Grb Na MPC

MPC
http://www.m-p-c.org/

Grb Na MPC
        width=

МПЦ категорично и одговори на СПЦ
Неприфатливи се обидите за поделба на Црквата на македонскиот народ
Постапката на митрополитот Јован за поединечно воспоставување евхаристиско и канонско единство со СПЦ и другите помесни православни цркви, Светиот архијерејски синод на МПЦ ја оценува како неканонска, екласионолошки неиздржана и штетна за единството на МПЦ

СВЕТИОТ архијерејски синод на Македонската православна црква на прексиноќешната седница остро ги осуди постапките на највисокиот врв на Српската православна црква и на митрополитот повардарски г. Јован, кој не присуствуваше на седницата, поради обидите внесување раздор во редовите МПЦ. Ваквите потези на белградскиот црковен врв, предводен од патријархот српски г.г. Павле, кои во Република Македонија се обиде да ги спроведе митрополитот повардарски Јован, се остро осудени од целиот македонски народ во татковината и во странство. Остри осуди се изречени и на прексиноќешниот протест на верниците од Повардарската и од другите епархии на МПЦ, кој се одржа во Велес.

Во својот одговор до српскиот патријаршиски двор, Светиот архијерејски синод на МПЦ нагласува дека обраќањето на САС на СПЦ, преку информативната служба на СПЦ, (потпишано од патријархот српски г.г. Павле-з.н.), кое е упатено, не до САС на МПЦ, туку поединечно до архијереите, свештенството и верниот народ во Република Македонија", со кое се повикува поединечно секој да пристапи во литургиско општење и канонско единство со СПЦ и со другите помесни праволавни цркви, е со тенденција да се создаде неединство и поделба меѓу ерархијата и верниците во МПЦ.

Според официјалното соопштение од синодската канцеларија на МПЦ, предлогот за воспоставување литургиско општење и канонско единство на МПЦ со СПЦ и со другите православни цркви беше заеднички став на комисиите на СПЦ и МПЦ уште на средбата од 15 и 16 април 1992 година во манастирот Света Богородица - Калиште, кој беше прифатен од САС на МПЦ, но отфрлен од Арихјиерејскиот собор на СПЦ.

Доколку повикот за евхаристијско и канонско единство со СПЦ и со другите помесни православни цркви беше упатен до САС на МПЦ од страна на СПЦ, почитувајќи го достоинството на МПЦ и нејзините уставни тела и органи, тогаш тој ќе беше опстојно разгледан од САС на МПЦ и навремено ќе се одговараше.

Што се однесува на забелешките во повикот дека САС на МПЦ не и одговорил на СПЦ со свој став во врска со Нацрт-спогодбата за воспоставување канонско единство со СПЦ и со другите православни цркви, укажуваме на тоа дека ниту СПЦ досега официјално ја има известено МПЦ за нејзините ставови и одлуки за ова прашање. САС на МПЦ и овој пат инсистира комуникациите мегу МПЦ и СПЦ да бидат на ниво на уставните црковни тела и органи на двете цркви, па во тој дух би побарала продолжување на разговорите меѓу двете цркви на ниво на комисии.

САС на МПЦ смета дека САС на СПЦ отстапува од веќе договорените и во практиката официјалните комуницирања, да и се обраќа на нашата Црква со нејзиното уставно име Македонска православна црква и до нејзиниот поглавар архиепископ охридски и македонски.

Нашата Црква се именува како македонска по името на нашата земја Македонија и по името на нашата држава Република Македонија, а не како што ни се инпутира - божем од националистички, етнофилетистички побуди. Впрочем, ако така се размислува, тогаш не би можела ниту една црква православна да се именува како што се именува по името на државата или земјата, а некои дури само по името на нацијата!

Постапката на митрополитот Јован за поединечно воспоставување на евхаристиско и канонско единство со СПЦ и со другите помесни православни цркви, САС на МПЦ ја оценува како неканонска, екласионолошки неиздржана и штетна по единството на МПЦ, но ракводејќи се од евангелската љубов го повикува митрополитот Јован да се врати во единството на САС и на МПЦ, и со тоа да помогне во соборното решавање на статусот на МПЦ. САС на МПЦ смета дека поединечното прифаќање на повикот за воспоставување евхаристиско единство со СПЦ и другите православни цркви, предизвикува поделби во нашата света Црква, па затоа ги известува свештенството, монаштвото и верниците во МПЦ дека тоа прашање терба да се решава преку телата и органите на МПЦ. Во таа смисла се повикуваат сите да ги почитуваат ставовите, мислењата и одлуките на телата и органите на МПЦ.