“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
Светоста е основниот мотив во животот на христијаните
Негово Блаженство
Архиепископ Охридски и Македонски ОА
На Јустинијана Прима
Г. Стефан
Светоста е основниот мотив во животот на христијаните, тоа е нашата егзистенцијална цел, односно светоста е богопоставената реализацијата на човечката личност.
Бидете свети, бидејќи Јас Сум свет, нè повикува нашиот Господ Бог. И сите, неизоставно, следејќи ги и применувајќи ги критериумите поставени во нашата природа и кажани во Словото Божјо, сме повикани да се стремиме кон овој единствен оправдан и полезен врв на успехот.
Црквата никогаш не била ниту може да остане без светители!
Тие се гарантот за вистинитоста на нашата вера, односно тие се потврда на успешноста на проекцијата што за животот на секој човек ја постави нашиот Спасител, Господ Исус Христос.
Така, секој што доследно ќе Го следи Христа, секој што ќе ја исповеда правилно верата и ќе ја применува во дела, а својот подвиг ќе го потврдува со учеството во Евхаристијата, тој врви по патот на спасението, а тој пат е, всушност, здобивањето на совршенството кон кое Господ Христос нè упати , односно здобивање на светоста.
Секако, потврда за нечија светост, за нечие спасение, т.е. обожување, дава Господ преку Црквата.
Во првите векови на Христијанството, сите верни биле нарекувани свети, зашто првенствено живееле таков живот, во секојдневно исполнување на Евангелието, и затоа што, подготвени вистински, секогаш се причестувале со Телото и Крвта Господови.
Така, светиот апостол Павле, упатувајќи ги своите посланија до разните народи, задолжително или во прологот, или, пак, на крајот од текстот пишувал дека неговото слово е наменето за светиите .
Подоцна, со губење на нивото на верата, користењето на терминот свети за верниците се изгубил, бидејќи и квалитетот на христијанското живеење опаднал, па почнал да се користи, како што е до ден денес, за оние богоугодници кои Црквата ќе ги прогласела за такви.
Тоа биле луѓе со особен духовен живот, поради што се удостоиле со благодатта да станат садови на Светиот Дух.
Не сите што ќе се спасат, Црквата ги вбројува во списокот на светителите
Тоа доаѓа по промисла Божја, Црквата ги има инструментите, по спроведувањето на соодветната постапка, да прогласи некој Божји угодник за светител, но зошто токму тој, тоа е волја Божја.
Почитувањето на светителите и молитвата кон нив е стара колку што е стара и Црквата, односно датира уште од апостолско време.
Знаеме дека за време на гонењата на христијанството од страна на Римската Империја, пострадувале мнозина коишто недвосмислено и непоколебливо ја исповедале верата во Единствениот жив Бог, и во Неговиот Месија, Спасителот Господ Исус Христос.
Тие веднаш биле од верниците прогласувани и почитувани како светители, па местата на кои се закопувале служеле како места за молитва.
Оттаму, подоцна, со добивањето на слободата на христијантвото со Миланскиот едикт од 313 година, кога се создале услови за слободно исповедање и практикување на верата, врз гробовите на овие маченици се граделе храмови.
Затоа и ние денес кога осветуваме новоизграден храм, во престолот, кој што стои во центарот на олтарот, вградуваме мошти, а исто така, и во антимисот врз кој се служи Литургија, се вшиваат парчиња – мошти од светители.
Секако, неточни се обвинувањата дека ние, православните, со молитвите што ги упатуваме кон светителите, ја прекршуваме првата и втората од десетте Божји заповеди (Јас сум Господ, Твојот Бог, и да немаш други богови освен Мене и Не прави идол или слика на она што е горе на небото и што е долу на земјата, и што е во водата под земјата; не им се поклонувај и не им служи).
Значи, ние нив ги почитуваме, поради нивното духовно достигнување и соединувањето со Бога, и не им служиме, односно не ги обожуваме.
Почитувањето на светителите од наша страна се изразува со тоа што ние ним им се обраќаме за застапништво, за помош, односно да се молат пред Божјиот престол за нас, зашто тие се нашите небесни пријатели.
Всушност, со честа што им ја укажуваме на светителите, односно поклонувајќи им се ним, ние Го почитуваме Господ Христос, Кој живее во нив.
Христос е почетокот, средината и крајот – Свети Симеон Нов Богослов вели
Тој е во сите – и во првите, и во средните, и во последните… Тие што од род во род, преку исполнувањето на заповедите стануваат свети, заменувајќи ги претходните, се соединуваат со нив, просветлувајќи како и тие, и примајќи ја благодатта Божја по причеста; и сите тие како да стануваат еден златен синџир, во кој секој од нив е одделна алка што се спојува со претходната алка преку верата, делата и љубовта.
Светата православна црква има повеќе чинови на светители, и тоа: апостоли, пророци, преподобни, свети ѓакони, свештеници и епископи, праведни, бесребреници, маченици, свештеномаченици, преподобномаченици, великомаченици и др.
Процесот на вбројување на некој богоугодник во календарот на Црквата, се нарекува канонизација.
Тоа е особен процес, кој подразбира опсежно испитување на личноста и животот на тој што ќе се прогласува за светител, односно проверување на преданијата за неговиот подвиг и сведоштвото за верата и чудата што ги извршил, како во животот, така и по упокојувањето.
По ова, Комисијата задолжена за процесот, изработува житие, служба и икона на новиот светител или светители и на Литургија ја објавува канонизацијата.
Секако, мораме да нагласиме дека почитувањето на некој светител не е последица на чинот на канонизирање, туку обратно, секогаш вбројувањето во списокот на светите, се случува како последица на сенародното почитување.
Еден од најстарите светителски чинови во Светата Црква е маченичкиот
Мачениците се луѓе што пострадале, односно биле убиени само затоа што верувале во Господ Исус Христос и не сакале да го променат она што станало дел од нивното битие, зашто знаеле, живееле и чувствувале дека тоа е вистинското, зашто гарант за тоа е Оној Кој е Патот, Вистината и Животот.
Првите маченици за Христа се Витлеемските маченици. Во првите векови на Христијанството, многумина со својата крв ја посведочиле Вистината.
Еден од раните писатели на Црквата, Тертулијан вели: Крвта на мачениците е семето на христијанството. Колку повеќе христијани убивале, толку повеќе нови се крштевале. Зашто, нивното страдање не било од утопија, не било поради непромисленост и неукост, или поради закани, туку од љубов кон својот Бог, зашто за нас ќе вреди ли животот, доколку во него Го нема Бога, доколку се откажеме од својот Создател и свртиме грб на трајната заедница со Него….
Архиепископ Охридски и Македонски ОА
.г.г Сгефан