“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
Поглавар на МПЦ
г.г.Стефан
Архиепископ Охридски и Македонски ОА
на Јустинијана Прима
Стефан, Архиепископот Охридски и Македонски, е роден на 1 мај 1955 година во село Добрушево – Битолско, како Стојан (Велјановски), во патријархално православно македонско семејство, како шеста рожба на неговите благочестиви родители Тале и Стојанка.
По завршувањето на основното училиште, есента 1969 година се запишал во Македонската Православна Богословија „Свети Климент Охридски“ во Драчево – Скопје, која со успех ја завршил во 1974 година. Потоа се запишал на Белградскиот православен факултет.
По дипломирањето на богословскиот Факултетот, во 1979 година, Светиот архиерејски Синод на Македонската Православна Црква го поставил за професор во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“ во Драчево – Скопје, а веќе идната година бил испратен на последипломски студии на Екуменско-патролошкиот институт „Свети Николај“ во Бари – Италија, на кој магистрирал во 1982 година.
По враќањето од Италија бил поставен за предавач на Македонскиот Православен богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, по предметите Свето Писмо на Стариот Завет и Патрологија, должност од која е избран за архиереј на Македонската православна црква.
Замонашен е на 03 јули 1986 година во манастирот „Свети Наум Охридски Чудотворец“ во Охрид, а хиротонисан за епископ на 12 јули 1986 година во храмот „Свети Димитриј“ во Скопје како митрополит Злетовско-струмички, а кратко потоа именуван за Митроплит на Брегалничката Епархија.
Во наредните години тој работел како професор на Православниот богословски Факултет во Скопје, бил главен уредник на весникот „Црковен Живот“ и ја вршел функцијата Ректор на Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“ во Драчево – Скопје во периодот 1991-1999 година и портпарол на Светиот Архиерејски Синод.
На Црковно-народниот Собор, одржан на 9.10.1999 година, во Соборниот храм на древната Охридска Архиепископија „Света Софија“ во Охрид, бил избран а на 10.10. 1999 година и востоличен како петти Поглавар на Македонската Православна Црква и оттогаш тој ја извршува должноста Архиепископ Охридски и Македонски, а истовремено е и надлежен архиереј на Скопската православна епархија.
Повеќе од 10 векови, Македонскиот народ ја немаше возобновена своја сопствена држава, но Македонците, во никоја смисла, не ја изгубија својата национална независност за долг временски период, благодарејќи на Охридската архиепископија – Православната Црква на Македонскиот народ. Црквата беше таа која организираше голем дел од духовната, културната и друга дејност на својот народ, пред сé, преку градење на цркви и манастири.
Инаку, Македонската православна црква во Република Македонија е сопственик на повеќе од 2.000 цркви, манастири, параклиси и други верски објекти, кои припаѓаат на седум епархии во Република Македонија. Потоа, под нејзина јурисдикција се околу деведесет македонски православни цркви, манастири и црковни општини во дијаспората: Америка, Канада, Австралија и Западна Европа, кои припаѓаат на четири епархии со околу петстотини свештенослужители и монаштво. Црквата е раководена со дванаесет високодостојници (владици), на чело со поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска архиепископија, господин господин Стефан во Република Македонија и светот.
Македонската Православна Црква, има Богословско средно училиште и Богословски православен Факултетот под покровителство на „Свети Климент Охридски“ кој е во состав на државниот универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
На 12 ноември 2009 година, Македонската православна црква во своето име ја вклопи додавката Охридска архиепископија, како директна наследничка на старата Охридска архиепископија. Покрај додавање на додавка, Македонската православна црква – Охридска архиепископија изврши и промени во грбот и знамето, односно наместо приказот на црквата „Света Богородица–Перивлепта“, сега е црквата „Света Софија“ од Охрид, како седиште на архиепископите на Охридската архиепископија.
Македонските православни црковни општини, цркви и манастири во дијаспората се конституирани врз законска основа и се организирани како религиозни, национални, социјални, хуманитарни и културно-просветни институции. За реализирање на своите активности, црковните општини, пред сè, имаат добиено широка поддршка од тамошните влади и од мајката – Светиклиментовата црква.
Со формирање на црковните општини во дијаспората, во голема мера се придонесе да се подигне на повисоко рамниште и во извесна смисла да се определи националниот идентитет на Македонците од сите делови на Македонија, во дијаспората, без разлика од кој дел на Македонија се: Вардарска, Беломорска, Пиринска, Мала Пресапа и од Пограничните делови на Србија, односно без разлика, Македонците со какви патни исправи се дојдени во новите средини.
Преку МПЦ-ОА, преку членување во тие духовни домови, добиваат документи што сведочат дека се Македонци, а со тоа стекнуваат право да избираат и да бидат избрани во црковно-општинските тела. Така, тие добиваат крштеници, венчаници, посмртници и други документи кои се официјални и законски пред тамошната администрација.
МПЦ-ОА, под водството на поглаварот господин господин Стефан, преку своите епархии: Американско-канадско-македонската епархија, Австралиско-новозеландската епархија, Австралиско-сиднејската епархија и Европската епархија ги штити, ги организира и ги афирмира сите македонски црковно-патриотски интереси и потреби, овозможувајќи им на македонските доселеници од сите делови на Македонија да ја чувствуваат националната и црковната слобода. Епархиите обезбедуваат услови за сè поголема афирмација на целокупното културно наследство и напредокот на македонскиот народ.
Денес поглаварот на возобновената Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија и на Јустинијана Прима, господин господин Стефан, кој има титула архиепископ охридски и македонски, е петти по ред. Првиот поглавар беше господин господин Доситеј, кој, пред сè, има големи заслуги за духовното, националното и црковното живеење на Македонците. Тој ја возобнови Македонската православна црква и од него почна сè. Вториот поглавар беше господин господин Ангелариј, третиот поглавар господин господин Гаврил го направи првиот македонски превод на Библијата, а четвртиот поглавар беше господин господин Михаил. Петтиот поглавар на Македонската православна црква е денешниот архиепископ охридски и македонски господин господин Стефан.
Оваа 2020 година, на 17 јули ќе се одбележи 50-годишнината од возобновувањето на автокефалноста на Македонската православна црква, период во кој таа се соочи со бројни последици. Во врска со тоа архиепископот господин господин Стефан вели: „Возобновената автокефалност на Охридската архиепископија е темелот на Македонската Православна Црква. Како резултат на возобновената Автокефалност се отворија Богословијата и Богословскиот факултет, се обнови монаштвото, се изградија и се градат нови, а се обновија и се обновуваат старите цркви и манастири.
Исто така се отворија македонски цркви и манастири ширум светот: во Австралија, Соединетите Американски Држави, Канада, Европската Унија… На оваа и на ваква црква, има на што да се радуваат и апостолот Павле и Македонката Лидија, и светиот цар Јустинијан Прима, и светите Климент и Наум, и Прличев и Теодосиј, и Натанаил и Гоце, и Мисирков, а таа е таква по нивните далекусежни визионерства, несебични заложби и како дар од небото.
Паметиме какви беа, и тоа со децении и столетија, а знаеме какви се сега, и Плаошник и свети Наум, и Бигорски и Рајчица, и Вељуса и Водоча, и Зрзе и Осоговски, и Марков и Лесново, и многу, многу други. Но, неспоредливо најважна од сите градби е онаа изѕидана во душите на овој македонски народ“ вели поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан.
Признавањето на МПЦ – ОА е прашање од највисок државен и национален интерес
Постоењето на Охридската архиепископија, како канонска наследничка на Јустинијана Прима
Своевремено една од неколкуте први по великодостојност е една од историските вертикали кои низ римскиот, средновековниот и отоманскиот период ја цртаат, во прво време политичката, а потоа и културошката и јазичната, засебност на територијата на Македонија и на населението кое живее тука.
Признавањето на МПЦ – ОА е прашање од највисок државен и национален интерес
Постоењето на Охридската архиепископија, како канонска наследничка на Јустинијана Прима (своевремено една од неколкуте први по великодостојност) е една од историските вертикали кои низ римскиот, средновековниот и отоманскиот период ја цртаат, во прво време политичката, а потоа и културошката и јазичната, засебност на територијата на Македонија и на населението кое живее тука.
Во периоди, низ средниот век, кога со македонските територии владеат византиските, бугарските и српските кралеви и цареви, опстојувањето на Охридската архиепископија како засебна православна автокефална црква, одвоена од Цариградската, Трновската и Пеќката, уште повеќе ја засилува нашата посебност во однос на грчките, бугарските и српските верски, културни и јазични влијанија и претензии.
Охридската архиепископија на периоди и како единствена сеславјанска православна црква на територија на Отоманската империја била заштитник и духовен светилник не само за населението на територија на Македонија, туку и многу пошироко до Далмација, Србија, Влашка, Бугарија, Албанија, Епир и Тесалија.
Укинувањето на МПЦ, Охридската архиепископија 1767 г. е најстрашниот, најтрагичниот и најлошиот момент во целокупната наша историска патека. Укината е засебноста, но и перспективата за во следниот век таквата засебност да ја развиеме, први или меѓу првите, во посебна етно-национална патека, а не бидувајќи предмет на туѓите (грчките, бугарските и српските) аспирации и асимилација.
Укинувањето на Охридската архиепископија е врвот на трагедијата на Македонија, а Букурешкиот договор е само последица на тоа. Ако постоеше нашата Охридска архиепископија, немаше да се случи Букурешт 1913 година.
Православните држави низ историјата се конституираат во рамките на границите на своите цркви. Постоење на призната црква значи гаранција за постоење или некогаш и потреба за воозобновување на држава.
Сосема логично и историски исправно, уште пред оддржување на АСНОМ (село Издеглавје 1943 година), нашите умни и мудри луѓе започнуваат процес на воозобновување на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Тој процес е од суштинско значење за утврдување на засебноста на македонскиот народ и новата македонска држава.
Оспорувањето на автокефалноста на МПЦ – Охридска архиепископија е оспорување на нашата засебност како народ. Живеењето во одвоеност од останатиот православен свет значи непризнавање на нашата засебност од нашите православни браќа. Тоа е факт, кој колку и да не боли, мора да го признаеме.
Иницијативата која МПЦ – ОА ја превзема со интернационализирање на нашиот проблем преку вклучување на БПЦ, а следствено на тоа и на првата по великодостојност Цариградска патријаршија е добар обид за конечно прифаќање на нашата црква како засебна целина од сите околни јерархии и нејзино признавање како автокефална црква на територија на Република Македонија.
Оваа иницијатива не е нова. Повеќе пати давана е и државна подрдршка на овој процес, со средби и комуникација со Цариградскиот Патријарх Вартоломеј во насока на барање разбирање и признавање на нашата Македонска Православна Црква.
Ова прашање има историска, вековна тежина и значењето е високо над било какви политички и партиски интереси. Секоја патека која нашата МПЦ – ОА и на Јустинијана Прима, ќе ја доведе до автокефален статус заслужува поддршка од сите нас.
Прифаќањето и признавањето на МПЦ – ОА ќе е темел кој нема да може да се руши, дури и во вакви историски времиња кога има обиди од сите страни да се руши нашето вековно: име, историја, засебност, идентитет и јазик.
Македонскиот народ заслужува да биде рамен на сите православни народи, заради тоа што е еден од првите кои го прими христијанството. Така ќе бидеме посилни.
Живееме во историски момент за нашата МПЦ – ОА и нашиот македонски народ, да бидеме мудри и паметни, како што не сме биле многу пати.
ПОГЛАВАРИТЕ НА ВОЗОБНОВЕНАТА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
ОД 1958 госина
Архиепископ Охридски и Македонски
г.г. ДОСИТЕЈ
1958 – 1981
Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Доситеј II (роден во Маврово, Гостиварско, 7 декември 1906 – Скопје, се упокои на 20 мај 1981) — прв архиепископ Oхридски и Mакедонски на возобновената Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија и, според МПЦ-ОА и на Јустинијана Прима, наследник на Арсениј II.
Целиот свој живот го посветил на службата на црквата. Тој будно го следел решението на македонското црковно прашање и вложувал максимални усилби за негово разрешување преку обновата на Охридската архиепископија и создавањето на Македонската Православна Црква. На вториот црковно-народен собир, одржан од 4 до 6 октомври 1958 година, бил избран за поглавар на МПЦ во обновената Охридска архиепископија. Под негово раководство бил свикан Третиот црковно – народен собир, одржан на 18 јули 1967 година, на кој МПЦ е прогласена за афтокефална.
Архиепископ Охридски и Македонски
г.г. АНГЕЛАРИЈ
1981 – 1986
Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Ангелариј (роден како: Цветко Крстески) (Долнени, Прилеп, 25 март 1911 – 15 јуни 1986) бил втор поглавар на Возобновената Македонската православна црква, носејќи ја титулата Архиепископ охридски и македонски.
Архиепископот Г.Г. Ангелариј е роден како Цветко Крстески на 25 март 1911 година во село Долнени, Прилепско, од татко Костадин, свештеник, и мајка Ѕвезда. Негов брат, Пецо Крстески, бил учесник во НОВ и загинал во 1942 година. Основното образование го завршил во Долнени и во Прилеп. Во 1926 година се запишал во средното богословско училиште „Св. Јован Богослов“ во Битола, а го завршил во Битола во 1931 година.
По завршувањето на богословското училиште во 1932 бил ракоположен во чин ѓакон во Црквата „Св. Димитриј“ во Битола. Истата година во црквата „Св. Богородица“ бил назначен за свештеник и по тој чин го поставиле за парох во с. Гари во Дебарско, каде служел до 1937 година. Тој бил парохиски свештеник во црквата „Св. Благовештение во Прилеп од 1937 до 1961 година и архијерејски намесник на Прилепското архијерејско намесништво.
Цветко Крстески учествувал во НОБ. Исто така, тој бил член на Иницијативниот одбор за организирање на МПЦ во 1945 година и член на Здружението на православното свештенство на НРМ. Учествувал во работата на Првиот македонски црковно-народен собор во Скопје во 1945 година и на Свештеничката конференција во 1946 година. За своите заслуги бил одликуван со црвен појас, потоа со граден крст во 1959 година и со највисокото свештеничко одликување протоjереј – ставрофор. По завршувањето на војната, студирал на Философскиот факултет во Скопје.
По војната
Во 1961 година бил назначен за парохиски свештеник при црквата „Св. Великомаченик Ѓорѓи“ во квартот Фицрој во Мелбурн, Австралија. Таму ја основал првата македонска православна црковна општина и за време на неговата служба била изградена првата македонска призната црква во дијаспората. Во Мелбурн служел од 1961 до 1964 година. По враќањето од Мелбурн во 1964 година работел во црквата „Св. Благовештение во Прилеп. По смртта на сопругата, во 1972 година, тој ја прифатил поканата на Светиот Синод на МПЦ и се замонашил под името Ангелариј. По замонашувањето, тој свештенствувал во Прилеп сè до 1975 година, кога од САС на МПЦ бил избран и хиротонисан за епископ Пелагониски. За Дебарско-кичевски митрополит бил хиротонисан на 5 јули 1977 година. Исто така, тој бил поставен за администратор-сотрудник на болниот Митрополит Преспанско-битолски Климент.
Архиепископ
На Црковнонародниот собир, одржан на 19 август 1981 година, Ангелариј бил избран за Архиепископ Охридски и Македонски.
По нецели пет години поминати како поглавар на МПЦ, г.г. Ангелариј загинал во сообраќајна несреќа на 15 јуни 1986 година во Дреновската клисура, на патот Прилеп – Скопје, кога службениот „мерцедес“, во кој се возел архиепископот, се судрил со цистерна со српски регистарски таблички. Во несреќата, освен г.г. Ангелариј, загинал и неговиот возач. Според некои теории на заговор се претпоставува дека неговата смрт била наместена од „удбашки“ агенти поврзани со архијерејското намесништво на Српската Православна Црква. Така, во ноември 2014 година, неговата внука, Татијана Попоска, која патувала со архиепископот кога се случила несреќата, изразила отворено сомневање дека неговата смрт била намерно предизвикана, поради неговото залагање за обединување на Македонија, искажано во еден негов говор, одржан на гробот на Гоце Делчев. Во прилог на нејзиниот сомнеж, таа го навела и фактот дека возачите на двата камиони што учествувале во незгодата биле осудени на затворски казни од една и четири години, при што отслужиле само мал дел од казните. Архиепископот Ангелариј бил погребан во црквата Црквата „Св. Димитрија“ во Скопје.
Подоцна, г.г. Ангелариј бил посмртно одликуван со Деветтосептемвриската награда.
Архиепископ Охридски и Македонски
г.г. ГАВРИЛ
1986 – 1993
Архиепископ Гаврил е роден во Скопје во 1912 година, како Ѓорѓи Милошев. Младоста ја минал во молитви и божји богослуженија во скопските цркви „Св. Петка“, „Св. Богородица“ и „Св. Мина“. Согледувајќи ги неговите квалитети, како одличен студент, скопската општина му доделила едногодишна стипендија по веронаука, а наставниците му биле Руси. Смртта на неговиот татко била причина да не може да ја оствари својата желба и се посветил на изучување на јазици. Во 1936 година дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, отсек германистика и славистика.
Во Скопје бил ракоположен за свештеник, а бил поставен за парох во влашката црква „Света Богородица“ во Велес во 1942 година.
Период по војната
Веднаш по крајот на Втората светска војна, во 1945 година, отецот Ѓорѓи станал еден од првите професори во велешката гимназија. По кратко време учителствување, од свештенството на Велес и велешката околија бил избран за претседател на Духовниот одбор, и во таа улога учествувал како делегат на Првиот црковно народен собир во Скопје во 1945 година, на кој била донесена одлука за обнова на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква.
Дело
Со оглед на општестевно-политичките прилики во земјата во повоениот период и потребата од високообразовани кадри, бил принуден на неодредено време да престане активно да се бави со свештеничката дејност и целосно да се посвети на просветата. Од 1949 година бил на служба во Државното книгоиздателство на Македонија – Скопје (подоцна „Просветно дело“). Оттогаш, па сè до смртта, скоро цели триесет години тој му се посветил на учебникарството и на просветителството. Поточно тој најмногу се посветил на усовршување и стандардизирање на македонскиот литературен јазик. Во овој период тој составил и издал прирачници, учебници, речници и училишна литература, па дури и периодика. Посебно за истакнување е неговиот научен пристап кон делата на Кочо Рацин и Војдан Чернодрински. Тој е еден од првите истражувачи од македонскиот научен свет кој се појавил со написи и анализи за опусот на поетот Кочо Рацин.
Во овој период започнал да се создава и развива и црковно-просветната дејност, во која отецот Ѓорѓи зел активно учество. Како плод на неговата неуморна работа, за првпат во овој период за потребите на богослужбата, биле преведени и издадени на македонски јазик Евангелијата и Апостолот. Издавач на ова дело бил Иницијативниот одбор за организирање на МПЦ.
Во 1949 година започнал со подготвувањето за издавање на Новиот завет, а истиот излегол од печат во 1967 година. Процесот на преводот на Библијата, започнал да се одвива веднаш по ослободувањето. Во овој период тој ги направил и првите чекори во големиот капитален проект кој значи целосен превод на Библијата на современ македонски јазик. Ова капитално дело, целосно било завршено во 1990 година, кога и излегло од печат.
По триесетгодишна дејност, отецот се повлекол во пензија.
Автор е на книгите:
Галички свадбарски народни песни, 1946
Пионерска сцена, 1954 (заедно со Васил Куноски)
Деца јунаци, 1959
Германско-македонски речник, 1962 (заедно со Бранислав Груиќ и Лазар Алексовски)
Мал германско-македонски речник, 1962 (заедно со Бранислав Груиќ и Лазар Алексовски)
Транскрипција на германските зборови во македонскиот литературен јазик, 1963
Српско-хрватско-македонски речник, 1964 (заедно со Бранислав Груиќ, Михаил Ќорвезировски, Борис Благоевски и Александар Џукески)
Мал македонско-германски речник, 1966 (заедно со Маргарита Алексовска и Бранислав Груиќ)
Периодот пред да стане архиепископ
По смртта на сопругата, кон крајот на 1977 година, отецот Ѓорѓи бил повикан од г.г. Доситеј, возобновителот на Охридската архиепископија, односно на МПЦ, да прими епископски чин. Како просветител кој ја знаел потребата и важноста за Црквата од формирање на кадар со високо црковно образование, отецот Ѓорѓи Милошев, го условил стапувањето во архијерејскиот ред со отворање на Богословски факултет.
Така што кон крајот на декември 1977 година, по десетгодишно автокефално дејствување на Македонската Православна Црква (1967 – 1977) или по дваесетгодишно возобновено живеење на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ (1958 – 1977) бил формиран Богословскиот факултет, со седиште во манастирот „Св. Јован Крстител“ во Капиштец, во Скопје. За прв декан на факултетот бил избран Гаврил.
Митрополит на Повардарската епархија
На 18 ноември 1977 година, Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква на синодска седница одлучила да се оформи посебна Повардарска епархија, а архиереј на епархијата бил назначен Гаврил. На 29 јануари 1978 година Гаврил бил устоличен во Повардарски митрополит. Тој бил седмиот по ред хиротонисан епископ по обновувањето на Охридската архиепископија.
Седнувајќи на престолот на повардарските епископи митрополитот Гаврил се соочил со сите потешкотии во Повардарската епархија, како што се недостигот на свештеници, поправка на руинирани свети места и изградба на нови македонски православни светилишта. Во текот на оваа декада, како владика во Повардарската митрополија, Гаврил ја стабилизирал епархијата на духовен и материјален план и ја изградил новата митрополитска зграда во Велес.
Архиепископ на МПЦ
По трагичната смрт на архиепископот г.г. Ангелариј, во катедралниот храм „Света Софија“ во Охрид, претставниците на Изборниот црковно-народен собир со тајно гласање го избрале Гаврил за трет поглавар на МПЦ. На 4 октомври 1986 година во катедралниот храм „Света Софија“ во Охрид г.г. Гаврил бил устоличен како нов поглавар на Македонската православна црква.
На 18 октомври 1990 година г.г. Гаврил го промовирал капиталното дело македонскиот превод од Библијата, издадено од печатницата на „Љубљанско дело“ во Љубљана, Словенија. На промоцијата на македонската Библија г.г. Гаврил истакнал дека овој историски чин нема само религиско значење, туку во исто време има и општествено значење, па затоа е огромна неговата големина. На македонскиот превод на Библијата, работел повеќе од 50 години.
Архиепископот Гаврил, заради старост и кревкото здравје, поднел оставка, а од 1993 година се повлекол во осамување во неговиот стан и ниту еднаш не излегол од него сѐ до неговата смрт. Починал во 1996 година и е погребан во манастирот „Св. Наум“ во Радишани крај Скопје.
Значење
Архиепископот Гаврил е првиот црковен великодостојник кој преку јавните медиуми на македонските православни верници им ги честитал Божиќните празници и тој е првиот македонски архиепископ кој ја обновил древната традиција на празникот Водици, во реката Вардар, да се фрла Богојавленскиот крст.
По повод големиот национален празник Илинден, исто така за првпат започнала традицијата редовно да се испраќа Соборна Синодска посланица до верниците, а за првпат новото време Гаврил го нарече „време на третиот Илинден“.
На 12 август 1990 година, во сослужение на сите членови на Светиот синод на МПЦ, бројното свештенство и пред многубројниот македонски народ, свечено бил осветен Светиклиментовиот соборен храм на МПЦ во Скопје, како вечно светилиште на македонскиот народ. Во однос на прашањето поврзано со признавањето на автокефалноста на МПЦ, кое ѝ биле наметнато од страна на другите православни сестрински цркви архиепископот Гаврил се залагал за решавање на проблемот, но по пат на братољубив дијалог.
Архиепископ Охридски и Македонски
г.г. МИХАИЛ
1993 – 1999
Г.Г. Михаил е роден е во Ново Село, Штипско, во 1912 година, како Методи Гогов. Како дете бил слаб и со кревко здравје, па по желба на неговата мајка Санда, шестгодишното дете редовно ќе ги посетува богослужбите и ќе се грижи за чистотата на црквата. По завршувањето на основното образование, тој во 1927 година се запишал богословијата во Битола. Во 1932 година заминал на студии во Белград на Богословскиот факултет, каде што дипломирал во 1936 година како најдобар студент во генерацијата. Како авторитет меѓу студентите влегува во редовите на македонскиот кружок за да биде назначен за секретар на студентското здружение на Богословскиот факултет, а го подготвувал и студентското теолошко списание како главен уредник.
По дипломирањето присилно бил мобилизиран во српската војска, при што неколкупати бил осудуван од Воениот суд. Пред војната дошол во Штип и кратко време предавал веронаука во штипската гимназија, но со судска казна за дела против интересите на царот и царска Србија, набргу бил депортиран во Ужице за да предава српска пропагандна веронаука.
Пред почетокот на Втората светска војна се вратил во родниот крај и станал парохиски свештеник во црквата Св. Никола. За време на Втората светска војна, Михаил бил учесник во Народноослободителната војна, а при крајот на војната бил член на АСНОМ. Учествувал и во организирањето на Првиот црковно-народен собир во Скопје на почетокот од март 1945 година, на кој присуствувале 300 учесници, свештеници и мирски лица.
Период по војната
Михаил се залагал за самостојност на МПЦ, па во два наврати одлежал над шест години затвор. Бил осуден и затворен од тогашната власт заради идеите за национална, социјална и духовна слобода на македонскиот народ. По шест месеци бил ослободен, но за кратко. Во 1948 година повторно бил уапсен и осуден на 5,5 години затворска казна. И покрај сите притисоци и закани да се откаже од свештеничкото служење, Михаил останал цврст во своите ставови и продолжил да служи како свештеник во Скопје.
Михаил бил меѓу првите мисионери во Австралија,во првата македонска православна општина „Свети Ѓорѓи“ во Мелбурн. Бил испратен во 1966 година, а се вратил при крајот на 1970 година. По неговото враќање бил назначен за ректор на Македонската православна богословија, каде предавал англиски јазик, омилитика и пастирско богословие. Покрај англискиот зборувал француски, руски и се служел со повеќе живи класични јазици.
Од 1972 година бил генерален секретар на Македонската архиепископија, а за архијереј бил хиротонисан на 25 декември 1988 година. Неговото Блажество Г.Г. Михаил е познат по тоа што не сакал да ги чита своите богослужбени слова, но е запаметен по неговото ораторство со кое ги надминувал сите архиjереји.
Архиепископ на МПЦ
Михаил бил избран за поглавар на Македонската православна црква на 4 декември 1993 година. Архиепископот Михаил дошол на чело на МПЦ две години по осамостојувањето на Македонија како држава. Тој станал единствениот духовник кому му било понудено местото на претседател на државата. На почетокот на 90-тите години Михаил требало да биде еден вид македонски Макариос, но тој се откажал од овој предизвик не сакајќи да ја замени црковната со државничка позиција,
Како надлежен за Американско-Канадската Македонска епархија, Михаил успеал да ги прибере големиот број на верници, да ги надмине сите спорови, а со тоа овозможи оваа епархија да заживее со полн црковен живот. Сепак тој не успеал да отпатува за Австралија, затоа што не сакал да биде пречекан од поделените, туку од сите обединети верници Македонци. Водел преговори и со преставници на Српската православна црква за воспоставување на духовно единство меѓу двете цркви.
За време на неговото архиепископување биле направени потребните измени и дополнувања на Уставот на Македонската православна црква, статутите за трите епархии во странство и други црковни закони и норми. Исто така, за негово време се зголемила издавачката дејност во МПЦ, при што биле отпечатени повеќе богослужбени изданија и книги со богословска содржина.
Починал на 6 јули 1999 година. Неговото вечно почивалиште се наоѓа во Манастирот Св. Наум Охридски во Радишани.
Цитати
„Ние, Михаил, избран и востоличен архиепископ охридски и македонски, се заколнувам во семоќниот Бог дека на Македонската православна црква и својата татковина Република Македонија ќе им бидеме верни и предани, ќе го почитуваме и чуваме црковниот Устав, ќе ја чуваме чистотата на светото православие, црковните канони и прописи, ќе го чуваме канонското единство на сите православни автокефални цркви, а посебно ќе ја почитуваме Македонската православна црква во сè, па и во своите дела и постапки ќе се раководиме исклучително од доброто и интересите на нашата Света Црква и Татковина, и дека нема да се согласиме со никаква измена што би била спротивна на нивните интереси“. – Изјава по повод изборот за Архиепископ на МПЦ (4.12.1993)