|
|
|
ГРИЖАТА НА ЦРКВАТА ЗА ВЕЧНОТО СПАСЕНИЕ НА ЛУЃЕТО |
|
|
|
протоереј-ставрофор Илија Донев
Спасението, како крајна цел во духовниот живот, е предмет на секоја религија. Разликата е во тоа што секоја од нив има различно учење за спасението, а и нормите за спасение се различни. Така на пример: според учењето на некои религии, спасение се добива преку т.н. инкарнација и достигнување на посебна состојба - нирвана; други религи учат дека спасението се добива преку постојана (физичка) борба против непријателите; некои, пак, особено протестантските секти, учат дека за спасение доволно е да се чита Светото Писмо – Библијата и да се верува во Господ. Од сите религии Православната Црква има најчисто и насвето учење за спасението. Таа учи дека спасението, пред сé, е Божји дар преку кој човекот се избавува од гревот и смртта, се соединува со Христа и го наследува Царството Божјо. Божјата грижа за спасение на човекот е вечна – од создавањето па се до свршетокот на светот. Бог од преголема љубов го создаде човекот. Иако во одредено време, преку првородниот грев, човекот отпадна од Бога, Бог не престана да се грижи за него упатувајќи го и советувајќи го, на разни начини, со разни методи и средства, да се врати кон Него. Бог го создаде човекот со тело и душа (материја и дух) по ликот Божји, а тоа значи безгрешен, бесмртен и свет. Душата на човекот постојано тежнее кон Создателот – Бог. Преку разумот треба да Го познае Бога, а преку слободната волја да Го признае и сака, како детето што го сака својот родител. Оваа Божја љубов се забележува низ целиот Стар Завет. И Новиот Завет започнува со грижата Божја за спасение на човекот. Всушност, појавата на Второто лице на Света Троица, Господ Исус Христос беше израз на неизмерна љубов Божја кон луѓето и, преку поуки и лична жртва, да го упати човекот на вистинскиот пат кон вечното спасение. Неговото доаѓање на земјата, воплотувањето, не беше случајно, туку со Божја промисла. Имено уште при паќањето во грев на првите луѓе, Адам и Ева, Бог одлучи, откако ќе се исполни времето, да го испрати Второто лице Господ Исус Христос, да ги избави луѓето од гревот и смртта. (Спореди: Постанок 3:15; 1 Јов. 3:8; Гал. 4:4; Дел. Ап. 2:23; тропар на Благовештение). Свети апостол Павле вели: “Голема е тајната на побожноста, Бог се јави во тело“ (1 Тим. 3:16). (Зборот “воплотување“ е од црковнословенски збор “плот“ што значи тело, односно Бог, Кој постои од вечност, прими човечко тело и стана човек, при тоа не престана да биде Бог –БОГОЧОВЕК). Воплотувањето било неопходно затоа што бил најдобар и најцелисходен начин за спасение на паднатиот човек и единствено така луѓето можеле да Го разберат. Освен тоа Бог ја оснива Црквата чија што главна цел е – воведување на луѓето кон вечното спасение. Црквата се грижи за спасение на луѓето од самото нејзино оснивање. На празникот Педесетница, после силната проповед на Св. апостол Петар, луѓето прашаа: “Луѓе браќа, што да правиме! Покајте се и секој од вас да се крсти во името на Исуса Христа за простување на гревовите; и ќе примите дар од Светиот Дух“, им советува Свети апостол Петар (Дела Ап. 2: 37 - 40). Спасението на луѓето е основниот предмет и во проповедта на светите апостоли. Оснивањето на црковните заедници беше со единствена цел - учењето на Црквата за спасението на луѓето, преку одредени и оспособени личности, да се проповеда и шири насекаде во светот. Оттогаш па се до денес таа задача и цел на Црквата Христова не е изменета. Како да се спасиме?
Црквата Христова непрестајно предупредува на подготвеност за Судот
Божји. Господ Христос вели: “Па така, бидете будни, зашто не знаете
во кој час ќе дојде вашиот Господ“( Мат. 24: 42), односно кога ќе
настапи Судот Божји. (Спореди: “Параболата со десетте девојки“ (Мат.
25: 1 – 13).
Љубовта кон Бога и љубовта кон ближните се двете најголеми заповеди
на кои се темели учењето на Црквата за спасението. Да се крстиме тоа значи повторно да се родиме и да се соединиме со Христа. Оти, преку крштевањето се добива простување на првородниот грев и од други гревови, ако ги имаме (се мисли на крштевање на возрасни), освен тоа се добива Божја благодат за нов живот, право на примање на другите свети тајни (Миропомазување, Венчавање, Причестување, Покајание и Исповед, Свештенство, Елеосветување или Маслосвет) и, се постанува член на Црквата и чедо Божјо. (При крштевањето свештенослужителот ги изговара зборовите: “Се крштева чедото Божјо (името) во името на Отецот – амин, и Синот – амин, и Светиот Дух – амин“). Преку Примањето на дарови на Светиот Дух ние Го примиме Духот Кој ни даде сила да влеземе во нов живот со Христа, да бидеме негувани во Црквата и потврдени во ликот Божји. Тоа се првите чекори кон спасението. Но, пред сé, ќе речеме, спасението најпрво инсистира на вера во Бога, “оти без вера не е можно да Му се угоди на Бога. Оние кои доаѓаат при Бога, треба да веруваат оти Он постои и дека ги наградува оние, што Го бараат“ (Евр. 11:6), вели Свети апостол Павле. Не може да се надева на спасение оној кој не верува во Бога и кој го одрекува Неговото постоење. Освен тоа спасението не е само работа на верата, туку тоа е работа на верата преку љубовта. Љубовта се пројавува преку исполнувањето на Божјите заповеди, како и заповедите на Црквата и тоа: Воздржување од мрсна храна во деновите на постот, редовно исповедување, почесто причестување, воздржување во бракот и тн. Спасението не е еднократна работа која се завршува за одредено време, туку постојан и долг процес кој трае до последниот здив. Тоа е креативност која треба да произлегува од внатрешноста на душата на христијанинот и која ќе го поттикнува на постојани акции и нови подвизи. Тоа е постојан подвиг на христијанинот кој треба да го исполнува целиот негов живот. Не е оправдано ако некој мисли: сега ќе грешам и ќе живеам “слободно“ па понатаму ќе се покаам за да се спасам. Такви калкулации, или пазар, во Црквата не е дозволено. Затоа од нас се бара активно учество во спасението преку верата и нашето единство со Христа преку силата на Светиот Дух. Единството со Христа и силата на Светиот Дух ќе го најдеме во Црквата. Затоа светите оци постојано укажуваат дека надвор од Црквата нема спасение. Некои велат за спасение доволно е само да правиме добри дела, да работиме за храмот, материјално да го помагаме, да не им правиме на луѓето зло, па и не мора толку да се оди в црква на свети богослужби или, пак, да се биде толку црковен (религиозен) човек. Ова мислење (за жал присутно е и кај мнозина наши луѓе) е многу погрешно па дури и опасно. Суштината на богослужението е во заедничката почит, благодарност и прославување на Бога во Црквата. Тоа е блиска и безпрекорна заедница со Бога. Традиционалното т.е. формално верување, кое не призлегува од внатрешноста на душата на човекот и кое не е плод на верското убедување, е осудено во Православната Црква. Доаѓањето и присуството на светите богослужби, особено на Светата Литургија е наша христијанска обврска. Уште во Стариот Завет Бог заповедал, покрај жртвите, да се извршуваат и свети богослужби (Спореди: 2 Мојс. 35 – 40). Господ Исус Христос рече на тајната вечера: “Ова е Моето Тело ... Ова е Мојата Крв... и им заповеда на апостолите: “Ова правете го во Мој спомен“(Лука 22: 19 – 20). Неговите следбеници, христијаните, и денес веруваат и го прават тоа без исклучок. Светото богослужението не е обична церемонија која се извршува во храмот, туку реално повторување на Христовата жртва на крстот и наше соучество во Неговите страдања Кој го даде својот живот и моќ заради нашето спасение. Причестувањето со Светите Дарови е реално примање на Телото и Крвта Христови во себе и наше соединување со Христа кое, пак, е срцевината на Светата Литургија. Затоа таму каде што нема Света Литургија нема ни спасение. Оттаму ќе речеме неодговорното однесување кон светите богослужби, особено кон Светата Литургија, нé оддалечува од Бога и ни го попречува патот кон спасението. Првите христијани Светата Литургија – Евхаристијата ја нарекувале “лек против неморалноста“ затоа што тие ја сознале големата благодат“ што ја добиваат преку неа. Од колку голема важност е Светата Литургија ни посведочува и настанот со св. Теодосиј Черниговски (1896 год.), свештеникот кој го извршувал преслекувањето на моштите, бидејќи се изморил, задремал седејќи покрај моштите и го здогледал пред себе светителот кој му рекол: “Ти благодарам што се потруди околу мене. Уште те молам, кога ќе служиш Литургија, да ги спомнеш моите родители“- и ги изговорил нивните имиња (јереј Никита и Марија).“ Како ти, светител, од мене бараш молитви, кога и самиот си покрај Престолот Небесен и на луѓето им ја пружаш милоста Божја“-запрашал свештеникот. “Да, тоа е точно-одговорил св. Теодосиј - но принесувањето на Литургија е помоќно од молитвата“. (М.З. www.preminportal.com.mk). Свештеномаченикот Иринеj, епископ Лионски, напишал: “Нашето учење е согласно со Евхаристијата, и Евхаристиjaта пак, го потврдува нашето учење“. Светата Литургија не е срцевина само на учењето на Црквата, туку и на нашето верување. “Играњето“ со Светата Литургија е “играње“ со вечноста. Затоа треба добро да размислиме за нашиот однос кон неа. Секоја богослужба е придружена со молитва, односно богослужението, всушност, е молитва. Молитвата е основата на христијанскиот живот. Како што вели Св. Филарет Московски “молитвата е разговор на човечката душа со Бога“ Како што во секојдневната комуникација и разговор е невозможно да се слуша само една страна, така и во молитвата добро е понекогаш да застанеме и да го слушнеме Божјиот одговор на нашата молитва. Некои од светите оци молитвата ја изедначуваат со храната и воздухот. Во молитвата, преку збор, мисла и песна, ние Му угодуваме на Бога и Му благодариме за сé што направил за нас. Го молиме за милост и духовни потреби за нас и за непријателите, и Го молиме за мир и блаженство на небесата – за вечно спасение. Без молитва не е возможно да Му се угоди на Бога. Тоа беше мојот одговор на прашањето од мојот соговорник. На крајот ќе речеме- вечното спасение на човекот е постојана грижа на Црквата.... Наша обврска е да го бараме спасението и со целото наше битие да се определиме на Богоугоден живот овде на земјата. Во спротивно ќе бидеме осудени на вечна мака. |
| Makedonska Pravoslavna Crkva |