“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
83 – ГОДИШНИНА ОД ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ СВЕШТЕНИЧКИ СОБОР ВО СЕЛОТО ИЗДЕГЛАВЈЕ
21 Октомври 1943 -тата година….
83-та Годишнина од Првиот македонски свештенички собир во селото Издеглавје
Охрид, 21. октомври 2026 (ОХРИДПРЕС) – На денешен ден во селото Издеглавје, Дебрца, се одржа Првиот македонски свештенички собир, историски настан што го означи почетокот на возобновувањето на Охридската Архиепископија преку создавањето на Македонската Православна Црква.
На 21 октомври 1943 година, во услови на војна и окупација, македонското свештенство самостојно го презеде управувањето со црковниот живот во земјата. На собирот беше отфрлена секоја јурисдикција на туѓите цркви врз црквата во Македонија, а за првпат во црковната администрација беше воведен македонскиот јазик.

Беше формирано и првото архијерејско намесништво на ослободената територија, со свештеникот Антим Попоски како прв намесник. Преку ова, Македонската црква го потврди својот континуитет со народот и неговата борба за духовна и национална слобода.
Историчарите потсетуваат дека собирот се одржал во време кога во источна Македонија доминирала бугарската Егзархија, а во западниот дел Албанската Православна Црква, под италијанска контрола. Македонските свештеници, меѓутоа, одбиле да служат под туѓа јурисдикција и се ставиле на страната на народното ослободително движење.
Архиепископот г.г. Стефан, своевремено, при одбележувањето на 75-годишнината, им изрази благодарност на свештениците кои учествувале на историскиот собир, меѓу кои протоереите Вељо Манчевски, Кирил Стојаноски и Антим Попоски, како и свештениците Томо Попоски, Зафир Јованоски, Ламбе Попоски, Ристо Тасески, Матеј Попоски и Силјан Ристоски.
Денеска, Првиот македонски свештенички собир останува симбол на духовната независност и отпорот кон сите обиди за негирање на македонскиот црковен и национален идентитет. (Крај)
извор: bulevar.mk фото: bulevar.mk



































































