“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
Петта недела од Велигденскиот пост Недела на Светата Марија Египетска
Возљубени чеда во Господа,
Недела на Света Марија Египетска е петтата и последната недела на Велигденскиот пост. Со неа започнува последната недела на Светата Четириесетница; се празнува споменот на преподобната Марија Египетска, покајана блудница. После оваа недела доаѓа следи Цветната Недела, по што Црквата влегува во Страстната Седмица. Во четвртокот од оваа недела се чита целиот покаен канон на свети Андреј Критски. Доколку на тој ден се празнува Светото Благовештение, канонот се чита во понеделникот, истата седмица.
Света Марија Египетска, е пустински аскет, преку чиј живот Црквата ни го искажува искреното покајание и неискажаното Божјо човекољубие кон оние кои искрено сакаат да се откажат од своите гревови. Црквата го празнува нејзиниот спомен на денот на нејзиното упокојување, 14 април (1 април ст.ст.), но дополнително се празнува и во Неделата на света Марија Египетска, односно петтата недела од Великиот пост. Марија Египетска во својот живот соединила и пројавила две крајности – бездната на гревовите и височината на побожноста и добродетелите. Во својата младост, заробена и соблазнета од порокот, седумнаесет години поминала во грев, но со силата на Божјата благодат, како заблудената овца, повторно се вратила во Црквата. На повикот од Црквата, Марија, која не внимавала на Божјите заповеди и која го помрачила во себе Божиот образ, по Божја промисла повторно благодатно се обновила. Живеела во шестиот век после Христа, и чудесно се упоколила во 522 година.
Родена е во Египет и од дванаесетата година го осетила повикот од страните закони, и занемарувајќи ја родителската љубов, побегнала од нивниот дом и отишла во Александрија, каде целосно се предала на разврат и блуд цели седумнаесет години.Оддадена на проституција, скоро никогаш не земала пари за телесните наслади, и најчесто живеела од милостиња. Не наоѓајќи доволно задоволства во Александрија, Марија смислила да си го оразноличи својот развратен живот со патување во Ерусалим, заедно со поклониците кои патувале на Воздвижение на животворниот Крст Господов. Во текот на патувањето и по пристигнувањето во Ерусалим, таа до самиот празник продолжила да ги заведува мажите кои пошле на поклоничкото патување, обидувајќи се на секој начин да ги повлече со неа. Но на истото патување никој не и обраќал внимание, односно била игнорирана од сите.
Доаѓајќи во Ерусалим на празникот Воздвижение на животворниот Крст, влечена од љубопитноста, Марија заедно со останатите подвижници и побожни христијани, на денот на празникот, пошла во Божјиот храм. Но, доаѓајќи во припратата на храмот таа едноставно не можела да влезе заедно со останатите и да пристапи кон животворниот Крст Господов. Сите останати непречено влегувале во внатрешноста на храмот, а Марија, и покрај многуте обиди и напори, едноставно не можела да го премине прагот на светилиштето, невидливо задржувана од Божјата сила. Мислејќи дека неа, како слаба жена, ја истиснува толпата која се турка пред светињата, се обидела некако да се пробие до средината на толпата и така со заеднички напори едноставно да биде внесена во храмот; меѓутоа, повторно, веднаш по допирањето на црковниот праг, некоја чудна сила ја турнало назад. Три – четири пати таа така се обидувала да влезе во храмот, но без успех. Присутните во храмот созерцувале пред воздигнатото животворно дрво; Марија, пак, посрамотена и ожалостена, останала во предворјето на храмот, видно потресена од чувството на срам и каење. Тука ја здогледала иконата на Пресвета Богородица, на која и ѝ се помолила да влезе во Храмот и да се поклони пред Вистинскиот Крст. Следниот обид да влезе во храмот бил успешен, и таа го целивала Пречесниот Крст, и со цврсто убедување и намера дека до гробот ќе живее трезвен живот. На тој начин започнало целосното покајание и преумување; на излегување, таа се помолила пред иконата на Богородица, при што се слушнал глас: ”Ако го преминеш Јордан, ќе ја пронајдеш вистинската утеха”.
Напуштајќи го Ерусалим, Марија пристапила кон светите Тајни во храмот на Јован Крстител, во близината на Јордан, и потоа се осамила во Јорданската пустина каде што поминала 48 години, скоро без храна и облека, деноноќно оплакувајќи ги своите гревови. Во 48-та година од осаменичкиот и многу трудољубив живот, за време на светата Четириесетница, во пустината ја сретнал преподобниот Зосим – монах од братството, кој по обичај за време на Великиот пост се оддалечувал од манастирот барајќи во пустината пример на највозвишено монашко самоодрекување.
Во еден момент во тој пустински молк, забележал човечка присутност кој се сокривал од преподобниот старец. Отецот Зосим мислејќи дека, можеби е некој монах со слична цел, излезен во пустината па повикал: „Брате, кој и да си појави се и заедно да се помолиме на Воскреснатиот Господ Исус Христос!“ Се слушнал женски глас: „Оче Зосиме, јас сум грешна и бедна жена, многу оддамна ми иструли мојата облека, те молам фрли ми ја твојата горна облека, за да се појавам пред тебе“. Преподобниот Зосим многу се вознемирил, знаејќи дека во тој крај не постои женски манастир, а и тоа што таа го именувала со неговото име. Откако, преподобната Марија Египетска, се појавила обвиткана со горната мантија на Отецот Зосим, му го раскажала својот пад во животот и 48 годишниот престој во пустинската осаменост.
За времето на заедничкото молитвено созерцавање, преподобниот Зосим ја видел покајната испосничка возвишеност во преподобната Марија. Таа, во времето на заедничкото молење била издигната од пустинската прашина. Жената која некогаш била пример на развратност, сега налик човечко тело, целосно суво и изгорено од сонцето, голо и покриено единствено со сребрени конци од монашкиот плашт на отец Зосим, била издигната над земјата како стои во воздухот. На разделбата му рекла: „оче Зосиме, те молам, сакам за Велигден да се причестам, и ако е можно да дојдеш во близината на реката Јордан“.
Тој се согласил, и на Велигден со причеста в раце отишол кај реката Јордан, по долго чекање, преподобната Марија се појавила од спротивната страна на реката. Во големо чудо, таа, реката ја поминала како по суво, и при доаѓање и при заминување. Примајќи го Телото и Крвта на Исуса Христа и соединувајќи се таинствено со Него, големата подвижничка го замолила Преподобниот да дојде другата година, во истото време и на истото место. По една година, Зосим тогаш ја нашол упокоена. Таа се упокоила истиот ден кога го примила Телото и Крвта на Господ Исус Христос. Една година нејзиното упокоено тело лежало на пустинскиот песок со натпис: „Оче Зосиме, те молам погребај го моето тело“. Таа се упокоила на 1 април- 530 година.