“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
ПРВА НЕДЕЛА НА ВЕЛИКИОТ ПОСТ
Ја видовте ли, возљубени, на дело ползата од постот? Оној што го искусил постот во текот на оваа седмица, тој ќе го разбере подобро своето приближување кон Бога, па и во наредните недели ќе се подвизува во постот. Оној, пак, што не го примил постот, тој не ја знае ползата од постот. И, навистина, како ќе им ја објаснам сладоста на шеќерот и на чистиот пченичен леб на оние што не ги вкусиле? Макар и многу да ги фалам, слушателите нема да разберат. Самите вие ги гледате добрите плодови на постот: никаде кавга, ниту навреди еден кон друг. Насекаде спокојство и мир, бидејќи со постот и молитвата престанале кај нас лошите обичаи. Затоа, браќа, да не го одложуваме почетокот на постот. Бидејќи помина првата седмица, да бидеме уште пободри и во наредните, како што е редно да напредуваме во доброто.
Послушајте што рекол блажениот апостол: „Да го забораваме она што е зад нас, а да се стремиме кон она што е пред нас“.[1] Размислете, возљубени: светиот пост трае седум недели, а најпочитувана од сите е седмата, којашто се именува и ‘велика’ Но таа не е поголема од другите поради тоа што има повеќе часови, туку поради тоа што во неа се извршиле големи тајни – односно страдањата на Господа. Исто така, овие седмици се поголеми од првата, како што царот е поголем од кнезот, а кнезот од војводата, а војводата – од болјаринот, а болјаринот – од стотникот; а стотникот – од педесетникот; а педесетникот – од слугата. Размислете, браќа! Ако некој сака да се јави пред царот, тој се покажува љубезен од најмалите до најголемите слуги, та некој да го извести царот за него. Ако тој згрешил нешто, тој многу се беспокои како да се оправда. Така и ние, браќа, кои сакаме не само да се јавиме пред Царот Небесен, туку и да Го примиме во своето срце преку причестување со светите тајни, должни сме во текот на овие свети недели на постот да се приближиме до Бога.
Сакам да ви кажам една поучна приказна: Имало некој цар во некоја земја, мошне добар и дарежлив, кој ги сакал сите еднакво, како свои деца, и за сите се грижел еднакво, но се грижел и за нивните души. Но и таа земја изобилуваше со блага, како што рече Давид: „Кај нив се намножија плодовите од пченица, вино и елеј“.[2] А делото на тој цар беше да им дава на сите што имаа потреба. Тој даде и заповед: оние што имаат да им даваат на оние што немаат, како што пишува во Дела (апостолски): „Сите беа како една душа“.[3] И на сите им даваше според нивната потреба. Таква беше таа земја и таков беше царот. А тој цар имаше седум мошне убави ќерки. Сакајќи да ги провери своите луѓе, тој даде заповед да дојдат сите и да им оддадат почит на неговите ќерки, откако ги подреди по возраст – најмалата подалеку, а најголемата – до себе. Едни им оддадоа почит на сите еднакво и му угодија на царот, а други постапија лошо: на најмалата И оддадоа почит добро, а другите – само ги поздравуваа и ги одминуваа. Кога добриот цар го виде тоа, својата милост ја претвори во гнев, и на слугите им нареди да ги тргнат од пред неговото лице. Но не само тоа, туку нареди и да ги предадат на мачители, за да ги мачат. Дали царот постапил неправедно?
Возљубени, сакате ли да дознаете кој е тој цар? Оние што имаат бистар ум веќе разбраа, но заради мнозинството ќе кажам јас. Царот е добриот Бог на сите. А земјата, која изобилува од сите богатства, е Црквата. А сите вие знаете колку добра има во неа. Душите на целиот свет се спасуваат во неа. Тука се Законот и Пророците и Самиот Господ, Кој заради нас слезе и стана човек, заради нас се распна, умре и воскресна. Потоа ги испрати Своите апостоли. Преку нив нè повика во Своето царство. Он постојано повикува преку светите евангелисти: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“.[4] И пак: „Оној што доаѓа при Мене, нема да го испадам надвор“. Има ли нешто поголемо од оваа добрина?
А седумте ќерки се седумте недели од светиот пост, коишто Господ заповеда да ги почитуваме повеќе од сите денови во годината, со пост, молитва и милостина. Затоа, ако и оддадовме добра почит на првата седмица, најмалата, која е подалеку од Царот, како ќе ги одминеме сите други? Што ќе Му одговориме тогаш на Господа на страшниот ден суден? И како ќе се оправдаме што не сме сакале да ги држиме чисто и другите посни денови?
Но, ве молам, браќа, не мислете и не говорете дека не можете сето тоа да го примите така. Ова оправдување е лошо и е полно со вина. Ако ја поминавме во пост првата седмица, по толку прејадување и препивање, тогаш колку повеќе, откако сме свикнале со доброто, ќе можеме да го минеме целиот пост и да Му угодиме на Бога, да ги спасиме своите души и да ги осветиме! Јас не ве принудувам да постите и да бдеете повеќе од своите сили, туку секој според своите можности и сили. Но воздржувајте се најмногу од животни грижи и од пијанство, од завист, од клевети, од злопамтење, од блуд и од алчност. А вие, богатите, давајте милостина повеќе отколку во другите денови, та со чиста совест да пристапите до Христовите тајни и да го примите пречистото тело и вечниот живот. Давајте им добар дар на бедните, кои непрестајно Му се молат на Бога за сите. Овие работи не се тешки, ако сакаме. Само да не бидеме мрзливи и небрежни, за да не го загубиме трудот, што го примивме во првата седмица.
На нашиот Бог нека Му биде слава непрестајно, сега и секогаш…!