“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
Односот помеѓу СПЦ и МПЦ во врска признавањето Автокефалност на МПЦ од страна на СПЦ
Дванаесетте грешки на СПЦ
Прва: се договориле во 1992 година, делегациите на СПЦ и МПЦ, на средбата во манастирот Калишта – Струга, проблемот меѓу двете цркви да го решат најпрво со заедничко служење на Света Литургија. Во Белград тоа е одбиено. Водачот на српската црковна делегација е сменет.
Втора: на средбата во Бигорски манастир, во 1999 година, делегацијата на СПЦ излегла со став дека нашата Црква не може да го користи името Охридска Архиепископија затоа што никогаш немала врска со таа Црква, туку само името МПЦ. Постојат аудио снимка и записник.
Трета: веќе на следната средба во манастирот Калиниќ, во 2000 година, српската страна излегла со став дека не сме можеле да го користиме името МПЦ, туку само името Охридска Архиепископија. Кога и „духовни лица“ паѓаат на идентитетски прашања, што да бараме понатаму…
Четврта: по неколку остварени средби во Водоча, Нови Сад и во манастирот „Свети Наум Охридски“ – Охрид, а согласно одлуката на Соборот на СПЦ од 1959 година, сепак било договорено името на нашата Црква да биде МПЦ, а нејзиниот статус да биде самостојност. Договорено било и варењето на светото Миро да биде заедничко – во Белград, но и дека МПЦ можела и сама да подготвува свето Миро – согласно светите Канони на Црквата; а при сослужување Архиепископот на МПЦ да стоел од десна страна на Патријархот српски. Целиот овој договор го срушил еден српски епископ на средбата во Ниш, во 2002 година, кој единствен од целата петочлена делегација на СПЦ инсистирал името на нашата Црква во новиот договор да биде само Охридска Архиепископија, а статусот наместо самостојност – најширока можна автономија. Несогласувањето и денес е само во овие две точки; плус сега и ПОА. Додушa, ПОА е сега главниот и единствен проблем, повеќе поради суетата на тие што го смислиле и прифатиле проектот, отколку што е тоа некаква битна реалност.
Петта: во Ниш од страна на двете делегации бил потпишан „Нацрт договор“ кој кога би бил одобрен од синодите на двете цркви, би требало да биде потпишан и од поглаварите на двете цркви, со што би станал конечен договор. Од страна на САС на МПЦ тој нацрт договор бил одбиен. И наместо двете цркви да продолжат со разговори, одеднаш некои од СПЦ нацрт договорот го прогласуваат за конечен таканаречен „Нишки договор“, а архиереите, свештениците и народот на МПЦ ги повикуваат на поединечно пристапување кон СПЦ врз основа на тој непостоечки договор. Не постои потпишан документ од поглаварите кој се нарекува „Договор“ – тоа е најголемата лага на СПЦ и ПОА, а постои потпишан „Нацрт договор“ од страна на делегациите за разговори.
Шеста: Повардарскиот Митрополит на МПЦ, Јован, ја прифаќа понудата на СПЦ. И до ден-денес заедно бесрамно лажат дека постои т.н. „Нишки договор“. Самото име му е контрадикторно – поглаварите не биле во Ниш да го потпишат. Сепак, целта не ги оправдува средствата. Додека не се извинат јавно за оваа лага и додека тоа прашање не се расчисти, со нив – никакви разговори не би требало да има. Што може заеднички да се гради со луѓе што свесно и намерно лажат?
Седма: со помош на СПЦ, од 2004 година па натаму, во Р. Македонија се формира и синод на таканаречената ПОА, која од СПЦ добива и томос за автономија. Лагата станува официјална.
Осма: потоа СПЦ и ПОА ги исклучуваат сите верници на МПЦ од нивната „света евхаристија“ и ги прогласуваат сите Свети Тајни на МПЦ за неважечки. Најзлобниот и најочајничкиот потег, во неуспешната психолошка војна, дотогаш. Голем грeв пред Господ, кој донесе многу други несреќи.
Деветта: негде во 2009 година, на полуофицијална средба во Белград, повторно ѝ било понудено на СПЦ заедничко сослужување како начин најбезболно да се надмине меѓусебното недоразбирање, и со нив и со ПОА, но ништо.
Десетта: во 2015 година повторно ѝ била понудена на СПЦ јасно објаснета форма на заедничко служење како најдобар црковен и историски проверен начин да се надмине меѓусебниот раздор, а истовремено ѝ било испратено и официјално писмо на СПЦ за продолжување на разговорите. Одговор нема до ден-денес, иако е, после толку време, конечно најавен.
Единаесетта: одеднаш СПЦ се буди (сигурно не без причина), и од крајот на 2021 година, преку своите неофицијални (еден од нив Александар Раковиќ), а и официјални гласноговорници, повторно медиумски го нуди истото политичко решение: автономна Охридска Архиепископија во рамките на автокефалната СПЦ, но овојпат со очигледно ублажени тонови дека сепак признаваат македонски идентитет, народ и јазик. Целта на оваа понуда е чисто политичка, а водена е од националната идеја за таканаречениот „Српски свет“: некаква безимена и безлична, автономна Охридска Архиепископија потчинета и претопена во рамките на автокефалната СПЦ. Одлична замисла за остварување на планот за Српски свет, од империјалистички тип, преку црквата.
Дванаесетта и најголема грешка: претставниците на таканаречената ПОА преку социјалните мрежи постојано ширеа и секојдневно уште шират безобѕирни лаги и навреди кон архиереите, монаштвото, свештенството и верниот народ на МПЦ; и тоа како некои кои никогаш не планираат дека можеби еден ден ќе треба да се смириме и заеднички да продолжиме по Христовиот пат. Сега тие истите одеднаш се нудат како најсоодветни за разговори со МПЦ. После сѐ, тоа е невозможно.
2022 година. Што да очекуваме во евентуални разговори со СПЦ? Најверојатно, тие ќе ни го понудат истото политичко решение; ние, пак, ќе им го понудиме истото црковно решение – договор на поглаварите за сослужување меѓу двете различно административно организирани цркви, а секое друго отворено прашање да се остави за некои подобри времиња, кои заедничкото служење само по себе ќе ги донесе. Да го направевме тоа пред десетина години, недоразбирањето досега ќе беше решено. Ќе ја вратевме и изгубената благодат и големиот простор освоен од демоните.
Штом еднаш заедно ќе застанеме да служиме Литургија, т.е. штом Бог ќе го ставиме на прво место, сѐ друго ќе си дојде на свое место. Но, за ова решение е потребно и малку вера и малку братска љубов. Решение за кое ни самиот ѓавол не може да најде пречка, освен ако не ја всади кај некои луѓе под вид на немање добра волја. Тука нема Томос околу чија содржина се сите кавги. Никој никому ништо не признава, ниту некој може да се фали дека е признат; има само сведоштво на братска љубов во Христос. Значи, на национализмот можеме да му се спротивставиме само со изворна, апостолска еклисиологија. А такво е и времето, поради суптилниот прогон врз Црквата.
Најважно од сѐ, со заедничкото служење ќе ни се отворат очите за перспективата дека ние не сме две различни цркви, туку Една (согласно исповеданата вера) во две различни држави и меѓу два различни народа. Ние се однесуваме меѓу себе како два различни и спротивставени дела кои, иако потекнуваат од една иста целина, сепак се повредуваат, а треба да се однесуваме како една вештачки поделена целина која стреми и копнее повторно да стане едно, а истовремено да ги задржи своите пастирски посебности.
Друга можна опција е – полека сите сѐ да изгубиме. Оти „секој дом, ако се раздели на противни групи, ќе пропадне“ (види: Матеј 12, 25). Господ напомош!
Запишано на 14.01.2022 г. Според кажаното од непосреден сведок.