“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
Интервју, Со Архиепископот Охридски и Македонски ОА На Јустинијана Прима Г. Г. Стефан
1. Ваше Блаженство, кои се канонските основи врз кои се темели автокефалноста на Македонската Православна Црква?
Архиепископот: Православната Црква е Една, Света, Соборна и Апостолска. Нејзината поделба на самостојни цркви, автокефални или автономни, не му противречи на единството на Црквата, зошто, како вели познатиот канонист Валсамон – „сите цркви Божји се сметаат за едно тело“, односно дека сите помесни цркви се соединуваат во Црквата, чија глава е Христос.
Во првите христијански времиња, секој град или провинција, кои имале епископ, биле на некој начин самостојни цркви. Но дури подоцна, од петтиот век па наваму, некои се именуваат како автокефални, односно за цркви кои што имаат епископ како своја глава, со суверена и независна власт. Можно ли е да има Руска црква, без волјата на рускиот народ, руската ерархија и руската држава? Така е и со Српската, и со Бугарската, и со Романската и со сите помесни православни цркви! Но, обично црковната ја следи државната самостојност. Така било, еве, и со Охридската, така и со Пеќката Архиепископија. Ќе можеше ли така лесно и Свети Сава во 1219 да ја осамостои црквата, ако ја немало тогашната српска држава, или пак да ја обедини патријархот Димитриј во 1920 година? Впрочем, сите самостојни цркви се потпираат врз истите канони и врз практиката, односно традицијата во Православната Црква! Тогаш ако можеа да се возобноват или организираат врз истите канони и врз истиот принцип и Српската, и Бугарската и Грчката, а пред неколку години и Албанската, зошто да на може и Македонската (МПЦ)? Таа ништо не бара повеќе од она што, всушност, го имала како автокефална црква и од она што другите го барале кога биле во слична ситуација.
2. Се тврди дека Македонската Правослвна Црква е „комуњарски“ производ и дека се врзува за „минливи категории како што се нација, држава“. Кои се аргументите кои говорат во прилог на автокефалниот духовен и канонски развој на МПЦ и нејзиното правно наследство на древната Светиклиментова Црква и на Охридската архиепископија?
Архиепископот: МПЦ не е нов производ, туку таа претставува жива врска и активно продолжение на славната Охридска Архиепископија. Овде, во Македонија, во 1959 година, а потоа во 1967 година, не создаде нова црква, туку ја возобнови и заживеа Светиклиментовата Црква, ако сакате, и Јустинијановата, како и Светипавловата Црква во Македонија. Тоа значи дека во Македонија, христијанството и Црквата Христова е со апостолско потекло и со автокефално достоинство. Таа во времето на цар Самоил била издигната и на степен на Патријаршија, но со пропаѓањето на неговото царство, таа не била укината, туку сведена на ранк на архиепископија. Подоцна откако се создале нови државни состојби и црковно-духовен развој на северните нејзини епархии, под раководство на српските кнезови од родот на Немања, од Охрид се одделила Пеќката Архиепископија. Свети Сава, прекршувајќи го правилото да бара одвојување од мајката црква Охридската Архиепископија, отишол во Никеја, каде што се наоѓал прогонетиот Цариградски патријарх и од него побарал томос за признавање. Тоа, Архиепископот и Синодот на Охридската Архиепископија не го премолчиле, туку укажале дека се прекршени канонските постапки и дека е заобиколена мајката црква, па затоа Охридскиот Архиепископ Хоматијан го прекинал канонското единство со Пеќката Архиепископија и не ја признал нејзината автокефалност. Но, по извесен период, спорот бил надминат и Охрид започнал канонско и литургиско општење и заедничарење со Пеќката Архиепископија.
Затоа, она што некогаш го направил Охрид – нашава Македонска црква за Српската црква, пројавувајќи љубов и разбирање за своите браќа и соседи, тоа денес не сака да го направи СПЦ (Српската Православна црква) за нас МПЦ (Македонската Православна Црква), со што би ни вратила за доброто со добро. Та од каде сега и во еден ваков историски и реален контекст нашата МПЦ е комунистички производ? Само човек кој што не гледа со црковни очи и со очите на вистината може слепо да се држи за невистини и неможни работи! Зарем комунистите, кои се бореа против црквата – создадоа црква ?! Зарем неверниците во еден безбожнички период посакуваа вера ?! Зарем не ги затвараа црквите и манастирите, прогласувајќи ги за културно наследство и духовно мртви музеи ?! Зарем не плаќавме влезници место да палиме свеќи во македонските манстири ?! А и свештеници станаа заробеници, кои со години останаа в затвор, а некои таму маченички починаа… Сето ова го доживуваме како производ на тоа антибожечко време, а не како време на црквољубие. Па, не е дамнешно тоа време за да се заборават овие вистини, за кои добро знаат и браќата Срби и Црногорци, и сите оние коишто злонамерно и зајадливо ја етикетираат нашата Света Македонска Црква. Напротив, МПЦ е црква маченичка а, еве, продолжуваат нејзините страдања и од оние кои се исти и според верата и според каноните.
Од трите црковни центри на Балканот: Охрид, Трново и Пеќ, произлегоа современите три автокефални цркви – од Трново и Трновската Патријаршија ја имаме Бугарската Црква; од Пеќ и Пеќката Архиепископија е Српската Црква, а од Охрид и Охридската Архиепископија е Македонската Црква. Многу јасно, многу точно, историски потврдено е ова правилно наследство, бидејќи секоја од овие три древни цркви беше духовно врзана за својот народ: Трновската за бугарскиот, Пеќката за српскиот, а Охридската за македонскиот народ. Низ историјата се менувале архиепископи и патријарси во сите три центри, па доаѓале и несрби на српскиот патријаршиски престол, и небугарски на трновскиот или немакедонски на охридскиот, ама народот останувал ист – македонски! Тој народ – таа паства е нашето духовно богатство и правно неследство на древната Светиклиментова Охридска Црква. Свештенослужителите дојденци, кога им станувало тешко си заминувале од Македонија, па доаѓале други туѓинци, но народот останувал. Тие си оделе, како што се вели во Светото Евангелие, бидејќи стадото не било нивно…
3. Кои се причините за негаторскиот став на СПЦ спрема МПЦ и што во тој контекст значи Нишката нацрт – спогодба?
Архиепископот: МПЦ е природно продолжение на Охридската Архиепископија, која била автокефална во целиот перод на своето постоење, до неканонското укинување од султанот, во 1767 година. Една година пред тоа, истиот султан ја укинал и Пеќката архиепископија, а многу порано и Трновската. Значи последна била укината Охридската Архиепископија. Таа, пак, и последна се возобнови! Имено, како што се ослободувале балканските народи од ропство и создавале свои држави, така и во рамките на тие држави ги возобновувале древните архиепископии, кои продолжиле да живеат како посебни автокефални помесни цркви. Така направиле и Србите, и Бугарите, па најпосле и ние Македонците. Дури и Албанците, како и Грците и Романците, на тој начин, по ослободувањето на државите, формирале свои помесни православни цркви. Ние сме последни во таа постапка при возобновувањето на својата древна црква, затоа што, од познати причини, македонскиот народ последен од балканските народи се здоби со своја посебност: држава, и јазична, и културна, па и црковна. Ние, возобнувајќи ја Охридската архиепископија како МПЦ, не измисливме ништо ново туку само го следевме примерот на нашите соседи, кои што сега не не признаваат. Тие истото го направија пред нас, според истите канони, соодветно на новосоздадените државни услови. Сето тоа важеше и беше добро и исправно кога го правеа за себеси, а сега кога за нас – не важи! Тие можеле тоа да го бараат за себе, а нам ни забележуваат! Затоа тешко се наоѓаат вистински причини за нивниот негаторски став кон МПЦ. Причини нема! Каноните се запазени! Црквата постоела и овој народ како што ја љубел својата Охридска Архиепископија ја сака и МПЦ и се радува на неа и ја почитува. Затоа и сега ја брани и чува!
Нишкиот нацрт текст преставува работна верзија од документот на кој се работело од комисиите на двете цркви. Тој работен документ и го носи епитетот “нацрт“ – кој што нема обврзувачки карактер, бидејќи е производ само на една фаза од разговорите меѓу комисиите. За да биде со важност документ од таков карактер треба да биде усвоен од Синодот или Соборот, а тоа не се случи. Тој нацрт текст Светиот архиерејски Синод на МПЦ не го прифати и за нашата црква истиот остана без правно дејство. Со него, МПЦ, се враќаше на позициите од 1959 година, кога е возобновена Охридската Архиепископија. Во таа 1959 година Светиот архиерејски собор на СПЦ (Српската Православна Црква) донесе одлука со која ја призна МПЦ (Македонската Православна Црква) со нејзиното име: Македонска Православна Црква, како возобновена Охридска Архиепископија, која делува на територијата на тогашната “Народна Република Македонија, како самостојна црква, која ќе се раководи со сопствен Устав и Синод, та Уставот на СПЦ повеќе не важи за МПЦ и нејзината ерархија“. Сето тоа што тогаш го дала СПЦ е и повеќе од Автономија, бидејќи го употребила терминот “САМОСТОЈНА“, а не автономна, а овој израз во црковното право соодветствува на автокефална. Ако тоа тогаш сме го добиле пред 62 (45) години, зошто сега СПЦ треба да ни го дава истото, дури и помалку од тоа, формулирано како некаква “најширока автонимија“ – термин што не постои во ниедно црковно право и нема канонска основа. Ние, нивната “најширока автономија“ веднаш баравме да се замени со “најтесна автокефалија“.
Инаку, цели 62 (45) години, од 1958 до сега, СПЦ и официјално, и писмено и усно, нашата црква ја именуваше Македонска Православна Црква, а денес сака да го негира тоа име.
4. Како гледате на иднината на односите меѓу МПЦ и СПЦ?
Архиепископот: Најискрено – сакам иднината да ја направиме подобра од минатото и од сегашноста! Само така ќе се посведочиме како вистински духовници и Христови следбеници. Сакам да гледаме со Христовите евангелски гледања и да се раководиме според Неговата заповед за љубовта. Како ќе Го сакаме Бога, ако не се сакаме меѓу себе. Свети апостол Јован ја упатил следнава порака: „… да се сакаме еден со друг, оти љубовта е од Бога, и секој, која сака, е роден од Бога и Го познава Бога; кој не сака, тој не Го познал Бога, оти Бог е љубов… Ако некој рече, Го сакам Бога, а го мрази својот брат, лажец е: оти, кој не го сака својот брат кого го видел, како може да Го сака Бога кого не Го видел?! И таа заповед ја имаме од Него: кој Го сака Бога, да го сака и братот свој“ (1 Јован 4,7-8 и 20-21).
Доколку имаме вистинска љубов Христова, тогаш е вистинска и нашата вера и ќе најдеме вистинско решение. Нема проблем кој што не може са го реши љубовта! По се изгледа таа овде отсуствува и затоа место пример на љубов и разбирање како православни цркви, соседи и браќа, постанавме презир за светот! Мислам дека е стасано до дното на злото и има потреба од духовно будење и со евангелска љубов приоѓање на спорот! – Што ќе изгуби СПЦ, а и останатите помесни православни цркви, ако имаат со себе уште една вистинска сестра – автокефалната Македонска Православна Црква, која живее и делува, која де факто и постои, а де јуре административно се оспорува?!
Претставува,
Прота Митко Попоски
Виндзор, Канада