




“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
Второ послание на апостол Јован
Вовед
Писателот едноставно се означува како „старешина“, односно „свештеник“. Начинот на кој тој се изразува, покажува дека има одреден авторитет пред своите приврзаници. Тој се обраќа до „избраната од Бога госпоѓа и нејзините чеда“, израз кој веројатно означува некоја локална црква и нејзините членови (ст.1).
Тој ги охрабрува своите читатели да живеат во вистината и во љубовта (ст.1-6). Нив ги спротивставува на луѓето кои ги шират идеите аналогни на оние кои ги побива Првото послание на Јован (ст.7-11). Тој завршува со најава за неговото доаѓање и пренесување на поздравите од сестринската црква (ст.12).
Како и Првото послание на Јован, така и ова ги повикува читателите да бидат постојано будни и да бидат истрајни во вистинската вера.
1. Заповед на љубовта – поздрави
Антихристи
1. Од старешината – до избраната госпоѓа и нејзините чеда, кои вистински ги сакам, – и не само јас, туку и сите, што ја познаа вистината;
2. поради вистината, која пребива во нас и ќе биде со нас секогаш.
3. Да биде со вас благодатта, милоста, мирот од Бога Отецот и од Господа Исуса Христа, Синот на Отецот, во вистина и љубов!
4. Многу се зарадував, оти чедата твои ги најдов како одат во вистина, онака како што добиваме заповед од Отецот.
5. И сега те молам, госпоѓо, не како да ти пишувам нова заповед, но онаа, која ја имаме од почетокот, да се сакаме еден со друг.
6. А љубовта се состои во тоа, да постапуваме по Неговите заповеди. Тоа е заповедта, што ја чувте во почетокот, за да постапувате според неа;
7. бидејќи во светот влегоа мнозина измамници, кои не исповедаат дека Исус Христос дошол во плот; таков човек е измамник, антихрист.
8. Пазете се за да не го изгубите она, за кое сте се труделе, туку да добиете полна награда.
9. Секој, кој прави престапи и не пребива во Христовото учење и не е во Него, Го нема Бога; кој пребива во Христовото учење, тој Го има и Отецот и Синот.
10. Кој доаѓа при вас и не го носи тоа учење, него не го примајте во вашиот дом и не поздравувајте го;
11. зашто, кој го поздравува, учествува во неговите лоши дела.
12. Вистина, имав многу да ви пишувам, но не сакав на книга и со мастило, оти се надевам дека ќе дојдам при вас и од устата да ви зборувам, та радоста ваша да ви биде полна.
13. Те поздравуваат чедата на избраната твоја сестра. Амин!