“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
МПЦ-ОА: Никој освен Македонците не се обиде да ја возбнови Охридската Архиепископија
Април 6. 2023
Скопје, Република Македонија
Во проолжение целото соопштение на МПЦ-ОА.
Во врска со гласините и предлозите што можат да се слушнат периодов, а во контекст на (зло)употребата на светителите во дневнополитичка конотација, должни сме да дадеме конкретно објаснување. Имено, светителите се оние кои, поради нивната љубов кон Бога и нивниот животен подвиг, ја исполниле Христовата порака ‒ сите едно да бидеме (сп. Јн 17, 21). Следствено, иако секој од нив потекнува од конкретно место и е изнедрен од конкретен народ, сепак нивното значење и нивното делување не се ограничува само на еден простор, туку тие имаат подеднаква важност за сите народи коишто ги почитуваат. Затоа, неприфатливо за нас и понижувачко за нив е нивното ставање во тесни национално-политички рамки.
Така, на пример, светите браќа Методиј и Кирил, со целокупното нивно дело, го озариле целиот словенски свет со светлината на Христовото евангелие, па затоа сите словенски народи имале и имаат можност на својот јазик да сведочат за тоа Евангелие. Поради нивната посветеност и самопрегорност во мисионерската и просветната дејност, признаени се дури и за ко-патрони на цела Европа. Значи, дејноста на светите браќа, како и на сите светители, се протега врз целиот човечки род, и секое нивно омеѓување и прославување само со некои, а не со сите кои го почитуваат нивното богоугодно дело, ќе значи обид за ограничување, а со тоа и обид за обезначување на истото.
Исто така, кога е во прашање Охридската Архиепископија, треба да се знае дека, без разлика кој седел на Охридскиот трон или до каде се протегала нејзината јурисдикција во текот на историјата, нејзиното паство најпостојано и најбројно го сочинувале македонските верници. И никој друг освен Македонците не го чувал и зачувал споменот за древната Охридска Архиепископија како за своја Мајка Црква и никој како Македонците не се обидел да ја обнови нејзината дејност. А имале можност! И, конечно, кој, ако не македонските архијереи и верниот народ во Македонија, се залагаше и, еве, се избори за нејзино вклучување во единство со останатите Православни Цркви, како и за возобновениот автокефален статус на Охридската Архиепископија како Македонска Православна Црква.
И на крајот, никогаш да не заборавиме како ги опеа Прличев оние коишто некогаш помагаа во уривањето на древната Охридска столица!
Од Канцеларијата на Светиот архиерејски синод на МПЦ – ОА