“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
БОЖИКНО ПОСЛАНИЕ, Г.Г.СТЕФАН
Да се покажеме како миротворци, богољупци и човекољупци!
0701/ на Божиќ – 2023
Со доволни грижа и посветеност да ги сакаме и да ги почитуваме: Татковината, историјата, културата, јазикот и сета свештена и национална оставнина од нашите предци. А, во овие времиња-невремиња, во коишто владеат многубројни искушенија и предизвици, да се покажеме доследни следбеници на Христа новородениот – како мирољупци и миротворци, како богољупци и човекољупци. Оваа порака во своето Божиќно послание ја испрати поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан. Порача, „како верен народ постојано да напредуваме во верата, надежта и љубовта кон Христа Богомладенецот, покажувајќи поголема љубов кон нашите ближни и кон сите луѓе и народи околу нас, зашто само така ќе се потврдиме како Негови вистински ученици“.
-Црквата Христова, како вистински жетвар, ги собира и ги чува во своите вековни амбари непроценливите богатства на секој народ, на секоја историја и на секоја култура. Така, и нашата Македонска православна црква – Охридска архиепископија, ги чувала, ги чува и ќе ги чува довека сите радости и сите страданија, ги памети и ќе ги памети сите стремежи и копнежи на нашиот напатен македонски народ. Впро
чем, до неодамна нашата Црква беше ставана во костец со разни искушенија и неосновани негирања. Но Бог не дозволи оваа Павлова и Светиклиментова црква да биде бескрајно понижувана и оспорувана, туку ги виде подвизите и воздишките на нејзиниот верен народ и ги услиша молитвите на нејзините црквољубиви поколенија. По неизвесните 55 години, гледајќи го оправданото застапување за своја возобновена автокефалност, изминатово лето Господово, семилостивиот Бог погледна на нашата страдална и долготрпелива Црква, и ја исправи две ипол вековната неправда кон неа, па одново ја внедри во полнотата на Сеправославното семејство – во канонско и евхаристиско единство со сите сестрински православни цркви. Затоа, да Му благодариме на Бога за овој дар и за можноста литургиски да општиме со нашите браќа од сета Православна екумена, што дава можност да се доврши и признавањето на нејзиниот автокефален статус, се вели во Божикното послание. Се потсетува и на значајните јубилеи од богатата историја на МПЦ.
-Во годината што е пред нас, литургиски ќе наѕреме и особено ќе се навратиме кон почетоците на нашата свештена црковна историја, прославувајќи 1160 години од почетокот на Моравската мисија на светите браќа Кирил и Методиј, кога и нам ни се овозможи да Го славиме и да Го исповедаме Бога на разбирлив јазик, како и 1130 години од хиротонијата на свети Климент Охридски за Епископ Велички. Одбележувањата на овие битни настани од нашата црковна и национална историја уште еднаш ја потврдуваат пред светот вистината за нашата Црква, за нашиот богослужбен и говорен старомакедонски јазик и за древноста и посебноста на нашата култура и писменост, вели г.г. Стефан.
Потсети дека со векови наназад, од Христовото доаѓање па до денеска, поради алчноста на човекот да одземе и да завладее со туѓото постојано има немири и меѓучовечки конфликти, судири и за војни.
-Да не заборавиме дека единствената војна што треба да ја водиме е војната против гревот и против страстите. Само на тој начин ќе можеме да стекнеме вистински мир, мир што го надвишува секој ум , мир што извира од Миротворецот. На тој и таков мир, на Христовиот мир, треба да се потпира и сиот човеков духовен живот и односот на човекот кон Бога. Имајќи само таков мир, ќе можеме да бидеме во мир и со Бога и со ближните! И само кај луѓе со таков мир има добра волја, па ним не им е тешко да ги исполнуваат евангелските пораки и да прават добри дела, се вели во Божиќното послание на македонскиот архиепископ.
-Божик е празник на радоста, празник на утехата и празник на благодарноста: Синот Божји е и Син човечки, за да го издигне човекот, кој беше потонат во своето себељубие, дарувајќи му ги бескрајните височини на Својата љубов во Царството небесно, потсети г.г. Стефан.
ХРИСТОС СЕ РОДИ –
НАВИСТИНА СЕ РОДИ! ВЕЧНО ДА ГО СЛАВИМЕ!