“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
Архиепископот Стефан испрати честитка до новиот Српски патријарх
До Неговата Светост,
Архиепископ Пеќски,
Митрополит Белградско-карловачки и Патријарх Српски
г.г. ПОРФИРИЈ
Ваша Светост,
Од Наше, како и од името на браќата архијереи, свештенството, монаштвото и верниот народ на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, примете најискрени честитки по повод Вашиот избор, со кој Семудриот Бог, по својата вечна промисла за спасение на сите, Ве возвеличи и Ве постави на престолот на Светата Српска Православна Црква.
Во Вас, Ваша Светост, гледаме христоподобен архипастир, кој со својата возвишена Евангелска љубов има правилно разбирање за состојбите во Православната Црква и веруваме дека со Вашето востоличување на Светосавскиот трон ќе се пројави и вистинската христијанска љубов и дека меѓуцрковните односи ќе се развиваат, во интерес на нашите блиски народи и Цркви.
Се молиме, Семилостивиот Бог и Спасител наш Господ Исус Христос, да Ви дарува добро здравје и духовни сили, за да бидете добриот пастир и верен соработник на нивата Господова за доброто на Светата Црква.
Долгоденствуј, Светејши владико!
П О Г Л А В А Р
НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
– ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
г.г. СТЕФАН