“ВОЗЉУБИ ГО ГОСПОДА, СВОЈОТ БОГ, СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ, И СО СЕТА СВОЈА ДУША, И СО СИОТ СВОЈ РАЗУМ; - ТОА Е ПРВАТА НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД;
А ВТОРАТА Е СЛИЧНА НА НЕА: ВОЗЉУБИ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ!
НА ТИЕ ДВЕ ЗАПОВЕДИ СЕ КРЕПАТ ЦЕЛИОТ ЗАКОН И ПРОРОЦИТЕ“ (Матеја 22:37-40).
НА ВЕЛИКА САБОТА ВО ЦРКВАТА „СВ. НИКОЛА“ ВИНДЗОР, ОНТАРИО. КАНАДА
Велика сабота е: Денот на Големиот Покој е времето кога Христовото тело е во гробот. Покојникот е внатре од вчера.
Велика сабота е: Денот меѓу смртта и воскресението, меѓу Петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста.
Велика Сабота е денот: На слегувањето на Несоздадениот Благодатен Оган од Небото!
Овој е втор ден на нашата жалост, тага и молк.
Ден на длабоко молчание, созерцание и покој.
Овој е денот на оплакувањето на Покојникот.
Тогаш, Мајка Му – Пресветата Богородица и жените мироносици, по погребението, Го оплакувале Господа Исуса Христа.
Денес се изразува болката, тагата и жалоста на Пресвета Богородица.
За нас, па, ова е ден за солзи на љубовта и благодарноста.
Велика сабота е определена како Ден за чување на гробот.
Денес сите сме крај Христовиот гроб.
Се поклонуваме пред Плаштаницата, на која е претставено телото Господово при погребението, и положено во гробот. Тоа е украсениот гроб Христов, на сред црква, пред кој стоиме и молчешкум се молиме. Се протнуваме под неа на колена, со понизност. Го чекаме Воскресението.
Ова е ден за прославување на неискажливата љубов од Богочовекот кон луѓето.
Велика сабота е ден на исчекување, ден на свештен трепет пред Христовото Воскресение.
Смртта не може да Го задржи самиот Живот – Животодателот.
Саботата е денот кога, во почетокот, Бог, откако го завршил создавањето на светот и човекот, видел дека е сè добро и се успокоил, се одморил, отпочинал и овој ден станал ден на покојот. Исто така и Христос го завршил Своето богоспасително дело до Петокот попладне и во Саботата, успокоен, во божествен покој лежел во гробот, заспан во смртен сон. Велиме заспан, затоа што и Он така рече за умрената девојка која ја воскресна од мртвите, а на луѓето што плачеа им рече: „Девојката не е умрена, туку спие“ (Матеј 9, 24; Марко 5,39; Лука 8,52).
Подготви,
Отец Митко Попоски