www.m-p-c.org
As of March 23, 1998:
4,012,079
Дезајн од / Design by

Ace's Project Devgelopment Inc

SHEMA Logistics & Leveraged Communications Ltd.

г.г. Стефан 
                        Архиепископ 
                        Охридски и Македонски ОА 
                        на Јустинијана Прима и 
                        Митрополит Скопски 
                        ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА 
                        ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
  г.г. Стефан
Архиепископ
Охридски и Македонски ОА
на Јустинијана Прима и
Митрополит Скопски
ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА
ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

 
  г. Петар 
                        Митрополит 
                        Преспанско-Пелагониски и 
                        Австралиско - Новозеландски
  г. Петар
Митрополит
Преспанско-Пелагониски и
Австралиско - Новозеландски

 
  г. Тимотеј 
                        Митрополит 
                        Дебарско - Кичевски и 
                        Австралиско - Сиднејски
  г. Тимотеј
Митрополит
Дебарско - Кичевски и
Австралиско - Сиднејски

 
  г. Наум 
                        Митрополит Струмички
  г. Наум
Митрополит Струмички

 
  г. Агатангел 
                        Митрополит Повардарски
  г. Агатангел
Митрополит Повардарски

 
  г. Иларион 
                        Митрополит Брегалнички
  г. Иларион
Митрополит Брегалнички

 
  г. Методиј 
                        Митрополит 
                        Американско-Канадски
  г. Методиј
Митрополит
Американско-Канадски

 
  г. Пимен 
                        Митрополит Европски
  г. Пимен
Митрополит Европски

 
  г. Јосиф 
                        Митрополит 
                        Тетовско - гостиварски
  г. Јосиф
Митрополит
Тетовско - гостиварски

 
  г. Григориј 
                        Митрополит 
                        Кумановско - осоговски
  г. Григориј
Митрополит
Кумановско - осоговски

 
  г. Јосиф 
                        Митрополит Осоговски
  г. Јосиф
Митрополит Осоговски

 
  г. Климент 
                        Епископ викарен - хераклејски
  г. Климент
Епископ викарен - хераклејски

 
  г. Партениј 
                        Епископ викарен 
                       Бигорско - Антаниски
  г. Партениј
Епископ викарен
Бигорско - Антаниски

 
  г. Јаков  
                        викарен епископ Полјански на  
                        Митрополитот струмички
  г. Јаков
викарен епископ Полјански на
Митрополитот струмички

 
 


СОВЕТИ ДО СВЕШТЕНИЦИТЕ

Составени од епископ Василиј
Претставени од прота Митко Попоски

 

1. Мантијата на свештеникот е знаме на Црквата Христова: затоа мораме строго да ја почитуваме, ние кои ја носиме, со свет живот, та оние кои не носат мантија да ја ценат и почитуваат. (Старец Амфилохиј од Патмос 1889-1970)

2. Чедо мое, отецот исповедник мора да плаче, мора да тагува, дури и повеќе од личноста која доаѓа на исповед, заради олеснување. Твојата тага мора да биде искрена, бидејќи душата го сфаќа тоа. (Старец Амфилохиј од Патмос 1889-1970)

3. Брачни и безбрачни свештеници, да не заборавиме дека ние сме претставници на кроткиот и смирен по срце Исус. Ние сме повикани да напредуваме во смирението, а не да се караме во светиот олтар за првенство по чест. (Старец Епифаниј Теодоропулос од Атина 1930-1989)

4. Клириците, а особено безбрачните клирици мора да бидат бирани од оние во зрела возраст, со извонредно образование, огромна побожност, блескав морал, цврст карактер и целосна духовна изграденост: сите овие нешта кои се стекнуваат со напори и подвизи, молитви и учење, постење и бдеење, со доброволна сиромаштија и тешкотии, и преку разни откажувања. Зашто подвижништвото не е привилегија или одговорност само на монасите, туку на сите верници, особено на клириците, а најмногу на безбрачните клирици. Православната Црква е длабоко подвижничка и оние кои не го сакаат подвижништвото, и кои се љубители на луксузот и комфорот не им е местото во неа. (Старец Епифаниј Теодоропулос од Атина 1930-1989)

5. Свештеникот е воплотување на апсолутното, израз на постојаното, стабилен и непоколеблив, Небесна труба, пример на беспрекорност, мерка на вечноста. Нека остане засекогаш неизменет, дури и во неговиот вечен изглед, како потсетник и симбол на вековите и на неменливите вистини што тој ги проповеда. (Старец Епифаниј Теодоропулос од Атина 1930-1989)

6. Свештенството е многу голем дар од Бога на човештвото. Тоа е проводник на Божјата благодат. (Старец Епифаниј Теодоропулос од Атина 1930-1989)

7. Ми се чини дека е боголулство кога ќе видам архимандрит да тагува затоа што не бил избран за епископ. Ако сметаш дека твоето тело може да земе леб и вино и, со осветувањето на Светиот Дух, да ги претвори во Тело и Крв Христови; дека ти е дадена сила да правиш од чедата Авраамови учесници во крстот и Воскресението Христово преку крштение, и дека ти е дадена сила да ги полагаш рацете и епитрахилот врз главите на најголемите грешници, и, по исповедта да ги изведуваш со очистена и избелена душа, како тогаш можеш да се сметаш себеси за неуспешен? Затоа што немаш митра на главата? Бог да нè помилува! (Старец Епифаниј Теодоропулос од Атина 1930-1989)

8. Кога ја облекуваме мантијата, ние започнуваме со целта за осветување на нашата душа. Сепак потребна е внимателност. Заради љубов кон световни почести и слава, нашиот егоизам може да ни ја погуби душата, наместо да ни ја освети (Старец Јаков Цаликис од Евија 1920-1991)

9. Сопругите на свештениците мора да живеат свет, речиси монашки живот, со голема почит кон свештеникот, и мора да се облекуваат многу скромно. (Старец Јаков Цаликис од Евија 1920-1991)

10. Луѓето се слепи и не гледаат што се случува во црква за време на Божествената Литургија. Еднаш служев и не можев да го направам Големиот Вход поради она што го видов. Одеднаш почувствував како некој ме турка по рамото и ме насочува кон светото Предложение (Проскомидија). Помислив дека тоа е псалтот. Се свртев наоколу и видов огромно крило што архангелот го беше положил врз моето рамо, и дека тој ме води за да го направам Големиот Вход. Какви чудесни нешта се случуваат во олтарот за време на Божествената Литургија!… Некогаш не можам да се справам со тоа, па така јас седнувам на столче, а некои од сослужителите заклучуваат дека нешто не е во ред со моето здравје, но тие не го сфаќаат она што го гледам и слушам. (Старец Јаков Цаликис од Евија 1920-1991)

11. Кога свештеникот сече честици од просфората и ги спомнува имињата на верниците за време на проскомидијата, ангелот Господов слегува и ги зема овие спомнувања и ги става пред престолот Христов како молитва за оние кои биле спомнати. (Старец Јаков Цаликис од Евија 1920-1991)

12. За жал, денес, постојат многу луѓе кои ја вознемируваат мајката Црква. Од нив, оние кои имаат образование ги сфатиле догматите со нивните умови, а не со духот на Светите Отци. Во исто време, оние кои не се писмени се држат за догматите со нивните заби, поради што тие си ги кршат забите кога зборуваат за црковни теми. На овој начин, поголема штета е предизвикана од оние во Црквата, отколку од оние кои се борат против неа однадвор. (Старец Пајсиј Езнепидис од Света Гора 1924-1994)

13. Во овој сегашен род, духовниот отец мора да користи икономија (снисходење), зашто, ако тој спроведува акривија (строгост, точност), никој, или само неколкумина, од оние кои доаѓаат на исповед би се удостоиле да се причестат. Сепак, неопходни се најголема грижа и расудување и духовниот отец мора горешто да се моли на небесниот Бог и Отец за да го просветли, како да ја применува икономијата. (Старец Филотеј Зервакос од Лонговарда 1884-1980)

14. Се радувам на мантијата што ја носам и ја сметам за повредна и попристојна од било која друга облека, дури и од пурпурните наметки на кралевите. Се сметам себеси за недостоен да се облекувам во таква скромна, чесна и света облека, која беше прославена од безброј монаси светители, свештеномаченици, исповедници и преподобни. Натажен сум и ги жалам оние свештеници кои ја отфрлаат мантијата и кои ги бричат нивните бради. (Старец Филотеј Зервакос од Лонговарда 1884-1980)

15. Знаете ли колку голем дар е тоа што Бог ни даде право да Му зборуваме во секој час и миг, каде и да сме? Он секогаш нè слуша. Тоа е најголемата чест што ја имаме. Поради тоа ние мораме да Го љубиме Бога. (Старец Порфириј 1906-1991)

16. Православното подвижништво не е само за манастирите, туку и за светот. (Старец Порфириј 1906-1991)

17. Труди се да ја засилиш твојата вера, и за време на Божествената Литургија биди нерасеан и посветен на богослужението, та да можеш да бидеш награден да ги гледаш Божјите величија. (Старец Ѓеорѓи Карслидис од Драма 1901-1959).

18. Свештенослужењето се врши на земјата, но чинот се добива од небото. И тоа е многу правилно, бидејќи ерархијата не ја воспоставил ниту човек, ниту ангел, ниту архангел, ниту некоја друга созададена сила, туку Самиот Утешител, Кој луѓето, сè уште облечени во тело, ги поставил да бидат претставници на ангелското служење. (Свети Јован Златоуст)

19. Мантијата на свештеникот е подобра од пантолоните. Мантијата има двојна благодат! (Блажениот свештеник Димитриј Гагастатис 1902-1975)

20. Старецот Софрониј (Сахаров) еднаш ми рече: Кога ќе дојде кај тебе свештеник за исповед не го поучувај. Едноставно ислушај ја неговата исповед и прочитај му разрешна молитва. Тогаш извади го епитрахилот, стави го на неговиот врат, клекни пред него, и побарај од него тој да ти прочита молитва. Ете така правевме на Света Гора. (Архимандрит Захарија од Есекс)

21. Во почетокот на 1989 год., старецот Јаков стана многу натажен од несреќите што ги снајдоа некои личности што ги познаваше и сакаше. Тој прими телефонски повик од селото Прокопи. Отец Јован, свештеникот кој служеше во храмот на свети Јован Руски, штотуку се беше вратил од Америка каде што му беше извршена хируршка интервенција на срцето. Наспроти сите веројатности, тешката бајпас операција беше успешна. Свети Јован Руски исто така бил присутен и раководел со операцијата! Докторот кој ја извршувал операцијата признал дека, всушност, некоја сила ја водела неговата рака. И покрај неговото лошо здравје и лошо време – старецот – отец Јаков го посети отецот Јован во неговата куќа. Но не само тоа, туку при пристигнувањето, тој исто така побара прошка: „Прости ми што те вознемирувам, но јас морав да дојдам и да го посетам служителот на божествениот Јован Руски!“ Луѓето во куќата помислија дека некој бестелесен, бестежински ангел влегол во куќата, бидејќи неговата фигура зрачеше со тивка светлина. Кога ја виде раната од операцијата на ногата на отец Јован, од каде што беа извадени вени за бајпас, Старец Јаков запре – или поточно, падна на земја и ги прегрна нозете на отец Јован. Блажениот старец Јаков, сега во неговата длабока старост, имаше голема почит кон свештениците и ги сметаше свештениците на некој начин како ангели. (од Градината на Светиот Дух: Старец Јаков од Евија 1901-1991)

22. Љубовта кон Христа Бога е дел и парче од љубовта кон ближниот… Свештениците се натоварени со пастирски грижи и честопати се раскинати (помеѓу овие две љубови). Од една страна, тие знаат дека нема полза од тоа да се придобие сиот свет, а да се изгуби душата (сп. Марко 8, 36); од друга страна, пак, постои заповед од Господ: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух“ (Мат. 28, 19), „Бесплатно добивте, бесплатно давајте!“ (Мат. 10, 8). Паралелно со ова е идејата дека витална потреба за човештвото е ДА ГО ЗНААТ ВИСТИНСКИОТ БОГ (сп. Јован 17, 3). Но како да Го најдеме? Па, ако БОГОПОЗНАНИЕТО е да се продолжи на земјата, тогаш заповед е, луѓето да не лутаат како овци без пастир. Ова знаење е толку важно што свети Исаак Сириски кажува една страшна работа, која е тешка за разбирање и мачно е да се запазува: Не ги споредувај оние кои прават знаци и чудеса и силни дела во светот со оние кои избрале да постат и да се молат во пустината. Претпочитај внатрешно тихување (исихија) повеќе, отколку да храниш гладни во светот, и да приведуваш луѓе во служење на Бога. (Старец Софрониј Сахаров од Есекс 1896-1993)

23. Бог го запалува свештеникот како светилка и го поставува на светилникот на Неговиот светлоносен престол. (Свети Исидор Пелусиот +449)

24. На жената, чијшто син требаше да биде ракоположен за свештеник, старецот Амфилохиј ì напиша: „Најголема радост за тебе е да имаш син кој ќе ги осветува светите дарови, чијашто чест е да проштева гревови, и кој постојано посредува за твоето семејство. И крал да станеше, тој не ќе ја имаше славата на свештеникот. За време на Божествената Литургија свештеникот е повозвишен и од ангелите, бидејќи дури и ангелите во тој час треперат зашто служат во тајната на Светата Евхаристија“. (од Нашиот Старец: Животот и чудата на Старецот Амфилохиј од Патмос 1889-1970)

25. Во навечерието на Пасха во 1919 година, грузиските и руските клирици кои беа затворени од комунистите побараа дозвола да одат во црква, но не им беше дозволено. Тогаш сите заедно почнаа топло да Му се молат на Воскреснатиот Христос да ги укрепи. Кога пееја „Христос воскресе“ затворот се помести и вратите сами се отворија. Од вревата што се создаде сите жители во градот поитаа да видат што се случува. Тие видоа три свети лика како го држат пресветиот крст, кружејќи околу затворот и пеејќи „Господи помилуј“. Овој Божествен знак траеше цела ноќ, па така сите насобрани луѓе од градот го видоа. Кога почна да се разденува ова небесно видение исчезна. Наредниот ден сите заробени свештеници заедно со Старецот беа подготвени за мачеништво. (од Блажениот Старец Ѓеорѓи Карслидис 1901-1959)

26. Кога еден епископ го прашал јеромонахот Калистрат, светиот игумен од манастирот Милешева: „Што е најважно за свештеникот?“, тој му одговорил: Најважно е да се општи првин со Господарот, потоа со неговите дворски чиновници и најпосле со слугите на Господарот. Господар е Оној што е наречен Христос, чиновници се светителите, а слуги на Господарот се луѓето од овој свет. Зашто, оние кои општат само со слугите на Господарот не обрнувајќи внимание на Господарот, го предизвикуваат гневот на Господарот. (Свети Николај Велимировиќ +1956 во Касијана: поглавие Калистрат.)

27. Исусе, пастиру добар, Ти благодарам што дури и мене, малиот и слабиот, ми даде иста заповед како и на Својот апостол, кога си му рекол: „Паси ги овците Мои!“ (Јован 21, 17). Никогаш, Господи, не би се дрзнал да го примам ова тешко апостолство да не верував дека Твојата благодат ги исцелува слабостите и ги дополнува недостатоците. Во овој миг, кога толку силно ги чувствувам своите недостатоци, јас, Твојот свештеник и Твој жртвоприносител, малиот пастир на Твоето стадо, Те преколнувам: Поддржи ме, Господи, и сочувај го моето срце незлобиво, целосно, несреброљубиво и приковано за Твоите заповеди. Одврати ја од Твојот слуга себичноста, гордоста и световната суета. Сочувај ме од гнев, злопамтење, завист и љубомора. Направи ме човек на молитвата, та не само со своите усни, туку и со своето срце да го величам и прославувам Твоето свето име. Помогни ми да не ги заборавам светите чувства од својата прва Литургија и со нив да го искоренувам зачетокот на грешната навика која често се зачнува во мене. Помогни му на Својот свештеник, Господи, та да им биде на натажените ангел – утешител, на малодушните – извор на духовно укрепување, на несреќните – мирно пристаниште а на повредените – раководител кон Твојот мир и радост. Помогни ми, Избавителу, во својот живот и дејствување да ги соединам добрината и цврстината, одмереноста и силата, благонаклоноста и праведноста. Намали ги моите недостатоци, та никој да не падне поради мојата лична слабост. Поучи ме, Господи, како да ги раководам децата, да ги вдахновувам младите, да ги советувам зрелите, да ги вратам грешните и да ги укрепам оние кои се пред смрт. Научи ме, Господи, Ти Кој ги познаваш човечките срца, како да ги извршувам Таинствата на Твојата Црква, а особено Таинството на исповедта. Дај ми, додека ја извршувам, да бидам совршен познавач на душата и љубвеобилен отец. Помогни ми во својата парохија да бидам поттик за добри дела и предводник во богоугодните зафати, та сите да се изборат за својата среќа и за слава на Твоето име. Амин. (Свештеник Димитриј Гагастатис 1902-1975)

28. Свештенството е дадено како пројава на Божјата љубов кон човештвото. Бог нè љуби и нè направи Негови свештеници. Свештенослужителот му ги позајмува на Бога гласот и рацете за Он да ги извршува Светите Таинства. Свештеникот е детергент со благодатта Божја кога е облечен во неговите одежди, освен ако има некој морален престап, осветољубивост или алчност за пари. Оние кои се трудат во словото Божјо првин треба подвижнички да се подготват за таа служба. (Јеромонах Атанасиј од светиот манастир Ивирон, Света Гора)

29. Животот на свештеникот, на вистинскиот свештеник, секогаш бил тежок, а сега е уште потежок. Некои луѓе мислат дека тоа значи само служење во црква, но не е така; тоа е крајно тежок и сеопфатен начин на живеење. Треба целосно да заборавиш на себе и да им се предадеш себеси на другите. Мораш да ги земеш на себе душите на стотици луѓе и да ги водиш. Не секој е доволно силен за да го прифати овој начин на живот. Многу луѓе мислат дека, да се биде свештеник е лесна професија. Да, лесна е ако не им се предадеш себеси на другите, но крајно тешка е ако го сториш тоа. (Отец Арсениј 1893-1973)

30. Еврејските свештеници имаа власт да лечат лепра на телото, или поточно, не да ја лечат, туку само да го потврдат оздравувањето. А ти знаеш колку големо ривалство имаше тогаш за свештенството. Но нашите свештеници примија власт не над лепрата на телото, туку над нечистотијата на душата, и не само да го докажат оздравувањето, туку вистински да исцелуваат! (Свети Јован Златоуст)

31. Што гледаше тој кога започна литургијата? Гледаше оган како слегува од небото и го покрива олтарот и служителот, без овој да го сфати тоа. Подоцна, кога се пееше трисветата песна (Свети Боже, Свети Силни, Свети Бесмртни, помилуј нè), четири ангели слегоа и пееја со нив. Кога се читаше посланието од апостолот, блажениот Павле се појави и го водеше чтецот. А во текот на Евангелието, секој од зборовите излегуваше од устата на свештеникот како пламен. Тогаш започна таинственото алилуја. Сите гласови се преплетуваа во јаже од пламен, којшто стигнува до небото. Малку пред Големиот Вход, кога Светите Дарови требаше да бидат изнесени, одеднаш тој ги виде небесата отворени и се рашири еден неискажлив мирис. Ангелите слегуваа пеејќи Му химни и славословија на Агнецот Христос, Синот Божји. Веднаш, се појави едно дете со пречисто и премило лице. Херувимите го донесоа на нивните раце и Го поставија на дискосот каде што беа светите дарови. Околу Него се насобра огромен број луѓе облечени во бело кои ја рефлектираа Неговата блескава убавина. Свештеникот се приближи за да ги земе светите дарови за Големиот Вход. Тогаш тој ги крена и ги стави врз главата. Два херувима и два серафима одеа напред, и безброј други ангели го следеа, пеејќи неискажливи мелодии. Веднаш штом свештенослужителот ги стави светите дарови на светата трпеза, тие ги покрија со своите крилја. Два херувима стоеја десно од свештеникот и два серафима од неговата лева страна. (од „Виденијата на свети Нифон“)

 

Претставени од
прота Митко Попоски