“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ЛАЗАРОВА САБОТА
Господи Исусе, Ти плачеш како смртен човек!
Но, како Бог, Ти го воскреснуваш (го оживуваш) својот пријател!
Во тој ден го празнуваме воскреснувањето на светиот и праведен пријател Христов Лазар. Тој бил Евреин по потекло, и припаѓал на сектата фарисеи, бил син, како што некаде стои, на некој фарисеј по име Симон, од селото Витанија.
Нашиот Господ, Исус Христос често се среќавал и разговарал со Симона, таткото на Лазар кој високо го ценел учењето за воскресението на мртвите. Исус често влегувал и во неговиот дом, и Лазар му станал Негов близок пријател; и не само тој, туку и неговите две сестри Марта и Марија.
Бидејќи веќе наближувало Спасителното страдање, требало да се даде посигурно уверување во тајната на воскресението. Исус кога бил од другата страна на Јордан, каде што најнапред ги воскреснал Јаировата ќерка и синот на вдовицата, погоден од тешка болест, Исуса го известиле дека умрел Неговиот пријател Лазар. Исус им рекол на своите ученици: „Лазар, нашиот пријател заспа” и, по малку време, додал: „Лазар умре”., Замолен од неговите сестри Марта и Марија, Исус по четири дни дошол во Витанија, која се наоѓала на пет стадии од Ерусалим.
Сестрите Лазареви Го пресретнале Господа, и му рекле: „Господи, да беше Ти овде, нашиот брат немаше да умре, но и сега, ако посакаш, ќе го воскреснеш, бидејќи можеш”. Исус го прашал народот: „Каде го положивте?” И веднаш го одвеле кај гробот. И, кога, по Негова заповед, го тргнале каменот, Марта Му рекла: „Господи, веќе мириса (смрди), бидејќи веќе четири дена, како е починат.” Тогаш Исус, откако се помолил и пролеал солзи за него, викнал со силен глас: „Лазаре, излези надвор!” И одеднаш мртвиот излегол, го одврзале, и си отишол во својот дом.
Ова необично чудо, многу брзо се раширило насекаде и предизвикало завист кај оние Евреи кои негодувале против Исуса. Првосвештениците намислиле да го убијат воскреснатиот Лазар, бидејќи голем број на луѓе, дознавајќи за ова чудо, приоѓале кон Исуса. Лазар, кога ги разбрал намерите на Првосвештениците, побегнал на островот Кипар, каде што останал до крајот на својот живот. Подоцна од апостолите бил поставен за епископ на градот Китеј. Откако таму поживеал добро и богоугодно, проповедувајќи го Словото Христово потврдувајќи го со бројни чудеса, по триесет години од неговото воскреснување, повторно умрел и бил погребан таму.
Се вели дека по неговото оживување (воскресение) тој не јадел ништо друго освен благо, и дека Пречистата Мајка Божја му го подарила својот омофор што го направила со своите сопствени раце. Неговите чесни и свети мошти, биле пронајдени таму благодарејќи на едно божествено видение. Премудриот цар Лав ги пренел светите негови мошти во Константинопол (Цариград), во црквата што тој ја изградил во негова чест, и чесно и свечено ги положил од десната страна на црквата до влезот од храмот крај ѕидот спроти олтарот. Неговите свети мошти и сега се наоѓаат таму, испуштајќи некаква неискажливо пријатна миризба.
Овој ден (Лазарова Сабота) е определен да се празнува неговото воскресение, бидејќи светите и богоносни отци, како и светите апостоли, сметајќи дека светите страдања на Господ наш Исус Христос треба да се поместат по четириеседневниот пост за наше очистување, и затоа што сметале дека ова чудо било почетокот и причината на јудејскиот бес против Христа, затоа и ова натприродно чудо е поместено овде.
Евангелистот Јован е единствениот кој пишува за овој настан; другите евангелисти се воздржуваат од тоа, најверојатно затоа што Лазар бил се уште жив и видлив. Се вели дека ова последно евангелие било напишано и заради тоа што другите евангелисти ништо не рекле за беспочетното раѓање на Христа. Бидејќи се барало да се има уверување во тоа дека Христос е Син Божји и Бог, и дека воскресна, и дека ќе има воскресение на мртвите; а со воскресението на Лазара е многу поуверливо во тоа да се верува. Меѓутоа ништо не е кажано за престојот на Лазара во адот, или затоа што не му било дадено да види точно што има таму или, откако ги видел, добил заповед да молчи. Оттогаш и секој човек што умира е наречен „Лазар”, а гробната облека се именува „лазарова”, за спомен на првиот Лазар. Бидејќи, ако тој воскреснал (оживеал) по зборот Христов, така и оној што ќе умре сега, откако ќе воскресне при звукот на последната труба, ќе живее за вечност.
По молитвите на Твојот пријател Лазар, Господи Исусе Христе Боже наш, помилуј не и нас. Амин.