светиот синод на мпц
Мирот е света работа и мора да стане реалност

Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква смета дека со потпишаниот политички договор јасно се дефинирани образот и дејствувањето на албанскиот тероризам. Сите страни вклучени во разговорите потврдија дека политичкиот договор истовремено е мировен договор и значи безусловен и траен прекин на воените дејства на терористите. За жал, сведоци сме дека тоа не се случува, се вели во соопштението.

Светиот архијерејски синод на МПЦ потсетува на граѓаните од кризните подрачја, кои се чини како да не се дел од радоста на потписниците на договорот и присутните претставници на меѓународната заедница. "Укажуваме на фактот дека нивното малтретирање и заканите врз нивните животи не престанаа. Процесот на етничкото чистење не е запрен. Тактиката на застрашување на неалбанското население се спроведува без прекин. Грабежот на материјалните добра продолжува и по потпишувањето на политичкиот договор. Малтретирањето на заробените цивили од страна на албанските терористи во Македонија стана веќе ноторен факт", истакнува МПЦ.

Од друга страна, често слушаме известувања дека безбедносните сили не одговараат на оружените провокации, поради тоа што не се загрозени животите на нивните припадници. Се прашуваме: каква задача им даваат одговорните од власта на безбедносните сили на Република Македонија? Дали нивната обврска е во тоа да се штитат само себеси или да го штитат и цивилното население?! Потсетуваме дека политичкиот договор е потпишан и веќе не може да помине ниту една лага дека некој во Македонија се бори за остварување на своите човекови права!

Светиот архијерејски синод на МПЦ уште еднаш апелира, првин до власта во Македонија, а потоа и до меѓународните институции присутни во земјава, како и до целата меѓународна јавност, да не ги затвораат очите пред реалните и конкретните страдања на православното неалбанско население од кризните подрачја. "Мирот е света работа, императив, но на мирот не треба да се гледа апстрактно, ако сакаме да стане реалност", се истакнува во соопштението.