|
17. Јули 2007
Crown Point, Indiana, USA
Животот во нашата црква „Св.Петар и Павле“ во Crown Point,
Indiana, покрај вршењето на редовните активности (извршување на
светите богослужби и други црковни треби), е исполнет и со многу
други духовни и културно-национални содржини. Така е секојдневно,
а така беше и по повод одбележувањето на нашата црковна слава,
што се одржа на 14 и 15 јули оваа година. Всушност прославите
започнаа уште на 11 јули со светата Вечерна богослужба и
завршија со Светата Литургија во неделата на 15 јули. Така со
целокупните наши активности и црковно живеење станавме вистински
апостоли на Црквата Македонска и името македонско.

Прославата по повод патрониот ден беше втор Велигден за
Православните македонци во Crown point и околината. Храмот беше
претесен да ги прими сите верници кои постојано доаѓаа и како
река врвеа палејќи свеќи и молејќи се на Севишниот Бог и
Неговите најпрославени апостоли Петар и Павле. Тоа ни зборува
дека во пет- децениското постоење на нашата црква култот на овие
Христови светила високо е издигнат и свети во срцата на сите
верници.
На Литургијата на празникот чиноначалствуваше Неговото
Високопреосвештенство Митроплит Американско-канадски Господин
Методиј, а во сослужение на парохискиот свештеник
прота-ставрофор Томе Стаматов, ѓаконот Стеван Барјактаров, при
што Негово Високопреосвештенство произнесе поучно слово за
празникот.
Покрај редовните богослужби во саботата на 14, беше одржан и
свечен банкет во банкетната сала при нашата црква. Убаво
украсената сала беше до последното место исполнета.
Најпво, претседателот на црковниот одбор г. Борис Веловски со
пригодни зборови и празнични желби ги поздрави присутните. Меѓу
другото тој рече: “Ви го честитам овој голем и свечен ден со
желби идната година, по повод 50-годишниот јубилеј од
формирањето на Иницијативниот одбор за организирање на нашата
црква, како и 45 – години од осветувањето на истата, да биде
уште посвечен и порадосен. Нема да биде нескромно ако речам дека
ние тоа и го заслужуваме бидејќи сме прва црква која се
закитивме со знамето на Македонската православна црква –
Охридска архиепископија веднаш по нејзиното осамостојување во
далечната 1958 година. Ние бевме првите иницијатори не само за
изградба на оваа црква туку и за сите Македонски Православни
Цркви во оваа епархија кои што се изградија и сеуште се градат.
Ние го понесовме барјакот на афтокефалната Македонска
Православна Црква на овие простори. Со тоа треба да се гордееме
сите. Во таа прилика ќе им дадеме посебна чест и признание на
сите кои допринесоа за оваа наша македонска духовна победа. На
многу години!“, рече Борис Веловски.
Потоа парохискиот свештеник, прота-ставрофор Томе Стаматов ги
поздрави и благослови присутните, како и оние кои од било кои
причини не се со нас. Честитајќи им го празникот посака идната
година свечено да ги прославиме нашите јубилеи.
Со пригодни зборови се обрати и прота Митко Попоски велејќи дека
е почестен со присуството на прославата на храмовата слава на
црквата при тоа заблагодарувајќи се на поканата и гостопимството.

Посебен белег на прославата даде настапот на ансаблот “ОТЕКС“ од
Охрид, кои беа гости на црквата. Нивниот настап беше на
највисоко ниво и ги пленија душите и срцата на сите присутни.
Прославата продолжи во песни и ора до доцна во ноќта.
Утредента, во неделата, на Литургијата чиноначалствуваше
парохискиот свештеник прота-ставрофор Томе Стаматов, во
сослужение на прота Митко Попоски и ѓакон Стеван Бајрактаров. На
Литургијата одговараше црковниот хор. Храмот беше преполн.
Прославата продолжи во попладневните часови со пикник и
македонска музика.

Од управниот одбор |