протојереј Георгиј Металинос, Несоздадената Светлина е искрење од Христовиот Гроб. Таа светлина е невидлива и несоздадена. А потоа, што ќе се запалат снопчињата свеќи кај Патријархот, Светлината станува создадена. Значи, причината за палењето на огнот е Несоздадената Светлина, додека пламенот што гори на свеќите и што можеме да го допреме е создадена светлина. И бидејќи овој пламен на почетокот ја има благодатта на Несоздадената Светлина, тој не ги гори луѓето.

Професор протојереј Теодорос Зисис, на прашањето дали оваа несоздадена Светлина е видлива од сите присутни, вели: Несоздадената Светлина е видлива и денес, не од страна на сите, но од многумина кои присуствуваат на службата. Нормално, сите ги гледаат создадените последици на почетното несоздадено дејство на Светиот Оган – гледаат, значи, како Благодатниот Оган, кој за неколку минути од несоздаден станува создаден (материјален), се шири од еден верник до друг. Несоздадената Светлина е видлива првенствено за совршените, но Бог им допушта делумно да го видат и оние несовршените, па дури и неверници, а со цел за нивно спасение.

Чудото на Благодатниот Оган прв пат се појавил токму во моментот кога Господ Исус Христос, озарен од несфатлива и непристапна Светлина, се вратил од светот на мртвите, за да се прослави со Своето Воскресение. Таа иста Светлина го исполнува светиот Гроб, секоја година за време на службата на Велика Сабота.

Свети Григориј Просветител (околу 330 г.)

Св. Григориј Просветител го крштава кралот на Ерменија, Теридатес III, во 301 г. Слика со маслени бои од капелата на Св. Григориј во Црквата на Светиот Гроб.

Оваа сведоштво го запишал ерменскиот историчар Киракос Ганџакеци[1] (Kirakos Gandzaketsi, 1207-1271) во своето дело „Историја на Ерменците“. Ова дело, ги опишува историските настани што се случиле во периодот помеѓу IV и XIII век, и меѓу кои спаѓа и чудесното палење на кандилото што Свети Григориј Просветител го поставил на Христовиот гроб околу 330 год. Благодарение на просветителската дејност на Св. Григориј (271-331) и патувањата, Ерменија била првата држава која во 301 година официјално го прифатила Христијанството. Св. Григориј Просветител се смета за национален светител и заштитник на Ерменија.

Во Киракосовото дело, кое било создадено во 1961 г., а на англиски било преведено од Роберт Бедросиан во 1985 г., пишува:
„Велат дека, Свети Григориј поставил едно кандило на Христовиот Гроб и Му се помолил на Бога, на празникот Воскресение тоа место да се осветли од нетварната Светлина. Што до денешен ден постојано се повторува “.

На друго место во својата „Историја“, Киракос се навраќа на истото прашање и наведува, дека една година дошло до неслога помеѓу Ерменците и православните Грузијци, околу точниот датум на прославувањето на Воскресението:

„А што се однесува до Воскресението, постоеше голема препирка и несогласување помеѓу Ерменците и сите други народи, особено Грузијците… Пресудата ја донесе блескавото кандило на Пресветиот Христов Гроб, кое, како што велат, во согласност со молитвата на Св. Григориј Просветител (без човечка интервенција или видлив оган), се пали по Божја волја секоја година. Ова се случува и до ден денес“.

Свети Григориј Просветител се моли на гробот на Исус и Светиот Оган се сведува на светилката со масло, во форма на три сини зраци. Микрограф на ерменски ракопис, АД 1356. MS Matendaradan 7404, фол. 326v. Библиотеката Ереван, Матенеран.

Не знаеме кога точно се случил тој настан што го поврзува светителот со чудото на Благодатниот Оган. Имајќи предвид дека изградбата на Храмот Воскресение започнала 326 г. и дека светителот се упокоил во 331 г., очигледно настанот што го опишува Киракос се одиграл во периодот помеѓу 326 и 331 г. Истото тоа предание го сочувал и арапскиот историчар Масуди, кој како што пишува во едно од наредните поглавја, наведува, дека Св. Оган почнал да се појавува уште во времето на изградбата на Храмот на Воскресението (326-336).

Свети Теодор Саваит (836 г.)

Св. Теодор Саваит (околу 776-856) е роден во градот Емеса во Сирија. На 19 годишна возраст се замонашил во манастирот на Свети Сава Освештени и останал во него 41 г., до 836 г. Таа година, на Велики Четврток, бил ракоположен за епископ на Емеса, а два дена подоцна, на Велика Сабота, учествувал во богослужбата на слегувањето на Благодатниот Оган. Во житието на светиот, напишано од епископот на Емеса Василиј во манастирот на Св. Сава (околу 860 г.), неколку години по неговата смрт, стои вака: „Откако Свети Теодор бил на трпеза со патријарсите а потоа и на богослужбите за Велики Петок и Велика Сабота, после палењето на светото Воскресно кандило со Небесната Светлина, отслужил со нив Божествена Литургија и учествувал во свеченото празнување на Светата и Велика Недела…“
Значи Свети Теодор Саваит е втората забележана историска личност која го доживеала чудото на палењето на кандилото на светиот Гроб со небесната Светлина.

Манастирот Свети Сава во пустината на Јудеја. Игуменот на манастирот многупати бил главен свештеник на церемонијата на Светиот Оган.

Арапскиот филозоф ал-Џахис (848 г.)

Истакнатиот исламски писател и филозоф Ал-Џахис (al-Jahiz, 781-869), во неговото најпознато дело „Книга за животните“ (Kitab al-hayawan), кое датира од 848 г.[2], меѓу останатото го спомнува и Благодатниот Оган, и го претставува како лукавство на христијаните. Ова мислење секако било присутно кај огромното мнозинство муслимани и било несфатливо за претставниците на исламската религија во она време на ова чудо да гледаат како на нешто друго освен на лукавство и измама.

Ал-Џахис не учествувал во богослужбата и неговото мислење за христијаните е повеќе од навредливо, обвинувајќи ги дека се „слаби и безумни“[3], бидејќи веруваат во такво чудо. Се прашуваме дали би ги нарекол безумни и слаби илјадниците муслимански жители на Ерусалим, кои учествувале во богослужбата и го прифаќале чудото? Преводот што следи потекнува од францускиот превод на Мариус Канар (Marius Canard):
„Чуварите на храмовите не престануваат да смислуваат измами за народот, на ист начин како и монасите со факели (свеќи) во Храмот на Воскресението во Ерусалим, кои тврдат дека елејот во кандилото се пали без оган, ноќе, за време на една од нивните прослави“.

Ал-Џахисовиот навод јасно покажува дека чудото на Благодатниот Оган уште од средината на IX век станало општо познато, како натприродно палење на кандилото на светиот Гроб.

Францускиот монах Бернар (867 г.)

Во својата Хроника, монахот Бернар ги запишал на латински јазик, најважните доживувања при патувањето за Ерусалим во IX век (867 г.). Неа ја открил и издал францускиот научник Жан Мабиљон во 1672 г., и денес е сочувана во три ракописи. Преводот кој следи е дело на англискиот преведувач Џон Вилкинсон. Францускиот монах во врска со чудото пишува: „Сепак вреди да се наведе што се случува на Велика Сабота, спроти Пасха. Литургијата започнува во Храмот наутро. Потоа, кога таа ќе заврши, влегуваат внатре пеејќи „Господи помилуј“, и најпосле еден ангел доаѓа и со светлина ги пали кандилата што висат над Гробот. Патријархот им ја предава таа Светлина на епископите и на останатиот народ, и секој ја прима Светлината на местото каде што се наоѓа…“

Се разбира Бернар не видел навистина ангел како слегува од небото, туку едноставно претпоставува дека најверојатно причината за палењето на кандилото било слегување на некој ангел.

Светиот оган се расподелува помеѓу верниците. Илустрација на британскиот сликар Реџиналд Кливер (Reginald Cleaver). За весникот График (The Graphic), Лондон, 28 јули 1906 година.

Послание на Арета до емирот на Дамаск (920 г.)

Во своето вредно послание од X век, упатено до емирот на Дамаск, епископот на Кесарија Арета, кој бил роден во Патра во средината на IX век, пишува: „До ден денес, секоја година на денот на Воскресението, Христовиот свет и чесен Гроб прави чуда. Бидејќи таму каде што е Неговиот свет Гроб, христијаните подготвуваат едно кандило, завиткано во ткаенина и црвена свила и откако ќе се изгаснат сите кандила во Ерусалим, христијаните се во Храмот на Воскресението и пеат „Господи помилуј“, а близу до Гробот стои ерусалимскиот емир, кој самиот го запечатил неговиот влез, наеднаш се појавува блесок и кандилото се пали со таа Светлина. Сите жители на Ерусалим земаат од таа Светлина и ги палат своите светилки…“

Арета е првиот сведок кој наведува дека за време на богослужбата на слегувањето на Благодатниот Оган, Христовиот Гроб останува празен, откако најпрво бил запечатен од страна на муслиманскиот емир на Ерусалим. Како и дека Благодатниот Оган слегува во облик на блесок што го пали со свила украсеното неугасливо кандило.

Кандилото што „ било запалено од ангел “ во колекцијата на англискиот крал Ателстан (930 година)

Катедралната црква на Ексетер, изградена на страната на античката манастирска црква, која била изгорена во 1003 год.

Ателстан ( 895 – 939 ) бил првиот крал што постигнал вистинска превласт над цела Англија. Околу 930 година тој го основал манастирот Ексетер кој бил посветен на Пресвета Богородица и на апостолот Петар. Англискиот крал му подарил највредни реликвии на овој манастир, земени од ризницата на царското семејство. Овие подароци беа поврзани со животот на Христос. Меѓу нив, според пишаното предание на манастирот, биле делче од трновиот венец Христов, дел од Чесниот Крст како и копјето со кое што стотникот Лонгин го прободел Христовото ребро додека Он бил на Крстот.

Копјето, кое што некогаш припаѓало на Шарлемањ, било подарено на Ателстан од страна на војводата Хуго, син на кралот на Франција, на денот кога тој ја побарал од англискот крал раката на неговата сестра.

Заедно со копјето, Хуго му го подарил на Ателстан мечот на Константин Велики, во чија што рачка бил вграден еден од клинците со кои бил прободен Богочовекот Христос.

Овој меч и светото копје биле чувани на истото место во манастирот Ексетер. Помеѓу светите дарови кои кралот Ателстан ги подарил бил и фенер од Светиот гроб Христов, кој што бил запален од Благодатниот оган. Во 1003 година, манастирот Ексетер бил запален и уништен од страна на Викинзите и данскиот крал Свејн I. И покрај тоа, светите предмети биле спасени и зачувани на безбедно место. После уривањето, била направена листа на сите свети артефакти кои биле сочувани. Листата била сочувана во два ракописи од XI век, еден на латински, а другиот на англо – саксонски, коишто биле создадени во скрипториумот на Ексетерскиот манастир под надзор на човекот задолжен за безбедноста на светите предмети, владиката на Ексетер, Леофрик. Фенерот од Светиот Гроб е спомнат во двете листи по реден број 11 и е опишан на сличен начин.

Кај англо – саксонскиот ракопис во првите два пасуси се спомнува светото копје, а малку подолу е опишан и фенерот:
– Копјето кое што го прободе светото ребро на нашиот Господ распнат на Крстот;
– Светиот фенер кој што ангел Господов го запали со небесна светлина на Гробот на нашиот Господ во предвечерието на Пасха.

Двете важни информации кои горенаведените листи ни ги даваат се:
а) благодатниот оган се појавил на гробот Христов и
б) ангел го запали фенерот од гробот

Арапски историчар ал-Масуди (940 г.)

ал-Масуди (940 г.) Арапски историчар
ал-Масуди е еден од најзначајните историчари во исламскиот свет, (896-956) и е роден во Багдад. Освен што се занимавал со историја тоа тој бил и истакнат географ, етнограф, астроном и истражувач. За чудото на Св. Оган, тој зборува во две свои дела. Во првото од нив наречено „Златните ливади и рудниците на драги камења“, кое е своевидна историја на светот и општа енциклопедија, ал- Масуди пишува:
„Во петиот ден од сирискиот месец тисрин (октомври) се одржува прослава во Храмот на Воскресението во Ерусалим. По тој повод се собираат христијани од сите краишта на светот. Од небото слегува пламен меѓу нив и со факели се шири во сите правци. Многу муслимани присуствуваат на оваа празнична служба од љубопитност; таму собираат маслинови лисја. Што се однесува да тој чудесен пламен, тој се создава со некоја многу суптилна техника и со помош на некоја голема тајна“.

Извештај на Ал-Масуди за тоа кога чудото започнало, на арапски јазик, од изданието на Мајкл Јан де Гоје (Leyden, 1894).

Муслиманите немајќи објаснување за споменатово чудо а не сакајќи да го признаат, се задоволиле со верувањето дека зад појавата на Огнот се крие некоја вешто смислена измама и тајна која досега никој не успеал да ја открие. Во текстот погрешно се наведува дека прославата се одржува во октомври; таа грешка била исправена во другото Масудиево дело под наслов „Книга за знакот и прегледот“ (Al-Tanbih wa-l-Ashrav), исто така општа енциклопедија, во која постои краток, но многу значаен запис: „Елена во Аелија (Ерусалим) соѕидала храм кој денес е познат како Храм на Воскресението и од она време Огнот се појавува во тој (храм) на денот на Велика Сабота спроти Воскресението“.

Арапскиот правник Ибн ал-Кас (940 г.)

Ибн ал-Кас се родил кон крајот на IX век, а се упокоил во 946 г. Бил извонреден познавач на исламското право и писател на доста теолошки дела, меѓу кои спаѓа и „Kitab dala ‘il-al-qibla“, каде за прв пат е забележан еден многу важен опис на службата на слегувањето на Благодатниот оган. Преводот е на францускиот преведувач Луј Шико (Luis Cheikho), додатно преконтролиран од проф. за арапски јазик, др. Гамал ал-Тахира, за да биде што поблиску до оригиналот. Во своето дело Ибн ал-Кас пишува:

Извештајот на Ибн Ал-Кас за Светиот оган на скапоцениот ракопис Ахмад Тајмур 103 (1389) во Националната библиотека на Египет. Описот започнува на крајот од листот 47 и продолжува на страница 48.

فإذا كان فصح النصارى وهو يوم السبت الكبير وذلك يوم يخرج الناس من موضع القبر إلى الصخرة وحول الصخرة داربزينات يتطلعون إلى موضع القبر يبتهلون كلهم ويتضرعون إلى الله تعالى من وقت الأولى إلى المغرب ويحضر الأمير وإمام المسجد. ويغلق السلطان الباب الذي على القبر ويقعد على الباب فهم على هذا حتى يرون نورا كأنه نار بيضاء تخرج من جوف القبر. فيفتح السلطان الباب عن القبر ويدخل إليها وفي يده شمعة فيشعلها من ذلك النور فيخرجها والشمعة تشتعل و. فيدفعها إلى الإمام فيأتي الإمام بتلك الشمعة فيشعل قناديل المسجد. فإذا تداولت تلك الشمعة ثلاثة أيد احترقت بعد ذلك وصارت نارا. ويكتب الخبر إلى السلطان ويعلمه ان النار نزلت في وقت كذا من يوم كذا. فإذا نزلت وقت الصلوات الأولى من ذلك اليوم كانت دليلا عندهم على أن السنة ليست بخصبة ولا قحطة وإذا نزلت وقت العصر .دلت على أن السنة قحطة

„Околу христијанскиот празник Воскресение, на Велика Сабота, верниците излегуваат од местата каде што е Гробот, за да застанат околу карпата, која е опкружена со ограда. Оттаму го набљудуваат Гробот и сите заедно се молат и поклонуваат пред Севишниот Бог, од утрената молитва па до залезот на сонцето. Присуствуваат и Емирот и имамот на џамијата. Султанот ја заклучува вратата на Гробот. Сите стојат потполно неподвижни сé додека не ја здогледаат Светлината, слична на бел оган, кој излегува од внатрешноста на Гробот. Тогаш султанот ја отвора вратата, влегува внатре држејќи една свеќа, ја пали од таа Светлост и потоа излегува. Пламенот на запалената свеќа не гори (пече). Ја предава на имамот, кој ја носи и од неа пали кандило во џамијата. Кога оваа свеќа ќе помине низ три раце, нејзиниот пламен се претвора во обичен оган, кој пече. Потоа составуваат и му предаваат на султанот извештај, со кој потврдуваат дека пламенот се појавил во тој и тој ден и час. Ако оној ден се појавил за време на молитвата, тоа за нив е знак дека годината не ќе биде плодна, но не и дека ќе биде потполно сушна. Ако пламенот се појави околу пладне, тоа предвестува година во која ќе има недостаток на храна“.

Од оваа сведоштво се гледа дека за време на богослужбата за слегувањето на Благодатниот оган муслиманите учествуваат толку посветено и свечено, што изгледа како да се работи за нивна служба. Во моментот кога се појавува Св. Оган, муслиманите сметаат дека се работи за божествена бела Светлина, која нема никаква поврзаност со земниот оган.

Многу е битно и сведочењето дека светиот Оган не пече. Ибн ал-Кас во својот опис потполно ја разграничува Светлината што се појавува во внатрешноста на Гробот од пламенот што верниците го имаат на своите свеќи, неколку минути после земањето на Огнот.

Во моментот кога се пали неугасливото кандило во внатрешноста на Гробот, пламенот е бледо син и воопшто не пече. Неколку секунди подоцна се претвора во обичен пламен, кој, како што востановил писателот на оваа книга, а и илјадници други верници, секако пече, но не со иста јачина како обичниот пламен. Поради тоа многу поклоници го принесуваат светиот пламен до своето лице.

Аџиите го носат Светиот оган на нивното лице. Ибн ал-Кас, пред околу илјада години, првпат го забележал фактот дека Св. Оган не пече.
Имамот го пренесува Благодатниот Оган во најсветото муслиманско место во Ерусалим, и со тој Оган го пали „кандилото во џамијата“. Тука се мисли на џамијата на Купола на Карпата, која се смета за трето најсвето место на исламскиот свет, после Мека и Медина.

Џамијата со златната купола, чија изградба била завршена во 691 година. Под куполата има карпа од која, како што веруваат муслиманите, нивниот пророк Мухамед се воздигнал на небото во средината на X век. Муслиманскиот имам секоја Велика Сабота ги пали кандилата во оваа џамија, со Светиот оган.

Сето тоа се случувало во X век, во периодот кога христијанскиот и муслиманскиот свет се наоѓале во остар судир. Земајќи ја предвид строгоста на исламската религија, изгледа неверојатно дека најважното чудо на Христијанството, поврзано со Христовото Воскресение, било прифатено од самите муслимани во Ерусалим и свечено прославувано и од страна на политичките и верските старешини на градот.

Презвитерот Отмар

Единствен познат податок за латинскиот свештеник Отмар е дека го посетил Ерусалим и бил сведок на слегувањето на Благодатниот оган. Неговиот расказ бил пронајден на еден латински ракопис од X век, откриен и издаден во 1610 година во Баварија од страна на Јакоб Грецер, во неговото дело под наслов „Градината на Чесниот Крст“ (Horti Sanctae Crucis). Германскиот теолог Јохан Мосхајм смета дека зад презвитерот Отмар всушност се крие германскиот светител Отмар кој се упоколил 759 година. Ако ова е вистина, тогаш сведоштвото на Отмар е најстарото сочувано сведоштво за чудото на Благодатниот оган.

Латинскиот текст што следи е препис од ракописот што го открил Грецер, додека пак преводот на грчки е дело на докторот по филозофија Димостен Георговасилис:
Визија на презвитерот Отмар: „Го отварам ова прашање поради внатрешниот копнеж на моите пријатели. Од сè што милоста Божја ми допушти мене грешниот да видам во Ерусалим со своите телесни очи, ништо повистинско од ова не може да се каже. Видов, баш онака како што се гледа со очите, некаква невидлива Светлина која слезе од небото кон Господовиот Гроб. И навистина, таа се запали и стана сосема јасно видлива“.

Значи Отмар, како очевидец на богослужбата, нè уверува дека со своите очи го видел слегувањето на Огнот од небото; нешто кое, како што вели самиот, било „сосема јасно“ видливо.

Уривање на храмот на Воскресението

Во 1001 година египетскиот калиф ал-Хаким и византискиот цар Василиј II, кои дотогаш постојано војувале, склучиле договор за десетгодишно примирје. Меѓутоа, периодот на мир траел само осум години, бидејки во септември 1009 година ал- Хаким донел одлука со која го потресол целиот христијански свет: наредил палење и уривање на храмот на Воскресението, како и на многу други христијански храмови и манастири.

Овој калиф, чија мајка била христијанка, дошол на тронот кога имал само 11 години и отпрвин царската служба ја вршел неговиот учител. Но на своите 15 години калифот го убил својот учител и ја презел власта. Верскиот фанатизам често го доведувал до безумни постапки кои се одликувале со необична суровост.

Сирискиот историчар и поет Ибн ал-Каланиси во своето дело „Историја на Дамаск“ ја наведува причината која го поттикнала ал-Хаким да го направи тоа ужасно дело. Тој пишува дека секоја година пред Пасха илјадници христијани правеле огромни каравани и со камили патувале од Каиро во Ерусалим за да присуствуваат на службата на слегувањето на Благодатниот оган. Гласот за чудото се имал раширено по целиот муслимански свет и делувал како магнет кој привлекувал илјадници христијани, но и многу муслимани. Со цел да го спречи големиот одлив на поклоници, што го напуштале неговиот град, калифот решил да го срамни храмот со земјата:

„Во историјата на ал-Хаким се вели дека во 398 година (1008 г.н.е) тој наредил рушење на црквата ал-Кумама (храмот на Воскресението) во Ерусалим… Христијаните од Египет имаа обичај секоја година да патуваат за Ерусалим… за таму да го прослават Воскресението во црквата ал-Кумама… ал Хаким побара од мисионерот Кутекин ал-Адуди, кој се наоѓаше во палатата, да му објасни зошто христијаните одат во таа црква. Кутекин знаеше сѐ за таа црква поради неговите чести патувања за Сирија. ,Таа црква’, му рече, ,се наоѓа близу џамијата ал-Акса. Христијаните се многу приврзани и од сите земји одат таму секоја година на Воскресение… Ги закачуваат своите кандила на олтарот, па тогаш со лукавство прават да се појави оган во тие кандила полни балсамово масло што се пали од јасминовото масло и произведува пламен со извонредна белина и сјај… Тие што ќе го видат си мислат дека оган слегол од небото и им ги запалил кандилата’. Кога ал-Хаким го слушна ова објаснување нареди да му се напише писмо на управителот Рамле, барајќи од него да појде во Ерусалим во црквата ал-Кумама, да уништи сѐ во неа, а црквата да ја срамни со земјата“.

Пред да се случи оваа трагедија, христијаните во Египет дознале за ваквиот план на калифот и благовремено го известиле ерусалимскиот Патријарх, кој успеал да ги изнесе од храмот сите свети предмети. Ал-Каланиси тврди дека уривањето било така страшно што кога сѐ завршило, „не останал ни камен на камен!“

Мермерната плоча на гробот во северниот дел на погребната преграда, под која се наоѓа точното местото на врежаниот камен на кој беше положено Исусовото телото. Кога мермерната плоча била отстранета на 19 ноември 1810 година, по иницијатива на Симаиос и Комненос, биле откриена голите карпи на оригиналната гробница.

Арапскиот летописец Јахја ибн Саид зборува за големата катастрофа што го снашла светиот Гроб: „Ибн Аби Захир се потруди да го разори потполно светиот Гроб и да избрише секаква трага од него. Затоа не само што го урна туку и го отстрани поголемиот дел од него“.
Муслиманите не се задоволиле само со уништувањето на Кувуклијата, туку како што напомнува Колин Морис, го урнале дури и делот од карпата што била она почетното, автентично наткровје на Гробот.
Големиот подвижник, Св. Лазар Галасиски (966-1053), кој во тоа време бил испосник во манастирот Св. Сава, бил очевидец на овие настани. Тој потврдува дека уништувањето на храмот било потполно, бидејќи муслиманите во внатрешноста на ѕидовите наоѓале пари и накит, оставен тука на дар уште од времето на Света Елена.

Уривање на храмот на Воскресението

Набргу потоа прогонствата се прошириле и на околната област. Како што спомнува Ендрју Џотишки, професор по Средновековна историја на Универзитетот во Ланкастер, ал-Хаким ги уништил сите крстови во црквите и забранил употреба на вино во подготовката за причест.

Јахја ибн Саид, исто така наведува дека ал-Хаким ги осквермил дури и христијанските гробишта во Каиро, раскопувајќи ги гробовите и расфрлајќи ги коските на мртвите. Понатаму тој дополнува дека овие прогонства биле причина за масовните преселби на христијаните од Палестина и Египет кон византиските територии, претежно кон Антиохија.

Освен Ибн ал-Каланиси, и Сибт ал-Џаузи го поврзува уривањето на храмот на Воскресението со службата на слегувањето на благодатниот Оган. Во врска со ова, Бар Хебреус, истакнатиот сириски епископ, историчар и философ (1226-1286), во своето дело наречено „Хронографија“, пишува:

„Во она време Хаким, египетскиот калиф, нареди храмот на Воскресението да се уништи до темел и сите негови реликвии да бидат запалени. Тој исто така опустоши илјадници цркви што се наоѓаа под негова управа… Овој терор произлезе од страна на еден човек кој ги мразеше христијаните. Тој на споменатиот калиф му раскажа дека кога ќе се соберат во Ерусалимскиот храм да го прослават Воскресението, христијаните подмолно се договараат со надзорниците на храмот и со балсамово масло ја мачкаат железната жица на која виси кандилото над гробот“.

Всушност, мислењето дека светиот Оган е лукавство на христијаните, било вообичаено во верските редови на исламот, ој дури и само од религиозна гледна точка, очигледно морале да го негираат ова чудо. Како што истакнале многу истражувачи, храмот на Воскресението, всушност, бил урнат за да се запре влијанието од чудото на благодатниот Оган врз муслиманското население.

Ал-Хаким навистина го уништил храмот на Воскресението, со цел да се запре ширењето на влијанието на чудото од Огнот, и после ова свое мрачно дело, наречен е „египетски Нерон“. Но од делата на Ибн ал-Кас и ал-Бируни, се гледа дека муслиманите не само што учествувале во службата, туку и го пренесувале светиот Оган и со него ги палеле кандилата во џамијата наречена „Купола на карпата“. Исто така и од писмото на Никита се гледа дека „благодарение на ова чудо цела Сирија се исполни со христијани“.

Токму ова влијание ал-Хаким сакал засекогаш да го спречи, срамнувајќи го со земја храмот и Кувуклијата на Светиот Гроб – одлука за која, како што вели Бар Хребреус во својата Хронографија, тој подоцна се покајал.

Но дали калифот успеал да ја постигне својата цел, или со други зборови, дали после тоа тотално уништување на храмот и Светиот Гроб, престанало чудото со благодатниот Оган? Или, пак, и понатаму се случувало дури и на тоа опустошено место, на таа полјанка каде останала само голата карпа на Христовиот Гроб и околу неа пепел? На ова прашање одговор даваат двајца истакнати француски свештеници, очевидци на службата од тоа време, летописецот и опат Ришар благословениот и Орлеанскиот бискуп Улрих.

Персискиот доктор ал- Масихи (990 година)

Ал-Масихи бил еден од најзначајните персиски доктори на X век. Тој напишал бројни медицински трудови, од кои најпозната е неговата медицинска енциклопедија насловена како “Сто поглавја за медицината”. Тој, исто така бил и учител на еден голем филозоф и доктор, Авицена.

Биографијата на ал – Масихи била запишана од персискиот историчар и теолог, ал –Баихаки во неговиот труд, „Чување на бродот на мудроста“ , кој што ги содржи биографиите на најважните научници и мудреци на X век. Во овој труд ал – Баихаки го запазил личното сведоштво на ал – Масихи во врска со благодатниот оган. Персискиот доктор опишувајќи го чудото за Благодатниот оган во прва рака го посочува следното: „Приказната за овој оган е тоа што, во ноќта кога Отецот го подигнува Христос во небесните висини ноќта на 15-ти од месецот нисан, во таа ноќ, секоја година, слегува од небесата Благодатниот Оган така што луѓето го гледаат со свои очи и овој Оган ги пали кандилата во Црквата на Христовото Воскресение, каде што нема ни прозорец ни било каков отвор на самиот покрив на градбата. Но, Благодатниот оган слегува низ покривот, без да ги уништи гредите и тогаш ги пали кандилата“ .

Ал – Масихи пишува дека Благодатниот Оган блеснал за прв пат во ноќта кога Христос Воскреснал и од тогаш сè до денес се појавува секоја година на истиот ден. Персискиот доктор сакал да ги информира неговите сонародници за чудото на Благодатниот Оган и преку тоа за вистината за Воскресението на Богочовекот. Всушност самиот ал – Масихи избрал да ја следи оваа вистина и да стане христијанин – одлука што ја платил со живот.

Околу 1012 година турскиот султан Махмуд одбил да го прифати изборот на ал – Масихи поради тоа што станал христијанин и наредил да биде затворен со двата најважни исламски научници од тој период, Ал – Бируну и Авицена, кои веќе биле обвинети за ерес.

Ал – Масихи, додека патувал до затворот успеал да избега со Авицена, но ги фатило ужасно пустинско невреме, и тој издивнал во рацете на својот сакан ученик.

Ришар Благословениот

Францускиот монах и летописец Ришар Благословениот (970-1046) во октомври 1026 година бил поставен на чело на група од околу 700 поклоници кои требало да патуваат за Ерусалим. Групата се состоела од претежно обични граѓани, но и од бискупи, свештеници, барони и аристократи. По едно долго, седум месечно патување, големата група пристигнала во Ерусалим на Цветници 1027 година. По шест дена, на Велика Сабота, Ришар лично присуствувал на службата на слегувањето на Благодатниот оган. Сведоштвото на Ришар е особено важно, затоа што ја опишува оваа служба, точно 18 години по рушењето на храмот.

По убиството на ал-Хаким, во 1021 година, на Кувуклијата на Гробот биле направени некакви провизорни поправки, но храмот на Воскресението и натаму бил разорен. Во 1030 година е била добиена дозвола за повторна изградба на храмот, за што византискиот цар Роман III Аргир морал да ги ослободи сите муслимански заробеници, но изградбата започнала дури во 1038 година и траела цели 11 години. Овај потфат го довршил царот Константин Мономах во 1048 година. Значи во таа 1027 година Ришар, всушност, присуствувал на служба под ведро небо, околу Христовиот Гроб, меѓу урнатините на храмот!

Во овој разорен храм, како што наведува Ришар, муслиманите фрлале камења на христијанските поклоници:

„Кој беше значи тој настан? Паганите разместени околу уратините на храмот, целата таа седмица пред Воскресение, фрлаа камења на луѓето што служеа таму. Еден камен така фрлен, падна внатре во Гробот врз свештеник и овој Божји човек го прими на себе како голем дар“.

Од ова се гледа дека службата за слегување на Благодатниот оган се одвивала во услови на страшен терор. На верниците им се заканувала и смрт доколку Светиот оган не се појавел. Ришаровото сведоштво било сочувано во хрониката на французинот Иго, познат теолог и опат во манастирот Флавињи. Еве како продолжува расказот на Ришар:

„И зошто премногу да се зборува? Пристигна денот Велика Сабота кога се чекаше Огнот од Господа. Додека христијаните беа затворени внатре, чекајќи ја благоугодната Божја волја за примање на Огнот, вооружените идолопоклоници внимателно го надгледуваа целиот храм, за во случај Огнот да не дојде, да ги посечат сите со меч. И ете, околу деветтиот час, додека сите се молеа, во едно кандило, без никаква човечка помош, се запали Оган од Господа. И сите идолопоклоници ги обзеде восхит и страв, а христијаните радост и ликување, така што сите во храмот едногласно пееја: Велик е Господ наш и голема е славата Негова и мудроста Негова нема крај“.

Нарацијата на Блажениот Ричард на Светиот Оган како што е запишано на пергамент од Хју во неговата хроника, датира од 1102 година. MS Philips 1870, fol 87r (Берлин, Staatsbibliothek).

Восхитува фактот дека и покрај тоа што храмот бил разорен, чудото со Благодатниот оган и понатаму се случувало, а христијаните и натаму присуствувале на службата, дури и под закана од смрт доколку чудото не се исполни.

Притоа ова не е единственото сведоштво, бидејќи во истиот тој период и францускиот бискуп Улрих го посетил Ерусалим и бил очевидец на службата на слегувањето.

Бискуп Улрих (1025-1028.г.)

Орлеанскиот бискуп Улрих веројатно го посетил Ерусалим во периодот помеѓу 1025 и 1028 година. Тој бил очевидец на службата за Благодатниот оган и за ова му раскажал на својот соработник, монах и летописец, Рудолф Глабер (985-1047). Глабер го запишал неговото сведоштво во своето дело „Историја во пет книги од 900 до 1044 г.“. Најстариот сочуван ракопис е веројатно дело на самиот Глабер бидејќи го содржи неговиот потпис:

„Во исто време орлеанскиот бискуп Улрих беше на ова патување и ни раскажа за едно чудо кое не треба да се изостави. На ден Велика Сабота, кога целиот народ беше собран, очекувајќи го Светиот Оган што требаше со сила Божја чудесно да се запали, и самиот бискуп беше меѓу нив. Веќе паѓаше ноќ, кога, ненадејно, токму во мигот на појавата на Огнот, еден Сарацен, многу дрзок лакрдијаш, извика како христијанин: Свети Господи помилуј. А потоа смеејќи и подбивајќи се, му ја грабна свеќата на еден христијанин и побегна. Меѓутоа, додека трчаше го обзеде демон и многу го измачи. Христијанинот што го следеше си ја зеде назад својата свеќа, а тој подбивачот, веднаш умре во страшни маки на рацете од другите Сарацени. Овој настан нив силно ги преплаши. Токму во тој миг, како и обично, со силата Божја се појави пламен во едно од седумте кандила што таму висеа и набрзо ги запали и преостанатите. Бискупот од Јордан, кој таму претстоеше во име на Патријархот, за еден златен дукат го откупи тоа кандило и маслото во него и го однесе во својата митрополија, каде од него се исцелија многу болни“.

Слегувањето на Огнот во мракот и под ведро небо, како и последователното палење на седумте кандила, несомнено ги фасцинирале сите присутни. Чудото значи, продолжило да се случува потполно на ист начин и после уништувањето на храмот и Христовиот Гроб. Но ова разорно дело на калифот предизвикал силен негативен одек во христијанскиот свет и како што се претпоставува, е една од причините за почетокот на крстоносните војни.

Почеток на Крстоносните војни

Во 1095 година, на Соборот во Клермон Франција, папата Урбан II, официјално го објавува почетокот на Првата Крстоносна војна. Неговиот говор се одвива под ведро небо, надвор од градските ѕидини, бидејќи ниеден затворен простор не бил доволно голем за тоа мнозинство народ што се имале собрано. Според записот на Балдрих (1050 – 1130), во неговото дело „Историја на Ерусалим“, папата Урбан II, на Соборот ја величал вредноста на чудото на благодатниот Оган:

„Колку драгоцено, многу посакувано и ненадминато место би бил Гробот Господов, дури и кога Бог би пропуштил таму да го направи Своето годишно чудо! Зашто во деновите на Неговите страдања, сите кандила во Гробот и околу него во храмот, кои претходно биле изгасени, повторно се палат по божествена заповед. Чие срце е толку камено, браќа, па така големо чудо да не го допира?…“

Додека тогаш папата Урбан ја објави величественоста и вистинитоста на чудото на благодатниот Оган, во најпознатиот говор што средновековниот свет некогаш го слушнал, век и половина подоцна, во 1238 година, папата Григориј IX, го прави токму спротивното, оспорувајќи го својот претходник. Тој со официјален декрет ја прокламира невистинитоста на чудото и забранува било какво учество на верниците на Римокатоличката црква во службата на слегувањето. Ова одлука важи и до денес.
Со остар тон, папата Григориј на латинските верници им забранил учество во службата на слегувањето на Огнот и покрај тоа што самите свештеници во Ерусалим потврдиле дека Огнот слегува од небото во Гробот. Всушност, папата го отфрла чудото без некоја особена причина. На неговата одлука не претходел никаков настан што би можел да послужи како можно образложение, бидејќи во таа година службата и натаму си се одржувала на потполно ист начин како и претходните векови. Значи, мислењето на двајцата папи, Урбан II и Григориј IX, се дијаметрално спротивни. Но, што со тврдењето за непогрешливоста на папата? Кој од нив не бил во право. Тоа ќе пресудите сами.

Беседа на папата Урбан II за Светиот оган во 12-от век. пергаментски ракопис на делото на Балдрик. Historia Ierosolimitana. MS Stowe 56, fol. 3v. Лондон, Британска библиотека.

Освојување на Ерусалим од страна на крстоносците (1099)

Објавата на I-та Крстоносна војна од страна на папата Урбан II со цел ослободување на Светата Земја е претставувана и истакнувана како „Божја волја“. За оние што би се пријавиле за учество во неа било предвидено одлагање на долговите, заштита на имотот и дури прошка на гревовите – така што сето ова довело до масовен одзив на пошироките народни слоеви. Некои учествувале од верски фанатизам и љубов кон Бога, некои за да ги избришат своите долгови, некои поради авантура, а некои за богатење и грабеж.

Порта на Дамаск во Ерусалим. Дел од ѕидот што се наоѓа лево од портата, бил единствената слаба точка од влезот на градската тврдина поради спуст. На ова место крстоносците навлегле во градот.

Во мај 1097 год. крстоносните војски се собираат во Цариград и оттаму со помош на византијскиот цар Алексиј I Комнен, преминуваат на спротивниот малоазиски брег. По три месеци стигнуваат на сиријското приморје и девет месеци ја држат под опсада Антиохија. Најпосле 1098 год. градот паѓа во нивни раце и настапил немилосрден колеж на неговото муслиманско население. Следна цел на нивниот поход била освојувањето на Ерсалим. Четириесет дена траела опсадата на градот и на 15 јули 1099 год. крстоносците го освоиле градот при што се случило истото: суров масакр на муслиманските жители и она малкуте преостанати Евреи, кои биле живи запалени во синагогата.

За овој страшен колеж пишуваат разни хроничари, кои биле негови очевидци:„Околу десет илјади луѓе беа обезглавени во овој Храм… Никој не беше оставен жив. Не ги поштедија дури ни жените и децата.“

Масакрот на муслиманите во џамијата во Цезареја, 17 мај 1101 година. Кога Крстоносците го окупирале пристаништето во Картагина, кралот Балдуин им дозволил да се однесуваат како што сакаат. Илјадници палестински жители на градот заминале во големата џамија каде што биле сериозно масакрирани. Гравура од Paul Jonnard, подоцна Gustave Dorè (Paris, 1877)

Истите настани ги опишува и хроничарот и свештеник Раимонд д’Агиле нарекувајќи го овој брутален колеж на немоќни луѓе и мали деца чија единствена вина била тоа што живееле во тој град, „праведен и прекрасен Божји суд што ова место се наполни со крвта на неверниците“. Просто е неверојатно што вакво гледиште изразува еден свештеник. Самото тоа мислење ја одразува болната идеологија која владеела во редовите на крстоносците. Оваа идеологија и колеж го навеле британскиот историчар Стивен Рансимен крстоносните војни да ги нарече грев против Светиот Дух. Тие ужасни дела кои продолжиле и следните години имале директни последици врз чудото на Благодатниот оган.

Секако во сите тие злосторнички дела православните христијани немале апсолутно никакво учество. Напротив, многу пати и самите биле нивни жртви, како на пример за освојувањето на Константинопол во 1204 год. Цели три дена Крстоносците од Запад ги убивале жителите на градот и ги ограбувале светите реликвии од храмовите во еден од најстрашните колежи во историјата на човештвото.

После падот на Ерусалим во јули 1099 год. за владетел на градот е прогласен Годфрид IV Булјонски, кој одбил да се круниса за крал во градот во кој Исус Христос бил овенчан со трнов венец. Тој се задоволил со скромната титула „Заштитник на светиот Гроб“.

Православниот Патријарх Симеон, кој бил протеран од муслиманите на Кипар, се вратил во својата столица но Латините му забраниле да служи Литургија во храмот на Воскресението и и набрзо го принудиле да го напушти градот. Првиот, пак, Латин кој бил избран за Ерусалимски патријарх, бил неканонски ракоположен а и обвинет за неморален живот и тема на вулгарни песни.

На Велика Сабота во 1100 год. избран е новиот латински патријарх Даимберт, и поставен на чело на службата за слегување на Благодатниот оган. Иако службата се одвивала на вообичаен начин, за првпат Светиот Оган не се појавува. Службата продолжува уште неколку часа, и молитвите се повторуваат, но без резултати.

Латинските свештеници сфаќаат дека Бог не ги одобрува нивните дела и им наредуваат на крстоносците да ги исповедаат своите гревови – пред сѐ сите оние колежи што ги направиле при освојувањето на Ерусалим. По овој долготраен процес, како што известува францускиот историчар Гибер, длабоко во ноќта, најпосле се појавува Благодатниот оган. Но следната Велика Сабота, 1101 год. за првпат во историјата Огнот воопшто не се појавува. Веќе втора година по ред Латините согледуваат дека го немаат Божјиот благослов и жителите на градот се вознемируваат. Следното утро, на Воскресение, молитвите биле повторени, меѓутоа Благодатниот оган и натаму не се појавувал. Латините решиле да го напуштат храмот, а православните свештеници заедно со православните Сиријци, искористиле прилика и сами повторно ја започнале службата. Тогаш се случило нешто неочекувано.

Ретко бива некој настан што се случил при одреден верски обред пред девет векови да биде запишан од страна на дури осум хроничари. Меѓу нив се тројцата француски летописци, Фулхериј, Бартолф и Гибер, германскиот историчар Екехард, англискиот Виљем, италијанскиот Кафаро, ерменскиот Матеј од Едеса, и уште еден французин чие име не е познато – авторот на кодексот L.

Францускиот летописец Фулхериј и кодексот L

Фулхериј (1058-1127) – Свештеникот и летописец
Свештеникот и летописец Фулхериј (1058-1127), учествувал во I Крстоносна војна како воен свештеник на ерусалимскиот крал Балдуин I. Во својата позната хроника за настаните од крстоносната војна меѓу другото напишал за неочекуваното непојавување на Благодатниот оган во 1101 година: „Во сабота спроти Воскресение сите беа вознемирени затоа што Огнот не се појави на Гробот Господов[1].“

Овде не се објаснува причината за непојавувањето на Благодатниот оган, ниту тоа дека Огнот се појавил следниот ден во неделата на Воскресение. Но за разлика од него, во делото на анонимниот француски летописец, познато како кодекс L, приказната за огнот претставува посебен оддел и е изложена дури на две страници. Анонимниот автор бил очевидец на службата на слегувањето на Огнот и настаните ги опишува точно онака како што ги доживеал. Како што самиот вели, за време на службата се молел заедно со останатите поклоници за слегувањето на небесниот Оган: „Секоја година на Велика Сабота, кога светиот Оган на несфатлив начин слегува на Гробот на нашиот Господ и пројавува божествена сила, палејќи ги кандилата што таму висат, обичај е присутните во храмот да го поминат денот во очекување, смерно молејќи се на Бога, за Он по Својата милост да го испрати Огнот. Целиот храм тогаш е исполнет со неизбројно мноштво луѓе кои го очекуваат Божественото дело на благословот.“

„А тогаш, кога веќе измина деветтиот час од денот, (латинскиот) патријарх, откако по трет пат торжествено и свечено отпеа Господи помилуј, ги зеде клучевите од Пресветиот Гроб и отворајќи ја вратата, влезе внатре. Но бидејќи забележа дека очекуваниот Оган не се беше појавил, падна на колена пред Гробот и со солзи во очите го молеше семоќниот Бог да ги услиши молитвите на луѓето и да им го испрати Благодатниот Оган како и претходните години. Ние од наша страна повторно почнавме да пееме Господи помилуј и ги повторувавме молитвите кон Севишниот, надевајќи се дека патријархот, кога ќе излезе од Гробот ќе ни ја донесе Божјата Светлина од внатре. Меѓутоа кога неговите топли молитви се продолжија и кога со тажен израз на лицето најпосле излезе од Гробот, без благословот што го бараше, сите присутни ги обзеде болно чувство на безнадежност.“

Писателот ги опишува настаните онака како што ги доживеал и детално ни го пренесува чувството на разочараност што го обзело мноштвото присутни, зашто ова било прв пат после толку векови да се случи такво нешто. Одговорен за неуспехот бил сметан самиот патријарх Даимберт кој бил претстојател на службата. Германскиот историчар Алберт од Аахен во своето дело со наслов „Историја на Ерусалим“ особено критички се однесува кон Даимберт. Го обвинува за предавство кон римскиот папа и злоупотреба на присвоените скапоцени подароци на шпанскиот крал Алфонс VI, со цел да стане ерусалимски патријарх. Но особено бил критикуван за масакрот врз христијаните на островот Кефалонија што бил извршен по негов налог. За ова зборува и историчарката Ана Комнина која во своето дело „Алексијада“, го обвинува за пустошењето на Крф, Лефкада, Кефалонија и Закинтос.
Следниот ден на Воскресение Даимберт одново влегува во Пресветиот Гроб за да провери дали слегол Благодатниот оган, но исходот е повторно негативен. Потоа тој и останатите латински свештеници решаваат да тргнат во литија кон „Храмот Господов“, односно кон џамијата „Купола на карпата“, што крстоносците ја имале претворено во христијански храм, поставувајќи голем крст на нејзиниот врв. Џамијата била изградена точно на местото на стариот Ерусалимски храм што Ирод го подигнал во Христово време, на местото на древниот Соломонов храм. Како што се наведува во понатамошното раскажување на Кодексот, по заминувањето на Латините од храмот на Воскресението, христијаните и Сиријците што останале во храмот, со полна слобода си ја започнале службата според утврдениот редослед. И тогаш на чудесен начин Огнот се појавил во едно од кандилата во Гробот. Но верниците не можеле да ги запалат своите свеќи затоа што гробот бил заклучен, а клучевите ги чувал Даимберт.

„И така додека латините се молеа во храмот Господов, Грците и Сиријците, што останаа во храмот на Пресветиот Гроб, правеа литија околу Гробот, принесувајќи ги своите молитви кон Бога и во очај корнејќи ја косата со гласно липање. Додека Латините се враќаа, патријархот беше известен дека силно посакуваната Светлина се појавила во едно од кандилата на Светиот Гроб и дека тие што биле во близина можеле лесно да ја забележат нејзината црвенкаста боја. Штом го слушна тоа патријархот веднаш го забрза чекорот и отварајќи ја вратата на Гробот со клучот што го држеше во раката, веднаш ја здогледа посакуваната Светлина како гори во едно од кандилата[2].

Dum autem in Templo illo dominico gens nostra sic oraret, in monasterio Sanctissimi Sepulchri similiter Greci ac Syri, qui ibi remanserant, non minus idem Sepulchrum cum processione sua circumgyrantes, orationi vacabant, qui præ nimio dolore genas suas et capillos suos ululando decerpebant. Quum ergo populus noster, oratione sua in Templo expleta, ad ecclesiam Sanctissimi Sepulcri redisset, antequam januas introisset, nuntiatum est patriarchaeet ceteris ignem desideratissimum jam in lampade una ante ipsum Sepulcrum cœlitus gratia Dei accensum fuisse, quem propius astantes, per fenestras quasdam rutilare jam viderant. Quod quum patriarcha audisset, quanto citius potuit illuc lætus properarit; et quum de claviculis, quas in manu sua gestabat, ostium Sepulcri reserasset, confestim vidit ignem in lampade quem tam peroptaverat splendere.

Францускиот летописец Фулхериј и кодексот L

Појавата на Благодатниот Оган по молитвите на православните, било сфатено како Божествена потврда на исправноста на Источно Православната Црква, а паралелно со тоа и како отфрлање на новиот режим наметнат од страна на крстоносците. Томас Индинопулос го наведува следново: „Додека Латините беа отсутни и само грчките и сириските свештеници се наоѓаа во Пресветиот Гроб, Светлината се појави. Во врска со ова ни се дава некакво наговестување од страна на еден од локалните хроничари, кој вели дека Бог бил гневен затоа што на православните им беше одземено правото на служење во Пресветиот Гроб и заради внесувањето на жени во манастирите. Како резултат на преговорите со кралот, православните беа вратени на своите места во храмот а жените исфрлени од манастирите, па Бог се смилува и ни го испрати Светиот Оган.“

Кристофер Макевит тврди дека недоаѓањето на Огнот било пред сè поврзано со мегаломанијата на латинскиот патријарх Даимберт, кој требал да се смири пред народот: „Даимберт сметаше дека со светиот град треба да управува патријархот а не кралот – оттука и неговиот судир со Балдуин. Според тоа вистинската причина за кризата со Благодатниот Оган не беше повторното воспоставување на локалното свештенство, кое никогаш и не било протерано, туку смирување на патријархот пред големото мноштво поклоници и крстоносци“.

Втората причина што Макевит ја наведува е незадоволството на Бога од латинскиот патријарх: „Во моментот кога патријархот Даимберт требало да се појави во својата најголема слава, прославувајќи го Воскресението Господово, единственото што му се откри беше сопствената немоќ и Божјото незадоволство од него. Така Благодатниот Оган се појави дури кога Даимберт и неговите свештеници го напуштија Пресветиот Гроб за да се помолат во храмот Господов, оставајќи ги зад себе православните свештеници, во мир да се помолат и најпосле да го дочекаат долго очекуваното чудо.“

Според мислењето на авторот на оваа книга, неуспешната служба на слегувањето на Огнот на Велика Сабота 1101 година не треба да му се припишува само на еден поединец, патријархот Даимберт, туку на општиот став на крстоносците, кои како што веќе рековме ја освоиле Антиохија, Ерусалим и другите градови, касапејќи сè живо во атмосфера на невидено дивјаштво.

И Колин Морис напомнува: „Општ впечаток беше дека овој неуспех дојде како одговор на гревовите на христијанските победници.“ Меѓутоа што значи тоа одбивање на Благодатниот Оган да се појави на Велика Сабота во 1101 година, во однос на автентичноста на чудото?

Дали ја негира или пак, можеби, ја потврдува и поткрепува?
Од раскажаните настани се наметнува еден очигледен заклучок дека и покрај срамот и понижувањата што ги претрпеле Латините, а пред сè Даимберт, никој од нив не можел да го произведе огнот на вештачки начин! Причината за тоа е едноставна: за време на службата немало никој во внатрешноста на Гробот, како што беше веќе спомнато. Тој бил заклучен, а клучевите ги имал единствено Даимберт. Според тоа, ненадејното доаѓање на Светиот Оган во празниот Гроб, во недела наутро 21 април 1101 год, во отсуство на Даимберт, претставува несоборлив доказ за вистинитоста на чудото.

Францускиот историчар Гибер (1101)

Гибер бил француски бенедиктински монах, теолог и историчар. Во 1101 год. ја напишал историјата на I Kрстоносна војна под наслов „Дејствувањата Божји преку Франките“. Во него Гибер зборува за настаните на Велика Сабота во 1100 и 1101 година (две последователни години), за кои самиот вели дека никогаш претходно не се случиле. Ќе го наведеме неговото раскажување за прочуената Велика Сабота од 1101 година:

Приказната на Гиберт за Велика Сабота во 1101 година. MS Paris Lat. 12945, fols. 60v, 13th c., Национална Библиотека во Париз

„Тој ден, кога чудото не се случи, сите се вратија во своите домови. Две ноќи горка тага им ги притискаше срцата. Следниот ден решија со соодветна жалост да ја направат литијата во Господовиот Храм. Од таму излегоа без воскресна радост, како и претходниот ден, кога наеднаш зад нив дотрчаа чуварите на храмот и им објавија дека кандилото во Пресветиот Гроб се запалило. И зошто да одолговлекувам? Во оној ден заблеска таков благослов, богато зголемен со доцнењето, така што Божествениот Оган се запали, иако не истовремено туку последователно, на дури педесет кандила. Не само за време на светите тајни, туку и подоцна, додека кралот по богослужбата беше на трпеза во дворецот, секој час доаѓаа гласници и го повикуваа да ја остави трпезата и да ги види новите кандила, кои тукушто се беа запалиле“.

“Ea dies re infecta universos in sua tecta remisit; nox gemina irruit, acrisque mæstitia generaliter omnium pectora torsit. In crastino deliberant, ut ad templum usque Domini debito cum mærore procedant. Ierant gaudii pror¬sus paschalis immemores, dum nullus habitu differt a die Parasceues: cum ecce ab ædituis ecclesiae post cunfium terga concinitur, quia sacri monumenti lampas accenditur. Quid immoror? Tanta eo die gratia, aucto suae ubertatis ex dilatione successu, emicuit, ut illa Dei claritas non quidem simul sed vicis- sim intra Sepulcri ecclesiam lampades ferme L tetigerit. Hæc non modo inter sacra contigere mysteria, verum cum peractis officiis rex pranderet in aula, cogitur frequentibus nuntiis ad nova videnda lumina reiecta consurgere mensa”.

Гиберовото сведоштво е најпотполно и најдетално од сите кои му претходеа, иако тој не присуствувал лично на настаните, туку податоците ги добил од крстоносците што биле таму. Во тоа време кога латините го имале напуштено Гробот и тргнале кон џамијата Купола на карпата ( Dome of the Rock), грчките и сириските православни верници, како што рековме, почнале да ги повторуваат вообичаените молитви околу Гробот и тогаш Благодатниот Оган се појавил.

Латините биле известени дека чудото се случило уште додека доаѓале кон храмот Господов. Според тоа Огнот слегол неколку минути откако Латините го напуштиле Пресветиот Гроб.

Според описот на Гибер, во тој ден се запалиле околу педесет кандила, додека присуството на Благодатниот Оган се чувствувало во текот на неколку часа.

Ова бил втор и последен пат латински патријарх да се обиде да раководи со службата на слегувањето на Благодатниот Оган.

Многумина, како што наведовме, го сметале бискупот Даимберт за еден од главните виновници за неуспехот. Неколку месеци подоцна кралот Балдуин I дефинитивно го повлекол од должност, го протерал од градот, му го конфискувал целиот негов имот и на негово место го поставил Евремар. Меѓутоа за раководител на службата на слегувањето на Благодатниот Оган бил поставен православен архиереј – игуменот на манастирот Св. Сава, што тогаш го менувал протераниот грчки патријарх.

Приказната на Гиберт за палењето на кандилото
дури и откако бил отстранет фитилот.
MS Paris Lat. 12945, fols. 60r, 60v, 13th c.,
Национална Библиотека во Париз

Како резиме на досега кажаното за слегувањето на Благодатниот Оган во 1101 година, можеме да заклучиме дека сите хроничари што ги спомнавме ги опишуваат, помалку или повеќе, истите настани, некои накратко а некои детално: чудесното палење на кандилото во внатрешноста на заклучениот Гроб после молитвата на православните, а во отсуство на латините; подоцнежното палење на поголем број кандила (16 според Екехарт, 50 според Гибер, сите кандила според Вилијам од Малмзбери) во текот на денот. Чудото траело неколку часа и според раскажувањето на летописците, за прв пат се случило во недела на Воскресение, а не на Велика Сабота – совпаѓањето на тврдењата претставува најсилен доказ за вистинитоста на настанот.

Околу пет години подоцна, 1106 година рускиот игумен Даниил тргнува од Москва на долг пат кон Светата земја.

Рускиот игумен Даниил (1105 – 1107г.) I дел

Рускиот игумен Даниил тргнал на своето долго патување во Светата Земја од еден манастир во областа Чернигов, северно од Киев. Не знаеме точно која година се случило патувањето, но научниците, сите до еден, се согласуваат дека тоа се случило во периодот помеѓу 1105 – 1107 година. Игумен Даниил ги запишал своите искуства во Хрониката, која била доста распространета во Русија и денес е сочувана во околу 150 ракописи[1].

Како што наведовме во претходниот дел, во 1102 година кралот Балдуин I го сменил Даимберт од положбата Ерусалимски Патријарх и го протерал од градот. На негово место го поставил бискупот Евремар, но на чело на службата за Благодатниот Оган, сепак, поставил православен свештеник. Факторот кој во оваа прилика влијаел на Балдуиновата одлука бил стравот од нов неуспех на службата и негативниот ефект што тој неуспех би го имал на веќе разнишаниот углед на Римокатоличката црква. Британскиот историчар Стивен Рансимен наведува дека наводно „Балдуин ја научил својата лекција“ после неуспехот од 1101 год. и затоа „клучевите од Пресветиот Гроб биле вратени на Грците“[2].

Данииловото раскажување ги потврдува сите овие горенаведени ставови и покажува дека православните навистина стекнале надлежност над службата. Во 17 поглавје од своето дело, рускиот игумен го опишува обредот со запрепастувачка прецизност:
„Ова што следи е опис на Светиот Оган, кој слегува во пресветиот Гроб… зашто навистина, со своите грешни очи видов како тој благодатен Оган слегува на искупителниот Гроб на нашиот Господ Исус Христос… Божествената благодат невидливо слегува од небото и ги пали кандилата на Гробот на нашиот Господ. Ќе го опишам ова како една вистина, онака како што видов“.[3]

Освен рускиот игумен, очевидци на службата биле уште петмина Руси што го следеле на патот.

Даниил наведува дека на Велики Петок се сретнал со кралот Балдуин и од него го побарал следново:

„Кнезу мој и Господару, заради љубовта Божја и од почит кон руските кнезови, дозволи ми во име на целиот руски народ да го поставам своето кандило во Пресветиот Гроб“[4].

Тогаш тој со необична љубезност и внимание ми даде дозвола да го ставам своето кандило во Гробот Господов.

Даниил вака го опишува моментот на своето влегување во Христовиот Гроб, во придружба на чуварот кај кого биле клучевите:

Даниел го положува своето кандило на гробот на Исус Христос.
Илустрација од: I. Moshhkova

„Откако ја отвори свештената врата… ме упати да го поставам кандилото на Гробот Господов. Го ставив со своите грешни раце на местото каде што лежеле светите стапала на нашиот Господ Исус Христос. Кандилото на Грците беше таму каде што Му лежела главата, а на Св. Сава и сите други манастири, на местото на градите; бидејќи, обичај на Грците и на манастирот на Св. Сава, е тука да ги оставаат кандилата секоја година. По Божја милост, овие три кандила се запалија за време на обредот, но ниедно од оние што им припаѓаа на Франките и што висеа над Гробот, не ја доби Светлината“[5].

Ова ни открива многу за режимот што владеел кај пресветиот Гроб. На плочата на Гробот се наоѓале само две грчки кандила и уште едното руско што тука го поставил Даниил. Овие кандила се запалиле од благодатниот Оган, за разлика од латинските. Данииловото сведоштво потполно ја потврдува и оправдува Балдуиновата одлука на чело на службата да ги врати православните.
Раскажувањето продолжува вака:
„Следниот ден, на Велика Сабота, во 6 – от час од денот, сите се собираат пред Храмот на Воскресението. Домашни и странски верници, луѓе од сите земји, од Вавилон, од Египет и од сите делови на светот, на тој ден доаѓаат заедно во неброено мноштво. Толпата на луѓе го исполнува отворениот простор околу храмот и околу местото на Распетието… Свештениците се сами во внатрешноста на храмот и свештенството и народот подеднакво чекаат на доаѓањето на кнезот и неговата придружба. А потоа, откако вратите ќе се отворат, луѓето влегуваат внатре и го исполнуваат храмот и сите галерии, бидејќи Храмот сам по себе не би можел да прими толкаво мноштво. Голем дел од толпата мора да остане надвор… Сите луѓе, и внатре и надвор, постојано извикуваат ‘Господи помилуј’, и тој извик е толку силен што целата црква одекнува од него. Верниците пролеваат потоци на солзи, дури и оној што има срце од камен не може да издржи, а да не заплаче… Во Сабота, околу 7-от час, кнез Балдуин заедно со придружбата излезе од својата резиденција и пешки се упати кон гробот на нашиот Господ, повикувајќи ги игумените и монасите од конакот на Свети Сава. Игуменот веднаш тргна кон Светиот Гроб заедно со монасите, а и јас недостојниот тргнав со нив. Кога стигнавме кај кнезот сите го поздравивме. Тој ни одговори на поздравот и му рече на игуменот и на мене грешниот, да одиме покрај него, додека останатите игумени и монаси одеа напред, а придружбата зад нас. Така стигнавме до западните врати на Храмот на Воскресението и бидејќи толпата на луѓе беше толку густа, кнез Балдуин им нареди на војниците да ни отворат пат“[6].

Рускиот игумен Даниил (1105 – 1107г.) II дел

Во продолжение го приложуваме и стариот руски текст. Војниците отвориле пат и сите заедно влегле во храмот. Еве што, според раскажувањето, се случило тогаш:

И повелел князь игумену Святаго Савы стати над Гробом с своими чер- ныци и с правоверными попы. Мене же худаго повеле поставити высоко над самыми дверьми Гробными про- тиву великому олтарю, яко дозрети ми лзе бяше в двери Гробныя. Двери же та Гробныя все трои запечатаны бяху, и запечатаны печатию царскою. Латиньстии же попове в велицем олтари стояху. И яко бысть 8 час дне, начаша вечернюю пета на Гробе горе попове правовернии и черноризци и вси ду- ховнии мужи; пустынници мнози ту бяху; латана же в велицем олтари на¬чаша верещити свойскы. И тако пою¬щим им всем, аз ту стояхъ, прилежно зрях ко дверем Гробным. И яко на¬чаша чести паремии тоя суботы Вели- киа, на первых пареми изиде еписколъ с дьяконом на великаго олтаря и приде ко дверем Гробным, и позре въ Гробь сквозе крестецъ дверей техъ, и не узре света в Гробе, и возвратися опять…
И тогда вси людие възопиша съ слезами “Кирие, елеисон!”, еже есть “Гос¬поди, помилуй”. И яко быстъ 9-му часу минувшю и начаша пети песнь проходную “Господеви поим”, тогда внезаапу прииде туча мала от встока лиц и ста над верхом непокрытым тоа церкве, и дождь малъ над Гробом Святымъ, и смочи ны добре стоящих на Гробе. И тогда внезаапу восия светь святый во Гробе Святем: изиде бли¬стание страшно и светло из Гроба Господня Святаго. И пришед епископъ с 4-ми дияконы, отверзе двери Гробныя, и взята свещу князя того у Балдвина, и тако вниде въ Гроб, и вожже свещу княжю первее от света того святаго. Изнешсе же из Гроба свещу ту и дата самому князю тому в руце его. И ста князь-ет на месте своемъ, свещю держа с радостию великою.
И от того вси свои свещи въжгохомъ, а от наших свещ вси людие вожгоша свои свещи по всей церкви, друг отъ друга вожгоша свещи.[1]

„Кнезот му нареди на игуменот на Св. Сава да го заземе своето место кај гробот, заедно со монасите и православните свештеници. Мене, бедниот, ме упати на едно високо место, над самите врати на Гробот, пред големиот олтар, за да можам така директно да гледам во вратата на Гробот. Сите три врати беа запечатени со кралскиот печат. Латинските свештеници стоеја кај големиот олтар. Кога дојде 8 – от час од денот, православните свештеници што беа кај Пресветиот Гроб, почнаа, заедно со клирот, монасите и пустиножителите, да ја пеат Вечерната богослужба. А Латините, покрај големиот олтар почнаа да си мрморат на свој начин. И така, додека сите пееја, јас го чував своето место и внимателно гледав во вратата од Гробот. Кога почнаа да ги кажуваат читањата за Велика Сабота, за време на првото читање, латинскиот бискуп заедно со еден ѓакон, пријде до вратите на Гробот, погледна внатре и не здогледувајќи Светлина во Гробот, се врати на своето место… Сите луѓе со солзи во очите викаа: Κύριε ελέησον!’ Што значи ‘Господи помилуј’. На крајот од 9-от час на богослужбата, еден мал облак, кој ненадејно дојде од исток, застана над отворениот свод на храмот. Ситен дожд почна да паѓа над Светиот Гроб и нè изводени сите нас што бевме околу Гробот. И токму во тој миг Светиот Оган ненадејно заблеска во Светиот Гроб, сјаејќи со силна и прекрасна светлина. Тогаш латинскиот бискуп во придружба на четири ѓакони, ја отвори варата на Гробот и влезе внатре со свеќата на кнез Балдуин за таа прва да се запали од Благодатниот Оган. После ова кнезот се врати на своето место, држејќи ја свеќата со голема радост и сите ние си ги палевме своите свеќи од кнезовата, така што пламенот беше пренесен до сите во храмот“.[2]

Ова раскажување на Даниил има навистина прекрасни детали. Така тој детално го објаснува поредокот на Светиот Гроб. На службата началствува игуменот на манастирот Св. Сава кој се наоѓа пред Гробот со останатите православни свештеници. Латините имаат второстепена улога, стојат во позадина близу својот крал. Но, во мигот кога Огнот слегува во Гробот надлежноста на службата ја преземаат Латините кои го изнесуваат Огнот од Гробот за самиот крал Балдуин да го раздели на народот. Целиот Даниилов расказ се одликува со извонредна прецизност и веродостојност.

Уште еден детаљ што треба да се истакне е описот на малиот облак кој се појавил точно над Гробот, над големиот отвор што постоел во куполата. Прво накратко паднала роса која имала очистувачки карактер, а потоа веднаш слегол Светиот Оган. Сето ова можеби звучи неверојатно, меѓутоа и овде Даниил е веродостоен. Историските факти покажуваат дека кога завршила изградбата на храмот од страна на Константин Мономах, најголемиот дел од куполата навистина бил отворен.

 

План за Светиот Гроб во ерата на Даниел.
Преку една од трите заштитни решетки на вратите,
може да се види палењето на кандилото во празниот гроб. a, b, c:
Трите врати на гробот d: Ангелскиот камен e:
Каменот на кој што е положено телото на Исус

 

Кога Светиот Оган слегол се запалиле сите три кандила во внатрешноста на Гробот – податок што Даниил, како што наведува, го дознал од игуменот на манастирот, настојателот на Гробот и чуварот на клучевите, што влегле во Гробот.

Уште еден битен детаљ во раскажувањето е наведеното дека Светиот Оган слегол и ја осветлил и однадвор Кувуклијата, „блескајќи со силна и прекрасна светлина“. Според тоа, внатрешноста на Гробот и надворешноста на Кувуклијата биле истовремено осветлени, што претставува врв на чудото. А таквата истовременост може да биде постигната само со божествено делување. Во ова сме уверени затоа што Даниил како официјален пратеник на руските кнезови, се наоѓал веднаш спроти влезот во Светиот Гроб и го запишал, како што нè уверува, само она што го видел со сопствените очи. Неговото сведоштво во целина има непроценлива вредност.

Со сведоштвото на рускиот игумен Даниил завршуваат првите 22 сведоштва што се однесуваат на слегувањето на Светиот Оган. Пред да преминеме на следните сведоштва, ќе направиме кратка пауза и ќе се навратиме на еден феномен од денешно време, поврзан со сонцето на Велика Сабота и ќе се запознаеме со наодите од научното истражување на рускиот физичар Андреј Волков, што било спроведено на Велика Сабота во 2008 година.

Научните мерења на рускиот физичар
Андреј Волков, на Велика Сабота 2008 год

доц. проф. Андреј Волков
На Велика Сабота 2008 година, рускиот физичар Андреј Александрович Волков од Националниот Центар за истражување „Институт Курчатов“ во Русија, бил поставен како раководител на научната мисија чија цел била испитувањето на чудото на Благодатниот Оган. Така, некаде околу 9 часот утрото на Велика сабота 2008 година, Андреј Волков влегол во храмот на Воскресението со најсовремена научна опрема. Основниот инструмент што бил користен за ова мерење бил таканаречениот Дигитален осцилоскоп, којшто бил поврзан со лаптоп со соодветен софтвер. Местото на коешто се наоѓал инструментот било оддалечено некаде околу 10 метри од Пресветиот Гроб и основна цел му била да го забележи спектарот на електромагнетно зрачење во одредени фреквенции. Резултатите на овие свои мерења и заклучоците што произлегле од нив, Волков ги објавил една година подоцна, на 21 април 2009 година во следново интервју:

-Андреј Александрович, зошто токму вие отидовте да ја испитате природата на Светиот Оган? Дали тоа се совпаѓа со предметот на вашата научна работа?

-Последните 12 години се занимавам со таканаречената нискотемпературна плазма.

-Што е тоа?

Осцилоскопот којшто го користел рускиот физичар за мерењата

-Во состојба на плазма се наоѓа најголемиот дел од материјата во Космосот: ѕвездите, галактичките облаци, меѓуѕвездените средини. Тоа е многу силно јонизиран гас… На самата планета земја, пак, плазмата е ретка појава, која дури сега неодамна научивме да ја создаваме. На пример: во хирургијата започнаа со користење на „скалпели“ од многу тенок сноп на плазма, загреан на температура од 5000 – 6000 степени. Тоа е високотемпературна плазма, со која единствено може да се сече материјата. Меѓутоа постои и нискотемпературна плазма со температура од околу 40 до 80 степени, која може да исцелува рани. Токму со создавањето на такви медицински апарати за „исцелување“ се занимавам јас и веќе почнавме со нивно производство.

-А што има врска тоа со Благодатниот Оган?

-Судејќи според многубројните описи, појавата на Светиот Оган е проследена со појава на плазма, која, надворешно гледано, доста потсетува на нискотемпературната. На пример, познато е дека тој Оган извесно време воопшто не ги гори рацете и лицето. Исто така, скоро веќе 1000 години очевидците зборуваат за некакви одблесоци, кои ги обиколуваат ѕидовите на храмот пред и после доаѓањето на Огнот.

-Дали таквите појави на плазма се единствени?

-Секако. Во лабораторија ја проучуваме нискотемпературната плазма само во вакуум. Таа исто така може да постои и во воздухот, но само во многу строго одредени услови… И при голема влажност. Меѓутоа, за Велигден, над Господовиот Гроб, воздухот е потполно топол и сув, нема воопшто влага што би можела да спроведува електрицитет и не постои никаков извор за можна разлика на потенцијалот; но, и покрај тоа, таму постојано се појавуваат одблесоци, светлосни снопови кои, според моето мислење, подоцна се претвораат во искра и го создаваат Огнот.

Според рускиот физичар, појавувањето на плазмата што, според неговата проценка, се случува во внатрешноста на храмот, е потполно необјасниво и неоправдано од научна гледна точка. Меѓутоа, врвниот момент на неговото мерење дошол во мигот на појавата на Благодатниот Оган, додека Патријархот бил затворен во внатрешноста на Гробот. Неочекуваниот резултат во мерењето бил забележан во 14 часот попладне (по руско време) и само 2 минути подоцна Патријархот излегол со Светиот Оган. Волков продолжува во своето интервју:

-Помина доста време откако Ерусалимскиот Патријарх влезе во Кувуклијата, службата беше започната… и наеднаш – гледај! Забележана е промена на спектарот на зрачење, предизвикана од непознат импулс. Ова се случи во 15 ч и 04 минути по руско време. Една осцилација – и ништо друго слично на неа. А наскоро се појави и Ерусалимскиот Патријарх со запалена свеќа.

-Каква осцилација било тоа?

-Електрично празнење. Што значеше и од каде дојде – не знам. Подоцна, по враќањето во Русија се зафатив со декодирање на запишаните радио сигнали. Процесот на мерење траеше 6,5 часа. Едно мерење опфаќа околу 1000 „кадри“. Многу напорна работа. Но потврдивме дека пред појавата на Огнот навистина се случи електрично празнење… Не можам сега да ви ги изложувам деталите, но предвиден е документарен филм каде што детално ќе биде изложен картограмот на мерењето. Она што е значајно, веќе го кажав – беше тоа електрично празнење. Зошто велам значајно? Гледајте, овде се формира потполна слика. Веќе ви спомнав за појавата на плазмата што сама по себе претставува чудо, зашто во храмот не постојат никакви услови за нејзиното создавање. Друг необјаснив факт е електричниот напон во воздухот, кој може да се забележи и без апарати – многумина чувствуваат дека за време на слегувањето на Благодатниот оган им се подигаат влакната на рацете. Ова е можно само при многу голема разлика во електричните потенцијали, да речеме помеѓу покривот на некоја зграда и подот во приземјето и тоа само во случај ако зградата е направена од чист кварц, а надвор беснее бура. Но на Пасха во Ерусалим, по правило нема никаква бура, времето е ведро. А самиот храм Господов е направен од различни материјали – мермер, варовнички карпи, дрво. Изграден е без некој единствен план и има мноштво разни помошни простории. Затоа, чисто се сомневам дека некој би можел во него да постави резонатор од огромни размери, како и исправувач и кондензатор кои се неопходни за создавање на ваков електричен напон и подоцнежното празнење. Идејата е просто апсурдна! А сепак, се создава оваа разлика во електричните потенцијали! И тоа само во одреден ден, на Велика Сабота, после молитвата во Кувуклијата.

Овде пред нас се покажува последниот аспект што го откривме – појавата на Огнот е проследена со електрично празнење. Тоа значи дека Огнот сам по себе е неодвоив дел од сите тие неверојатни, потполно необјасниви феномени во храмот, кои имаат извесна електрична природа. Зарем ова не е потврда на чудотворната природа на Благодатниот Оган?

Истражувањето на Андреј Волков е еден потполно поинаков, чисто научен пристап кон чудото на Светиот Оган. Резултатите на неговото мерење, според неговото научно мислење, претставуваат „потврда на чудотворната природа на овој феномен“.

Кодексот број 79 од Торинската библиотека (1149 г)

Овој грчки ракопис кој датира од 1149 година и првпат бил запишан во 1749 година од страна на Џузепе Пазини во каталогот на грчките ракописи во Националната библиотека во Торино. Во ракописот, меѓу другото, е наведено:

„Вообичаено е во Светата и Велика Црква на Пресветото Воскресение во Ерусалим, секоја Света Сабота нова и небесна светлина да ги пали кандилата на живоносниот и божествен Гроб… наеднаш, не само внатрешноста на Гробот, туку и целиот храм на Воскресението заблеска со оваа светлина“.

Значењето на Торинскиот ракопис не произлегува од неговата древност туку пред сè од овој навод дека Светиот Оган ја осветлил не само внатрешноста на Светиот Гроб, туку и целиот храм на Воскресението. Станува збор, значи, за истовремено осветлување на храмот и на внатрешноста на Кувуклијата. Ова внатрешно осветлување на Гробот, како што наведовме во претходната тема, не се постигнува само со палење на едно кандило, туку главно од натприродната Светлина што извира од самата камена плоча над Гробот.

Исландскиот опат Никола Бергсон (1154 г)

Во ова поглавје се спомнуваат дури тројца исландски патници што живееле во различни епохи и без сомнение ја поминале најголемата оддалеченост од сите други поклоници за да ја посетат Светата Земја. Првиот од нив, монахот и летописец Никола Бергсон, подоцна опат на манастирот Пвера на северен Исланд, тргнал за Ерусалим околу 1150 година и како што оценува Сабино де Сандоли, поминал оддалеченост од околу 10 илјади километри пред да стигне на својата посакувана цел. Најважните настани од ова патување се запишани во една хроника што се наоѓа во Библиотеката во Копенхаген (Кодекс АМ 194). Раскажувањето на опат Никола е доста скратено и на местата каде што зборува за храмот на Воскресението во Ерусалим, се задржува на описот на само две појави: присуството на Крвта на Исуса Христа на каменот на Голгота и чудото на Светиот Оган. Исландскиот опат пишува:
Таму постои храм во којшто се наоѓа Гробот Господов и местото каде што стоел Крстот Господов, на кое јасно може да се види Христовата Крв на карпата, чиниш овој миг потекла. И таа ќе биде засекогаш, сè до Судниот Ден. Верниците таму ја примаат светлината која слегува од небото спроти Пасха. Ова се вика храм на Светиот Гроб и е подигнат над Гробот.

Освен опатот Никола Бергсон, небесното слегување на Светиот Оган го запишале уште двајца анонимни исландски поклоници:

Првиот наведува: „Над Гробот храмот е отворен кон небото. Низ тој отвор пламенот слегува спроти празникот Пасха, доколку градот се наоѓа во рацете на Христијаните, и ги пали кандилата што се наоѓаат под него“.

Вториот наведува слично: „Кон север, во храмот на Гробот, стојат кандила што секоја година, спроти Недела на Пасха, се палат со пламен од небото и опстануваат запалени во текот на целата година“.

Принцот Саладин пред Светиот Оган,
1192 година Хроника на Англискиот опат Ричард

Оваа хроника ја напишал јеромонахот Ричард, подоцна опат на манастирот Св. Троица во Алдгејт кај Лондон. Во својата хроника Ричард нѐ уверува дека и сам учествувал во Крстоносната војна и дека многу од настаните што ги опишал лично ги доживеал. Понатаму следи опис на службата на слегувањето на Благодатниот Оган со многу детали. Ричард дури ги запишал и точните зборови што принцот Саладин ги изговорил кога се уверил во вистинитоста на чудото. Нема сомнеж дека станува збор за лично искуство, затоа што Ричард користејќи нарација во прво лице, со изненадувачки детали ги опишува настаните што се случувале за време на Третата Крстоносна Војна. Само некој што одблиску ги доживеал тие настани би можел на таков начин да ги опише. Да видиме, значи, што точно раскажува Ричард за таа Велика Сабота, 1192 година:

„Спроти Воскресение, спроти Пасха, принцот Саладин, опкружен со својата придружба, дојде на вредниот за почит Гроб Господов во Ерусалим. Дојде тука со цел да ја открие вистината за небесниот пламен што продолжува со божествена сила да слегува секоја година на тој ден и да го пали кандилото. Едно време, Саладин и останатите присутни Турци, внимателно ја набљудуваа побожноста на многуте, со синџири врзани заробеници, кои со солзи Го преколнуваа Бога за милост. Наеднаш, пред нивните очи слезе Божествениот пламен и го запали кандилото кое заблеска силно од Огнот. Кога го видоа тоа, сите луѓе длабоко се трогнаа. Христијаните се радуваа и гласно го фалеа величеството Божјо, додека Сарацените, запрепастени од едно такво очигледно чудо, одбиваа да поверуваат во она што го видоа, тврдејќи дека пламенот е резултат на некаква вешта измама, смислена да ги излаже. Сакајќи да биде потполно сигурен, Саладин нареди да се изгаси кандилото кое се беше запалило на божествен начин. Штом кандилото беше угасено, тоа веднаш повторно се запали од божественото дејство. Неверникот нареди кандилото и по вторпат да се изгаси, но тоа и по вторпат се запали. И трет пат го изгасија, и по трет пат кандилото повторно се запали. О, велика сила Божја! Што може да Му се спротивстави на Непобедливиот? Никакво советување не вреди против Господа; никој не може да се спротивстави на Неговата волја. Султанот беше запрепастен и болно потресен, гледајќи го чудото, и верата, и преданоста на Христијаните. Поттикнат од Бога, тој цврсто изјави:

‘Без сомнеж, или наскоро ќе си заминам од животот, или ќе ја изгубиме власта над овој град’.

Претчувството не го измами, зашто Саладин се упокои во текот на следната Четириесетница“. Деталите со коишто Ричард го опишува ова чудо навистина се импресивни. Како потврда на ова раскажување го имаме и сведоштвото на Французинот Амвросиј за истиот овој настан.

Персиецот Ал- Казини (1260)

Захарија Ал-Казини (1203-1283), бил персиски лекар, астроном, географ и историчар. Неговото најпрочуено дело е космографијата под наслов „Чуда на созданието и чудесна страна на постоечките нешта“ – најпознато исламско дело кое се занимава со чудата или чудесните аспекти на созданието.

Во овој дел меѓу останатите чуда на тогаш познатиот свет, Ал-Казини го набројува и чудото на Светиот Оган. Арапскиот текст што следи е во издание на Фердинанд Виштенфелд од 1848 година.

„Кумамама (Храмот на Воскресението) е голема црква која им припаѓа на христијаните. Се наоѓа во центарот на градот (Ерусалим) Тешко е да се опише нејзината убавина, градба, елеганција и изобилство на раскош. Во еден дел од оваа црква стои кандилото кое, како што велат, некаква светлина што слегува од небото, го пали во одреден ден“.

Цар Јован VI Кантакузин (1360)

Јован VI претседава со синод

Јован VI Кантакузин (1293-1383), бил византиски цар во периодот меѓу 1347-1354 година. Во 1355 година, откако го напуштил тронот, се замонашил и повлекол во манастирот Манганон во Цариград. Таму во 1360 година ја напишал својата „III Апологија“ против муслиманите, во која зборува за чудото на Благодатниот Оган што се случува пред очите на муслиманскиот управител на Ерусалим. Делото е сочувано во доста ракописи. Царот во своето дело пишува:

„Во времето кога Христијаните, кои се наоѓаат таму (кај Гробот), ја пеат химната на Воскресението Христово, од висините слегува Светлина и ги пали трите свеќи што се наоѓаат во внатрешноста на Христовиот Гроб, во присуство на муслиманскиот управител… зашто како што на Јордан во мигот на Христовото Крштение, слезе глас од небото и рече: Ова е Мојот возљубен Син, исто така во спомнатото време слегува Светлината од небото, потврдувајќи и сведочејќи им на сите верници и неверници, дека Христос навистина е Син Божји и Слово Божјо, вистински Бог и Човек“.

Ефесјанецот Пердика (XIV век)

Многу малку се знае за Пердика, човек од грчко потекло кој живеел во Ефес, Мала Азија во XIV век. Бил личен секретар на Ефескиот Митрополит и како поклоник го посетил Ерусалим, каде учествувал во службата на слегувањето на Благодатниот Оган. Своето сведоштво го забележал во поетското дело под наслов: „Опис на чудата и знаменитостите во Ерусалим“, кое денес е сочувано во два ракописи. Пердика во своето дело пишува:

„Таму се наоѓа живоносниот Гроб Господов украсен со мермер и сјајни столбови, а пред вратата е каменот што Ангелот го турнал на страна и тој е извор на многу чуда за сите верници, од кои очигледно, и за верниците и за неверниците, најголемо чудо е видливото истурање на Пресветиот Оган на денот на вселенското Воскресение Господово, кое на верниците им дава осветување и светлина“.

Пердика го опишува слегувањето на Огнот со изразот: „видливо истурање на Светлината“, што значи дека Светиот Оган слегува одозгора и се распрснува по храмот на сосема јасен и видлив начин. Поимот „истурање на светлост“, го употребил и свештеникот Никита во своето послание до царот Константин Порфирогенит.

Автентичноста на Гробот Христов и Голготската карпа I дел

Прашањето за автентичноста за Гробот Христов е директно поврзано со автентичноста на Голготската карпа. Во 1960 година, трите заедници кои имаат право над Храмот на Светиот Гроб (Грчката, Римокатоличката и Ерменската), започнаa обемна археолошка програма во различни локации во рамките на храмот која траеше повеќе од 3 декади. Откритијата покажаа дека Голгота и Гробот Христов биле дел од некоj древен каменолом, чиишто димензии биле некаде околу 200 на 150 метри.

План на древниот каменолом,
карпи и камени гробници на местото на
Храмот на Пресветиот Гроб.

Планот бил направен од археолозите Шимон Гибсон и Џоан Е. Телјор коишто ги собрале сите познати факти и пронајдоци од ископувањата. Изгледот на каменоломот во Христово време е многу сличен на овој план (види дело: „Под Храмот на Пресветиот Гроб“, Лондон 1994 година).

Планот на Ерусалим во времето на Христос (33 год)

 

 

 

Подземниот храм на Св. Григориј Просветител, поранешен храм на Св. Елена од IV век. Пештерата на овој светија била во оваа област. На десната страна од истата слика, во долниот десен дел (точка А), е местото каде што бил пронајден Светиот Крст во 326 година. Горе десно ја гледаме истата област после отстранувањето на мермерниот под што било направено при ископувањето. Забележливи се траги од алатите на древните каменоресци. Долу: Го гледаме долниот дел од каменоломот, којшто се наоѓа зад црната врата (точка Б), на горната лева слика. Оваа област е под јурисдикција на Ерменците и може да се посети само со специјална дозвола. Долните области на овој древен каменолом се 14, 50 метри под сегашниот врв на Голгота.

 

Преториумот бил сместуван на 3 различни локации низ историјата на градот. До 614 година се вели дека бил лоциран во храмот на „Светата Премудрост“ – „Света Софија“, кој бил уништен истата таа година од страна на Персијците. После уништувањето на храмот, локацијата на Преториумот била поместена во црквата на „Светите Апостоли“ на гората Сион. Околу 1350 година, францисканските монаси претставија нов Преториум во северниот дел од градот – место коешто и ден денес се чува и смета за почеток на Виа Долороса. Вистинскиот Преториум, како што се спомнува во Евангелието по Марко (15,16), во Делата Апостолски (23,35) и од страна на Јосиф Флавиј (Војна, 2301-2306), бил лоциран на друго место: во внатрешниот двор на Иродовата Палата, каде што била резиденцијата на Понтиј Пилат. Ископувањата покажаа дека оваа палата се наоѓала во јужниот дел на градот, некаде помеѓу портата Јафа и гората Сион.

 

 

 

Лево: Голготската карпа во рамките на древниот каменолом. Десно: истата локација во IV век со на неа сместен Храмот на Воскресението (реконструкција од страна на германскиот институт за археологија во Ерусалим во музејски храм на Христос Искупителот).

Остатоци од тој каменолом биле пронајдени претходно во други две области јужно од храмот: кај ископините во областа на Муристан од страна на археологот Кетлин Кенјон и во храмот на Христа Искупителот од страна на археологот Уте Лукс. Глинените садови што биле пронајдени при искупувањето, покажуваат дека каменоломот започнал да биде користен некаде во 7 век пред Христа.

Во рамките на овој древен каменолом Голготската карпа била единствениот дел од каменото тло што не бил искористен. Како што сите истражувачи и археолози се согласуваат, Голготската карпа била отфрлена од древните каменоресци, поради просечната трајност и квалитет. На крај, токму оваа карпа што каменоресците ја отфрлија, Самиот Син Божји си ја одбра. Карпата што се сметаше за непогодна поради просечната издржливост, успеа да Го задржи Распнатиот Богочовек, Кој ја понесе на себе разорната тежина на гревовите на целото човештво.

Местото на Христовото Распетие, во рамките на православниот храм на Голгота. Преку заштитното стакло може да се види карпата што се расцепила од силен земјотрес при Распетието, кога Исус извикал со силен глас и го зел Својот последен здив: А Исус, откако повторно извика со висок глас, го испушти Духот. И наеднаш се расцепи црковната завеса на два дела од горниот крај до долниот; и земјата се затресе; и карпи паднаа (Матеј 27, 50-51). Патријархот Кирил Ерусалимски вели дека пукнатината во карпата била видлива во IV век.

 

Пресек на Храмот на Голгота (гледано кон исток). Пукнатината што била предизвикана од силен земјотрес одела преку целата карпа на Голгота, од почеток до крај. Правецот на пукнатината е означен со црвено. Кај точката А, 3 метри под местото на Распетието има стаклен прозорец со димензија 80 на 80, зад кој е храмот (поранешната пештера) посветен на Адам.

 

 

 

Пукнатината зад заштитното стакло

 

Преземено од Веб страницата на женскиот манастир:
сестринството од Рајчица,
Голема благодарност

 

 

 

Претставил и уредил
отец Митко Попоски

30 Април 2021
Виндзор, Онтарио Канада