“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
НЕГОВОТО БЛАЖЕНСТВО МИТРОПОЛИТОТ ТИХОН ПОГЛАВАР НА АМЕРИКАНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА СОСЛУЖУВАШЕ СО НЕГОВОТО БЛАЖЕНСТВО АРХИЕПИСКОПОТ СТЕФАН НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
3 септември 2025 година, Вашингтон, САД – Вчера, во вторник, 2 септември 2025 година, Неговото Блаженство Митрополитот Тихон сослужуваше Божествена архијерејска литургија со Неговото Блаженство Архиепископот Стефан на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, означувајќи го формалното признавање на најновата локална автокефална црква од страна на Православната Црква во Америка.
По пристигнувањето на Архиепископот Стефан во Вашингтон во понеделникот, 1 септември, Митрополитот Тихон го угости него и дел од неговата делегација на приватна вечера, на која двајцата претстојатели имаа можност да разговараат за животот на нивните две цркви, идната соработка и прашања од заеднички интерес, особено во областа на надворешните работи.
Во вторникот, 2 септември, службата започна во 9:00 часот во катедралата “Свети Никола“, каде што двајцата претстојатели беа пречекани од страна на сослужувачите епископи, свештенството и верниците. Со претстојателите сослужуваа Неговото Блаженство Епископот Костајнички Серафим, кој го претставуваше Неговото Блаженство Патријархот Профирије на Српската Православна Црква; Неговото Високопреосвештенство Архиепископот Мелхиседек од Питсбург и Архиепископијата на Западна Пенсилванија; Неговото Високопреосвештенство Архиепископот Иренеј од Отава и Архиепископијата на Канада; Неговото Високопреосвештенство Архиепископот Михаил од Њујорк и Њу Џерси, секретар на Светиот Синод на Православната Црква во Америка; Неговото Високопреосвештенство Архиепископот Даниел од Чикаго и Средниот Запад; Неговото Високопреосвештенство Епископот Никодим од Бостон и Албанската Архиепископија на Православната Црква во Америка; и Неговото Високопреосвештенство Епископот Василиј од Сан Франциско и Западот. Меѓу другите свештеници што сослужуваа беа игуменот Никодим, вршител на должноста канцелар на патријаршиските парохии, кој го претставуваше Неговото Високопреосвештенство Епископот Матеј од Сурож и Московската патријаршија и отец Марко од рускаиот православен катедрален храм “Свети Никола“. Присутни беа и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Методиј од Торонто и Н.Е. Зоран Попов, македонски амбасадор во Соединетите Американски Држави.
Митрополитот Тихон ја одржа проповедта, во која се осврна на светите апостоли, кои заедно работеа за ширење на Евангелието и основањето цркви низ целата Земја. Неговото Блаженство го нарече сослужувањето “само почеток на добар и светол однос меѓу Православната Црква во Америка и Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија“. Тој продолжи велејќи: “Се молам нашите сестрински цркви да се збогатат едни со други со нашите уникатни дарови, соработувајќи и помагајќи си едни на други за поголема слава Божја и прогласување на неговото царство“.
Литургиското пеење беше на Архиепископскиот хор на Вашингтон. Хавајската мирототечна Иверска икона на Мајката Божја и моштите на новоканонизираната Света Олга од Кветлук беа, исто така, присутни во храмот за поклонение.
На крајот од литургијата, Неговото Блаженство го поздрави Архиепископот Стефан, добредојден во неговата престолнина и во катедралата Свети Никола. Тој ја изрази радоста на целото свештенство и верници на Православната Црква во Америка за обновувањето на целосното заедништво со Македонската Православна Црква и им посака многу години на Неговото Блаженство и на целото свештенство и верници на Македонската Православна Црква. Во одговор, Неговото Блаженство Архиепископот Стефан го поздрави Митрополитот Тихон и ја понуди својата желба “овој ден да го означи почетокот на плодната соработка меѓу нашите две сестрински цркви. Зашто светот околу нас има потреба од живо сведоштво за единство и љубов“.
Митрополитот Тихон му подари на архиепископот Стефан икона на Света Олга и нејзините мошти.
По литургијата, двајцата претстојатели, владиците и голем број други свештеници, заедно со Н.Е. Драган Шутановац, амбасадор на Србија во Соединетите Американски Држави, присуствуваа на прием во Македонската амбасада, организиран од амбасадорот Попов.
































































