“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
Во Ерусалим прво сослужување и со Бугарската и Руската црква
Септембар 25 2022
Полека, но сигурно, МПЦ-Охридската Архиепископија чекори кон нејзино полноправно прифаќање во Православниот свет, практично демонстрирајќи го тоа преку заедничко сослужување со архиереи на помесните православни цркви. Посетата на Епископот Антаниски, г. Партениј на Ерусалимската Патријаршија беше добра можност за проширување на кругот сестрински православни цркви со кои се воспоставува канонско единство преку заедничкото сослужување.
Ноќеска во Црквата на Светиот Гроб во Ерусалим, Владиката Партениј служеше Божествена литургија заедно со Архиепископот Јераполски г. Исидор – Игумен на Братството на Сесветиот Гроб, од Ерусалимската Патријаршија и со Митрополитот Неврокопски г. Серафим од Бугарската црква и Епископот Сердопски г. Митрофан од Московската Патријаршија. Тоа практично е прво сослужување на македонски аерхиереј со бугарски и руски владици, по одлуката на Вселенската Патријаршија да ја врати Охридската Архиепископија во канонско единство, и по одлуката на СПЦ да се согласи на автокефалност за МПЦ-ОА.
Истиот ден претходно Владиката Партениј служеше и во црквата на гробот на Пресвета Богородица во Гетсиманија, заедно со Митрополитот г. Јоаким, игумен во Гетсиманија.
Овие денови додека делегацијата на МПЦ-ОА е во посета на Ерусалим, во литургиите учествуваа и архимандрит Доситеј и јеромонасите Кирил и Анатолиј од Бигорската Обител, сослужувајќи со свештенослужители од СПЦ, романската, украинската и други православни цркви. Тие со својата
препознатлива умешност во источно-православното црковно пеење, ја збогатија торжественоста на богослужението, придружувајќи им се на отците псалти на певницата.
– О, кога би можело да се искаже со зборови милоста со која Бог ја удостои нашата најсвета Охридска Архиепископија, та по толку столетија, архиереј од нејзините бедра да застане и да служи во Гробот од кого изгреа Воскресението и спасението на светот! И беше тоа навистина воскресение славно за сите чеда на Светиклиментовото достојание, бидејќи молитвата на нашиот Старец пред вратата со која беше отворена вечноста беше токму таа: благослов, просветление, душевно и телесно здравје, Христов спокој и радост за чедата на Црквата наша, како и „соединување на светите Божји Цркви“, според Спасителовата молитва „за сите едно да бидат“ (Јован 17,21), велат од Бигорски.
Монасите од Бигорски во Еусалим служеа со благослов на Неговото Блаженство, Патријархот Ерусалимски г. г. Теофил, и на Архиепископот г. г. Стефан, како и Митрополитот г. Тимотеј.
На сите литургии се користел и македонскиот јазик како Богослужбен јазик.